Хуманитарна театарска вечер во Струмица за поддршка на фондацијата „Елеуса“

Во културниот центар „Антон Панов“ во Струмица на 9 јуни 2026 година ќе се одржи реприза на театарската претстава „Игра на љубовта и смртта“, во режија на Васка Ангелова.

Настанот има хуманитарен карактер, при што целиот приход од продажбата на билетите ќе биде наменет за поддршка на секојдневните оброци кои ги обезбедува Фондацијата „Елеуса“, која делува во помош на социјално загрозени лица.

Претставата ја пренесува драматичната слика на Француската револуција од 1789 година – време на длабоки општествени превирања, револуционерни идеали, но и тешки морални дилеми. Во центарот на приказната се љубовта, жртвата и прашањето дали борбата за слобода може да ја загрози човечноста.

Под продукција на здружението „Псалтер“, во претставата настапуваат млади актери кои ги толкуваат следните улоги: Кирил Стојчевски (Клод Вале), Мирче Ташев (Жером Курвоазие), Катја Маглешева (Софија), Филип Тодоров (Лазар Карно), Марија Ќосева (Лодојска Карно), Јанко Мицев (Крапар), Кристина Борисовска (Хлорида), Анастасија Крстева (Подан), Илија Спасевски (Робеспјер) и Јован Спасевски (Енжолрас).

Организаторите ги повикуваат граѓаните да бидат дел од оваа театарска вечер и истовремено да придонесат за едно хумано дело, преку поддршка на луѓето на кои им е потребна секојдневна помош.

Билетите по цена од 150 денари можат да се набават на билетарницата на НУЦК „Антон Панов“ секој работен ден од 13:00 до 20:00 часот, а резервации се достапни на телефонските броеви 078 562 661 и 072 233 012.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1HJ8HEfoea/