Монодрама посветена на Света Марија (Скобцова)

На 25 јануари 2026 година, Рускиот православен духовен и културен центар во Париз беше домаќин на изведбата на монодрамата „Мајка Марија“, посветена на судбината на една од највпечатливите личности на христијанската светост од XX век – мајка Марија (Скобцова), наша современичка и нова духовна заштитничка на градот Париз – известува „Парлон д’ ортодокси“.

„Изведувана на руски јазик, оваа претстава не е само театарска претстава, туку длабоко созерцување за светоста што се раѓа среде нечовечка омраза, за мачеништвото и за највисоката форма на љубовта. Духовниот подвиг на мајка Марија е впечатлив и по својата современост: поетеса, философ, мајка, монахиња, припадничка на Движењето на отпорот, која загина во концентрационен логор – таа сведочеше за светоста не надвор од светот, туку во самиот амбис на овој, од човекот обликуван свет. Денес, кога зборот ‘жртва’ сè поретко се изговара, нејзиниот живот повторно нè предизвикува: до каде може да оди човекот во името на љубовта кон ближниот?“ – се вели во известувањето.

Улогата на мајка Марија ја толкува Алфија Фабр, актерка и режисерка на спектаклот. Во летото 2025 година таа учествуваше на театарскиот фестивал во Кинешма, Русија, каде што ја доби наградата за најдобра актерка.

Претставата е инспирирана од книгата на Ксенија Кривошеина „Како малата Лиза Пиленко стана света мајка Марија“ и е обликувана како монолог-исповед. Оваа книга е објавена од издавачката куќа „Апостолија“ на Романската православна митрополија за Западна и Јужна Европа, соопшти францускиот православен портал „Ортодокси“ на 5 јули 2020 година.

Мајка Марија загина маченички во концентрациониот логор Равенсбрик на 31 март 1945 година, откако го зазеде местото на една Еврејка наменета за гасната комора.

Извор: https://parlonsorthodoxie.wordpress.com/2026/01/25/monodrame-dedie-a-sainte-marie-skobtsov/