Човек-машина или машина-човек

Пишува: Архимандрит Иринеј (Стефановски)

Идејата за создавање на човечка креација која би поседувала човечки особини не е нова. Со рапидниот развој на науките и на технологијата, почнувајќи од 17 век па наваму, оваа идеја од областа на митологијата и фантазијата преоѓа во сферата на научната фантастика, односно почнуваат да се јавуваат размислувања дека такво нешто е возможно со користење на современата технологија.

Развојот на информатичките технологии во периодот после Втората светска војна придонесе да се појават тези дека е возможно да се достигне степен на интелигенција на сметачките машини. Самиот поим „Вештачка интелигенција“ е скован на конференцијата во Дармут, САД, во 1956 година. Постулатот бил дека „секој аспект од учењето или која било друга карактеристика од интелигенцијата може да биде толку прецизно опишан, што може да се направи машина што ќе го симулира“. Гледаме дека во основата на тезата дека машината може да биде како човек, првенствено стои тезата дека човекот е еден вид машина, дека човечката интелигенција е всушност една сложена, софистицирана, комплексна, но сепак конечна машина, која може да биде опишана со математички функции.

Првата генерација на истражувачи од областа на вештачката интелигенција ги направиле следните предвидувања: „во рок од десет години, дигитален компјутер ќе биде светски шампион во шах“ и „во рок од десет години, дигитален компјутер ќе открие и ќе докаже нова значајна математичка теорема“ (1958 година), „машините, во рок од дваесет години, ќе бидат способни да прават секаква работа која може човекот да ја прави“ (1965), „во текот на една генерација… проблемот на создавање на ’вештачка интелигенција’ ќе биде суштински решен“ (1967), „во следните три до осум години ќе имаме машина со интелигенција на просечно човечко битие“ (1970).

Начинот на кој се сметало дека ќе се постигне таа интелигенција бил преку имитирање на природниот нервен систем, со компјутерски, т.н. невронски мрежи. Невронските мрежи се обид да се симулира природниот нервен систем и така да се достигнат одредени аспекти од размислувањето, помнењето и сето она што е поврзано со интелигенцијата.

Очекувања наспроти реалност

Јасно ни е дека овие предвидувања не се остварени, со исклучок на поскромното предвидување за способноста на сметачите да бидат исклучително добри во играта шах. Ниту пак, невронските мрежи ни разјаснија нешто во однос на функционирањето на човековото размислување, помнење или слично. Според зборовите на Ноам Чомски: „Вештачката интелигенција е нерелевантна по однос на прашањето на интелигенцијата“. Значи, од научен аспект, обидите преку технологијата на вештачката интелигенција да се разбере начинот на којшто функционира човечката интелигенција, се целосно фијаско.

Од инженерски аспект, пак, вештачката интелигенција е навистина големо постигнување, станува збор за софистициран компјутерски систем кој извршува многу комплексни операции. Како човечко постигнување, вештачката интелигенција денес е на ранг на она што во древно време се нарекувало „светско чудо“. Во последно време, особено нè восхитуваат постигнувањата во генеративната вештачка интелигенција, како Chat GPT, Midjourney, Sora. Но, при сето тоа, вештачката интелигенција си останува, како што објаснуваат инженерите од таа област – „само алатка“. Впрочем, на инженерите од таа област им е најјасно дека изразите што се користат во однос на технологијата, како „учење“, „мислење“, „помнење“ и слично, се нешто сосема различно од процесот на учење, мислење и помнење кај луѓето.

Постарите генерации се шегуваа и велеа, кога сметачот во текот на работата испушташе разни звуци од хард-дискот, флопи дискетите и слично, дека „компјутерот размислува“. Ако ја задржиме чашата која е поставена на нестабилна подлога, неретко велиме „сакаше да падне“. Чашата исто толку има своја волја, па да сака нешто да направи, колку што и машината има своја волја или желби, или способност за учење, размислување, извлекување на заклучоци и слично.

Христијанско сфаќање

Како воопшто се спојуваат овие теми со христијанството? Ќе го прескокнеме целиот дел за тоа какво е христијанското сфаќање за човекот, и дали може човекот да се сведе на збир од функции, и ќе го разгледаме терминот „вештачка интелигенција“. Овој термин на грчки е „τεχνητή νοημοσύνη“, при што „τεχνητή“ значи „вештачка“, а зборот за интелигенција, „νοημοσύνη“, произлегува од старогрчкиот збор „νους“, кој на словенски се преведува како „ум“. Овој термин често се среќава во светоотечката литература, па токму затоа некои современи теолози, како на пример владиката Јеротеј Влахос, сметаат дека во овој контекст треба да се употреби друг збор наместо „νοημοσύνη“.

Во христијански контекст терминот „νους“, односно „ум“ пред сè ја означува умствената енергија на душата. „Умот е окото на душата“, односно, она што е окото за телото, тоа е умот за душата. Тоа и е значењето на Христовите зборови во Евангелието според Матеј: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (Мт. 6, 22–23).

Умот е разумниот дел на душата, и е неодвоив од неа. На умот првенствено се однесува карактеризирањето на човекот како создаден „според образ Божји“, односно разумен и надарен со слободна волја.

Светиот Јован Дамаскин, во своето дело „Точно изложување на православната вера“ вели: „Умот ѝ припаѓа на душата, не како нешто друго, одделно од неа, туку како суштествен дел од неа… Душата е независна, надарена со способност да сака, да дејствува, подвластена е на промени од страна на волјата“. Понатаму во истата книга читаме: „Мислечката способност се состои од: суд, одобрување, спремност кон дејствие, откажување да се дејствува. Исто така и: восприемање на умопостижното, добродетелите, знаењето, правилата на уметноста, размислувањето пред извршувањето дејства, слободниот избор.“ И уште: „Слободата е сврзана со разумот. Разумното суштество има две способности – созерцателна и дејствителна. Тоа ја управува природата, а не е управувано од неа. Неразумните суштества немаат слобода, туку се управувани од природата.“

Како што гледаме, христијанското сфаќање е дека интелигенцијата не може да се одвои од душата. Не може да се одвои ниту од слободата, ниту од волјата. Затоа секој обид да се створи „општа интелигенција“ всушност е обид да се створи словесна душа, и затоа – веројатно е очигледно дека – е осуден на неуспех.

Предизвици

Технологијата на вештачката интелигенција ќе напредува, и нужно ќе донесе промени во одредени сфери. Слично како што изумот на машината за шиење своевремено оставил добар број занаетчии без работа, па дури и имало протести и уништување на тие машини. Или како што машината за печатење ја „ѝ ја запечатила судбината“ на препишувачката дејност. И денес некои професии се загрозени со развојот на вештачката интелигенција, дактилографијата е еден пример. Други дејности, пак, како на пример преведувачката, веќе имаат огромна придобивка од овие нови технологии.

Опасностите од „дип-фејк“ манипулации се нешто заради што дополнително ќе треба да го изостриме критериумот за проценување што од она што го гледаме и слушаме преку медиумите и социјалните мрежи е вистина, а што не е. Предизвиците се многубројни и разновидни. Но, идеите дека машините ќе достигнат општа, односно човечка интелигенција, ќе останат во доменот на научната фантастика. Човекот не може образот Божји да го втисне врз сопствената креација.


Статијата е резиме на дел од дискусијата на тема „Вештачката интелигенција од перспектива на христијанската философија“ во организација на Форумот за интердискурзивен дијалог „Philosophia Christiana“ одржана на 1 декември 2023 година во библиотеката „Браќа Миладиновци“, во Скопје.