Националната катедрала на Романија беше пресоздадена во виртуелна средина во популарната видеоигра „Мајнкрафт“. Проектот е реализиран на специјален сервер наречен „Ортокрафт“, кој е посветен на православната вера, сакралната архитектура и христијанското културно наследство – известува бугарскиот црковен портал „Двери“.
Виртуелната реконструкција ја прикажува катедралата со импресивни детали – од пространиот ентериер и величествената централна купола, до иконографијата, полиелеите и архитектонските орнаменти. Според креаторот на серверот, целта била зданието да биде пресоздадено што е можно поверодостојно и со почит кон православната традиција.
Корисниците на серверот можат слободно да ја разгледуваат катедралата, како и другите виртуелно обновени православни храмови, манастири и комплекси од различни делови на светот. Проектот им овозможува и на другите учесници да се вклучат во градењето на нови објекти инспирирани од христијанското наследство.
Серверот „Ортокрафт“ се смета за првиот во светот Minecraft-сервер посветен целосно на православната вера, црковната архитектура, историјата и животот на христијанските заедници. Иницијативата има за цел да ги собере младите луѓе, љубителите на видеоигрите, дигиталните креатори и верниците во едно виртуелно пространство каде верата се изразува преку творештво и создавање.
„Мајнкрафт“ е популарна компјутерска игра која им овозможува на играчите да градат структури од виртуелни блокови во тридимензионален свет. Се смета дека „Мајнкрафт“е најпродаваната видеоигра во светот.
Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100724/catid,19/id,74866/view,article/
