Проучување на вештачката интелигенција во издавачкиот совет на Руската Црква

На 22 април 2026 година, во Издавачкиот совет на Руската Православна Црква, работната група на Комисијата на Меѓусоборското присуство за прашања од општествениот живот, културата, науката и информациите одржа состанок посветен на проучувањето на темата „Вештачка интелигенција и други предизвици на научно-техничкиот развој за христијанскиот светоглед“.

Средбата ја предводеше претседателот на комисијата, претседател на Издавачкиот совет, митрополитот Калушки и Боровски Климент. Модератор на состанокот беше раководителот на работната група, епископот Переславски и Углички Теоктист.

Главни теми за дискусија беа богословските, етичките и философско-религиозните аспекти при формирањето на односот на Црквата кон дигиталните технологии.

На настанот учествуваа: раководителот на црковно-историскиот центар на Вјатската епархија, претседателот на информативната комисија при Епархискиот совет на град Москва, раководителот на идеолошкиот оддел на телевизијата „Цариград“, портпарол на Светскиот руски народен собор, директорот на Библиотеката на христијанска литература во Москва, професори од Московската духовна академија и од Философскиот факултет на  Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, раководителот на Црковно-научниот центар „Православна енциклопедија“, заменик-главниот уредник на „Русија денес“ и други стручни лица.

Во воведното слово, митрополитот Климент истакна дека проблемите не се во технологиите, туку во тоа како луѓето ги користат, а задачата на Црквата останува непроменета — да ја сочува душата на човекот.

Епископот Теоктист и другите говорници споделија размислувања за тоа како човекот да живее во свет кој брзо се менува, и зошто човекот им препуштил значителен дел од своите права и слободи на технологиите.

Присутните нагласија дека Црквата треба да даде етичка оценка за брзите промени во светот и нивното влијание врз човекот. Притоа, главната задача е да им се укаже на луѓето како во променетиот свет да останат христијани.

Учесниците на настанот допреа и низа други теми. Особено, на состанокот се говореше за улогата на Црквата во историско-литературниот процес, како и за потребата од развој на доверливи односи во рамките на парохиските заедници, во кои на младите треба да им се всадуваат вистинските вредности.

Извор: https://izdatsovet.ru/news/detail.php?ID=220905&PAGE_NAME=section&SECTION_ID=2502