Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
„Потоа рече Бог: Да создадеме човек според Нашиот образ и
според Нашето подобие како што сме Ние…“ (Битие 1, 26).
Господ Творецот, создал сѐ видливо и невидливо. Пред да го создаде материјалниот свет, видливиот космос, Господ го создава невидливиот свет, духовниот свет. Божјата апсолутна слобода, Бог ја пројавува преку својата апсолутна љубов преку која создава. Господ создава во љубовта, за да се подари себе на созданијата, да ја подари вечноста на творенијата, а тие пак, препознавајќи ја таа апсолутна љубов, да возвратат по својата слободна волја, да ја прифатат Божјата идеја и намера да живеат вечно, коегзистирајќи со Творецот; престојувајќи со Него вечно во радоста и заедницата, сопостоејќи со Бога бесконечно како чеда Божји.
Бог го создава светот, космосот, материјалната природа ни од што, од небитие. Но, за да го избегнеме проблемот на сомнежот, дека сепак можеби нешто постоело како некоја основа на прапостоечко, кое можеме да го наречеме „небитие“, тогаш уште попрецизно, по светоотечкото конципирање на теологијата и нејзиното прецизно појаснување, ќе кажеме дека Бог создава non ex aliquo = не од нешто. Во вечноста, пред создавањето на светот не постоело ништо друго, освен Едниот совршен и вечен Бог, немало никакво прапостоење на каква било материјална, примордијална форма. Бог Отецот посакува да ја исполни својата вечна идеја, да го создаде светот, та преку Логосот Божји, Неговиот Син, ја остварува и исполнува својата волја. Синот Божји, одговарајќи позитивно на татковската волја, ја исполнува Божјата идеја и го создава светот, но преку делувањето и волјата на Бог Светиот Дух, учествувајќи сите заедно во едномислие, во бесконечно совршениот взаемен однос. Едниот Бог, во својата совршена и бесконечна природа (суштина), ги пројавува своите Три Лица, преку ипостасниот меѓусебен однос на Троица. Трите Лица, преку меѓусебниот однос на совршените личности, Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот Дух, ги пројавуваат своите ипостасни (личносни) својства, создавајќи го видливиот и невидливиот свет. Ја остваруваат икономијата објавувајќи ги своите својства во личносниот однос и откривајќи ја троедината меѓусебна заедница. Нивната личносна кохезија е втемелена во совршената љубов, која пак, се остварува преку меѓусебниот позитивен љубовен однос. Во таа едносуштествена, истоветна, неразделна, една природа на Едниот Бог во Три Лица, нивниот однос е во позитивната вечна заедница. Во тој однос, не постои негација, ја нема одречноста „не”. Тој меѓусебен однос е втемелен единствено на вечната позитивна меѓусебна личносна слобода. Од наведеното може да заклучиме дека, Света Троица е Еден Бог, Три Лица, Три Личности кои го темелат својот бесконечен однос во слободната, совршена љубовна заедница. Бог не е безлична монада, прапостоечка сила, туку Бог е Еден, една суштина, една природа во Три Лица, кои се различни единствено во ипостасниот меѓусебен сооднос и во нивното делување, во личносните својства кои ги поседуваат. Бог е Личност.
Господ го создава човекот и му подарува на човекот да биде сличен на Него. Господ, говорејќи во првата глава на Библијата, во книгата Битие, говори за себе во множина. Господ го обзнанува личносното троединство на Трите личносни ипостаси во Света Троица и говори во множина. Исто така, Господ ни обзнанува дека човекот ќе биде создаден сличен, каков што е и самиот Тој. Човекот е создаден како личност. Другата создадена природа нема личносни карактеристики. Сите други живи суштества немаат карактеристики да бидат личности. Но она што е важно да нагласиме за оваа тема е дека, човекот не е створен како индивидуа, или како некој објект, или како некаков предмет. Доколку Бог не ни се открил во својата личносна, троедина, ипостасна, суштинска кохезија, тогаш човекот не би бил личност како Творецот. Затоа и Бог ни нагласува во Светото Писмо, дека посакува да создаде битие кое ќе биде разумно, кое ќе биде личност, по примерот на Неговата троедина, личносна кохезија во Света Троица. Последователно, Бог се обзнанува на првиот човек Адам како Личност која говори и стапува во личносен однос со него, комуницирајќи.
Но, за да го појасниме значењето на личноста, треба да спомнеме дека другите поими кој се употребуваат за човекот не се адекватни во оваа перцепција на нашата тема која ја разгледуваме. Доколку човекот го наречеме индивидуа, тогаш воопшто не го потенцираме личносниот однос на човекот со целиот свет околу него. Не ја потенцираме слободата која ја има како квалитет, како избор. Индивидуата може да постои без односот со природата, безлично, осамено да живее во светот. Исто така и со поимот субјект, кој го нема во себе конкретното, онтолошкото значење на личноста. Субјектот може да биде и предмет на некакво безлично перцепирање. Под поимот предмет, исто така можеме да перцепираме безлично создание кое го анализираме, научно, во лабораторија, и од различни аспекти на неговото бездушно постоење.
Од големиот опис на светоотечките анализи, созерцанија и виденија, можеме да наведеме и еден пример од светиот Макариј Велики. Имено, тој имал видение, во коешто Бог му ги открива човечките маки во пеколот. Светиот подвижник Макариј таму гледа како луѓето седат во пеколот еден кон друг свртени со грб, да не можат да се видат, ниту да комуницираат. Седат во вечноста, свртени кон ништото, кон обесмислувањето, кон темнината, во тагата, во непостоењето, во смртта. Постојат седејќи во вечноста во безличието. Најголемата тага на личноста е кога таа е осамена, без Бога. Една личност обезличува без Бога. Кога личноста нема комуникација со другите, тогаш таа е во агонијата на пропаста. Без заедницата со Бога и луѓето, човекот, личноста, не може да постои како вистински човек. Обезличувањето на личноста е кога таа е изгубена во самотијата, во индивидуалноста, во егоцентризмот, во себељубието, во гордоста.
Бог е животот, радоста, љубовта, смислата, апсолутна позитивност, а пеколот е секаква спротивност од она што е Апсолутниот Творец. Смислата на животот е во Бога, се спротивно од Бога е осудено на вечна бесмисла, на вечна тага во апсурдот на ништото, во заборавот.
Адам и Ева се првосоздадените луѓе, тие се конкретни и неповторени личности од кои се раѓаат и сите други луѓе. Личноста претходи на човечката природа. Човечката природа не постои безлично, туку личноста ѝ дава на природата постоење. Човечката природа постои во личноста. Ако замислиме дека постои една личност која нема никаков однос со природата, тогаш тоа не е реално постоење, туку тоа ќе биде само замислено постоење. Природата постои само во конкретноста на личноста, тогаш е реалност, а не е само некаква идеја.
Конкретното поимање на оваа тема може лесно да го осознаеме само преку личниот пример во нашиот живот. Кога ќе возљубиме една личност и таа позитивно ни возврати, ние преку таа личност го согледуваме целиот свет околу нас. Во ова лично искуство на човекот, преку љубовта, ние ја перцепираме онтолошката суштина на човекот. Во ова љубовно искуство ние ја перцепираме природата и осознаваме дека личноста е стожерот на постоењето. Доколку пак, смртта нѐ оддели од возљубената личност, тогаш и светот околу нас како да престанува да постои. Се руши целиот живот во нашето поимање.
Од горенаведените личносни искуства на човекот, од сето досега наведено, може да конципираме дека природата, создадената материја е нешто општо, безлично. Но, природата на човекот постои во личноста и единствено преку личноста ќе биде принесена во Рајот, во Божјата прегратка и ќе биде обожена, осветена и преобразена, од смртна, од пропадлива, во вечно постоечка, сопостоејќи со Творецот во вечноста.
Во Стариот Завет Бог се објавува на Мојсеј како Јахве, што во превод од хебрејскиот јазик значи „Оној Кој сум”. Тоа значи дека Бог разговара со Мојсеј како конкретна личност. Бог секогаш се открива преку луѓето како конкретна личност, па затоа имаме уште во Стариот Завет каде што го нарекуваме Бог на Авраам, Бог на Исаак, Бог на Јаков. Бог не е безличен, туку конкретна личност со која луѓето стапуваат во конкретен однос. Бог е потполно слободен, а тоа е фундаменталната карактеристика на личноста: слободата.
И човекот е слободен по примерот на Творецот кој ни ја подарува таа можност. Бог е потполно слободен и не е зависен од неговата суштина (природа), последователно да биде и нужно потчинет, во принудното постоење што би му го условувала Неговата природа. Господ е потполно слободен да биде вечно жив по својата лична слобода. Бог Отецот ја остварува својата слобода така што го раѓа Својот Син и го исходи Светиот Дух во вечното својство на љубовта. Последователно и човекот својата слобода ја изразува и ја остварува потврдно, како љубов, уподобувајќи се на Бога. Образот Божји во човекот се објавува тогаш, кога човекот слободно пристапува во љубовниот однос со Бог. Но, кога човекот слободно не сака да ја изрази љубовта и го одрекува односот со Бог, тогаш станува небогодолично битие.
Исус Христос, Синот Божји, објавувајќи ја преку себе троединоста Божја, преку воплотувањето, вочовечувањето, ја објавува на светот својата есхатолошка ипостас, преку обожението на човечката природа, преку осветувањето на материјата и преобразувањето на несовршената создадена природа. Човекот повторно се раѓа преку крштението во Исуса Христа, Причестувајќи се со Телото и Крвта Христови во една нова личност, која ја остварува во себе иконата Божја, образот Божји. Спасителот Исус Христос, преку себе ја внесува во светот својата испостас, својата личност и така го поставува темелот на човечката есхатолошка ипостас. Тој истовремено е Бог Небесен и човек од светот. Но, Исус Христос е исто така и еклисиолошка личност, затоа што Тој во Него ги поврзува Небото и земјата. Затоа што Тој е Црквата. Тој е соборот на есхатолошката заедница, а тоа е Црквата. Тој е заедницата на соборноста. Тој го остварува Божијот Домострој на спасението преку слободното прифаќање на Волјата на Отецот. Тој како човек, слободно учествува во Тајната Божја. Слободата е квалитетот и атрибутот на личноста. Слободата е алката на спасението.
Од сето досега кажано, може да заклучиме дека човекот е создаден да биде личност, по дарот Божји. Оно што поседува самиот Бог, го подарува и на човекот во создавањето. Бог Отецот е начелото, причината, изворот на Божјото постоење. Името Отец многу повеќе прилега на Бога, отколку самата именка Бог. Личноста е причината на постоењето. Отецот кој го има личносното својство на нероденост, вечно го раѓа Синот на кого му припаѓа личносното својство на вечното раѓање, и Светиот Дух на кого му припаѓа личносното својство на вечното исходување од Отецот. Од тука пак, доаѓаме до заклучокот дека Личноста во тријадолошката коегзистенција е фундаменталната основна догма пред самата суштина на Света Троица.
Последователно, поставените догматски вистини ни укажуваат дека суштината не постои сама посебно, вечно и бескрајно без личноста. Бог е еден, затоа што е вечно еден Отец и неговото личносно својство е нероденост, во односот пак, со Синот кој се раѓа од Отецот и Светиот Дух кој вечно исходи од Отецот. Бог е заедница на љубовта, но, како што рековме, на слободната љубов.
По примерот на соодносот во Света Троица, човекот, за да биде човек, не може да живее во изолација како некоја безлична индивидуа, субјект, предмет, туку мора да ја изразува својата слобода во љубовта кон светот. Ако пак, човекот не го гледа другиот човек како икона Божја, односно како личност, тогаш тој не може да го препознае како вистински, вечен и бесмртен идентитет. Она што ни го дава идентитетот не е нашата природа, туку личниот однос со Бог. Човекот е битие на заедница и својот идентитет го добива единствено во односот на другата личност во заедницата. Со обожувањето и осветувањето на човекот се победуваат природните сили и нагони, а потполно се уништува индивидуалниот егоизам. Многу свети Отци на Светата Црква сметале дека разумот во човекот ја претставува иконата Божја, многу сметале дека душата човечка ја претставува иконата, образот Божји. Но, Светите Отци Григориј Ниски и Светиот Максим Исповедник, објаснуваат дека иконата Божја во човекот е неговата слобода. Слободата е фундаментот кој нѐ поврзува со Творецот. Човекот е икона Божја затоа што е единствено битие кое е слободно во односот на севкупната создадена природа. Човекот е единственото создадено битие кое може да живее независно од природните нагони на природата. Слободно треба да се пројави дали ќе биде човек, или да не биде човек. Од нас зависи како ќе ја пројавуваме слободата, дали на правиот начин, како би станале подобни на Бога.
Нагласувајќи ги досегашните постулати на темата, велиме, личноста е вистинска, права, трезвеноумна, свесна, жива, тогаш кога е во слободна љубовна комуникација со луѓето, но преку луѓето, првенствено со Господа. Господ ја создава личноста, Тој ја подарува да биде слична со Него, слична по тоа што ќе биде разумна и свесна душа како и Творецот, вечно жива, но создадена која има свој почеток, во зачетокот на човечкиот ембрион. Господ ја создава човечката личност со предназначувањето да ја претставува Божјата икона во светот. Но, ако живата душа, создадената личност, ја искриви својата слободна перцепција, ако ја остварува својата лична слобода така што ќе се оддалечи од Творецот, така што ќе живее негирајќи Го Творецот, тогаш таа личност повеќе нема да постои за Творецот, затоа што таа личност самоволно ја пресекува животната врска со Него. Ако Творецот е вечниот живот, тогаш оддалечувањето од Творецот по личната слобода на разумното битие ќе биде во неживотот, оддалечувајќи се, дијагонално, ќе заврши во спротивноста Божја.
Но, Господ нема да уништи ништо што создал, па така ни личноста која слободно го негира, која слободно ја изразува омразата кон Него. Тој само ќе ја игнорира засекогаш. Но, ние луѓето добро знаеме дека игнорирањето е погубно. Кога некој е игнориран од животот, тогаш тој не може да постои и понатаму во животот, автоматски не може да постои како нормална личност, туку ќе постои како субјект – предмет. Господ е живот и ништо надвор од Него нема живот. Кој нема да биде во соединението, во прегратката Божја, ќе биде надвор од вечниот живот. Како субјект кој ја изгубил премисата да биде жив, кој ја изгубил можноста да биде совршен. Ако не коегзистираме во совршениот Бог, тогаш нема како да постоиме во вечноста како нормални, живи личности. Бог го создава човечкото битие како личност, но по личниот слободен избор битието може да стане обезличена неличност = предмет, субјект кој самиот себеси се осудува на вечна смрт.
Една личност може да стане безлична за Бога, само тогаш кога самосвесно се обезличува. Личноста е права и слободна, само тогаш кога е во радоста Божја, само тогаш кога е во заедницата со Бога, се подразбира и во заедницата со луѓето. Но, кога некој го негира животот, кога слободно исповеда омраза кон Господа, кон целокупниот створен живот, природата, луѓето и сѐ видливо, тогаш таа личност се самоосудува да биде роб на проклетството, на вечното проклетство без Бога. Што друго пак, може да очекуваме без стварната Божја присутност и конкретност, без Неговата бескрајна љубов која ја покажува кон созданието и кон целата творба, освен дека личноста ќе живее вечно во својата тага, со личната омраза кон Творецот на животот. Таквото битие ќе биде вечно осудено на неживот, но нема да има повеќе потенцијал, во себе, во вечноста, за да стане живо. Од прекрасно создадена свесна животна личност, ќе стане самоопределен, самоосуден, обезбожен, проклет безживотен субјект, осуден на вечната смрт. Самата личност се осудува на својата пропаст, бидејќи се оддалечува од изворот на животот но, нема да искуси смрт како исчезнување, туку вечна смрт во безживотна тага и потполн очај во бесконечноста.
Личноста Божја конкретно стапува во личен однос со човекот затоа што и човекот е личност. Само личен однос е конкретен и може да створи искрен и слободен сојуз. Сојузот на љубовта е основан на личниот однос помеѓу две личности. Алката на нашето спасение и сојузот со Бог е личноста. Затоа што личноста е разумна и слободна да се изразува, да ја исполнува љубовта. Само преку безусловената слободна љубов се изразува правата личност. Разумното битие, човекот, има слободен љубовен однос со другите личности. Без слободниот разумен реален и љубовен однос на човекот со другите, не може да се нарече човек. Бог е бесконечна и вечна Личност, ни се објавува конкретно, докажувајќи дека и ние сме личности поради конкретната слободна и љубовна комуникација.
Текстот е првично објавен во „Тавор“, списанието на Кумановско-осоговската епархија, број 28 од 2024 година.