Моето семејство

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Моето семејство е мојот дом. Моето семејство е моето гнездо каде што се чувствувам спокојно, мирно, среќно и радосно. Во моето семејство владее љубовта затоа што сите се сакаме помеѓу себе и сите си помагаме во нашите животи. Семејството е мојата прва и основна заедница на радоста. Моите родители се столбовите на мојот живот и тие ме водат од самиот почеток на моето раѓање и преку целиот живот. Во моето семејство љубовта е столбот на нашата радост. Љубовта е нашата сила и енергија која ни помага да живееме со сите евентуални проблеми кои можат да ни ја нарушат хармонијата. Во моето семејство учам, уште откако знам за себе, дека меѓусебното сочувство е основната фундаментална доблест која треба да го краси секој наш член. Во моето семејство научив како да бидам најсреќен, а тоа е дека требам да имам сочувство не само кон моите драги членови на семејството, туку треба да ја делам љубовта со сите луѓе на кои им е потребна помош. Научив дека секој човек е различен по својот карактер, дека секој човек има различни особини, но сите тие разлики никако не се пречка да ги сакам луѓето околу себе и, воопшто, да ги сакам сите луѓе насекаде во светот. Научив и дека има различни религии, различни верувања, но сите тие разлики мене не ми пречат, затоа што ја имам љубовта во моето детско срце кое е среќно и весело. Моето семејство е столбот на моето перцепирање воопшто на животот и на моето сегашно и идно однесување. Во моето семејство ме подучуваат дека сите луѓе помеѓу себе се пријатели, но и повеќе од пријатели. Сите луѓе се створени од Бога, Кој е Творец и Кој го створил светот од ништо, од небитие во битие. Сè што гледаме околу себе е во една совршена хармонија која го прославува Господа Творецот како нејзин композитор на совршена уметност.

Сето кажано, моето семејство го учи во храмот Божји, кога одиме во Црквата Божја да заедничариме со сите други присутни луѓе во Светата Литургија што ја служат владиката и свештениците и сите ние кои учествуваме во таа преубава молитва. На Светата Литургија се читаат посланијата од светите апостоли и Евангелието од светите Евангелисти. Владиката и свештениците нè подучуваат дека ние, собраните верници на оваа света молитва, претставуваме едно големо семејство. Семејство се нарекува и соборот на сите православни верници кои Му се молат на нашиот Бог Исус Христос, Кој, пак, е невидливо со нас заедно и Кој е видливо присутен во неговите Пресвети Дарови со Неговото Тело и Неговата Крв во путирот. Сите ние причестувајќи се со нашиот Бог, стануваме едно тело и една Црква. Така разбирам дека ние сме големо Божјо семејство и дека сите сме членови на Светата Црква. Ова наше големо семејство е основната заедница во која сме повикани да постоиме. Создавањето на целата вселена е Божјата идеја и Неговата желба сè што створил Он да биде вечно живо преку црквата и светата заедница со Него. Господовото делување во светот е преку љубовта и во светата заедница на Неговото големо семејство во светата Црква се излива неговата совршена и вечна љубов. Нашето раѓање и нашето постоење, треба да е втемелено во големото семејство на светата Црква која пак претставува свето Тело Христово. Нашето место е во црквата каде што се служи Светата Литургија, каде што сите заедно го формираме најсветото семејство. Моето семејство е заедницата на љубовта која ја остваруваме преку причестувањето со Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос и сите заедно претставувавме членови на светото семејство, а тоа е моето семејство каде што сум најсреќен.


Извадоци од лекции по веронаука за основно училиште