Икона од мачениците Терентиј и Неонила
и нивните деца: Сарвелиј, Фотиј, Теодул, Јеракс, Нита, Вили и Евникија
Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
1. Зошто е важно да зборуваме за семејството и за неговите вредности?
Кога се говори за семејството и за здравите темели на таа заедница ние ја подигнуваме свеста за семејните вредности. Семејството е нашата прва лична заедница во која и преку која го обликуваме нашето општо мислење и нашето перцепирање за целиот свет и целокупниот живот околу нас. За верниците, пак, црквата е светата заедница која го претставува Телото Христово на еден свет и таинствен начин. Црквата е нашето најсвето семејство каде што сме сите помеѓу себе членови на едното Тело Господово, а нашиот Господ Исус Христос е главата на тоа Тело. Сите луѓе се створени од Господ да бидат икони Божји, да го изградуваат тоа црковно и Божјо Тело и да претставуваат засебни делчиња, сите поврзани помеѓу себе со Христовата Љубов. Зборувајќи за семејството ние ја сведочиме љубовта Божја која ја добиваме од Бога како дар, и таа нè сплотува сите помеѓу себе и ја креира хармонијата во која што треба да живееме со сите наши личносни разлики, но сплотени во Црквата во единомислието, во нашата најсвета заедница со Бога.
2. Како да го зачуваме нашето семејство како најстабилен столб на нашето општество?
Зачувувањето на нашата семејна заедница е од исклучителна важност. Добрите семејни вредности кои треба да се негуваат ни ја втемелуваат нашата основна култура на однесување во општеството и истите тие семејни вредности суптилно ни ги кројат нашите идни ставови за целокупниот наш живот. Доколку меѓусебното лично однесување на нашите родители биде втемелено во љубовта, тогаш и децата ќе бидат воспитани во духот на љубовта. Кога родителите ја вреднуваат љубовта и го крунисуваат својот однос преку неа како најсвета вредност, тогаш и целото семејство ќе блеска во светлината на духовната убавина. Зачувувањето на семејството треба да биде секогаш од пресудна важност за новите идни генерации кои ќе бидат воспитувани со постулатите на взаемното сочувство и емпатија. Црквата ги темели своите догматски вистини на совршените, непроменливи и бесконечни идеи кои постојат во апсолутната Божја Личност во вечноста. Односот помеѓу Трите Личности на Светата Троица е љубовта како својство на Едниот Бог во Трите Лица. Совршената вистина е самиот Бог кој створил сè видливо и невидливо единствено поради совршената и бесконечна љубов. По ова следува дека совршениот Бог Исус Христос главата на едното Тело Христово т.е. на црквата, е совршениот пример за љубовта и добриот пример за взаемниот соживот помеѓу членовите на секое семејство.
3. Како Црквата и верата можат да влијаат на семејството да биде и да постане дом на мирот и сигурноста?
Црквата преку своето проповедање на темелот на горе искажаните фундаментални постулати треба да влијае на секој човек. Но исто така и преку својот пример Црквата го покажува практично теолошкото учење на својата вера. Црквата денеска има разни социјални програми во општеството со кои им помага на немоќните, тажните, сиромашните… Организира и предавања по веронаука за секој заинтересиран човек. Црквата беседи и говори и укажува, а секако се надеваме дека влијаеме на свеста кај луѓето. Секако дека секој искрен придонес треба да го препознаеме како искрен и добар во борбата со егоизмот и себичноста која владее денеска во светот.
4. Каква порака можеме да испратиме на општеството. а која се однесува на семејството?
Свеста на православниот христијанин треба да биде длабоко втемелена заедно со одговорноста која произлегува од нашата искрена вера и довербата во нашиот Бог Исус Христос. Секој верник треба да говори за важноста на стабилното семејство како едно од најважните столбови на нашето општество. Важноста на дијалогот во решавањето на проблемите во семејството да се втемелува во фундаменталната догматска вистина на црквата, а како што веќе рековме – тоа е љубовта. Бракот се темели на љубовта, круната на бракот е љубовта, а тоа постапно ја означува суштинската потреба за непрестајната меѓусебна љубов преку целиот живот. Љубовта е совршена, и никако не прави разлики, и секого го истакнува како еднаков по родовата разлика и со тоа се истакнува важноста на почитувањето на жената, мајката, сестрата и ќерката. Сите сме исти луѓе во Телото Христово.
5. Како почитувањето, љубовта и рамноправноста во семејството го зајакнува семејството и општеството?
Слободата е пресудна за да можеме да ја изразиме љубовта. Стабилно семејство подразбира искрен однос помеѓу сите членови, воспитување на децата во искрена љубов меѓу себе, а кон сите други околу себе – воспитување да изразуваат искрена емпатија. Слободата на изборот која ни ја дарува Господ како личносен атрибут е кога суштински изразуваме љубов и емпатија кон сите созданија. Сите сме исти пред Господ, човекот пак е створен како машко и женско и никако родовите помеѓу себе не се спротивставени, туку се створени од Господ да бидат сопатници. Правилен однос е кога имаме исто уважување и кон жените и мажите во еднаквоста на нашата човечка природа. Господ ги љуби најмногу децата и нè подучува дека треба сите да станеме повторно како деца, што ќе рече да станеме незлобиви, искрени, кротки и мили, полни со љубов исто како и секое дете, и само така ќе бидеме достојни негови чеда кои ќе бидат гушнати од Него и препознаени дека сме достојни за да се наречеме негови чеда. Со стабилноста на семејството втемелено во чистата љубов го втемелуваме општеството со фундаменталните основни вредности на вистинскиот соживот и сочувство помеѓу себе.