Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, се подготви и се испечати реиздание на книгата „Голем е Бог“. Ова издание на издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ го преведе протоереј-ставрофор Игор Никовски. Во книгата се опишани голем број на моменти од животот на старец Клеопа, како и неговите пастирски поуки – известува интернет страницата на Повардарската епархија.
Книгата може да се најде во сите храмови на Повардарската епархија или да се порача директно од издаваштвото на Повардарската епархија на тел. 043 221 231, по цена од 450 денари.
Во продолжение го пренесуваме предговорот на оваа книга.
Светиот старец Клеопа е роден во селото Сулица, во областа Ботошани во Романија на 10 април 1912 година и при крштевањето дадено му е името Константин. Како што самиот раскажува, неговите родители биле жив пример за христијански живот и нивниот дом бил како мала црква. Па така, пет од десетте деца од семејството станале монаси.
Кога бил бебе се разболел сериозно. Бидејќи веќе две негови братчиња беа умреле во детска возраст, неговата мајка го однела кај пустиножителот Конон Георгеску, духовник во Козанчеа и со помош на Мајката Божја се исцелил малиот Константин.
Во 1929 година заедно со уште еден од неговите родени браќа стапиле во Скитот Сихастрија, каде што веќе монахувал нивниот постар брат. На почетокот бил поставен да ги пасе овците од скитот, служење кое го исполнувало со голема духовна радост. Откако ја исполнил својата воена обврска (1935-1937), станал монах во истиот скит.
Неговата ревност за работите во скитот го поттикнала стариот игумен на скитот да го постави за заменик игумен во 1942 година, додека во 1944 бил избран за игумен. При крајот на истата година бил ракоположен за ѓакон, а на почетокот од следната година примил свештенички чин. Веднаш се посветил на обнова на скитот и во 1947 успеал да издејствува документи за прогласување на независност на скитот.
Со доаѓањето на комунистите на власт бил уапсен и затворен во Таргу Њамц на 5 денови, но за брзо бил ослободен. За да ги избегне проблемите со власта се скрил во една дрвена колиба во длабочината на шумата, 6 километри далеку од манастирот. Но по 6 месеци пак се вратил на своето место.
Со одлука на патријархот Јустинијан на 30 август 1949 година, заедно со 30 монаси од манастирот Сихастрија е преселен во манастирот Слатина – Сучеава и станал негов игумен, и за кратко овој манастир станува најдобро организиран во цела Романија. Но не биле без проблеми со режимот. Соочувајќи се постојано со испитувања и апсења, морал да живее во сурови услови во планината Станишоара заедно со јеромонахот Арсениј Папачок. Конечно ќе се врати во Сихастрија во 1956 година.
Во истата година била донесен посебна наредба, со која биле протерани од манастирите повеќе од 4000 монаси и монахињи. Самиот тој бил притискан од властите да ја фрли монашката схима и да се врати во својот дом. Но како и многу други монаси одбил и се повлекол, по трет пат, во молдавските планини.
Во 1964 година политиката кон Црквата станала помека, така што можел да се врати во манастирот. Останал таму 34 години како духовник на монасите и на многу верници кои доаѓале од цела земја и од странство, за духовно раководство.
Се упокои преподобно на 2 декември 1998 година. На крајот од 2005 година Светиот Синод на Романската православна црква им соопшти на верниците дека започна да собира материјали за официјално канонизирање на блажениот старец Клеопа, кој веќе е сметан за свет во свеста на многу верници. На неговиот гроб често се случуваат чуда, кои се само сведоштво на она што веќе го знаеме, дека архимандритот Клеопа е светител пред Бога.
Книгата која ја имате пред вас е една од најчитаните книги во Македонија, а зошто е тоа така, секој ќе сфати откако ќе ја прочита. Старецот Клеопа никого не го остава рамнодушен. Иако често пати е многу строг во однос на духовниот живот, сепак додека го читаме си наоѓаме одговори на многу прашања, кои со години нѐ интересирале. Романската црква со големи болки и страдања роди многу маченици и светители во XX век, а еден од најголемите светители е токму преподобниот Клеопа Илие од манастирот Сихастрија. Со својот личен подвиг, со своите молитви и проповеди го задолжи својот народ да ѝ биде верен на својата Православна црква, да Mу биде благодарен на Бога, затоа што во најтешките времиња народот секогаш имал свети и храбри духовници на кои може да се потпре и кои, како некогаш Мојсеј, го водат народот кон ветеното Царство, на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Митрополит Повардарски г. Агатангел
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=3058&Itemid=32