Блаженејшиот Архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија, г.г. Јован, во своето неодамнешно интервју за американската редакција на „Сојузот на православни журналисти“, за кое веќе пишувавме, помеѓу останатото, зборуваше и за иселувањето на младите во потрага по „нешто повеќе“ и за тоа што значи да се направи жртва и што значи тајната на крстот. Во продолжение го пренесуваме овој дел од разговорот.
Луѓето бараат нешто, но имам впечаток дека многу пати не им е јасно што бараат. Во Албанија сега имаме во црква многу млади луѓе и понекогаш мнозинството од луѓето што се во црквата се млади. Тие бараат нешто. Наша должност е да им објасниме што бараат, бидејќи гледаат дека не се среќни само со леб.
Секако не можете да живеете без леб, но не [можете да живеете ниту] само од леб. Во последните години нешто се промени, луѓето бараат нешто повеќе од леб. Значи животот не е исполнет само затоа што сте имуќни. Можете да бидете богати, но празни внатре. Ние сме создадени според образот Божји и не можеме да најдеме спокој во други работи.
Младите луѓе сега се на распаќе и должност е на Црквата да допре до нив, да разговара. Ова не е само за да им дадат некои наредби, и не можеме да им бидеме судии, бидејќи Црквата не е судница, туку е болница и мораме да им пристапиме со јазик што го знаат и разбираат. Разговараме со нив и се обидуваме да им кажеме на луѓето така тие можат да изградат живот и тука [во татковината], а жртвите што ќе ги направат ќе бидат за нивна сопствена корист, бидејќи понекогаш, и покрај тоа што се христијани, не сите ја разбираат тајната на крстот.
Зошто пееме во Црквата „преку крстот дојде радоста во светот“? Што значи тоа? Ако не ја разбереме тајната на крстот ќе ни биде многу тешко да прифатиме жртва. Жртвите многу пати се од љубов, и тие ќе имаат корист од нив. И етимологијата на зборот „жртва“ кажува што навистина е значењето на жртвата. Зборот „жртва“ на латински (sacrificium) доаѓа од два латински зборови: „сакра“ – свето и глаголот „факере“ – прави. Буквално значи „правење свето“, т.е. „осветување“.
Денес, за жал, понекогаш луѓето бараат христијанство без крст. Тоа не постои. Ако ја разбереме тајната на крстот ќе прифатиме некои жртви и тоа ќе ни донесе радост. Еднаш разговарав со покојниот митрополит Калист Вер за радоста. И тој ми кажа нешто многу важно: дека радоста не е нешто поврзано со карактерот на луѓето или нивниот темпераментот, туку тоа е дар од Бога.
Бог е во нас само ако живееме живот според вредностите што доаѓаат од Неговото учење. Тоа ќе ни донесе радост. Живот без Бога е живот без радост. Кај пророкот Исаија има еден важен стих: „нема мир за безбожните“. Во Септуагинтата (знаете дека е тоа првиот превод бидејќи еврејската дијаспора го изгуби јазикот и беше потребно за нив да биде преведено [Светото Писмо] на грчки) еврејскиот збор „шалом“ беше преведен на три начини: воглавно како „мир“, второ како „спасение“, а во овој стих беше преведен како „радост“. Нема радост за безбожните. Значи не постои радост каде постои злото.
Нашиот живот нема радост бидејќи Бог не е присутен во нашиот секојдневен живот, па гледаме во денешниот свет дека има живот без радост, независно од тоа дали сте богати или сиромашни, ни недостига радоста. Во Евангелието знаеме дека наградата што [Господ односно господарот] му ја даде на верниот слуга беше: „добро направи, влези во радоста на твојот Господ“. Значи радоста е синоним за живот.
Значи за младите луѓе ова е многу важна тема. Црквата треба да биде повеќе свесна дека треба да им помогне и да им го понуди она што навистина го бараат, бидејќи секое човечко битие е создадено по образот Божји. Сите бараат исто, но се збунети бидејќи има многу лажни пророци: некој ќе ви каже дека можете да најдете радост ако имате добар живот, ако станете богат.
Сега се сменети вредностите. Се сеќавам кога бев млад во Албанија имавме две категории луѓе: чесен или нечесен. Сега доаѓаат нови вредности од Западот (а не сè од Западот е добро): победник и губитник. Значи победник сте ако станете познат или ако стекнете многу пари, а губитник сте ако не успеете според нивните мерила. Претходно немаше такво нешто, имаше само чесен или нечесен. Значи мораме да ги научиме нашите млади луѓе на вистинските вредности.
Верувам, барем такво е моето искуство, дека треба да ги учиме на вистината. Вистината е секогаш модерна. Си спомнуваме за цитатот од Флоровски дека црковните отци се помодерни од модерните теолози бидејќи Господ е секогаш модерен, секогаш нов, не е нешто што е застарено и далечно.
Проблемот многу пати може да е во јазикот што го зборуваме. Можеме да користиме модерен јазик, но да поучуваме на вечната вистина, која секогаш ќе биде модерна. Идејата дека [Црквата] треба да се модернизира верувам дека е погрешна. Што да модернизираме? Евангелието е исто. Не можеме да го промениме Евангелието и зошто било полесно да се живее, да речеме пред 10.000 години, а сега не е? Секојпат се соочуваме со истите тешкотии, но ако живееме посветено во Господа, тогаш нашиот живот ќе се промени; сигурно ќе имаме проблеми во нашиот живот, но ќе имаме радост, бидејќи знаеме дека Бог го победи светот; како што самиот Господ рече: „во светот ќе имате маки, но бидете бодри, бидејќи Јас го победив светот“.
Значи, вистината на Евангелието е секогаш модерна и е за секоја генерација, но понекогаш треба да го разбереме јазикот [на новите генерации] бидејќи можеме да користиме јазик што не го пренесува добро она што сакаме да им го кажеме.
Ова е тоа што треба да направиме со младите луѓе: да им зборуваме на јазик што го разбираат. Не можеме да ги менуваме вредностите за современиот човек, да кажеме „сега ова е различна религија“. Не, истата е, вистината е иста, Евангелието е исто, Христос е ист и вчера и денес и утре.
