Беседа изречена од Неговото Блаженство Митрополит Вашингтонски и Архиепископ на цела Америка и Канада г.г. Тихон на Литургијата на 2 септември 2025 година во соборниот храм „Св. Николај Чудотворец“ во Вашингтон, САД, при првото сослужување со Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Во денешното Евангелие слушаме за повикот на апостолите, и се потсетуваме на разноликата и шарена група луѓе што нашиот Господ ги повика во својата служба: Петар, смел но непостојан; громогласните Јован и Јаков; Матеј, поранешниот митник; Јуда, предавникот.
Преку ова необично собрание, сепак, Господ не само што работеше за доброто на народот, праќајќи го апостолскиот хор да исцелува и да истерува демони. Тој исто така осигура дека, преку Дванаесеттемина, Евангелието ќе се проповеда до краиштата на земјата, носејќи ја Радосната Вест на луѓето ширум светот и низ сите времиња што ќе дојдат.
Како што Господ некогаш направи од митници и рибари апостоли, така и денес продолжува да ги преобразува животите на обични, грешни луѓе, правејќи ги ученици, сведоци и светии. Исто така, како што апостолската дружина се состоеше од луѓе со различни занаети и темпераменти, така и во Црквата Тој собира различни личности и таланти, за сите да ги употребиме своите дарови за изградување еден на друг.
Ова важи за секоја заедница, секоја парохија или манастир или мисија. Но, важи и за наследниците на апостолите во секоја помесна Црква — епископатот. А истиот принцип се протега и на семејството на автокефалните сестрински Цркви. Секоја помесна Црква има свој сопствен карактер, свои дарови, но сме повикани да работиме заедно за да го проповедаме Евангелието на сите народи, на сите места, на сите јазици.
Сликата на апостолите во денешното Евангелие нè потсетува дека ова дело, иако со вечна важност, сепак се одвива во конкретен контекст. Учениците, испратени од Господа, одеа „низ градовите“ (Лк. 9, 6). Секоја автокефална Црква, нејзината јерархија и нејзините членови, имаат своја локална средина за своето служење, и сите сме повикани да бидеме верни во тој контекст, држејќи се до универзалното Предание и непроменливата Вера, и воедно учејќи едни од други преку посебните црковни искуства.
Денес, кога имам радост да сослужувам со мојот брат во Христа, неговото Блаженство Архиепископот Стефан Охридски, исполнет сум со надеж и ревност размислувајќи за оваа вистина. Се молам денешното сослужување да биде само почеток на добро и светло пријателство меѓу Православната Црква во Америка и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Се молам нашите сестрински Цркви да се збогатуваат една со друга со своите уникатни дарови, соработувајќи и помагајќи си за поголема слава Божја и за проповед на Неговото царство.
Во самото апостолско читање определено за денес, апостолот Павле ја пофалува дарежливоста и гостољубивоста на Македонците како пример за Коринтјаните на кои им пишува. И ние денес гледаме на македонските православни архиереи, свештеници, монаси и верници како на вдахновение за исполнување на Евангелието Христово и за служење на светите.
Како понатамошен благослов за нас, денес ја имаме привилегијата да ја примиме посетата на чудотворната Хавајска Иверонска икона на Богородица. Чудата Божји, делата што се вршат по молитвите на Пресвета Богородица, не се нешто историско или теоретско: тие се реални и присутни.
Затоа, нека присуството на оваа икона ни биде потсетник секогаш да прибегнуваме кон заштитата на Пресвета Богородица, барајќи ги нејзините молитви во сите околности. Нашиот Господ вели дека без Него не можеме да направиме ништо, и ако сакаме нашите молитви да стигнат до Господа, немаме подобар застапник од Пречистата Мајка Божја.
Следејќи ги патиштата на апостолите и надевајќи се на молитвите на Богородица, да Му благодариме на Господ за овој ден и за секој ден што Тој го создаде, сè додека, преку Неговата благодат, не стигнеме до денот што нема крај — денот на Неговото царство: на Отецот и Синот и Светиот Дух, на Кого Му припаѓа сета слава и поклонување, сега и секогаш и во вековите на вековите.
Амин.
