Беседа во седмата недела по Педесетница

Во прилог ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во Седмата недела по Педесетница и на празникот Пренесување на моштите на св. Климент Охридски Чудотворец.


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во денешното свето Евангелие на светата Литургија, на самиот почеток ги слушнавме зборовите: Кога си одеше Исус оттаму, тргнаа по Него двајца слепи и викаа: помилуј нѐ Исусе, сине Давидов (Мт. 9, 27). Од каде си одел Исус и зошто по Него одеа овие двајца слепи викајќи? Одговорот на ова прашање ќе биде и тема на нашата денешна беседа, а со цел наше надградување во верата и обновување на нашето религиозно знаење и познавање на верата на нашите татковци и прадедовци.

Господ си одел од Капернаум. Од овој град во кој направил многу чуда, коишто ја потврдувале Неговата Божествена наука и Божествена природа. Зашто чудата што ги правел Он можел да ги чини само Оној Кој има Божествена сила во себе. Токму затоа и цел град се возбудил и се восхитувал и велел: Никогаш такво нешто не станало во Израилот (Мт. 9, 33). Капернаум е град на брегот на Генисаретското езеро. Претходната ноќ, Господ Исус Христос го поминал Генисаретското Езеро кога се враќал од Гадаринската страна. За време на преминувањето зафатила силна бура и Господ Исус Христос ја смирил. Па затоа и Неговите ученици се прашувале: Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат? (Мт. 8, 27).

Тој е Господ, долгоочекуваниот Месија, Спасителот на човечкиот род, Чие доаѓање пророците го претскажувале. Тие, во својата пророчка визија јасно претскажале дека Он е Единороден Син Божји, Кој постои од вечноста, а во времето ќе се роди од Дева Марија во Витлеем Јудејски, од племето Давидово, заради нас луѓето и заради нашето спасение. Господ Исус Христос во овој град направил многу чуда, а ние ќе спомнеме само две.

Прво, додека народот Го притискал од сите страни за да Го види Господарот на природата, кого го слушаат дури и ветровите и морето, Господ почувствувал сила која излегла од Него. Се свртел и прашал: Кој се допре до Мојата облека? (Мр. 5, 30). А жената која дванаесет години боледувала од крвотечение се излекувала само со допир до Неговата облека. Паднала на колена и им ја кажала сета вистина. А Господ ѝ рекол: Не плаши се ќерко, верата твоја те спаси! И оздраве жената во тој час (Мт. 9, 22).

Другото чудо е, пак, со старешината на храмот во Капернаум, Јаир, кој имал единствена ќерка на дванаесет години, која се наоѓала на смртна постела. Овој старешина паднал на колена и Го молел Господа да дојде во неговиот дом и да ја стави Својата рака врз неговата ќерка и таа ќе оздрави. Но, додека Господ полека се приближувал кон домот Јаиров, дошле луѓето од неговиот дом и му кажале дека ќерка му е веќе умрена, да не Го мачи повеќе Христа. Но, Господ Христос ги слушнал зборовите што му биле кажани на Јаир и му рекол: Не плаши се, само верувај! (Мр. 5, 36). Потоа ги повел Господ Своите ученици Петар, Јаков и Јован и влегле во домот на Јаир каде што лежела покојната девојка. Христос ги истерал сите кои плачеле и ридале во домот, а ги оставил само учениците и родителите на девојката. Во таа прилика, Христос извикал: Талита, куми! – што значи: Девојко, тебе ти велам, стани! (Мр. 5, 41). Девојката веднаш станала и домот кој бил исполнет со тага се претворил во дом исполнет со радост и веселба. Еве од овој дом излегол Господ Исус Христос кога одел и двајцата слепи викале по Него: Помилуј нѐ Исусе, Сине Давидов. Господ не ги исцелил на патот, но кога влегле во куќата ги прашал пред сите: Верувате ли дека можам да го направам тоа? (Мт. 9, 28). А тие сироти, во глас извикале: Да, Господи! Тогаш Добриот и Човекољубив Господ се допрел до нивните очи и рекол: Нека ви биде според верата ваша! И очите им се отворија (Мт. 9, 29-30).

Во сите овие чудесни избавувања постои една карактеристична нота која е важна. Тоа е цврстата и непоколеблива вера дека чудесен Исцелител е Оној долгоочекуваниот Месија или Спасител на човечкиот род, Единородниот Син Божји. Тука е и постојаната надеж во милоста и човекољубието Негово и, од друга страна, Неговата безгранична љубов кон круната на Божјото создание, кон човекот кој е создаден за вечност.

Крвоточивата жена верувала и се надевала непоколебливо дека ќе се излекува само со допир до облеката на Исуса Христа. Јаир верувал и се надевал непоколебливо дека неговата ќерка ќе оздрави само ако Господ ја стави Својата рака врз болната. Додека, пак, слепите одат по Него и викаат на цел глас: Помилуј нѐ, Сине Давидов. Верата и надежта на овие несреќни луѓе се сретнале со безграничната Божја љубов и се родиле чуда. Чудесните излекувања се последица на средбата на непоколебливата вера и надеж со безграничната Божја љубов.

Денеска светата Црква, од поново време, особено Македонската православна црква го прославува и празникот Пренесување на моштите на св. Климент Охридски чудотворец. Да се обратиме со искрена молитва и кон св. Климент, тој, заедно со останатите Божји угодници, да се застапи за нас пред Севишниот Бог. Па да ни се умножи верата, да ни се засили љубовта, та да одиме цврсто кон Царството Божјо, сега и во сета вечност. Амин.

Митрополит Тимотеј

Седма недела по Педесетница
11.08.2024 г.


Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3690-beseda-vo-sedmata-nedela-po-pedesetnica