Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Помина пред два дена празникот Цветници, каде што Господ Исус Христос, како Првосвештеник и Велики Архијереј, во Своето служење на светата тајна Божја, на мистичното и таинствено исполнување на Домостројот Божји, Го оствари Својот прекрасен и свечен велики вход, на светата и таинствена Негова света Литургија. Великиот Архијереј, влегува во Ерусалим, пристапувајќи кон Голгота, кон олтарот, подготвувајќи се Себеси за спасителната мистична и надумна жртва.
Силите небесни невидливо служејќи Му треперат поради Неговата бесконечна слава, ужаснати поради она што претстои на Голгота, послушно исполнети со бесконечна љубов кон Седржителот, го подготвуваат канонот на евхаристијата каде што се остварува епиклезата Божја, осветувањето на сесветата Жртва сесовршена. Ете влегува Царот на славата, ете ја Жртвата тајна, се довршува, се принесува. Алилуја.
Целата оваа страсна седмица е исполнета со радосна тага. Радоста наша е во Господа и во Неговото ветување, дека Тој лично е со нас, и Тој лично ќе се принесе Себеси на таинствениот Свој жртвеник, за спасение на сите и за сѐ. А тагата наша е присутна, затоа што луѓето не Го познаа, не Го возљубија и отпаднаа од Неговата Пресвета заедница, та го замразија, и во својата суштинска оттуѓеност од Животодарителот, ќе го предадат на смрт, демонизирано насладувајќи се на Неговото страдање. Навистина насладата во злото е безумие и психопатија. Тоа е потполно отсуство на радоста, потполно губење на свеста и демонизирање на личноста.
„Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија“ (Јован 1, 10-11).
Денеска пак е, почеток на Христовото Евангелие, денеска ангелот Божји ја објавува Благата вест. Денеска е прекрасниот празник на Благовештението Божјо на Пресвета Богородица. Еве денеска, во страсната седмица, се сеќаваме и на прекрасното објавување на Божјата волја, дека се исполнило конечно времето за да го оствари Бог Отецот Своето ветување кон Својот народ, кон Својата творба, да Го прати во светот Својот возљубен Син, да се отелотвори, вочовечи. Денеска е прекрасната и најблага вест Господова, дека се исполнува времето, дека настапила полнотата за да се открие Божјата Промисла, да се роди Бог во создадениот свет; Единородниот и Едносуштниот Син Божји, да живее во светот, да биде дел од светот, да постане свет.
Господ Саваот, Седржител, Сеопфатен, бескрајна полнота, бесконечно неограничена величина, да се роди и да постане ограничен свет, да постане човек. Човек еднаков како и сите останати, но различен поради една разлика: безгрешен. Да се роди Еден совршен Човек, Кој ќе ги смести во Себе и сите останати луѓе и целиот свет, за да се оствари светата заедница на Телото Божјо, на црквата Божја.
Еден за сите, и сите во Него. Бескраен свет, постанува ограничен свет, за да ја прими во Себе ограниченоста, да ја освети и обожи, и оствари во неограничена. Тајна е тоа велика!
Денеска воедно, ја славиме и Мајката Божја Марија Богородица, која се удостоила да постане олтар Божји, сместувалиште Божјо. Да постане со својата утроба ограничен олтар, на Неограничениот Син Божји. Тајна е тоа велика!
Светите бестелесни небесни сили се вчудовидоа кога светиот Божји архангел Гаврил, застана пред Богородица, пренесувајќи и ја пораката Божја за Божјиот план. Тогаш воедно тајновито, надумно, несфатливо и необјасниво, Светиот Дух ја осенуваше Дева Марија со Својата сила и моќ, и го смести во неа, несместивиот и бесконечен Син Божји. А Богородица смирена и кротка ги прифати зборовите на Господовиот ангел, и го прифати Божјиот Благослов. Богородица смирено ја прифати светата тајна Божја.
Света Богородица, жена, а таа во Себе го сместува Несместивиот Господ, служејќи му на Бога Отецот, воедно служејќи во тајната Божја, во нејзе остварена, принесувајќи го својот плод во својот неракотворен олтар, во својата утроба. Таа постанува таинствен свештеник, кои учествува послушно во Домостројот на Божјото спасение. Нејзината слободна волја да го прифати ова чудо во себе, го издигнува човештвото во нов статус, го истакнува новото време на човечкото достоинство.
Нејзиното тело е фундамент на Телото на Богочовекот Исус Христос. Нејзиниот Син, го зема Своето Тело, својата плот, од плотта на Својата мајка Марија. Марија Богородица учествува духовно со својата слободна волја во остварувањето на спасението, но воедно, учествува и телесно во спасението, преку дарувањето на своето тело за обожување. Богородица потполно светотаински, учествува во надумното Божјо отелотворување.
Некогаш првата жена Ева погреши, не ја исполни Волјата Божја, и со својата личносна слобода, не ја прифати Божјата Заповед. Првата Ева погреши, јадеше од забранетиот плод, се посомнева во Бога, ја искина духовната врска со својот Животодарител. Поради тоа, Ева беше истерана од Рајот, заедно со Адам, но Господ ѝ рече тогаш на змијата: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (Битие 3, 15).
Тука јасно се говори за семето на жената, семето на новата Ева, на Марија Богородица, која слободно се дарува во служењето на тајната Божја, и раѓањето на својот свет и Божествен Син. Исус Христос е семето, плодот на Ева, Кој ќе ги уништи гревот, смртта и ѓаволот. Исус Христос ќе ја смачка главата на сатаната, а сатаната преку својата злоба, ќе го касне Богочовекот за нога, убивајќи го на крстот. Но таа Божествена „смрт“ ќе биде надумна, несфатлива, несознајна, смрт за живот; за вечен живот.
Секој кој верува во Богочовекот Исус Христос, ќе биде спасен, преку Божјата жртва на помирувањето, имено, светиот апостол Павле во посланието до Римјаните вели: „Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку верата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови“ (Рим. 3, 25).
Исус Христос е жртвата преку која се помируваат луѓето со Господа, преку покајанието и верата, осветувајќи се со Телото и Крвта Христови. Луѓето во Стариот Завет отпаднале од првобитното достоинство да живеат во Рајот, само поради гревот кој ги завладеал, та сега веќе, со крстната Христова жртва, со новата Пасха, имаат прилика да го повратат своето достоинство и да постанат чеда Божји.
Ох, Господе, колку си Ти милостив, та не го гледаш нашето недостоинство, и не го гледаш и не го презираш нашето несовршенство, не ја гледаш нашата минорност, та бесконечно нè љубиш и бесконечно нè повикуваш да постанеме Твои синови. Не ја гледаш нашата несовршеност, и ни даруваш вечна перспектива за совршеност. Ти си совршен Бог, Кој создава совршени дела. Ти си бесконечен, и даруваш бесконечни прилики. Ти благодариме Господи, за Твојата надумна и неискажана промисла за нас грешните.
Браќа и сестри, нека ни биде честит денешниот празник, за многу години. Амин.
