Бог се Роди!

Раѓањето Твое, Христе Боже наш,
светот го озари со светлината на разумот,
преку неа, служителите на ѕвездите се учеа од ѕвездата,
да Ти се поклонуваат Тебе – Сонце на правдата,
и да Те познаат, Истоку од висините: Господи, слава Ти
(тропарот за Божиќ)

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Христос се роди! Навистина се роди!

Каква прекрасна песна на светата Црква со која Го велича и прославува Исуса Христа. Тој Прекрасниот, Величенствениот, Недопирливиот, Несоздадениот, Беспрекорниот, Вечниот, Совршениот, Светлината, Убавината, Добротата, Љубовта, постана човек. Постана Битие коешто Тој го создаде од ништо; од небитие создаде битие. Не од нешто, туку потполно од ништо, ја создаде материјата. Од непостоењето, го создаде човекот за да постои. Го создаде битието од љубов, и единствено само поради совршената љубов, без никаква обврска, без никаков интерес, без никаква потреба. Единствената Божја потреба е разделувањето на Својата љубов. Но, каква е таа Негова љубов?

Бесконечна љубов! Љубов која ние луѓето не ја сфаќаме, не можеме да ја поимиме со нашата ограниченост, затоа што ние луѓето не сме совршени. Нашата природа е несовршена и нашиот разум не може да ја поими таа совршеност Божја. Божјата природа е сокриена за нашиот разум. Нашиот разум не може да ја поими бесконечната суштина Божја. Нашиот разум ги поима нештата единствено преку опитното искуство на емпириското перцепирање на целокупниот живот околу нас.

Логосот Божји, Второто Лице на Светата Троица, Синот Божји, нашиот Архетип, нашиот Праобраз, постана Човек. Се вочовечи, се отелотвори, се унижи, ја всели Својата Ипостас во создадената природа, се всели со Својата Божја Личност во човечката природа. О какво чудо? Зарем е тоа возможно? Дали е возможно Творецот, Господ да се роди и да постане човек? Кога ангелите го гледаат ова чудо, колку ли се воодушевуваат, колку ли треперат од стравопочит кон бесконечната Света Троица?

Ангелите летајќи во славата Божја, треперат од Божјата беспрекорна моќ, треперат со страв, ликуваат и ѝ пеат на Божјата слава. Но, еве сега ја гледаат славата Божја, како се унижува и постанува човек. Постанува создание. Но, постанува исто онакво создание коешто се извалка во гревот, создание кое богоотстапи, го издаде, се огреши, го отфрли Бога. Првиот човек, Адам, погреши, Адам ја искина животната нитка која го поврзуваше со Творецот, Адам со првородниот грев ја раскина љубовната животна врска со Бога. Но Синот Божји, постанува Нов Адам – Нов Човек. Синот Божји се понудува Себеси, за да го воздигне човекот и за да му укаже велико, совршено достоинство. Постанува човек, обожен и осветен. Постанува воедно Богочовек. О какво е тоа чудо? Па што тоа значи? Зошто Бесконечниот сака да постане човек? Каква е Неговата потреба за тоа?

Оној Кој отсекогаш постои, постои во бесконечност, Тој Кој нема почеток, Тој, Алфа и Омега, Почетокот без почеток, и Крајот во бескрајот, тоа е Тој Бесконечниот. Бог Отецот, вечно Го раѓа Својот Син, и вечно исходи Светиот Дух од Отецот. Бог Отецот е изворот на Божеството, Отецот е името на Божјото начело, Во Него е идејата за создавањето на светот. Синот вечно се раѓа од Отецот и Тој е Логосот Божји Кој го остварува планот Божји, Тој е Архетипот на созданиата, во Него и преку Него е остварен домостројот на светот и спасението на светот. Светиот Дух Бог, вечно исходи од Отецот, во суштинското Божјо соединение и со Синот делувајќи, го остварува планот на создавањето на светот. Сите Три Лица во Светата Троица, делувајќи во меѓусебниот компактен, совршен, љубовен однос, го остваруваат Божиот домострој на создавањето. Сите Три Божји Личности се засебни единствено по делувањето и силата на своите личносни својства на взаемната совршена љубов која ја поседуваат во заедничката Божја природа, во Нивната едносуштност.

Каква несфатлива трансцедентност на Божјото постоење. Та Тој од таа нестворена и вечна категорија, доаѓа да постане човек. Тој се унижува, ја сведува Својата моќ, за да постане човек. Како е пак возможно таа бесконечна моќ да не ја уништи создадената несовршена природа? Како што во Стариот Завет Мојсеј ја гледал несогорливата капина на гората Синај, како гори но не согорева. Така и Синот Божји се сместува во утробата на Светата Дева Марија и не ја уништува Неговата Мајка. Марија ја претставува таа несогорлива капина. Марија го претставува вечниот олтар на создадената природа. Марија, човечки земен олтар, со човечката природа, служејќи на Господа, го принесува Синот Божји во својата утроба. Го носи во себе Бога Небесниот, Несместивиот. Несместивиот се сместува во човечката утроба, во жената Дева Марија.

За Господа сè е можно! Тој во Својата Апсолутност е во утробата на Марија, унижен, сведен, но исто така во истиот момент, постои потполно, семоќно, во вечноста, седејќи од десната страна на Бога Отецот, постојано Совечен со Него, коегзистирајќи во едносуштвената заедничка Божја природа и со Светиот Дух.

Марија света Дева, во своето извонредно, чудесно и несфатливо смирение за нас луѓето, ја прифаќа волјата Божја да биде учинето онака како што Господ заповеда преку Неговиот слуга, ангелот-благовесник, архангел Гаврил, таа да биде осенета и Преблагословена. Да зачне на чудесен начин и да ја носи Тајната над тајните, Бога над боговите во својата девствена утроба, која е телесно неосквернета. Тајната на домостројот Божји е потполно несфатлив за човечкиот разум. Колку и да е висока интелигеницата на човекот, оваа тајна е несфатлива. Затоа што нашиот разум е втемелен на опитноста, на овоземното искуство. А ова што се случува е надумно, натприродно, неземно, чудесно, не логично, тајно, сокриено.

Божјата мајка Марија Го раѓа, Несоздадениот, потполно чудесно. Тој начин на раѓање, таа тајна на тоа раѓање е сокриено за сите луѓе. Таа тајна ја знае само Бог. Повторно ние луѓето не можеме тоа нешто да го поимиме со нашата земна перцепција. Но, секако еве Тајната на тајните се роди како човек. Марија остана девица и после раѓањето. Мајката Божја, жената, човекот не бива уништен, Божјата моќ никако не ја повредува Својата мајка, не ја повредува човечката природа. Бог постанува мал Човек, човекот постанува бог.

Каква радост! Радост над сите радости, човекот постанува бог. Новиот Адам се раѓа, постанува Совршен Човек. Совршениот Бог, Неговата Личност, се вселува во човечката природа и постанува Совршен Човек, постанува Богочовек. Се раѓа Исус Спасителот, Христос избраникот Божји, Помазаникот, Месијата. Долгоочекуваниот дојде. Ете Го, се роди Великиот Бог како Мал Човек, Бог се Роди!

Целата вселена ликува. Целата природа ликува. Сите се веселат. Сите Му пеат радосни песни на малиот Исус. Сите Му се радуваат на Спасителот, Тој е нашата надеж, Тој е нашата утеха, Тој е нашиот лек, Тој е нашата смисла, нашата суштина. Небесата се отвораат, ликуваат ангелите, пеат ангелите објавувајќи, ни ја открија Тајната, им ја открија радоста на пастирите. Небото се отвори и се спои со земјата, сите радосни ликувајќи и веселејќи се постануваме сожители на вечноста, на вечната Љубов. Небото дојде и се спои со земјата. Небото постана земја. Кохезијата и симбиозата е Христос, родениот мал Човек, човечкото Спасение, Тој е потполно Великиот Господ Саваот.

Во темнината на грешниот живот, во темнината и ужасот на острастената создадена природа, дојде Светоста, дојде Светлоста, дојде незалезното Сонце. Светлоста на сонцето заблеска во мракот на создадениот живот и го осветли и прочисти за и тој создадениот живот да постане вечна светлост во Исуса Христа, во Бога и преку Бога. Та и тие кои не го познаваа законот Мојсиев, тие далечните, друговерните, ѕвездогледачите, и тие да го препознаат раѓањето на Светлината и Сонцето, та следејќи ја звездата, следејќи ја природата која Му служела на Господа во Неговото прославување, да дојдат и да Му се поклонат на Царот на царевите, на Господарот на господарите.

Господ го исполни своето ветување дека ќе Го испрати Спасителот на човечкиот род за да го спаси грешниот, отпаднатиот човек, да го врати повторно во Рајот, но воспитувајќи го низ земниот живот. Единствено е потребно да посакаме да бидеме спасени. Нашата волја е нашиот клуч на спасението. Никој и никогаш на сила ништо не може да направи, што ќе биде совршено. Единствено преку слободната волја и љубовта го прифаќаме родениот Спасител. Плачејќи, низ покајанието, скрушено, молиме да бидеме сопричесници во прегратката Божја, вечно, засекогаш.

Преку Исуса, во Него, ја добиваме нашата награда, нашата утеха. Љубов даваме, но даваме мала, човечка љубов, за да ја добиеме вечната, Божјата љубов. Што е, пак, реално наше во нашиот живот, та да можеме да го дадеме како залог за вечниот живот? Ништо не е наше! Нашиот живот е дар Божји. Единствено нашата емоција, нашата свест, нашата волја, нашата љубов, ја споделуваме со Бога и со луѓето, очекувајќи дека Господ ќе нè усоврши преку Неговата љубов.

Темнината исчезнува таму каде што доаѓа светлоста. Светлоста блесна во светот и темнината исчезна. Тагата беше во светот, но Радоста дојде во светот и ја утеши несреќната природа. Гревот ја тормозеше природа со смртта, но дојде Совршеноста и го ослободи светот од смртта, го спаси светот. Темнината, несреќата, тагата, очајот сакаа да Му наштетат на Христа, но Тој ги победи овие (не)принципи на деструкцијата. Родениот Христос ги победи со логосниот живот, со принципот на љубовта. Љубовта е безгранична, љубовта нема мани, љубовта не познава количина, љубовта не е по потреба, љубовта не се купува, љубовта е бесконечна категорија која Му припаѓа на бесконечниот Бог, на родениот Бог.

Господи просветли го нашиот ум и разум, Господи освети нè со Твојата вистина, Господи просвети нè со Твојата љубов. Амин.

Христос се роди! Навистина се роди!