Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Се радуваме на Христовото Воскресение, се радуваме на Христовата победа, се радуваме на Христовата бесконечна сила, сила со која ја победи смртта. Христовата сила е Божја сила на Синот Божји; бескрајна моќ Божја која е извор на сè видливо и невидливо. Христовата сила е моќна затоа што таа постои од секогаш и засекогаш, таа го создава животот, затоа што таа е животворна.
Овие денови се светли денови, денови на радост, овие денови се најпрекрасни и единствени денови во целата година, овие денови се како еден ден, затоа што се веднаш после Христовото Воскресение, и ја рефлектираат целата животворна светлина од Христовото неземно блескање во Неговиот животворен гроб. Гробот претходно беше симбол на смртниот очај, симбол на траурниот и конечен страшен крај, а со Христовото Воскресение, истиот гроб, постана светлоносен и животоворен извор на благодатта Божја. Христовиот гроб е извор на Божествена светлина во светот, која со својот молскавичен блесок, го озарува целиот свет. Ги озарува душите на оние, кои веруваат во Господ Исус Христос.
Овие денови се најпрекрасните денови, затоа што воскресна нашиот Господ. Господ го воздигна Своето тело од гробот и го преобрази Своето човечко тело во бесконечно, Божјо Тело. А впрочем, суштината на ова е во тоа што, и ние денеска имаме прилика да се обожиме и да постанеме вистински чеда Божји, впрочем, да постанеме сотелесни и еднакви со тоа животворно Тело Божјо. Имаме возможност да постанеме еднотелесни со Богочовекот Исус Христос. Впрочем, тоа е нашата цел, нашата смисла поради која сме и создадени, да постанеме едно со Богочовекот Исус Христос, во Неговото обожено, осветено, бесконечно и совршено Тело.
Телото Божјо постанува извор на животот, со Божјата сила и моќ, та секој од нас кој ќе се поврзе со тоа Христово Тело, ќе постане исто Тело. Впрочем, ние копнееме денеска да се причестиме со тоа Тело Божјо, за да ја оствариме најпрекрасната заедница на спасението. Сите заедно, поврзани еднотелесно, сопричесно со Богочовекот Исус Христос, на Светата Литургија, го остваруваме заеднички едното тело Божјо.
Причестувајќи се со Телото и Крвта Господови, ние ја формираме светата Црква Божја, и ја формираме есхатолошката заедница на спасението, а тоа се остварува во името на Богочовекот Исус Христос, Синот Божји. За Него сме создадени, и со Него, и во Него, ќе се обожиме за да постанеме вечни жители на Царството Божјо. Тој е домаќинот на Царството Божјо, и нас нè повикува во Неговото Царство, преку светата заедница со Него.
Бескрајна е радоста, затоа што ни се дарува бескраен бенефит; ни се дарува бескрајна перспектива; ни се дарува бескраен потенцијал; ни се дарува бескраен живот; ни се дарува бескрајно синовство. Воскресението Христово, е центарот на нашата вера. Нашата надеж би била залудна, доколку немаме Христово Воскресение.
Денеска е ден, кога ја прославуваме Мајката Божја, прекрасната Марија, Богородица. Овој празничен ден е наречен Животоносен Источник, посветен на Мајката Божја како извор на животот. Сеќавајќи се на чудесниот извор во местото Балаклија, во Константинопол, се сеќаваме на чудата кои се случувале на тој извор, кој точел чуда, а со застапништвото на Мајката Божја.
Пресвета Богородица, Мајка Божја, се здобила со благодат на благодат, со потполна Божествена полнота, затоа што таа во себе го носела Пресветиот и Бесконечен Син Божји. Божјата Благодат потполно ја обожила мајката Божја, и таа постанала мајка на Благодатта, мајка на Животот, мајка на светот. Таа го родила бескрајниот свет, и на тој начин, постанува и наша мајка.
Во првата светла седмица после Воскресението Христово, ние торжествено ја прославуваме и Пресветата Богородица, истакнувајќи ја нејзината бесконечна и есхатолошка улога. Нејзината улога е непроценета и бесценета, затоа што таа со својата слободна волја учествува во Божјата тајна, за да се роди Единородниот Син Божји, во тело, во светот. Преку нејзината одлука да учествува во тајната Божја, целата природа го здобива новиот Божествен статус, да соучествува во Божјото достоинство.
Достоинството на Пресветата Богородица е бесценето, таа ја има слободата како мајка Божја, да се обрати кон својот Син, имајќи дерзновение, имајќи света смелост; родена од вера и чистота да има смирена слобода пред Бога. Таа е единствена човечка рожба, единствен човек, кој е воздигнат на Божествениот пиедестал, да седи покрај Својот Син, со својата духовна смелост, да има мирна и сигурна близина со Бога, поред Бога. Таа е молитвеница за човечкиот род пред Бога, затоа што таа е поред Бога.
Богородица има безгранична љубов за светот, затоа што таа Го носеше Бога во својата утроба, ја носеше бесконечната љубов. Бог – Љубовта, ја преисполни Својата мајка со Себе, и Богородица, постана животворен источник на таа љубов. Ние се радуваме за нејзиното достоинство, и ја прославуваме, ја величаме, ја воспеваме, и ја молиме, да биде топла застапница за нас грешните, но самосвесните, ветувајќи дека сакаме да се поправиме и да постанеме добри луѓе, вистински луѓе.
Браќа и сестри, ја имаме Пресветата Богородица како пример на смирението и довербата кон Господа. Таа со своето смирение, никогаш не се погордеала затоа што во себе го носела Господа. Нејзината доверба во Господа била апсолутна и бескомпромисна, и никогаш не се посомневала. Таа е прекрасен пример за нас, за да ја појмиме вистинската вера. Нејзината вера е вера на човек, кој се истакнал со својот квалитет, та таков квалитет треба и ние да следиме. Богородица, како наша духовна мајка, да ни биде и пример на сè добро, на сè полнота, пример на сето добро, полнота на добрина. Таа постанала пример на совршено добро, совршено и без недостаток, добро без никакво зло.
Браќа и сестри, нека ни биде честит денешниот празник, нека биде Пресвета Богородица наша заштитница, и да извикуваме кон нејзе: Пресвета Богородице, спаси нè!
Христос Воскресна!
Навистина Воскресна!
