Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
За да ја сфатиме љубовта, треба да ја конципираме нашата православна вера. Да ја перцепираме нашата улога во животот. Да ја перцепираме православната теологија, преку учењето на светите Отци на нашата Света Црква. За да стекнеме љубов, треба да сфатиме што е љубов. Каде да ја пронајдеме? Каде е вистинската љубов? Каде е изворот на љубовта? Дали љубовта е мерлива, дали можеме да ја подаруваме во етапи и во количини? Дали несовршеноста во која постоиме, може да ни го покаже местото во светот каде што можеме да стекнеме љубов во потребната количина? И секако, дали можеме да здобиеме љубов со материјалните средства кои ги поседуваме?
Сите овие прашања се поставуваат често меѓу луѓето. Ако не ги поставуваат јасно и гласно, тогаш си ги поставуваат секојдневно во себе, тајно. Денес гледајќи го светот во кој владее лудилото и апсурдот на нечовечноста, секој човек сигурно честопати си ги поставува овие прашања. Доколку човекот не си ги поставува овие прашања, тогаш сигурно западнал во бесчувствителност и неговата совест е потполно задушена од егоизам. Денес егоизмот се шири како епидемија во светот. Денес честопати го гледаме човекот во неговиот личен, самодоволен живот, во изобилството на материјалните добра, како хедонистички ужива, мислејќи дека токму во таквиот принцип на живеење е радоста и љубовта. Денес, исто така, запознаваме луѓе кои се високоинтелигентни, со натпросечни способности на интелигенцијата, но го немаат пресудниот коефициент на сочувство. Не е доволна само менталната интелигенција кај човекот, како би ги собирале во разумот со леснотија информациите околу нас, не е доволно да ги класифицираме со леснотија тие информации во себе. Доколку го немаме пресудниот коефициент на емоционалната интелигенција, тогаш ние ќе бидеме високоинтелигентни, интелектуалци, кои немаат сочувство и емпатија кон светот околу себе. Значи пресудниот момент да бидеме вистински луѓе се открива во љубовта.
Љубовта е круната на сите добродетели. Љубовта е радост на животот. Љубовта е добродетел која се стекнува преку молитвата. Молитвата е наша насушна духовна потреба преку која духовно се поврзуваме со Бога. Господ Исус Христос нè поучува да се молиме непрестајно, да бараме, да тропаме на духовната врата за Тој да ни отвори. Доколку не бараме, нема да добиеме ништо. Доколку малото дете не ѝ заплаче на мајка си, тогаш мајката нема да знае што му е потребно. Но, Господ знае сè што е за наша корист, сè што ни е потребно во нашиот живот. Господ е семоќен, Тој ја знае потребата на секое создание на кое Тој лично му подарува живот. Господ не би бил семоќен, доколку не би ги знаел нашите потреби. Но, нашата волја е пресудна. Нашата потреба треба ние лично да ја искажеме, да ја обзнаниме. Да бараме од Господа за да ни подари. Доколку нешто автоматски добиваме, тогаш ние не сме свесни за подарокот и добивката. Во таков случај нема реален сојуз, нема заедница. Во слободната заедница се подразбира слободната волја за да се учествува во таа заедница. Секој човек треба да ја искаже својата потреба пред Господа, со својата слободна волја, преку љубовта. Господа го љубиме и Му се обраќаме како возљубени Негови чеда, а не како некои Негови слуги кои го бараат од господарот она што им следува.
Нашето поимање за Господа е од аспект на Божји деца. Ние сме Негови деца. Ние сме Негови возљубени чеда. Штом знаеме дека Господ нè создал само поради Неговата вечна, бесконечна љубов, тогаш и ние сме должни да го возљубиме нашиот прекрасен Творец. Господ нема никаква потреба да нè создаде, Бог немал никаков услов за нашето создавање. Немал никаква нужност – обврска за да го создаде светот. Туку, Божјата апсолутна неизмерлива љубов е единствената причина поради која сме создадени. Погрешна е мислата дека човекот треба да го добие она што му следува. Прашање е што, всушност, му следува на човекот? Човекот е создаден од небитие. Од ништо. Ништо не постоело, но Божјата волја ја создала створената материја. Оттука пак, треба да разбереме дека ништо не ни припаѓа нам. Ништо што постои, не постои поради нашата волја, преку нашите напори, туку постои исклучиво поради љубовта Божја.
Вистинската љубов нема граница. Вистинската љубов нема количина. Вистинската љубов е вистинската жртва. Синот Божји Исус Христос се очовечи, се отелотвори, поради Својата бесконечна љубов стана еден од луѓето и се жртвуваше за сите нас. Се жртвуваше за сите луѓе без исклучок. Тој ги повика луѓето во заедницата на совршена љубов, каква што самиот Тој ни покажа. Искрена, бесконечна, безусловна, безинтересна, љубов совршена која нема граница, која се жртвува за другиот, се жртвува за сите луѓе. Колку е таа Божја љубов бескрајна, колку е таа Божја љубов апсолутна, да ни се подари нам, на создадените од ништо, од непостоењето. Дали сме ние достојни за таква чиста и совршена љубов?
Ние луѓето сме повикани да ја здобиеме вистинската, вечна, Божја љубов. Ние луѓето сме повикани да ја посведочиме таа жртва за секој човек. Љубовта е вистинска само кога се докажува на дело. Само кога му ја покажуваме љубовта на другиот, на сите луѓе, тогаш ние сме достојни чеда Божја. А љубовта ја докажуваме и кон нашиот Творец, со прифаќање на Божјите заповеди кои ни се дадени уште во Стариот Завет, но се прецизирани и конректизирани во Новиот Завет. Исус Христос ни укажа во Неговиот земен живот, како треба да живееме за да здобиеме вечност во Рајот, вечност во прегратката Божја.
Синот Божји ни даде нови две заповеди:
1. Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли! (Лк 10,27)
2. Возљуби го својот ближен како себеси! (Мт 22.39)
На овие две новозаветни Христови заповеди се темели целиот Закон. Овие две заповеди се љубовниот фундамент на човечката онтологија, на битословието човечко, на смислата на човечкото постоење, на начинот на кој човекот се осознава дека е икона Божја. Овие две Божји заповеди се основата на нашето однесување. Но, за да ја стекнеме љубовта, мораме да се насочуваме кон Господа, да се трудиме да бидеме чеда на љубовта. Молејќи се, посакуваме да бидеме Христови следбеници кои ќе живеат насладувајќи се со Божјата благодатна енергија на љубовта.
Богочовекот Исус Христос е вечниот морал. А Тој совршен морал со неговите норми и принципи е поставен на вечниот, фундаментален постулат на љубовта. Љубовта е живот. Љубовта оживотворува, дарува живот, дарува постоење на она што немало самостојно, вечно онтолошко постоење. Човекот е создаден поради Божјата љубов која постојано се излева од Него како Негово единствено својство на делување со Неговата Волја, подарувајќи се Себеси, Господ ја излева љубовта врз создаденото битие.
Вечната љубов ќе ја најдеме единствено во сојузот, во заветот со Бога. Бог е Љубов.
Светиот Апостол Павле пишува во своето прво послание до Коринтјаните, боговдахновено ја изразува правата и чиста љубов. Ја изразува суштината на човековото онтолошко постоење. Во својата химна, светиот Апостол ја изразува љубовта како фундаментален постулат на постоењето на човековата личност. Тој ни укажува дека доколку има разни дарови здобиено, доколку сето знаење го смести во себе, хипотетички изразувајќи се, вели, доколку сите човечки јазици ги зборува, па дури и ангелски јазик да зборува, ако нема чиста љубов, безусловна љубов, тогаш ќе биде обичен предмет, ќе биде како бакар, што ѕвони, или кимвал што ѕвечи. Без љубов ништо не може да биде добро. Вели: „Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не се радува на неправдата, се покрива, на сè се надева, не памти зло”… љубовта е круната на животот.
Молејќи Му се на Господа да ни подари љубов, да здобиеме љубов како Божји дар. Љубовта е во Творецот, во Бога. Љубовта е вечна, таа е апсолутно Божјо својство. Љубовта е безвременска, вечна, Божја категорија. Бог ги пројавува Својата сила, Своето дејствување само преку љубовта. Единствено барајќи љубов од Господа, Господ ќе ни ја подари како на негови возљубени чеда.
Нема друг извор кој може да нè напојува со совршена љубов, освен Господ кој ја има во себе. Созданијата се како сува земја која постојано имаат потреба од излевањето на росата. Напојувањето со благодатната енергија на љубовта е од пресудно значење за човечкото битие. Без љубов човекот ќе се обезличи и нема да постои како Божја икона, створена по идејата Божја. Љубовта не може да се подарува во количина, правата љубов се излева потполно. Кога ќе ја стекнеме љубовта Божја, тогаш ние ќе станеме облагодатени садови, и несвесно ќе ја подаруваме таа непресушна љубов кон светот околу нас. Светителите ни се пример како се излева Божјата љубов кон другите луѓе. А совршен пример за нас е Богочовекот Исус Христос, Кој проживеа земно со нас луѓето, проживеа во историјата на цивилизацијата. Нашето постоење е предвидено во вечноста, за тоа сме создадени, за да живееме вечно со Творецот во љубов. Стекнувајќи љубов во земниот живот, ќе го наследиме и вечниот живот во радоста Божја, прегрнати од Творецот, сопостоејќи со Љубовта.