Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Вољзубени во Господа браќа и сестри,
Денеска е празник на сите светии кои се докажале пред Господа во својата љубов кон Него. Нивната вера кон својот Творец била нивната суштинска животна трудољубивост, живеејќи единствено само за да го остварат новозаветниот сојуз со Господ. Светителите живеат постојано пребивајќи во позитивниот сојуз со Господ, поврзани со вечноста во црквата Божја, обожени и осветени преку Светиот Дух. За светителите, единствената животна егзистенција е Богочовекот Исус Христос, Кој се подарува Себеси, од љубов, за да ги спаси сите оние кои посакуваат да бидат во прекрасната вечна заедница на љубовта со Него.
Светителите се нашата радост и примерот на Божјата милост кон светот. Во светителите ние го согледуваме Божјиот домострој на спасението. За сите нас луѓето, светителите се нашата надеж дека Господ е со нас во светот. И откако Господ се Вознесе на небото, откако навидум нè остави, сепак вистината е дека Тој е постојано со нас, а за тоа ни сведочат и самите светители, преку кои се огледа Божјата Волја за светот да биде спасен. Впрочем, Бог се вознесе и отиде да ја принесе Својата и нашата природа во вечноста. Тој ја принесе Својата човечка природа во лоното на Троичната заедница. Со Вознесението Господово, во Света Троица пребива и земната природа, но не како пропадлива и смртна материја, туку како вечна и совршена. Бог во Себе ја усоврши и обожи смртната природа.
Човекот е единственото битие во светот кое има разум, единствено словесно битие, кое е создадено по лик и по подобио Божјо. Човекот е создаден, за да биде икона Божја во светот. Човекот е создаден за да Го претставува Бога во светот. Бог му го доверува светот на човекот, за да се грижи на најдобар можен начин за истиот свет. Човекот со својот разум, треба на еден сеопфатен и грижлив начин да биде дел од природата во светот, но во исто време, како дел на таа природа, да биде претставник пред Господа за таа иста природа. Човекот грижејќи се за природата, треба да го изрази своето согледување кон животот преку доживувањето и односот кон целокупниот свет.
Пред се, човекот треба да живее во позитивната заедница со другите луѓе. Доколку човекот живее мислејќи единствено на себе, тогаш тој веќе застранил и го изгубил вистинскиот пат по кој што треба да оди, поточно патот по кој да живее, чекорејќи кон вечноста. Себељубивоста е мана, т.е. недостаток или грешка. Човекот кога живее егоистично, мислејќи само за себе, тој е во недостаток од Божјото присуство. Кога човекот себељубиво се однесува, тогаш тој греши, тој тогаш е во автоматска грешка. Можеме тоа да го опишеме и со други зборови; па ќе кажеме дека човекот е во некаква системска грешка. Човекот е создаден за да го достигне совршенството во вечноста, но, доколку пројавува проблем, тој покажува грешка и автоматски самостојно тој се изолира од спасението.
Човекот единствено во Бога може да го пронајде доброто. Изворот на доброто е во Бог. Доколку бидеме во Бог и со Бог, тогаш ќе живееме добро во светот позитивно соработувајќи и со другите околу нас. Соработка во контекст на еден општ, нај позитивен личносен однос помеѓу луѓето. Но, доколку Го изгубиме Господа од својата душа, тогаш, ние ќе бидеме празни души, безбожни луѓе, бездушни битија, кои ќе живеат во светот со некакви празни и бесплодни лични потреби. Бездушноста создава монструозност. Без Бог, човекот ќе постане промашена, извитоперена индивидуа.
Човекот е создаден да биде сличен со својот Творец, со Господ. Сличноста се состои во тоа дека, човекот е создаден по Божји лик и по Божјо подобие. Човекот е всушност создаден за да постане икона Божја. Да светли во светот и да биде битие кое ќе го поврзува телесниот свет со духовниот свет. Човекот треба да го поврзе, материјалниот свет, со нематеријалниот – бестелесниот свет, а тоа впрочем го остварувале светителите. Тие го изразувале вистинскиот етос на црквата Божја, преку своите еклисиолошки личности, живеејќи реално во љубовната заедница на црквата Божја. Тие така на тој начин, во црквата Божја, ја изразувале и есхатолошката личност во која го поврзувале видливиот свет, со невидливиот свет. Тие охристовени, преку личноста Божја на Богочовекот Исус Христос, ја претставувале вечната Божја икономија на спасението. Тие се врските, алките кои го врзуваат овој минлив свет со вечноста. Во нив ја согледуваме реално вечноста.
Господ го создава човекот и му дарува она што Тој го има во себе. Господ е Алфа и Омега, Тој е беспочетен Почеток и бескраен Крај. Господ во Себе ја има вечноста. Божјиот атрибут е вечноста. Бог во Себе го има и животот. Господ е самиот тој живот вечен. Господ со Својата пресвета и вечна волја, го создава човекот и му подарува да биде вечно жив. Разликата кај човекот и кај Бог е во тоа што, човекот има свој почеток во моментот на создавањето на човечката душа од страната на Господ, Вечниот Творец и Животодавец, Кој создава сѐ видливо и невидливо. Вечноста е Божјо подобие. Затоа и човекот добива на подарок од Бога вечен живот, за да биде сличен со Својот Творец.
Потенцирајќи, велиме дека човекот е вечно жива душа, единствено што има свој почеток. Почетокот на својот живот, човекот го добива како подарок Божји, така што создадената жива душа, нема никогаш да искуси смрт и крај на своето постоење. Создадена е да живее во вечноста, и ќе добие свое определено место. Своето вечно место, човекот ќе го добие преку својот живот на земјата, докажувајќи се. Доколку човекот се обожи и поврзе со Неговиот Творец, со Господ, тогаш сигурно дека, човекот ќе го здобие Рајот. Ќе здобие вечна радост.
Браќа и сестри, еве сме на прагот од петровденскиот пост, непосредно пред самиот почеток на постот. Сето горе споменато и речено, се однесува за нашиот личен начин на перцепирање кон верата и нашиот личен живот во кого го изразуваме нашиот личен став кон општиот живот во светот и кон вечноста.
Постот е нашата основна форма на живот сега, во светот, и преку постот ние ја остваруваме својата вечна иднина. Постот е фундаменталниот начин во кој ја остваруваме својата личност. Во постот човекот ја докажува својата љубов кон Господ. Постот е воздржување, но не само од блажната храна, впрочем, постот е општо воздржување од многу потенцијални опасности, кои ја демнат нашата личност, преку слободата која ни е подарена.
Постот има смисла тогаш кога човекот слободно го одбира како единствено средство за да ја докаже својата вера и доверба кон Господ. Воздржувајќи се слободно, значи концентрирано да внимаваме на опасностите кои нè демнат, и кои претендираат да ни го уништат личносниот однос со Творецот. Секако дека самата храна за нас не е опасност. Ниту, пак, ние, православните христијани, ја мразиме самата храна. Храната е она што му е потребно на човечкото тело. Но, во определени периоди, се воздржуваме и од самата блажна храна, и со тоа воздржување, ние свесно и слободно се откажуваме од тоа нешто, внимавајќи и на уште многу други позначајни нешта, за да се насочиме внимателно и концентрирано кон конечната цел. Но, дали јадеме или не јадеме одредена храна, сепак нашето воздржување од гревот, треба да е постојано. Никогаш не смееме акцентот да го ставаме само на храната, впрочем, акцентот треба постојано во секое време да го ставаме на гревот. Тоа значи, дека треба постојано да се пазиме од гревот.
Во посниот период, треба многу повеќе да внимаваме на својот живот. Грешноста да ја искорениме, или пак да ја намалиме. Треба свесно да ги препознаеме лошите нешта кои ги чиниме, за да се поправиме. Доколку не ги пронајдеме грешките во себе, тогаш самата храна од која се воздржуваме, ништо не може да ни помогне. Но, доколку внимаваме на својот живот, воздржувајќи се од гревот, живеејќи молитвено, трудољубиво во добродетелите, учествувајќи во црковниот живот, живеејќи покајно, причестувајќи се со нашиот Господ, тогаш и додатно постејќи од блажната храна; сето ова заедно, ќе ни донесе вечен бенефит.
Денеска од нас зависи, како вложуваме во својата иднина. Треба да се запрашаме, дали денеска сме свесни дека воздржувањето е нашата основна и секојдневна форма на нашиот личен живот. Секој посакува да ја види љубовта на другиот кон себе, преку делата кои ќе ја посведочат таа љубов. Секој родител, посакува да ја види љубовта на своето дете кон него во делата кое ќе ги чини неговото дете кон него. Колку повеќе, Господ ја исчекува љубовта од Неговите созданија кои треба да ја докажат својата благодарност кон Него. Впрочем, благодарноста кон Творецот, човекот ја изразува преку постот, преку воздржувањето внимавајќи на својот живот, за да ја оствари личната животна врска со Господ, во нај прекрасниот и животворен личносен однос со Него, во остварувањето на Новозаветниот сојуз, во црквата Божја.
Сите светии кои денеска ги споменуваме и славиме, оствариле прекрасна животворна нитка со Богочовекот Исус Христос, внимавајќи на својот живот. Вечната радост која треба да ја добиеме по дар Божји, единствено може да се здобие преку постојаното воздржување од гревот, и се подразбира и во определените периоди и воздржувајќи се од блажната храна, и никако на друг начин.
Светителите кои ги прославуваме во светата Православна Црква, се нашите прекрасни примери на нашата вера, со севкупните верски принципи за кои сега зборуваме. Преку сите светии, ние ја согледуваме прекрасната наша вера, во која ги постулираме сите потребни и вистински правила и принципи, но сепак, сите тие закони се втемелени на вечните Божји вредности, кои се испреплетуваат и составуваат во единствената и прекрасна, најубава добродетел која претставува круна на сè видливо и невидливо, а тоа е љубовта. Богочовекот Исус Христос е самата љубов, Тој ја докажа таа љубов.
Поради љубовта сме создадени; поради љубовта постои сè видливо и невидливо; поради љубовта живееме; преку љубовта ќе се спасиме. Господ е љубов и во Него таа извира. И ние треба да ја здобиеме таа вечна, совршена, бескрајна Божја полнота.
Нека биде честит и благословен почетокот на постот браќа и сестри. За многу години!