Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денеска сакам да зборувам за љубовта. Не затоа што до сега не сум зборувал, туку постојано сакам да го славам Бог, во Неговото својство, во Неговото делување, во Неговиот личносен однос. Сакам да ја истакнам Божјата сила во која Тој постои. Сакам да зборувам за совршената љубов од својата лична потреба за таа вечна љубов. Сакам во таа љубов да пребива нашиот свет, да ја здобие нашиот свет таа прекрасна сила, за да се оствариме како вистински луѓе, во светот, та да се препознаваме помеѓу себе единствено во љубовта.
Науката вели дека ние сме суштества, со некаква специфичност за разлика од сите други суштества, небаре сме некакви специфични животни. Впрочем ние не сме некакви суштества, како тоа биологијата за нас вели, или пак некакви саможиви индивидуи, туку, ние сме исклучителни личности кои се остваруваме како свети икони Божји во љубовната, личносна заедница помеѓу себе, и во сојузот со Бог.
Општата категорија на поимот суштество, се класифицира со отсуството на свест; или пак некој ќе рече едноставно дека ние сме суштества со свест, без некакви специфични квалитети, и нема да согледа никаква мистична тајна. Тогаш секако, човекот ќе се сведе на едно од многубројните суштества кои живеат по природните инстинкти и нагони. Впрочем, анализирајќи го светот во историјата на своето постоење, генерално, човекот во својата огревовена природа, афирмира навистина животински нагони и инстинкти, водејќи живот по некаква теорија на еволуција, случајност, снаоѓање, преживување, самољубивост и т.н.
Во богословски контекст, човекот е создаден за да биде обожен како свесна и трезвеноумна личност, а не за да биде некакво животинско суштество. Нашата свест е исклучителна дарба Божја, во која иманентно се сведочи Божјата Волја, свесно, трезвеноумно, одговорно, однесувајќи се во нашиот личен живот во светот, кон светот и кон Творецот, во законот на љубовта.
Го славам Бог истакнувајќи ја Неговата љубов поради која го создаде светот, подготвувајќи го светот за Себе, за да постане Синот Божји вистински свет, да постане пример и архетип на целиот свет. Синот Божји се очовечи, се отелотвори, постана материја од светот, се роди во нашата природа, за да ја докаже Својата љубов пред нас, за да ја вкусиме и ние директно преку Него таа љубов. Божјата љубов, за нас беше апстрактна категорија, додека Тој лично не постана дел од нас, еден од нас, ист како нас, но со една најважна разлика, а тоа е, дека немаше грев како нас.
Најважното својство на вечниот Бог е вечната љубов. Божјото дејство со кое Тој се пројавува во светот е во силата на вечната совршена љубов. Светотаинското Откровение со кое Тој му се открива на човекот во светот е во моќта на љубовта. Карактеристиката на личносниот однос во Света Троица, и она што Го прави Бог да биде, впрочем, тоа што е Тој самиот: тоа е вечната апсолутна љубов. Бог е изворот на вечната љубов. Бог Света Троица е Љубов. Господ е Љубов. Единственото Божјо својство, во кое Бог постои, создава и осветува, е во љубовта. Тоа пак значи, дека меѓусебниот Божји однос на Трите Личности, во нивната трансцедентна, метафизичка кохезија е втемелен во љубовта. Впрочем, совршената Личност го остварува Своето совршенство, единствено во апсолутната љубов во која постои.
Љубовта е вечна Божја категорија. Љубовта е Божјиот вечен атрибут. Љубовта е единствената сила Божја. Љубовта е извор на сè. Љубовта сè создава. Љубовта е животворна. Љубовта е радост. Љубовта е среќа. Љубовта е фундаменталната вистина. Љубовта е вечна енергија. Љубовта е совршена категорија.
Господ сè што создава, создава во вечноста преку вечната и совршена љубов. Единствената движечка сила преку која Творецот создава е љубовта. Божјата љубов нема граница. Таа љубов нема форма, нема рамка, нема крај, нема ограничување. Божјата љубов нема интерес. Божјата љубов е постојано полнота и совршенство. Божјата љубов е енергија Божја. Божјата љубов е впрочем Божјата благодат која се подарува во светот.
Бог се открива преку Својата икономија во светот. Тој делува во светот поради Неговата Пресвета Волја, Која посакува да го спаси светот. Божјиот план и домострој на спасението, е сè она што Тој го создал, да биде во вечната Божја прегратка. Сè она што е создадено, да биде вечно живо, во радоста, во љубовта. Бог ја подарува Својата Љубов, безрезервно, бесконечно, безгранично. Впрочем, Божјата љубов не би била совршена доколку не се подарува потполно, постојано, богато и совршено.
После сите овие споменати, совршени и прекрасни карактеристики на нашиот вечен Творец, треба да напоменеме дека и човекот добива Божји дар да биде личност. Бог го создава човекот да биде сличен со Него. Човекот добива на дар бесконечност, со свој личен почеток, и добива неповторена единствена личност со слободен разум. Човекот ја добива својата личност на подарок од својот Творец. Та човекот како личност, за да го оправда своето постоење пред својот Творец на нај позитивен начин, та за да ја наследи вечната убавина која е во Бог, треба да се оствари како позитивна личност, единствено во заедницата со Бог.
Та сепак, човекот за да ја оствари позитивна личност, треба без сомнеж, да биде и во позитивен однос со целиот свет, со целата материјална природа. Човекот, треба да се остварува како човек во меѓусебниот позитивен однос со другите луѓе. Позитивноста ја подразбира единствено љубовта. Но пак, љубовта која треба да ја исполнуваме, треба да биде постојана и бесконечна. Љубовта не можеме да ја мериме во количина. Љубовта не можеме да ја подаруваме поради некои свои лични причини. Не можеме еднаш да љубиме, а потоа да престанеме да љубиме. Во љубовта нема флуктуација. Во љубовта нема циклични периоди. Љубовта е вистинска кога е постојана!
Доколку човекот постане икона Божја, доколку човекот се поврзе со Бога, доколку човекот постане чаша во која ќе се излие Божјата Благодат, тогаш човекот, единствено на тој начин ќе ја шири во светот таа Божја совршена љубов. Љубовта за да биде совршена, не може да се контролира. Не може да се пренасочува. Не може да се наплаќа.
Бог ни дарува и ние подаруваме. Бог излева од Себе во нас, и ние излеваме кон светот. На дар добиваме, на дар и подаруваме. Господ е совршен и ние треба да бидеме сопричесници со Божјата совршеност.
Човекот е словесно битие. Тој претставува умна и разумна личност. Сè што сме добиле од Бога, сме го добиле како дар, кој пак сега веќе, треба да го оправдаме. Тој подарен дар е нашиот исклучителен залог за здобивање на Рајот во вечниот живот. Господ воопшто не инсистира. Господ воопшто не нè условува. Господ никако не ни се заканува. Нашиот живот го остваруваме по нашата слободна волја. Но сепак треба да си го поставиме прашањето: дали сè ни е дозволено и ни е на корист?
И сепак, треба да знаеме, дека слободата која ја имаме како дар Божји, не се остварува во гревот. Слободата која ја добивме, не се остварува во правењето зло. Никако не може да постои еден ист извор со питка – блага и прекрасна вода, и во исто време, да има горчлива – отровна вода. Не можеме да се однесуваме дуално, да имаме двојни стандарди. Доколку Го имаме Бога во себе, тогаш нашето однесување ќе биде совршено. Доколку пак Го немаме Бога во себе, тогаш се обезличуваме и престануваме да бидеме добри луѓе.
Господ го создава светот со единствена намера, да го спаси тој свет. Светот е создаден од ништо. Ништо претходно не постоело, немало никаква прамордијална, прапостоечка материја од која евентуално Господ земал. Туку без ништо, Господ ја создал материјата. Господ го создал светот по Неговата Волја. Но иако е светот создаден од Господа, самата таа создадена материја, не е совршена. Нашата материја е смртна и несовршена. Затоа материјата за да постои, мора да биде во коегзистенцијата со Бог.
Светот за да биде вечно жив, не може да биде само во некаков комуникативен однос со Господ, поточно, светот мора да биде во Бога. Светот треба да се оствари во Бог, на истиот прототипски начин како што бил светот формиран и конципиран во Синот Божји, во Логосот Божји, во вечноста, уште не материјализиран, но осветен во вечната идеја Божја, согледан во совршеноста, остварен од совршеноста, конципиран како совршен. Но, вечноста е постојана, безвременска, та и денеска светот се согледува богословствувајќи од аспект на вечноста, во единствениот личносен однос со Творецот. Господ го создава светот, подготвувајќи го од самиот почеток, да биде дел од Бога, да биде во Господа, да биде сопричесен со Бог, да коегзистира со Божјата природа. Но не да биде материјалната природа слеана во Божјата природа, туку да биде дел од Света Троица, неслеано, вечно, здружено, во заедницата на љубовта.
Браќа и сестри, љубовта е човечкиот украс. Бог нè дарува со љубов, за да постанеме примери на таа љубов. Ние сме должни и одговорни пред Бог во своето однесување, внимавајќи да не ја загубиме љубовта. Без љубов, ќе бидеме без Бог. Со докажувањето во љубовта кон светот, ќе бидеме признаени пред Бог дека сме Негови чеда.
Бидете благословени од сега и до века. За многу години.
