Недела 11. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска во Светото Евангелие, ја слушнавме параболата која им ја кажува Исус Христос на Своите ученици. Оваа парабола е симбол за Божјата доброта и за човечката немилосрдност. Господ секогаш милостиво погледнува кон Своите созданија, додека пак, созданијата помеѓу себе, во својата лична слобода, наместо да го остваруваат позитивниот квалитет на слободата со личното претставување во меѓусебниот љубовен однос, тие се остваруваат во злото, деградирајќи се себе си како Божји созданија и како возможни синови Божји. Велам возможни, затоа што ние треба самостојно и слободно да се оствариме во доброто. Бог ја исчекува нашата позитивна одлука да го прифатиме прекрасниот љубовен вредносен систем во нашиот живот, за да постанеме Негови синови, по Неговиот дар. Доколку, пак, немаме позитивен квалитет во нас, во иднината ќе вкусиме вечна тага и вечен ужас.

„Затоа царството небесно прилега на цар кој сакал да ја расчисти сметката со своите слуги“ (Матеј 18, 23).

Навистина Царството Божјо е Царство во кое живеат единствено луѓе кои Му се верни на Самиот Цар. Впрочем, ниту еден цар во своето царство не прифаќа да биде опкружен со неверни, лукави и лицемерни луѓе. Тие кои не го почитуваат својот цар, нема воопшто да бидат блиску до царот. На овој сликовит начин, и Царот на царевите, Бог над боговите, сака да ги прими во Своето царство единствено тие кои Го почитуваат Него.

Господ сака да ја расчисти сметката, да ги испита своите сограѓани, да ја испита нивната вера. Но сепак, Господ не сака никого на сила да приброи во Своето прекрасно и совршено царство. Господ исчекува од нас уште денеска да живееме одговорно, подготвувајќи се во секој момент да бидеме достојни за преселувањето кај Царот Кого Го почитуваме. Но, почитувањето не е доволно во некаква културолошка форма на однесување. Кон својот Цар, кон својот Творец, кон својот Господ, ние пристапуваме со потполна доверба, со потполна вера, со потполна љубов. Нашиот живот го принесуваме и даруваме во Неговите раце, во Неговата пресвета волја, а тоа е возможно единствено само кога Го љубиме и кога копнееме за Него. Доколку денеска Го љубиме својот Цар, тогаш ќе исчекуваме да  ни ја подари возможноста да живееме со Него, покрај Него, та љубовта која ја изразуваме денеска, таа прекрасна емоција и таа најпрекрасна добротел, ќе биде нашиот украс и нашиот симбол со кој ќе се претставиме пред Него.

„Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа кај него еден што му должеше десет илјади таланти“ (Матеј 18, 24).

Царот е моќен владетел Кој има власт кон Своите, кон оние кои живеат во Неговото царство. Пристапувајќи во Божјото царство, човекот треба да има предвид дека со добродетелноста, како првенствена морална вредност, ќе може да го здобиеме Божјото царство. Творецот од нас исчекува да бидеме полни со добрина и милост. Од самото раѓање до телесната смрт, човекот единствено треба да внимава на својата душевна состојба.

Душата треба да изразува добри чувства, а срцето треба да биде исполнето со многу љубов. Впрочем, веруваме во нашиот Цар, и уште сега Тој ни ја подарува Негова заштита, и претвкусувајќи ја таа утеха, примајќи ја Царевата сила и моќ на себе, постојано копнеејќи за Него, се надеваме да Го здогледаме лично Царот и да се претставиме конечно пред Него. Та Тој лично да нè препознае како Негови синови кои Го љубеле уште додека биле на служба во светот, трудејќи се во љубовната, личносна човекољубива трудољубивост. Та кога ќе застанеме пред Него да имаме скапоцена и долична облека со која ќе бидеме украсени во тој судбоносен момент за нас, да имаме прекрасни дарови на љубов во нашата душа, со квалитетен добродетелен вредносен систем, со љубовната вера во Господа и во меѓусебното човечко однесување во светот.

Царот секако ќе ги согледа сите наши гревови, но ќе се потруди да го пронајде и нашето покајание. Да ги пронајде сите наши тајни и јавни солзи кои сме ги излеале во нашето покајание, ќе ги согледа и пронајде, сите наши молитви кои сме ги упатувале кон Него во нашите срца, постојано во секој еден момент од нашиот живот. Ќе ги бара и пронајде сите наши извиненија кон секого кого сме го навредиле, нажалостиле, сме му напакостиле. Ќе ги пронајде и сите наши добри дела кои сме ги направиле кон луѓето со кои сме живееле и соработувале. Ќе ги бара и пронајде сите ветувања кои сме ги давале пред Него, како пред Праведен Цар и Судија Кој има совршено право и власт над сè видливо и невидливо.

Доколку, пак, пронајде во нас, некаков грев или некаков заостанат долг, тогаш ќе биде совршено и перфектно Праведен е да ни суди. Тој е совршен Творец и Создател со пресветата Негова волја, волја која се пројавува во совршената Негова љубов, Тој е апсолутната совршена, добра, чиста и безгрешна власт, која има право над целокупната творба да го даде конечниот суд со кој се одредува местото на човечката душа во вечноста.

Доколку нашиот Цар, пронајде во нас добрина, доколку пронајде покајание, тогаш ќе ни го прости заостанатиот долг кон другите, и кон Него. Ние пак, во молитвата Оче Наш, се молиме на Отецот Небесен, спомнувајќи дека како што им ги проштеваме долговите на нашите должници, така како што ние им го проштеваме злото на нашите противници, не преземајќи го злото во нашето срце, поради злото кое го доживуваме од нашите непријатели, туку молитвено се надеваме дека Господ ќе биде милостив и кон нас. Да правиме добро, за да очекуваме добро.

Доколку, пак, не бидеме милостиви кон другите, доколку го прифаќаме злото и со зло возвраќаме на ист начин кон тие кои ни создаваат проблеми, тогаш ние ќе бидеме исти како сите грешници. Не можеме никогаш да пронајдеме оправдување за злото, ниту под еден услов. Злото е зло, гревот е грев! Нема оправдување кон таа деструктивна сила. Нема никогаш и никакво оправдување кон свесното и насилно уништување на животот.

Животот е дар Божји поради Неговата совршена љубов, та секакво насилно уништување или негирање е богопротивно и сатанско. Секоја свесна нетрпеливост кон другиот, или деструкција, или нетолеранција, или омраза, нè одвојува од Творецот и Изворот на љубовта.

Прекрасниот Цар е човекољубив и многумилостив, Тој ни ги простува нашите гревови и исчекува од нас истото тоа да го правиме помеѓу себе. Доколку бидеме внимателни кон светот, доколку ја изразуваме својата култура на позитивен начин, ќе ја покажеме личната вера и доверба која ја имаме кон Него. Доколку Го љубиме искрено својот Цар, доколку Тој нè препознава и ни ја подарува Неговата сила и на тој начин нè закрилува, тогаш нашето почитување кон Него ќе го изразуваме и околу нас кон секого. Тоа што го имаме впиено во себе од Него, тоа ќе се прелева од нас и кон светот.

Каков култ имаме, таква култура ќе изразуваме.

Добриот, многумилостив и човекољубив Господар го помилувал својот слуга, додека пак тој истиот слуга немал милост кон својот другар. Во човештвото вакви ситуации има постојано, но тоа што е постојано, воопшто не смее да биде позитивно и нормално. Тоа што е денеска нормално за огревовениот свет, тоа не смееме ние како чеда Божји да го впиваме како вредност. Доколку светот постанал огревовоен во својата слобода, со искривени човечки вредности, тоа на нас, како трезвеноумни, нема да влијае и никако не смее да ни постане нормално за да го прифатиме.

Ние во својот живот денеска, со своето однесување се самоопределуваме за во иднината, во вечноста. Ние денеска го трасираме својот пат за во вечноста. Доколку денеска чиниме зло, тогаш, зло ќе очекуваме во иднината. Доколку денеска ја исполнуваме со зло својата душа, таа постоејќи во таа состојба на деструкција, ќе се пресели во вечната мака. Маката е злото кое го чувствува душата. Состојбата на душата денеска, ќе ја резултира својата иднина.

Господ го казнил лошиот слуга, поради неговата немилосрдност, и поради злото кое го покажал кон својот другар. Господ во конечноста, ќе ја види состојбата на нашата душа и доколку злото се пројавува чисто и јасно, тогаш самата душа ќе го добие заслуженото, она во што постојано престојувала, во тоа и ќе се пресели во вечноста. Господ нема на сила да и даде на лошата душа, добро, затоа што тоа добро за неа е не вообичаено и не е по нејзината слободна волја. Тоа што го сакаме и бараме, тоа и ќе го добиеме.

„Така и Мојот Отец небесен ќе постапи со вас, ако секој од вас не му ги прости од срце грешките на брата си“ (Матеј 18, 35).

Господ ја постулира нашата вера, го постулира нашиот квалитет. Сè што треба да правиме е да живееме во доброто. Без добро, нема надеж!

Нашиот вредносен систем е нашиот Спасител. Тој е нашиот заштитник и нашиот принцип. Нашата мајка е Светата Црква, која нè собира и прегрнува во нејзиниот љубовен однос. Светителите се нашите примери во кои се согледуваме себеси. Секако дека милоста, добрината, сочувството и сите други добродетели се нашиот вредносен систем, кој е втемелен и постулиран во единствената најпрекрасна и блескава круна на системот, а тоа е љубовта.

За многу години браќа и сестри.