Недела 11. по Педесетница

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Ние сме дел од заедницата на Црквата. Црквата е соборноста на верата кај луѓето. Луѓето верувајќи во Господа Исуса Христа ја создаваат заедницата на соборот. Соборноста е нашиот фундаментален закон на изразувањето во верата. Верата наша реално, навистина е кај секого индивидуална, лична перцепција, но, таа лична вера се остварува единствено преку заедничкото соборно остварување во Црквата. Соборноста во Црквата го остварува Телото Божјо, Телото Христово.

Црквата е Божја заедница на земјата. Но, во истиот момент, Црквата е есхатолошка заедница во вечноста. Црквата е историска моментална заедница, која исто така моментално е во вечноста. Во Црквата учествуваат и порано упокоените нејзини членови, заедно со сега присутните членови. Црквата е Телото Христово. Црквата е Христовата Невеста опишана во Откровението на Светиот Евангелист и Апостол Јован. Христос се венчал со Црквата преку својата саможртва која ја остварува единствено преку љубовта.

Љубовта е фундаментот на нашата соборност. Љубовта Христова, љубовта Божја ни се открива единствено преко Христовата саможртва. Бог се жртвува, но не за Себе! Бог се саможртвува поради нас луѓето! Значи, љубовта Божја е света и совршена затоа што се шири и дели без интерес, кон создадените од Него творенија, но единствено поради Божјата совршена и вечна желба. Господ го создава светот не за да го остави и заборави. Не за да го искушува или пак цинично да го исчекува неговото уништување. Туку Бог го создава светот за да го обожи и освети, за да го привлече кон Себе во вечноста. Господ сè што создава, го остварува единствено преку љубовта. Затоа и реално ја докажува Својата совршена љубов преку Својот Син Кого Го праќа во светот, да ја оствари најголемата тајна над тајните, а тоа е да биде жртвуван за да биде осветен, охристовен целиот свет.

Жртвувањето Божјо е тајната која морала да се оствари, за да биде створената природа обожена и осветена. Но, љубовта не може да биде само спекулативна философија, туку љубовта мора да биде реално делатна, практична остварлива категорија. А пак љубовта се остварува единствено преку личната слободна волја. Љубовта не може да биде автоматска категорија. Не може љубовта да биде само мисловна именка. Не може само да си зборуваме за љубовта и така да си мислиме дека сме ја оствариле фундаменталната потреба. Доказот е задолжителен знак со кого ја докажуваме својата вера.

Законот Божји е втемелен во љубовта. За нас, пак, луѓето, законот го перцепираме како комплексен состав на разни правила и обврски. А Божјиот Закон кој им се дарува на луѓето е втемелен во љубовта. Десетте Божји заповеди од Стариот Завет се синтезирани во новите две заповеди. Во Новиот Завет во кој што и ние денеска живееме, десетте Божји заповеди, Исус Христос ги собира во суштината на законот и ги втемелува во нови две Негови заповеди. Тие две нови заповеди се поставени во постулатот на љубовта. Љубовта Божја е општа и вечна категорија која нема граница. Границата не познава разлики за да можеме да ја градираме. Мерката количина во совршеноста не постои. Совршеноста не  подразбира мерка. Совршеноста е апсолутна тогаш кога е бесконечна и потполна, без недостаток.  

Исполнувањето на љубовта треба да биде во нашата слободна волја. Волјата е пресудна за да бидеме вистински луѓе. Луѓето за да бидат остварени во својата првобитна идеја, единствено треба да ја остваруваат љубовта во слободната своја волја. На човекот му е дадена слободата како дар Божји. Слободата е алката која го „сврзува синџирот“ со кој ја остваруваме врската со Бог. Човекот за да ја оствари својата цел која му е наменета од Бога Творецот, треба слободно да посака да одговори позитивно на љубовта Божја која му се подарува. И не само да одговори позитивно на Божјата љубов, туку треба и да ја шири и остварува таа љубов во соживотот со сите други луѓе. Бог му наменил рај на човекот, но рајот се постигнува единствено преку човечката волја. Човекот гледајќи го Божји пример во Новиот Завет, преку саможртвата Божја, преку Христовата жртва, треба да биде мотивиран за реално делање и ширење на љубовта кон светот. Затоа што единствената вечна вистина е љубовта. Љубовта е таа која создава. Љубовта е таа која остварува. Љубовта е основата на нашата вера. А без делатна љубов, нема да биде остварено нити спасението на човекот.

Сите во Црквата Божја сме браќа и сестри. Од претходно споменатото, ние сега подразбираме дека сме сите едно Тело. Причестувајќи се со Телото и Крвта Божји, ние стануваме Христови чеда. Ние сме во Бога, во Христа и Христос е во нас. Па така, остварувајќи ја тајната над тајните, ние сите сме едно во Христа.

Телесната близина, или пак фамилијарната роднинска врска ништо не значи автоматски, доколку ја немаме душевната близина со луѓето. Во нашиот контекст за кој што зборуваме, а зборуваме за Црквата, брат и сестра не се тие кој што ми се фамилијарно автоматски наречени. Брат и сестра во Телото Христово ми се сите луѓе. Христос нè подучува во Евангелието, дека близок ти е секој човек. Нели се сеќаваме на оној пример кој ни Го кажуваше нашиот Спасител, кога беше претепан еден човек и оставен во своите рани и маки поред патот. Замислете си еве денес, да биде во смртни маки некој непознат човек. Та на таков непознат човек, во своите смртни маки, да му помогне оној од кого не сме очекувале.

Во Христовиот расказ за тоа дело на човечката грубост, треба да ја препознаеме поуката која што ни ја дава Господ. Тогаш Самарјаните биле сметани за неверници и богохулници, затоа што верувале во некаков помешан концепт на вера. Јудејската вера ја искривиле и помешале со разни други верувања. Затоа пак, Јудејците не можеле да претпостават дека еден таков лош верник Самарјанин, може да покаже сострадување. Но, тој, Самарјанинот, имал милост, имал сочувство, имал емпатија, имал љубов. Па својата вера ја покажал преку делото. Тој му помогнал на непознатиот намачен човек. Тој се погрижил за братот свој. Тој го видел во непознатиот човек својот брат. О, колку е дивен и чудесен овој пример. Денеска е реткост да сретнеш човек со толку голема вера која е втемелена во вистинска делотворна љубов. Но, овој пример на милосрдниот Самарјанин ќе биде фундаментален постулат на вистинската вера кај човекот. Овој пример ќе биде инспирација до крајот на времето. Овој пример ќе го сфатат единствено оние луѓе кои навистина го делат таквиот став и го делат тоа мислење.

А милосрдниот Самарјанин го претставува Самиот Господ Исус Христос. Тој, Синот Божји, дојде на земјата, за да поживее со луѓето. За да му помогне на секого во својата мака. Секој доаѓаше кај Исуса со својата мака и со својата потреба и Господ Исус му помагаше на секого во својата потреба. Исус Христос оствари безброј чуда која не можат да се опишат. Господ ни го остави Својот пример, Својот вечен принцип. Принципот на љубовта. Тој помагаше секому, без исклучок, без интерес. Тој им служеше на луѓето. Служењето е фундаменот на нашата вера. Но, не служењето во својот личен интерес постулирајќи Себе како моќен субјект кој ќе ги контролира луѓето. Туку, самоунижувајќи себе, самоиспразнувајќи го својот карактер, се остваруваше преку искуството на милосрдието и човекољубието. Тој ни покажа како треба и ние да постапуваме. Сè е покажано преку личниот Божји пример.

Браќата и сестрите во Црквата Божја треба да се мојот живот. Животот мој е во Христа мојот Спасител, а јас постојам како дел на Телото Божјо, во Телото на заедницата. Па следствено, ако е мојот живот Бог Исус Христос, тогаш и мојот живот ќе бидат членовите на Црквата Божја. Милосрдието и човекољубието ја преминуваат границата на рамковното изразување, па така, мојот живот е секој човек во светот. Човекот е моето огледало. Гледајќи го човекот наспроти мене, се гледам себе. Јас сум тој, тој е јас. За да постојам, јас требам да бидам еден од сите. Јас сум микрокосмос во макрокосмосот.

Но, Христос е Еден за сите. Христос е праобразот на луѓето. Христос е Принципот и Примерот за сите луѓе. Сите ние се остваруваме како луѓе во Христа. А преку Христа, се остваруваме како луѓе во секого од нас, во меѓусебната љубов. Љубовта е Бог, та партиципирајќи во таа Љубов, ние ја изразуваме иманентно во себе, во своето битие, и реално, делатно се поврзуваме помеѓу себе, остварувајќи ја првобитната идеја Божја да бидеме сите икони Божји. Заедницата нѐ спасува. Заедницата во Христа.

Светиот Апостол Павле во своето послание вели: „Ако за други не сум апостол, за вас сепак сум. Бидејќи вие сте печатот на моето апостолство во Господа“ (1.Кор. 9-2). Апостолот говори дека се трудел за Коринтјаните во секоја смисла. Се трудел да ги формира како Црква. Се трудел да ги воспита како заедница на љубовта. Тој постојано се саможртвувал, трудејќи се во секакви искушенија да ја покаже својата вера и да го постулира своето теолошко согледување во верата. Павле, подучувајќи ги нив тогаш, денеска и нас нè подучува. Тоа подучување се остварува преку Светиот Дух. Духот Божји Кој е ист отсекогаш, Тој и денеска во Својата Полнота ни ја открива суштината на поуката. Не можеме да кажеме дека тоа што било некогаш напишано во Новиот Свет Завет, дека денеска нема никаква смисла за нас. Се што е напишано во Светата Книга е напишано боговдахнато со силата на Светиот Дух. Па така и ние денеска инспирирајќи се преку Светиот Дух, читајќи го Новиот Завет, ни се отвара духовната перцепција да можеме да ја сфатиме пораката која се подарува секому.

Апостолот Павле говори дека заедницата на луѓето во верата, е печатот на неговото апостолство. Плодот на неговата вера и љубовта која ја изразувал, се манифестираат во заедницата на Црквата. Апостолството се остварува единствено преку љубовта. Апостолството е ширењето на Христовата вера и наука. А од претходно споменатото, Божјата наука единствено се изразува преку слободната љубов кон заедницата Божја, но и кон сите луѓе.

Денешното Евангелие говори во парабола за милосрдието Божјо и за немилосрдието човечко. Во Евангелието слушнавме дека господарот на царството, сакал да ја расчисти сметката со некој човек, со некој должник. Па бидејќи немал должникот да му врати на својот господар, господарот се налутил и сакал да го казни. Оваа парабола е наменета кон сите нас. Господ е нашиот Цар, Кој еден ден ќе не го повика секого од нас на расчистување на сметката со Него. Доколку имаме грев, доколку водиме грешен живот, нашиот долг кон Господа ќе биде огромен, исто како и кај овој негов слуга. Поради гревот на тој човек, ќе бидат казнети и неговите најблиски, затоа што и тие учествувале во неговиот грев. Господарот од Евангелскиот расказ, сака немилосрдно да го казни слугата, затоа што слугата нема да го врати долгот. Но, слугата, во својот очај, го моли својот господар на колена, да се смилува кон него и да не го казнува.

Сега пак гледаме еден чудесен пресврт. Господарот се смилува на овој свој слуга. Само поради молитвите на овој човек, господарот бива умилостивен. Господ го покажува своето човекољубие кон молитвениците и преку молитвата го брише гревот на човекот. Бог е велик и Неговата милост е безгранична. Така слугата излегува среќен и си оди дома оправдан во милоста и љубовта Божја.

Но, тој човек, не бил добар и милостив. Не бил достоен за Божјата милост. Па иако Господ му ја укажува милоста и му ги простува гревовите, тој штом го сретнал на улица својот должник, својот другар кој му должел, го фатил и го давел, сакал да го убие барајќи му го долгот. А тој долг бил толку мал, да бил неважен доколку овој му го вратил. Неважен во количината која требал тој лошиот слуга да ја исплати на својот господар. Неговиот пак другар го молел да го почека, да се стрпи додека не му го исплати долгот. Но лошиот слуга не бил милостив и го фрлил својот должник во затвор.

Другарите пак, кога виделе што се случува, отишле и му раскажале се на господарот. Господарот, повторно го повикува својот должник пред себе и го прашува, дали и тој треба исто да биде милостив кон својот другар како што тој му покажал милост и му ги простил огромните долгови. Па затоа, господарот го нарекува лукав слуга и го предал на мачителите. Лукавоста е од ѓаволот. Немилосрдието е од ѓаволот.

Доколку не бидеме и ние милосрдни и полни со простување кон другите, нема да бидеме достојни чеда Божји. Господ постојано ни го покажува принципот на милосрдноста кој е втемелен во љубовта. Во таа бесконечна и безгранична љубов. Колку е денеска тешко да се забележи таква љубов.

Во Господа се е возможно. И денеска вистинските чеда Божји се исполнети со љубовта и радоста во Господа. Иконите Божји не можат да бидат тоа, доколку не ја имаат во себе милоста. Милоста е основна добродетел која не остварува како вистински Божји примери. Сочувството е вистинска добродетел која е дел од милоста. Човекољубието е исто така основна добродетел. Сè во основа е добро, затоа што партиципира во единствената најголема добродетел, која е круната на се видливо и невидливо, а тоа е Љубовта. По зборовите на Светиот Апостол Павле, ништо не би биле луѓето доколку ја немаат во себе основната добродетел, љубовта. Човекот ќе ја загуби премисата да биде човек, доколку ја нема во себе љубовта.

Љубовта е нашата моќ, љубовта е нашиот живот, љубовта е нашата насока, љубовта е нашата вистина, љубовта е нашата вера.