Недела 12. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Често зборуваме за добротољубие, за добродетелност, за чистото и свето добро; добро кое е контемплирано во светоста. Доброто за кое често зборуваме се излива од Самиот Бог. Божјото вечно својство е совршеното добро. Често и зборовите кои ги користиме денеска, немаат бескрајна духовна длабочина со која можеме да го искажеме она што е совршен квалитет. Секако дека спекулативно, не можеме да го објасниме Божјото свето делување, затоа што со нашата логика и со нашиот опит не можеме да го доживееме на совршен начин она што е совршено. Ние секако сме несовршени, па и нашето поимање за трансцеденцијата е со една несовршена перцепција.

Единствено преку мистичното молитвено тихување со нашата душа и со нашиот ум, ние можеме молчејќи, да го поимаме она трансцедентното и совршеното, но во одредена мерка, во која што Бог нам ни се открива. Секако дека ние, несовршените, не можеме да ја поимиме совршената и вечна суштина Божја, туку единствено можеме на светотаински начин, да ја контемплираме Божјата Благодат во мерката која ќе ни биде одредена од Самиот Господ.

Ние, како несовршени, не можеме често да ги сфатиме тајните Божји. И Бог нам ни се открива постепено како што созреваме. Ние сме создадени за да созрееме во плодови на рајот, во плодови на благодатната убавина, во плодови кои ќе бидат бескрајно убави во секоја совршена и чиста смисла. Ние сме создадени за да се оствариме како прекрасни Божји креации кои ќе бидат наградени со Божјата светост, за да постанеме совршени плодови на Божјиот Домострој на спасението.

Секако дека само со нашиот разум не можеме да Го достигнеме Господ, не можеме да Го осознаеме и да Го откриеме. Не можеме само со нашите природни сили на човечката несовршеност, да го пронајдеме Бог. Не можеме со нашиот ограничен ум, да го поимиме и осознаеме преку интелигенцијата која ни е дадена како некаков човечки предуслов за полесно учење на работите околу себе во својот живот.

Ние секако имаме дар Божји да бидеме креативни, да бидеме уметници, да создаваме, да креираме разни идеи. Но, како созданија, нашата креативност не е совршена, и нашите дела се минливи и пропадливи. Тоа што ние го имаме околу себе е минливо. Светот е минлив, во својата природа, еднаква за сите. Нашите дела се креации од истата природа што е во самата нејзина суштина минлива, па колку и да имаме некаква дарба за да создадеме нешто, тоа нешто нема да биде совршено.

Добродетелите се дар Божји. Преку молитвениот подвиг кој го имаме, со слободната лична волја која позитивно ќе ја изразуваме, трудејќи се и усовршувајќи се, треба постојано да пребиваме во покајание. Нашата свесност дека сме грешни треба да биде постојана, та смиреноумно, молитвено, кротко, покајно, Господ ќе го види нашиот подвиг и труд, и ќе ни помогне да ја здобиеме добродетелноста во нашите души.

Навистина единственото совршено Добро е Бог. Бог е апсолутна добра бескрајност која нема граница. Тој создава од Себе, по Својата волја, креира добро и прекрасно, затоа што  Тој е добар и прекрасен. Вечните Божји атрибути се најпрекрасните, најдобрите и најсовршените квалитети кои ние можеме да ги осознаеме. Секако, затоа што не можеме да ги перцепираме во потполната апсолутност, совршеното Божјо добро, ги преминува нашите граници на поимањето. Тој е непоимлив во мерката во која вистински Тој постои, затоа што ние сме несовршени за да Го осознаеме потполно.

Во денешното свето Евангелие, слушнавме за богатиот млад човек, кој разговарал со Господ Исус Христос. Како тогаш, така и денеска, од секогаш, човекот се прашува за суштината на животот и начинот преку кој може да се достигне спасението. Господ проповедајќи на разни места ја претставувал Божјата наука. Но често, луѓето не Го доживувале како Бог, како Син Божји, туку, Го доживувале како продуховен и мудар Учител. Тие ја согледувале „мирната наука“ која Богочовекот Исус Христос ја претставувал, но сепак, не Го доживувале како Син Божји.

На таков начин и овој богат млад човек, Му пристапил и Го прашал искрено што треба да прави за да наследи вечен живот. Но, Го прашал обраќајќи Му се и нарекувајќи Го Исус Христос „Учител добар“. Господ веднаш му возвратил со потпрашање, мотивирајќи го човекот на размислување. Господ го прашува, зошто Го нарекува добар Учител, кога единствено Господ е добар. На ова место согледуваме, дека момчето воопшто не Го доживувало Исус Христос како Бог, туку како еден од учителите, кои говорат нешто добро. Впрочем, момчето имало желба да се спаси и да живее во добрата вечност, но сепак, далеку бил од духовната блискост со вечното добро.

Често и денеска, многумина, генерално, посакуваат да го наследат рајот, но воопшто не го согледуваат и поимаат вистинскиот начин преку тоа како се наследува и здобива Божјиот рај. Некако општо, луѓето го поимаат Законот Божји во формализам и рамки на некакви определени обичаи, празни бездушни исполнувања на некакви принципи. А вистинско духовно, чисто и свето чувство кон Господ немаат. Воопшто не Го чувствуваат Духот Божји кој делува во светот. Генерално за луѓето, ладното исполнување на формалниот номинален пристап во заедницата, е успешно остварување и потврдување со својата логична разумност, која го задоволува критериумот за успешно остварување на обврската кон доброто.

Младото момче, сака да прави добро и прашува какво добро да прави за да го наследи рајот. Господ му кажува дека треба да живее по законот Божји, почитувајќи ги десетте Божји Заповеди. На тој одговор, момчето вели, дека уште од младоста тој внимава и се придржува кон исполнување на Божјите Заповеди. Гледате, браќа и сестри, како овој млад човек, побожен верник, така формално лесно, ги исполнува Божјите заповеди, не согледувајќи ја суштината и длабочината на тие заповеди кои не се само формалност. Впрочем во целиот закон Божји, втемелена е една и единствена норма, а тоа е љубовта. Доколку не ја чувствуваме љубовта како најпозитивна емоција и чиста Божја добродетел, тогаш во сè што ќе правиме ќе манифестираме само формалност. Уште полошо би било доколку имаме задолжение кое го правиме затоа што мораме. Впрочем, Божјите заповеди треба да се исполнуваат со бескрајна љубов кон Творецот и кон сè околу нас.

Браќа и сестри, ништо не мораме, доколку не сакаме. Во Црквата Божја, треба да членуваме со чисто срце исполнето со љубов. Не формално, не ладно, туку со добро и позитивно чувство кон секој еден друг, и секако и кон оној кого не го познаваме.

Господ му вели на младиот човек, дека за да постане совршен, треба да се откаже од своето богатство и да го раздаде на сиромасите. Тоа му го вели, та повторно да го мотивира да размислува на добар и совршен начин, за да може да ги поими нештата на вистински начин. Но, срцето на момчето било врзано за своето земско богатство, служејќи потајно на земниот живот. Душата на момчето била оддадена на земниот живот, та неговото поимање на вечноста, е на потполно материјален начин, впрочем, вечноста за момчето е конципирана во земното богатство. Тој не можел да се откаже од своето богатство и многу се натажил, и си отишол.

Значи дека, колку и да е силна благодатта Божја, доколку човечката душа не е чиста, подготвена и добра, нема да може да ја прими во себе. Господ разговарал со момчето, но момчето не Го препознал чудесниот, прекрасниот, совршениот, добриот Господ. За момчето, Господ останал невидлив во душата, иако тој внимавал на заповедите, мислејќи дека на својот формален начин ќе го исполни своето задолжение. Го барал доброто, а Доброто било пред него и тој не Го препознал.

Браќа и сестри, да се трудиме да се подвизуваме во доброто. Да бидеме трудољупци во верата, да го препознаваме доброто во своите души. Добро да посакуваме, добро да правиме и доброто ќе нè пронајде. Да им правиме добро на другите, за и на нас да ни прават добро.

Впрочем, причестувајќи се во Црквата Божја, ние се причестуваме со добриот Господ за добар вечен живот. Нашиот пример е Господ, и Тој ќе нè научи како да бидеме вистински луѓе. Да го предадеме својот живот во прегратките Божји и на Неговата пресвета волја, да нè води на добар пат, за да го здобиеме вечното спасение.

За многу години.