Недела 13. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Сите ние верниците ја образуваме црквата Божја и сите сме членови на Телото Божјо. Телото Божјо, Господ им го нуди и подарува секојдневно на чедата Божји, на светата Литургија. Секојдневно се служи света Литургија во која се остваруваме како вистински икони Божји. Литургијата е нашето спасение. Литургијата се остварува преку соборноста на сите верници, сплотени во Телото Христово. Самиот Христос е Црквата Божја. Богочовекот Исус Христос е главата на Црквата Божја, вечниот и небесен Архијереј, Кој ја возглавува Својата заедница која, пак, се соединува со Неговото Тело. Тој Самиот служи и се подарува на светата Литургија.

Целата суштина на светата Литургија е во историската и вечна крстовоскресна жртва на Богочовекот која се остварува и понатаму секојдневно, како фундамент за нашето спасение. Тој, пак, секако и невидливо присуствува со нас на светата тајновита и мистична молитва која е благодарење кон Бога. Тој се жртвува свештенодејствено, и светотаински учествува дејствувајќи на чудесен и Божји начин, и целата Негова улога во светот е преку чудесната откровенска икономија, со единствена и конечна цел, а тоа е да бидеме сопричесници со Него и учесници во вечноста со Него.

Ние соборно сплотени, во еднобитие остварени, исповедајќи ги основните догмати на вистината во нашата вера, делувајќи во заедницата, слободно вистински љубејќи Го Господа, љубејќи ги луѓето во светот, во едната наша заедничка природа, нееднакви со своите сопствени разлики; ја принесуваме нашата волја кон Господа во едномислие, во наднебесниот Божји жртвеник, сопостоејќи уште денеска во една мисла и еден живот, исчекувајќи го вечниот живот.

Светата Божествена Литургија се нарекува и благодарење кон Бога или пак Евхаристија. Затоа што на Евхаристијата (грчки: efcharisto – благодарам) ние Му благодариме на Бога за сите добрини кои што ги остварува за сите луѓе и за сите нас. Му благодариме и за сеопштото добро. Но пред се му благодариме на Бога поради подарениот живот, поради подарената прилика да бидеме создадени и да можеме да се оствариме во слободата како луѓе. Свештенослужителот, првостоејќи пред престолот Божји, директно учествувајќи во тајните Божји, се моли за сеопшто добро во светот, за сите луѓе и за сè. Та и сите други учествувајќи во лоното на црквата, во љубовната заедница, заедно се молат, но првенствено еден за друг, за сите други, та на самиот крај и за себе.

Љубовната жртва, ја подразбира потполно личната љубов и наклоност кон секој еден друг во светот без исклучок. Љубовната прекрасна емоција кон луѓето, е фундаменталната сила со која треба ние да се остваруваме како битија. За да нè препознае Творецот како вистински луѓе кои се обожиле и осветиле, треба да постанеме вистински луѓе кои имаат во себе љубов за сите и за сè. Самиот свештенослужител, ѓакон, се моли на глас кон Господа и му вели: да го спомне Господ нашиот богодаруван Архиереј, но и да си спомне Господ за сите и за сè.

Велам дека човекот треба во себе да контемплира само една и единствена љубовна сила. Та зборот сила, не е во смислата на деструкцијата и уништувањето, впрочем, силата на љубовта е во преобразувањето кон убавината. Впрочем, Господ создава преку силата на љубовта, та и ние треба да имаме таква љубов, која создава убавини. Сила со која ќе докажеме дека љубиме.

Нашиот живот е дар Божји и ние се молиме и Му благодариме на Бога, пред сè на заедничката соборна света Литургија, секако секојдневно и постојано и лично во себе. На ваков благодарствен начин ние свесно се самоспознаваме, преку слободната благодарност која ја искажуваме кон Господа. Но личната наша молитва нема да биде продуктивна и вистинска доколку ја изразуваме единствено само за нас или, пак, само за некои одредени луѓе кои нам ни се мили поради лични причини. Впрочем, совршеноста е во добрата и позитивна молитвата кон сите други, и на таков начин се осознаваме дека, сите сме едно во Едниот Господ, создадени од Него, само поради љубовт и во Него љубовно сите ќе се поврземе, градејќи вечната љубовна заедница. Денеска постоиме во заедницата на истата природа, во заедницата на човекољубието, во љубовната вера и довербата кон Господа, соединети во Телото Божјо.

Човекот за да биде човек, мора да се осознае дека постанува човек тогаш кога ќе го признае и другиот човек како потполна еднаква личност. Гледајќи го другиот човек се гледаме себеси. Гледајќи го другиот човек и имајќи личносен, слободен и позитивен однос со него, човекот ќе постои како права и вистинска личност. Доколку ги поставуваме единствено само своите лични интереси пред себе, дури и во молитвата, тогаш нема да бидеме удостоени со милоста Божја. Милоста се подарува на оној кој себеси се става на последно место, а сите други ги гледа како достојни да бидат спасени пред него. Доколку имаме вистинска љубов помеѓу себе, преку скрушението и смирението, тогаш ќе бидеме наречени чеда Божји.

Вистинската љубов е во Господа и секој кој Го љуби Бога се остварува како единствена и неповторена личност, и, секако, ќе ги возљуби и сите други луѓе во светот. Човекот кога коегзистира во Божјата прегратка ќе биде на земјата пример за сите луѓе. Ќе постане пример на морал, пример на етичност, пример на човекољубие, затоа што имајќи Го во својата душа Богочовекот Исус Христос, ќе постане вистинска икона Божја и пример на верата. Впрочем светителите Божји се исполнети садови со Божјата Благодат и секој кој пристапува кон тие садови, добива Благодат Божја која се излева преку нив. Оној кој ќе добие Божја Благодат, тој ја добива бесплатно и бесплатно ја подарува слободно, без интерес и со голема љубов на секого кој ќе посака. Бесплатно добиваме од Господа и бесплатно го подаруваме дарот, а тоа е начинот на кој што светите луѓе им помагале на другите луѓе.

Нашата личност треба да биде осветена преку Богочовечката личност на Исус Христос. Ние преку Богочовекот Исус Христос, постануваме и еклисиолошки личности кои ја подразбираат соборноста во заедницата. Човекот за да биде вистинска икона Божја, треба да постане соборна личност, поврзан во единството на верата со сите други верници, во Телото Божјо. А преку соборноста во Христа, на Светата Литургија, човекот постанува и есхатолошка личност во Христа. Сите создадени личности, се поврзуваат во Едната Божја Христова Личност. Еден за сите и сите во Еден. Макрокосмос во микрокосмос. Бог во човекот, целиот свет во Богочовекот. Еден Бог во сѐ.

Човекот постанува едновремено историска, реално моментално постоечка личност и исто така личност поврзана со духовниот свет, во бесконечноста, преку нашиот Бог Исус Христос. Ние како личности во Црквата Божја историски постоиме во сегашноста и во исто време ја предвкусуваме вечноста преку светотаинската, Светотроична Благодатна Тајна, Која преку својственото делување во икономијата го остварува нашето спасение.

Богочовекот Исус Христос е нашиот Пример, тој е нашиот Архетип, Тој е нашиот Праобраз, Тој е нашиот Принцип. Тој е Еден за сите нас, и ние сите поврзани во Него, и преку Него со полнотата на Света Троица. Еден за сите и сите луѓе во Еден Човек, во Богочовекот Исус Христос. Тој е безвременскиот принцип на нашата конечна цел.