Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Денеска на овој ден, започнува црковната нова година. Почетокот на богослужбениот циклус во православна црква е денеска на 14. септември. По црковниот индикт, денеска започнува новиот богослужбен поредок, кој секако го започнуваме со светата Божествена Литургија. Во Православната Црква, светата Литургија е суштината на сè, суштината на целокупната откровенска Божја тајна, која мистично, светотаински, ни се открива и подарува за нашето спасение. Спасението се остварува единствено преку светата Литургија, која е иконата на Царството Божјо, иконата на спасението.
Православната Црква, сите прекрасни моменти, празници, сеќавања, ги празнува преку најпрекрасната веселба, најпрекрасната радост, а тоа е светата Литургија. Господ Исус Христос вели во светото Евангелие, на едно место, дека Царството Божјо прилега на подготвена свадба, на гозба, која е наменета за сите. Сите разумски созданија Божји, се поканети на таа прекрасна гозба. За да влеземе во таа радост, основно е потребно да бидеме крстени и така првоначелно, ќе можеме следствено и директно да бидеме учесници во прекрасната радост на Небесниот Отец. Секако дека, сите гости ќе бидат понудени да го вкусат прекрасното Јагне Божјо Кое се дарува на сите, за простување на гревовите и за спасение.
Светата Литургија е таа прекрасна свадбена гозба, која ја подготвува Небесниот Отец, возљубувајќи ги сите свои созданија и дарувајќи им ја возможноста да уживаат заедно со Него во вечната слава, во прекрасната љубовна заедница. Синот Божји пак, слободно со Својата Волја, го љуби Својот Отец Небесен, та се дарува на Својата творба поради таа совршена љубов, како залог за вечен живот на светата Литургија, во светата црква Божја. Тој како Јагне Божјо, Кое се жртвува за вечен живот, се подарува светотаински на светот, во љубовната Своја заедница. Светиот Дух, во љубовната заедница на Света Троица, соработувајќи во Божјиот Домострој на спасението, осветувајќи дејствува.
Во денешното свето Евангелие, прочитавме дека, Исус Христос дошол еден саботен ден во Јудејската синагога и застанал да чита и да проповеда. Му ја подале книгата на пророкот Исаија и Тој веднаш го нашол местото каде што било напишано: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза да им соопштам радосна вест на сиромашните…“(Лука 4, 18), „Денес се исполни ова писмо што го чувте“ (Лука 4, 21).
Ова пророштво било наменето токму за Него. Светиот пророк Исаија живеел во осмиот век пред Христа, и оттогаш датира ова пророштво, кое било наменето токму за Исус Христос. Духот Божји Кој го вдахновувал светиот пророк тогаш да пророкува и пишува, и после толку векови, прецизно и јасно го објавува Спасителот пред слушателите во Јудејската синагога. Но сепак, не биле слушателите вдахновени во своите души со Светиот Дух, та тоа што го проповедал последователно Исус Христос, тие воопшто не го прифаќале и затоа Го истерале од Синагогата. Светиот Дух бил далеку од душите и срцата на самонаречените учители и верници во Јудејската вера. Тие потајно во срцата свои воопшто не Го љубеле Господ, та затоа и не Го препознале. Тој стоел јавно на средината како Богочовек и проповедал, но тие помрачени и озлобени, воопшто не Го препознале својот Творец. Тие биле прекрасни само на глас, тие биле само надворешно чисти и праведни, но внатре во своите души и срца, биле лоши и помрачени.
На едно друго место, во Евангелието Божјо, Господ говори за Себе, сведочејќи ги тајните Божји. Христос вели за Себе: „Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото“ (Јован 3, 13). Исус Христос исповеда дека Тој е вистински човек и дека во моментот во историјата е на земјата, но и исто така е во вечноста на небото, во трансцедентноста. Тој ја сведочи Тајната на Богочовечката Негова Личност. Роден пред сите векови од Бога Отецот, но во историјата роден како човек со Неговата Божја Предвечна Личност. Па така, единствено Тој е постојано, потполно присутен во ист момент на секаде.
Господ е вечен, но светот не е вечен. Светот е создаден од Бог, створен е преку Синот Божји, со содејството на Светиот Дух. Светот е предвечна идеја на Отецот Небески, но испланиран е како предвечна концепција во Синот Божји, во Логосот Божји, во Второто Лице на Света Троица. Па така, вечната идеја е во Господа Исуса Христа, како предвечна оформена идејна концепција. Синот Божји, може да постои истовремено насекаде без ограничување. Бог е семоќен Седржител. Господ е безграничен, па следствено просторот и времето како земни, минливи категории, не можат да Го ограничат Творецот. Творецот е насекаде, во Својата полнота на совршеноста. Вечната идеја е во Исуса Христа и Тој е полнотата на таа идеја. Затоа Тој сведочи за Себе и за Својата беспрекорност, велејќи дека Тој е насекаде.
Господ Исус говори за Себе, вели дека Синот Човечки треба да се издигне, исто како што Мојсеј ја подигнал змијата во пустината. Исус вели дека Тој е Човек, и дека ќе ја освети човечката природа преку Неговото страдање. Дека човекот како смртно битие, преку Христа, во Христа, ќе ја доживее својата преобразба да постане вечно жив и совршен. Да постане Бог. Змијата е отровно животно, но и човечката природа е отруена од гревот и од злото и затоа умира. Сега веќе Синот Божји, преземајќи ја човечката природа на Себе, а преку таа природа и целокупната материјална природа во светот, ќе ја освети и обожи. Од расипана и отруена природа, Тој беспрекорниот и совршен Бог, ќе ја освети и воздигне. Ќе ја воздигне во небеските висини. Ќе ја принесе во наднебесниот Божји жртвеник, како жртва за остварување на вечната Божја идеја, а тоа е спасението на светот. Преку Синот Божји ќе се оствари очекуваното спасение.
Мојсеј го фрлил својот дрвен стап и тој со Божјата моќ се претворил во змија. Мојсеевиот стап е праобраз на крстот, преку кого ќе се воздигне човечката отруена природа. Но човечката отруена, огревовена природа, ќе се принесе на крстот како жртва за да се преобрази. Крстот, пак, како дел од природата, тогаш во тоа време, како срамен знак, знак на смртта, во жртвата Христова ќе постане знак на спасението. Во името Христово, смртниот крст, ќе постане живот и спасение. Во името Христово со знакот на Крстот, ќе биде спасен човекот.
Да не забораваме никогаш, колку е безгранична жртвата Божја, Неговата жртва е непроценлива и неограничена. Тој Совршениот, доаѓа самостојно, самоволно и слободно, да биде жртвуван. Но дали Господ имал интерес од оваа несфатлива за нас саможртва? Дали можеме да направиме мала споредба, па да прашаме, дали денеска некој човек ќе се жртвува за некого слободно без интерес?
Жртвата Божја е единствено само поради љубовта која извира од Него. Бог е Љубов. Љубовта е Негово својство на дејствувањето. Но љубов која е вечна и неограничена. Љубовта Божја е совршена и безвременска категорија, која Му припаѓа единствено Нему. Тој се жртвува како единствениот начин за да биде спасена природата. Преку смртта смртта ја победи. Преку смртта живот ни подари. Тој ја возљубил својата создадена творба. Неговата љубов не бара од нас задолжително и автоматско прифаќање. Тој со ништо не нè условува. Тој единствено безусловно ја шири својата љубов и ја покажува Својата света Волја. На нас е да прифатиме дали сакаме да бидеме со Господа. Дали сакаме да ја прифатиме испружената Божја рака. Дали сакаме да ја прифатиме Божјата прегратка. Спасението наше потполно зависи од нашата слобода. Ние сме разумни битија кои словесно и трезвеноумно ја изразуваме својата волја.
Ние сме словесни битија кои треба да го користат својот разум за да ја оствариме идејата Божја за нашето спасение. Ние словесните се разликуваме од сите други суштества, затоа што ние сме личности, кои имаат разум и слобода на избор. Значи разликата од нас и сите други живи суштества не е единствено само во можноста да разговараме, туку ја имаме можноста слободно да бираме и да размислуваме. Слободата е одлучувачкиот фактор на нашата словесна личност.
Христос е нашиот Спасител. Христос е нашата моќ. Христос е нашата заштита. Христос е нашиот живот. Христос е совршениот пат. Христос е вистината.
Да велиме дека Го љубиме Господа, а пак луѓето да ги мразиме, не можеме никогаш и никако на овој начин да се оправдаме пред Господа. Дури и кога ќе имаме примери со кои докажуваме дека луѓето нам ни прават зло, ниту тогаш не смееме да ги мразиме они кои нè мразат. Омразата и злобата се опозити од позитивноста. Ако е Бог позитивноста и совршеноста, тогаш она што не е Бог е злото. Злото е отсуство Божјо. Кога нема да биде Господ во човекот, тогаш човекот постанува обезбожен човек. Но пак дали човекот може да биде човек, доколку го мрази Господа и луѓето кои се Негови творби?
Човекот не може да биде човек, доколку не е човечен. А за да биде човечен треба да се остварува преку Господа и преку позитивната личносна заедница со луѓето. Човекот е создаден за да биде населен во Рајот, а во Рајот пребиваат само оние луѓе кои се поистоветиле со Христа, кои соспостоеле во Христа уште на земјата. Секој кој ќе Го возљуби Христа, тој ќе го љуби секој човек.
Љубовта е права само тогаш кога е безрезервна и неограничена. Љубовта е права тогаш кога се подарува без интерес. Па следствено ја подаруваме и на тие кои нè мразат. Доколку и ние мразиме ништо подобри нема да бидеме од сите други безбожници. Доколку љубиме, ќе ја оствариме Божјата промисла за нашето спасение. Тајната на Божјиот домострој на спасението е преку Христовата Личност која е пример и икона на Љубовта.
За многу години нека биде. Амин.
