Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, како врвен педагог ги поучувал постојано своите ученици како да постапуваат во своите животи и, секако, ги поучувал и сите луѓе кои се собирале да бараат од Него исцеление, но и да ги слушаат Неговите поуки. Тој им говорел за патот по кој треба да врват како Негови следбеници. Како треба да живееме во нашата вера.
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Марко 8, 34). Исус ни говори на сите нас, дека по својата слободна волја треба да избереме дали ќе сакаме да врвиме по Учителот, дали сакаме да Го следиме. А, каде да Го следиме? Па, да одиме кон спасението. Да Го следиме по патот на спасението. Да Го следиме Господа Бога. Но, Тој не вели дека ние треба да бидеме пред Него и ние да покажеме пример, туку Тој е предводникот, Тој е првиот по Кого ќе одат сите Негови следбеници. Тој Себеси се покажува како Оној Кој ќе биде патоказ, за да Го следат сите други. Но, по тој пат по кој што треба да врвиме треба да одиме слободно, посакувајќи со својата лична волја, секако, и одрекувајќи се од себе. Човекот самостојно треба да посака да се лечи, па во таа своја желба треба слободно да тргне по патот, следејќи Го Господа. Патот по кој што треба да одиме е Евангелскиот пат.
Да се одречеме од себе значи да го оставиме својот претходен живот како погрешен и несвет. Одрекувајќи се од целиот светски дух на модернизмот, одрекувајќи се од сета моментална актуелност на модерното друштво кое што во себе го манифестира гревот како норма на човечката слобода. Треба да се самоиспразниме со својот дух, за да го здобиеме Христовиот Дух, за да се осветиме со Божјиот Дух, со Духот Кој оживотворува. Нашиот самостоен дух е во непокајание, но преку покајание ние посакуваме да се очистиме од валканиците на гревот. Господ ќе нè очисти и обожи, доколку покажеме дека имаме волја. Одрекување подразбира и подвиг. Трудот во телесната аскеза за да го смириме нагонот на страстите кои ја владеат нашата волја. Кога ќе ги смириме нагоните и силите на нашата несовршена природа, тогаш нашата свест ќе биде чиста за да ги перцепира Божјите дејства. Одрекувајќи се од себеси, преку трудољубието во разните добродетели ќе го започнеме процесот на очистување. Треба да достигнеме духовна катарза за да го здобиеме прочистувањето и воспоставувањето на душевната рамнотежа. Во желбата за етичко и душевно прочистување, Господ Исус Христос ќе нè воведе до повторното воспоставување на душевната рамнотежа.
Во себељубието ние се самоуништуваме, се самоосудуваме пред Господа во својот егоизам. Егоизмот е најголемиот противник на човечноста. Егоизмот создава монструми. Егоизмот нѐ претвора во чудовишта. Што е човекот тогаш кога го ништи светот? Што е човекот тогаш кога ги уништува другите луѓе? Негирањето е негативна состојба која не е својствена воопшто за Божјиот човек. Човекот како создаден по ликот и подобието Божјо, никогаш не може да биде егоист. Егоизмот е отровен атрибут на нечовечноста. Нечовечноста е смртна состојба на личноста. Егоизмот создава индивидуализам кој, пак, создава бесчувствителност. Како може човекот да биде емотивно битие тогаш кога е бесчувствителен кон сета природа и сета творба околу себе? Самоодрекувањето е позитивната спротивност од самољубието. Одрекувајќи се, трезвеноумно, од сопствениот грешен живот, ќе го започнеме процесот на прочистување на душата, за да можеме да го победиме себељубието.
Да го земеме својот крст ни говори нашиот Господ. Крстот наш е нашата борба со страстите. Крстот наш е нашата борба со сите непријатели и неприлики во нашиот живот. Крстот е нашиот мачен живот, мачен од многу нешта: од сопствените нагони, од сопствената грешна перцепција, од горчината, од искушенијата, од гревот кој го правиме, од неприликите кои нè снаоѓаат, од болестите кои нè убиваат, од луѓето кои ни пакостат, од лукавите духови кои ни пакостат… Крстот е целиот наш живот кој треба храбро да го понесеме на своите плешки, да бидеме благодарни што имаме прилика да живееме и да Му заблагодариме на Бога. Крстот како орудие на казната, неопходен е за да се оствари прочистувањето, катарзата. Исус нè повикува слободно да го понесеме својот крст на маките, преку благодатното очистување, да одиме следејќи Го Него по патот кон вечноста.
„Зашто кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси.“ (Марко 8, 35). Ова е многу тешка порака за денешниот човек. Многу пати говориме, дека денешниот човек е потполно себељубив и насочен единствено кон себеси и кон својата лична потреба. Човекот денес сака да биде единствен и самостоен владетел на својот живот, одрекувајќи го постоењето Божјо, а секако и одрекувајќи го животот на другите околу себе. Човекот денеска сака да го спаси својот живот со својата сила на несовршеноста. Како можеме да помислиме дека ќе се самоспасиме со својата краткотрајност, гледајќи ја смртта во очи како реалност? Како мислиме дека можеме да ја победиме смртта? Како пак мислиме дека можеме да постоиме за секогаш кога гледаме дека се околу нас е минливо?
Верата наша е клучот за спасението. Верувајќи ние и да го загубиме нашиот живот, поточно ќе го спасиме. Тоа е суштината за која говори Исус Христос. Вели дека човекот следејќи Го Него, нема да се загуби. Секако дека човекот следејќи Го Бога ќе го загуби својот живот, но својот претходен живот во кој што живеел гревовно. Но кога ќе го загуби гревовниот живот, ќе го здобие новиот живот со кој ќе може да ја достигне светоста и ќе го достигне Рајот. Од огревовена личност, ќе стане осветена и чиста личност. Кој ќе го загуби својот живот поради Христа, тој ќе го зачува во Христа. За Бога и да умреме, со Бога вечно ќе живееме. Но, секако ни вели дека секој треба да избере слободно каков пат сака и каков крај сака. Без принуда и без условување, секој самостојно има можност да бира.
Секако дека луѓето помеѓу себе се поврзуваат со љубовта која ја добиваме како дар од Бога. И Бог го создал овој свет поради Својата љубов и Бог го возљубил овој свет. Но, Господ го создал овој свет за да го обожи, за да го принесе преку Синот Божји во вечноста. И ние го љубиме светот во таа вечна Божја идеа. Љубејќи го светот со Божјата вистинска љубов значи, да ја љубиме творбата Божја во којашто се огледа печатот на Светиот Дух, печатот на дарот Божји. Творбата иманентно го сведочи својот Творец. Па следствено и нашата љубов е кон Господа Кој ги создал созданијата.
Каква е ползата за човекот доколку го засака обезбожениот свет? Во овој свет сè е минливо. Ништо во создаденото не е вечно. Светот отсекогаш во својата безбожност се остварува единствено во материјализам. Материјализмот во светот е фундаменталната философија на животот. Па доколку го засакаме светот ваков каков е, тогаш каква ќе ни биде ползата? Ќе живееме единствено за лажните вредности, во времето и просторот и ништо повеќе нема да нè интересира. Можеме да придобиеме многу материјална добра, но и тие добра, како и ние самите, се несовршени и краткотрајни, па ќе пропаднеме во одреден момент.
Светот е достоен за љубов, но многу повеќе е достоен Творецот Кој го создал овој наш свет. Во светот има убавина, но Бог е најголемата убавина.
„Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Марко 8, 37). Додека е жив човекот може да дејствува во трудољубие, во покајанието, со аскеза да ја спасува својата душа. Секако и преку добродетелите. А по смртта никаков откуп не може да ја откупи душата од пеколот. Човекот свесно се изразувал додека живеел. Свесно, со својата волја, делувал и се остварувал. Доколку го остварувал злото, како може да биде спасен од својот личен избор? Тој свесно бил противник Божји, па, следствено, ќе го добие своето вечно место во пеколот. И како откако престанала приликата за очистување, може човекот да се очисти? Како да биде Бог милостив кон оној кој бил лукав? Како да биде Господ милостив кон оној кој очекувал пак дека ќе може да го купи своето спасение? Господ е неподмитлив и праведен. Точно дека е Господ многу милостив и човекољубив, но сепак е и совршено праведен. Не дај Боже да бидеме лицемерни денес во својот живот, да имаме надеж дека утре во вечноста ќе Му понудиме на Бога некаков откуп за наше подобро место.
Браќа и сестри, никако и никогаш не смееме да се срамиме од нашиот Господ. Нашата храброст ќе биде често на испит пред омразата и злото. Секој ќе се најде во позиција кога ќе треба да ја покаже својата вера. И кога целиот свет Го мрази нашиот Бог, ние треба да Го љубиме. Ако светот е во своето искушение на лудоста и агонијата, ние треба трезвеноумно да Го љубиме нашиот Бог Исус Христос. Христа го распнаа тогаш, пред повеќе од две илјади години, но Го распнаа без причина поради злото, омразата, љубомората и расипаноста. И денес исто така нашиот Бог Го распнуваат, плукаат, навредуваат и мразат. Омразата кон Оној Кој творел само добра дела и понатаму е актуелна. Омразата кон Добротата и понатаму владее и лудува. Лудилото не престанало да постои во цивилизацијата на човештвото. Зошто и понатаму Го мразат нашиот прекрасен Исус? Зошто и понатаму Тој е главниот проблем во цивилизацијата?
Целата теологија во Господа се темели во откровенската вера. Законот без благодатта не може да нè оправда, вели Апостолот Павле. Доколку го исполнуваме законот како форма на некакви принципи и правила, нема како да бидеме спасени. За спасение е потребна волјата за слободна љубов. За спасение ни е потребно да оствариме личен однос со Богочовекот Исус Христос. Законот е, секако, потребен како форма на воспитување. Но, доколку воспитувањето е празно, без личносен однос, тогаш воспитувањето е формално. Богословската педагогија ќе биде плодна, но преку Божјата благодатна енергија која го преобликува мислењето.
Апостолот Павле ги укорува Галатјаните и им вели: „Преку делата на Законот ли го добивте Духот или преку пораката на верата?“ (Гал. 3, 2). Павле сведочејќи ја преку себе милоста Божја, ги прашува Галатјаните дали законот може да ги спаси без вера? И тој Савле беше научник и строг толкувач на Божјиот Закон на Стариот Завет, но тоа не го доведе до спознание и просветлување. Единствено благодатта на Светиот Дух во верата го преуми и обожи. Верата е клучот на спасението. А формалното изучување и следење на законите и принципите е бесплодно, без верата во Богочовекот Исус.
Како што Авраам му служеше на Бога, така и ние треба да Му го посветиме нашиот живот на Бога. Посветувањето не значи дека треба да се откажеме од нашите семејства и од нашите деца, туку треба нашиот живот да Му Го довериме на Бога и целата наша свест да биде насочена кон Него. Секој во својот личен избор треба да се посвети и подари на Бога. Нашата вера треба да е непоколеблива и цврста.
Денес се празнува и многу почитуваната Христова невеста, Светата великомаченичка Ефимија Сефална. Нејзиниот спомен е од исклучителна важност за нашата православна вера. Светата Ефимија беше многу измачувана за својата вера, поради која беше и убиена. Нејзините чуда после смртта биле постојани, таа после смртта се прослави уште повеќе. Бог ја прослави. Нејзината крв течеше после смртта како благоухано миро кое беше со прекрасен мирис.
Во 451 година, се одржало заседанието на Светите Отци на Четвртиот Вселенски Собор. Овој Собор е многу важен поради борбата со една ерес која многу го возмутила христијанството во тоа време во целата римска империја. Имено, некои клирици на Црквата започнале да ги негираат двете Христови природи. Наместо да исповедаат дека Христос поседува Божја и човечка природа, во една ипостас или во една личност, тие велеле дека во Христос постои само една природа. Во тоа време ереста започнала многу да се шири и да го расипува правото учење и ткивото на Светата Црква. Православните отци на Соборот на Светата Црква се труделе да ги разуверат еретиците во кривото учење. Но еретиците не отстапувале од своето учење. Сепак во еден момент бил даден еден предлог кој го прифатиле и двете страни. Светите отци заедно со оние другите кои ја проповедале ереста се договориле да го напишат своето вероисповедање и да ги стават двата свитоци во кивотот со телото на светата Ефимија. Така и направиле, поставиле и стража за да го пазат кивотот, и се молеле три дена, постејќи. Четвртиот ден кога го отвориле кивотот виделе чудо. Свитокот на православните беше во десната рака на светата Ефимија која како жива ја пружи својата рака и го предаде православниот свиток на Царот и на Патријархот. А додека свитокот со вероисповедањето на еретиците беше под нозете на Светата Ефимија. Со такво преславно чудо се прослави уште повеќе Света Ефимија.
Света Ефимија го изгубила својот живот поради Христа, бранејќи ја верата во својот Бог. Таа храбро и одлучно, непоколебливо, сведочела во своето страдање дека крстот и маките се времени и краткотрајни. Таа го загубила својот живот, но го здобила вечниот живот. Се прославила после смртта со несфатливи чуда за човечкиот разум. Таа облагодатена икона Божја и со своите мошти ја сведочела животворноста на својата душа која пребива во вечноста со Бога. Светителските примери на Христовата наука се безбројни. Сите светители Го сведочат Христа и ја сведочат вистината на неговите животворни зборови.
Нека биде благословен нашиот Господ Исус Христос, постојано сега и секогаш и во вечни векови.