Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Денес го славиме соборот на сите Македонски светители кои се подвизувале на Македонската територија низ вековите. Пред две илјади години Македонија почнува да се христијанизира. Апостолот Павле имал видение: „Преку ноќта Павле имаше видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: Дојди во Македонија и помогни ни!“ (Дела 16, 9). Во Библијата се спомнува самиот почеток на христијанизирањето и излевањето на Благодатта Божја врз луѓето кои живеат на македонската територија. Првата покрстена христијанка и светителка е светата Лидија која е вброена во соборот на сите Македонски светители. Светиот апостол Павле ја крсти светата Лидија, која, пак, после покрстувањето, го покажала и своето прекрасно гостољубие. Го повикала во својот дом да го угости светиот Павле и со тоа ја покажала културата на цивилизираноста на народот во Македонија.
Во соборот се вбројани големи христијански светители чии имиња се многу познати на Балканскиот дел од Европа. Големите имиња: свети Јоаким Осоговски, свети Гаврил Лесновски, свети Наум Охридски, свети Георгиј Кратовски, светиот Еразмо Охридски и многу други древни светители, но и новозасветлени светители како свети Јоаникиј Ракотински, свети Гаврил Велички, свети Кипријан Слепченски и многу, многу други. Сите тие се наша историја, наша гордост и доказ за нашиот потенцијал, дека сме се труделе и докажале во христијанската вера.
Делото на сите Македонски светители е исклучително важно. Навистина просветителството е нашиот најголем потенцијал кои сме го имале со векови. Македонија имала огромен учителски, просветни потенцијал кои се ширел на сите страни, кон сите други народи кои имале потреба за просветување. Божјата Благодат која се излеала врз Македонија со доаѓањето на светиот Павле се изливала и понатака кон целиот свет.
Со покрстувањето на Лидија и многу други, Македонија започнала да биде квасецот на христијанството. Кошницата на благодатта со трудољубивите пчели кои вредно и пожртвувано го проповедале Евангелието. Пчелите несебично го создавале саќето на верата, за подоцна верата да вроди со плод и да започне медот да се создава по трудољубието на сите Македонски светители. Тој прекрасен мед на благодатното Божјо влијание, се излевал кон сите народи, вкусувајќи ја прекрасната сладост на вистинското трудољубие во христијанството.
Светите Кирил и Методиј, браќата Солунци, Македонци, ја започнале вистинската експанзија на христијанизирањето на Балканскиот полуостров, но и пошироко. Тие станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија. Отворале школи на христијанството, каде што ги подучувале и просветувале Словените во христијанската култура. Посветувале и свои ученици да ја продолжат мисијата понатаму, насекаде. Создале писмо и создале Словенски јазик, кој е исклучителен нивни дар, кој е бисер на Европската култура на народите. А од непроценливо богатство е монументалниот споменик на историјата кои го создале, а тоа е преводот на Библијата на словенски јазик.
Библијата на словенски јазик е темелот на европската и светска култура и цивилизација. Даровите кои ги создале светите македонски и солунски браќа Кирил и Методиј, е благодатната инспирација која се излевала од Пресветиот и Благодатниот Дух Божји. Затоа пак создадените дарови се повредни од секоја проценета вредност на материјалните богатства во светот.
Светиот Климент Охридски и Македонски, нивниот ученик, е после нив најголемиот Балкански учител и светител. Тој го создал првиот Македонски Универзитет во Охрид. Охрид станал центарот на Македонската писменост и култура во Европа. Свети Климент е големо име на учителството и просветителството што го продолжил откако го започнувале светите браќа, Солунјаните Кирил и Методиј.
Ние сите сме денеска Светоклиментови чеда. Ние сме Климентов род и наследство. Ова е од исклучителна важност за нашата свест во денешнината. Да не забораваме каде живееме и на кого припаѓаме. Ние сме Божја чеда, и браќа и наследство по род и вера на великиот, свети Климент, Чудотворец Охридски и Македонски. Древното име на Македонија и нејзините светители е запишано во срцата на сите македонски светители кои се труделе во Христовата вера.
Соборот го сочинуваат светителите и трудољупците за верата. Тие сите оставиле свој исклучителен печат за христијанската култура во Македонската земја. Уште од римското време, ние имаме разни храмови и споменици, кои ја изразуваат верата на луѓето кои живееле. Нашите христијански споменици ја сведочат историјата на христијанството во Македонија низ вековите. Нашите прекрасни храмови уште од првите векови и прекрасните стенописи и фрескописи се едни од најубавите на Балканот. Но сите тие споменици на европската христијанска култура се развиваат како производ на Македонскиот потенцијал на светителите, учителите и просветителите.
Да не ги забораваме своите прекрасни наши светители, кои денес ги празнуваме. Тие се нашиот мотив, тие се нашиот пример. Нивниот труд и наследство кое што ни го оставиле е нашиот стожер и нашата совест. Да не забораваме да ги повикуваме во својата молитва да претстојат пред нас во вечноста, молејќи се за нас пред Господа.
Во денешното второ послание до Коринтјаните, светиот апостол Павле вели: „Зашто Бог, Кој некогаш заповеда од темнината да изгрее светлината, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло“ (2.Кор. 4, 6). Бог преку Својата Благодат ги озарува нашите помрачени срца. Во името на Исуса Христа се крстиме и се здобиваме со благодат Божја која ни ги просветлува нашите души. Така што, некогаш несвесно живеејќи во темнината, денеска преку Исуса Христа живееме во светлоста на радоста.
Свети Павле вели уште и дека преку Воскресението Христово, и сите ние во Христа и преку Христа ќе бидеме воздигнати во радоста на истото Воскресение во оној ден на Второто Христово пришествие. Секако дека преку Христа ќе ја доживееме вечноста во прекрасната, неизмерлива убавина на прегратката Божја и соединението на целокупната Божја заедница.
Во денешното Свето Евангелие се говореше за посветувањето на првите Христови ученици: „И виде два кораба што стоеја покрај езерото; а рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите“ (Лука 5, 2). Повеќето Христови ученици биле рибари. И навистина тие не само што ловеле риба и од тоа живееле, туку после нивното просветлување преку верата во Исуса Христа, учениците станале ловци на луѓе. Со своите мрежи, составени од вистинската грижа за спасението на луѓето, тие ги ловеле луѓето, поточно ги избавувале луѓето од погибелта во светот. Апостолите им го покажуваа правиот пат на верата, проповедајќи им Го Христа како Оној Кој ќе го понесе нивниот товар со својата љубов. Луѓето обременети со разните проблеми и маки, со своите искушенија, се дават во бурата на разбрануваното море на животот. Апостолите, пак, како примери на благодатта Божја, со своите мрежи, со својата грижа и сострадавање, со својата проповед и мисија, ги насочувале луѓето кон вистината и спасението.
Богочовекот Исус Христос седнал во коработ на Симон, наречен Петар и отпловиле малку од брегот во водата. Оттаму Христос му проповедал на народот. Петар, пак, не го познавал Оној Кој влегол во неговиот кораб и Кој му проповедал на народот. Сепак Петар покажал голема послушност кон странецот. Но, и Христос покажал големо смирение, бидејќи го замолил Петар да се тргне од брегот да проповеда, за да има подобро место за проповед кон сите луѓе, но и за да не се туркаат луѓето околу Него, да биде подалеку од нив.
Христос, кога престанал да говори, му рекол на Петар да ги фрли своите мрежи за лов. Симон Петар му рекол дека цела ноќ се трудел и ништо не уловил, но по Неговиот збор тој пак ќе ги фрли мрежите. Сепак Петар бил смирен и послушен. Посведочил дека риба немало, дека тој многу се трудел преку целата ноќ. Тоа сведоштво е многу важно за да се истакне чудото кое го направил Господ.
Мрежите се преполниле од риба. Толку многу што мрежата им се кинела. Петар повикал уште еден кораб за да ја извадат рибата. Петар се преплашил од тоа чудо. Па поради своето големо смирение, тој паднал пред Христовите нозе и Му рекол на Господа дека не е достоен да биде покрај Него. Дека е грешен и не му доликува да стои поред таков голем Чудотворец. Па бара од Господа да излезе од неговиот кораб. Но, сепак, Петар со своите другари, вчудовидени и воодушевени од чудото, ги оставиле корабите и мрежите и тргнале со Исуса да го следат во Неговата свештена мисија.
Ова Евангелие можеме да го поимаме и во алегориска смисла. Во алегориското толкување, коработ ја претставува јудејската синагога на Стариот Завет. Петар, пак, е симбол на јудејските учители. Синагогата е веќе оставена во старото време, во сенката на старозаветниот закон. Додека Христос доаѓа да создаде Нов Завет, нова заедница, Негова Црква. На темелот на старозаветната Синагога со нејзиниот Закон кој, пак, го пророкувал доаѓањето на Месијата, еве сега веќе Тој самиот избраник Божји – Христос, влегува во Синагогата и излегува од неа. Оставајќи ја зад себе, ги повикува оние кои биле искрени верници во старозаветната заедница, за да ја оформи новозаветната заедница на спасението. Учителите на синагогата, пак, се труделе во темнината на спознанието, во сенката на нејаснотијата – исто како и Петар кој се трудел во ноќта да лови риба – тие се труделе да здобијат некаков плод во темнината и нејаснотијата на спознанието, и секако дека не успеале да ја пронајдат вистината. Вистината е во светлината, во Новиот Завет. Вистината е во Христа.
Мрежата, пак, го претставува Евангелието Христово преку кое ќе се спасуваат луѓето од разбранетото море на животот. Преку двете новозаветни заповеди Христови, луѓето треба да живеат во заедницата на новата Црква. Но сега, во благодатното делување на Исус Христос, самите апостоли не можеле да ја овладеат мрежата полна со луѓе од целиот свет, и тоа пак во сите идни времиња, тогаш апостолите повикуваат други служители на Божјата благодат за да им помогнат. Сите повикани пријатели на светите апостоли, се идните светители и велики отци на Црквата Божја.
Самиот Господ ги благословил апостолите, а апостолите своето благодатно преемство го предаваат на другите, во сите времиња во историјата на човештвото, до крајот на светот. И така, светата Црква постои преку посветувањето на сите идни генерации свештенослужители, преку светотаинското Благодатно Апостолско преемство, во вековите на земската историја. Сите епископи и свештенослужители на светата Црква, денес и низ вековите, го имаат благодатното преемство кое директно потекнува од Исус Христос, преку светите апостоли, па сè до нас, до денес. Преку ракополагањето и молитвословието кон Господа Светиот Дух, светотаински, епископите го пренесуваат дарот Божји на новите генерации чувари на светата Божја Црква.
Сите ние, млади и стари, без разлика во годините, насекаде во светот, сите сме повикани да станеме духоносци, светлоносци. Човекот е предназначен вечно да постои во благодатниот и вечен Рај. Човекот е создаден за да биде вечно битие, заедно вечно постоејќи со својот Творец. Нашиот Творец е нашата суштина. Нашиот Творец е нашата вистина. Затоа човекот треба да Го возљуби Господа со сиот свој ум, со целото свое битие, со целото свое срце, со сета своја душа. Ништо што е во нашето битие не смее да остане без Божјата благодат. За Господа подаруваме сè. Не по нешто! Туку целиот свој живот да го довериме на Господа! Целата своја свест, да ја положиме на Божјата Волја.
Секој треба длабоко себеси да се анализира и да има чиста критика и перцепција, која, пак, ќе му го покаже правиот пат и правата суштина на нашето постоење. Секако дека нашето постоење има смисла единствено во Богочовекот Исус Христос, преку Кого сме создадени. Во Него и преку Него ќе ја здобиеме вистинската суштина на нашето постоење. Тој е нашиот пример поради кој е создаден светот, за да биде принесен во наднебесниот жртвеник и да живее вечно. Богочовекот Христос е вечната Божја идеја Која во Логосот Божји безвременски постои и се остварува во историјата во еден момент. Тој момент е за секого од нас постојано актуелен, денес, во времето на историјата, остварувајќи го во спознанието на таа вечна идеја во Исуса Христа.