Недела 17. по Педесетница и собор на сите македонски светители

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

„Каква спогодба има храмот Божји со идолите?“ (2.Кор. 6, 16). Храмот Божји е дом Божји, место каде престојува Господ со Својата моќ. Храмот Божји е носител на Божјата сила со која Тој делува од вечноста. Храмот Божји е простор на светотаинската Благодат Божја која се подарува на сите кои го посакуваат вистинскиот и единствен Господ. Нема други богови, освен единствениот Господ Творец на небото и земјата и на сè видливо и невидливо.

Во храмот Божји се служи единствената светотаинска, животворна и благодатна служба која му дарува спасение на светот. Светата Литургија е молитва над молитвите, затоа што таа е мистична тајна која ни се подарува од Господ, а востановена како спасителна тајна од самиот Богочовек Исус Христос. На светата Литургија, во храмот Божји, се даруваат светите Тело и Крв Божји на светот, на сите кои пристапуваат со вера, надеж и љубов кон Него. Светите Тајни Божји се залог за вечно спасение, па да нагласиме дека тој залог се подарува единствено во храмот Божји, на светата Божествена Литургија.

Никаква спогодба нема помеѓу Бог и некаква евентуална паралелна возможност. Бог е единствен вечен и апсолутен, а сè друго што е спротивно од Бог е само Негово отсуство. Тоа што не е храм Божји, всушност, таму каде што не се служи светата Божествена Литургија, таму нема Божја вистина. Спротивноста често манипулативно сака да нè измами, да веруваме дека имаме избор. Немаме избор браќа и сестри! Богочовекот Исус Христос е единствениот избор за нашето вечно спасение!

Да бидеме принципиелни и да кажеме, да признаеме дека, сепак имаме избор во нашата сопствена и лична волја. Впрочем, создадени сме да бидеме посебни и неповторени личности, кои пак го подразбираат слободниот избор на сопствената волја. Имаме право слободно да одбереме дали сакаме да бидеме во заедница со нашиот вечен и животворен Творец, или пак, да бидеме вечно спротивно поставени од вечниот Господ. Или слободно ќе прифатиме да бидеме во заедница со животот, или пак, слободно ќе посакаме да постоиме во тагата, богоомразата, злото и смртта во вечноста. Секако дека од нас зависи!

Слободата треба слободно да се изрази. Но, изборот кој го имаме ќе ни донесе или вечен бенефит, или пак вечна дисипација, вечен ужас. Вечниот бенефит го подразбира вечниот квалитет Божји, сопостоејќи во тој вечен совршен и неспоредлив капитал. Додека пак вечната дисипација го подразбира нашето свесно отфрлање и расфрлување на тој најпрекрасен и неспоредлив вечен капитал. Доколку слободно уништиме сè, тогаш самостојно одбираме утре да живееме во ужасот на темнината и тагата.

Никој никогаш нема да влијае на нашиот избор, од нас самите ќе зависи што одбираме. Каков живот денеска водиме, тоа и ќе го здобиеме утре, во вечноста. Доколку слободно одбираме идоли и демони, тогаш нашата погибел ќе биде вечна. Доколку веруваме на идолите, демоните и нивните служители, тоа го правиме единствено со нашата слободна свест. Никако и никогаш нема да можеме да се оправдаме дека некој друг нè натерал, доколку ние самите не сме го одбрале тој избор.

Секако, доколку исполнуваме некаква формална религиска припадност кон храмот Божји, но во себе пак имаме, лукавство, омраза, нечовечност, сатанизам, грев, безчуство кон другите, осуда кон сите, егоизам и себељубие; доколку бидеме безмилосни, тогаш и формалната припадност во храмот Божји нема да ни користи. Вистинската вера подразбира дека со срцето го љубиме Бог и сите луѓе во светот, своите позитивни чувства ги подаруваме на Бог, а секако и на светот, доколку пак само формално, ладно и бесчувствително се однесуваме, па макар и формално да припаѓаме во заедницата на храмот, ние нема да добиеме вечна корист.

Светиот апостол Павле нè укорува и поучува, браќа и сестри, дека нашата вера е во вечниот Творец. Во Господ Кој нè создал веруваме, Нему Му се поклонуваме, својот живот Му го подаруваме, во Него се крстиме, Него го подражаваме. Нашата вера е откровенска вера, а тоа значи дека нашата вера е вистинска затоа што веруваме во вистинскиот и единствен Господ Саваот, Господ Седржител, Господар на сè видливо и невидливо, Дарител на животот. Тој единствениот вистински Господ, поради својата љубов посака и го прати Својот Единороден Син во светот.

Нашата вера е откровенска затоа што Господ дојде и лично ни се откри. Синот Божји ја прифати татковската пресвета волја и ја оствари таа прекрасна Божја вечна идеја, да се отелотвори, вочовечи и постана жител во светот. Дојде да живее телесно со нас, за да ја докаже вистински и реално Својата совршена љубов кон луѓето и кон светот. Да ја докаже таа љубов која се излива и прелева од Него кон светот. Да ја докаже својата екстаза на љубовта која е вечна и безгранична, ширејќи се постојано и потполно, надвор од Неговата трансцедентна вечност.

Навистина ја докажа Својата совршена љубов, живеејќи со нас, помагајќи ни во сите маки и искушенија, страдајќи со нас во сите човечки проблеми, умирајќи за нас на крстот и спасувајќи нè, и тоа единствено поради Својата љубов. Дојде во светот не како земните цареви кои доаѓаат и живеат во земен раскош на материјализам, туку Тој дојде да биде Еден од нас, во скромност, во сиромаштија, во самотија. Тој самиот посака да ја снижи Својата апсолутна вечна величина, се самоунижи, се самоиспразни, покажа кеносис (се самоодрече) од Својата Божја величина, и постана еден човек, мал човек, во однос на Неговата величина, неспоредлива и совршена величина која е за нас само апстракција. Двата контекста на Неговото постоење (Божјиот и човечкиот) беа некогаш неспоредливи пред Неговото доаѓање во тело, но постанаа вистински и потполни во Него, со Неговото раѓање во светот.

За Господ, Создателот, сè е возможно, та неспоредливите два контекста, се собираат, контемплираат и сопостојат во Неговата вечна Божја Личност. Човекот Исус Христос, постана нова создадена природа, нова обожена и осветена природа, преку која и целиот свет ќе биде спасен. Храмот Божји е Негово Тело, црквата Божја е Негово Тело, и секој човек причестувајќи се со Него, ќе постане жив храм Божји, ќе постане и жива Божја икона. 

„Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (2Кор. 6, 16). Светиот апостол Павле им говорел тогаш на Коринтјаните, но денеска апостолот на светата Литургија ни кажува и на сите нас во црквата Божја, дека Господ говори, оти ќе се всели во нас и дека Тој ќе биде нашиот пат по кој сите ние треба да одиме. Значи дека ние, треба да постанеме неракотворени храмови Божји, кои ќе Го сместат великиот Бог во своите души, во својот олтар, служејќи Му со слободната своја волја на својот Создател и Спасител.

„Но вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени за да ги возвестите совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнината во Својата чудесна светлина“ (1Пет. 2, 9). Ние треба да постанеме царско свештенство како што вели апостол Петар во своето послание до христијаните насекаде во светот. Тој им ги предочува светите должности на христијаните во светот, а меѓу другото и тоа дека сите припадници на црквата Божја, всушност, го претставуваат светото тајновито, универзално царско свештенство.Сите верници во црквата Божја, всушност се царски претставници на Царот на царевите и Господарот на господарите. Сите верници, претставуваат несебични и постојани молитвеници пред Престолот Божји. Нашите искрени и силни молитви, треба да се насочени кон целиот свет, за сплотување на сите, за соединување на светата црковна заедница, впрочем еден за друг, Христа Бога да Го молиме. На овој начин ќе ја исполниме нашата света мисија.

Браќа и сестри, денеска го празнуваме и празникот на сите македонски светители; соборот на нашите македонски свети претставници пред Господ во вечноста. Тие се нашиот идентитет со кој ние денеска се поистоветуваме. Тие се нашите незаборавни вечни квалитети со кои ние Македонците се украсуваме. Овие вечни и неминливи украси се нашата гордост со која се истакнуваме денеска. Сите тие свети чудотворци, соборуваат молитвено пред Престолот Божји за нас.

Нашите светители се претставници Божји и претставници на царското свештенство од родот македонски, кои ја формирале Црквата Божја низ вековите. Славната Охридска Архиепископија која била балкански столб на верата, исто така и претходната древна и славна Јустинијана Прима, низ вековите се труделе во својот духовен труд, на нивата Божја. Македонската Православна Црква како најмлада и возобновена света црква, ќерка и сестра на претходните славни македонски цркви, денеска автокефално стои, рамо до рамо заедно со сите други свети цркви насекаде во светот, е славна пред Господ со своите свети претставници.

Нашиот духовен капацитет е огромен, бесценет, затоа што нашите небесни претставници се бесценети икони Божји. Доколку се поистоветуваме денеска со овие вредни луѓе, ние ќе се согледуваме во нивните дела и ликови. Доколку се потсетиме на великите светители кои ги празнуваме, ќе си спомнеме за нивните несебични безвременски дела како што се: светоста, просветителството, учителството, културата, истрајноста, верата, чудотворството… а овие квалитети кои тие ги поседувале во себе, треба и нам да ни бидат патоказ и темел за нашиот живот.

Македонија е земја и колевка на мисионерството кон сите словенски народи. Македонија е плодна почва за богат, благороден род, род кој ќе ги благослови и сите други словенски народи. Ова историско богатство на нашиот род, никогаш и никогаш, не смееме да го заборавиме. Со ова богатство ние се вреднуваме.

Светителите се нашиот темел на животот. Спомнувајќи си за: Кирил и Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд, Ангелариј, Еразмо Охридски, Теофилакт Охридски, Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски, Григориј Охридски, Георгиј Кратовски, Нектариј Битолски, Иларион Мегленски, Никодим Елбасански, Јоаким Крчовски и уште многу други, ние се воодушевуваме од сите нив претставниците на светоста, а секако, и претставници на нашиот род, од Македонската земја.

Какво слово можеме да составиме и да ги прославиме, великите дела на овие облагодатени свети луѓе. Можеме да се молиме постојано на сите овие прекрасни чудотворци кои несебично сега и постојано во вечноста, пред лицето Божјо, се молат за нас грешните. Секако ние денеска да извикуваме кон нив, со чистата и искрена молитва, да бидат топли застапници за нас пред Господ.

Возљубени браќа и сестри, нека ни биде честит празникот на сите македонски светители. По молитвите на нашите светители, Господ да ја благослови нашата татковина Македонија и да го благослови македонскиот народ наш. Амин.