Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
На денешната Света Божествена Литургија, слушнавме како светиот, велики педагог и апостол Павле, ги подучува христијаните на секаде во светот преку своето послание. Тој ја истакнува дарежливоста на верниците во Коринт во тоа време. Но, секако и денеска истата таа порака е актуелна, преку Духот Божји со кој бил исполнет светиот апостол, со чија власт тогаш проповедал, и денеска истиот Божји Свет Дух, и нам ни ги пренесува Павловите прекрасни, и едноставни поуки, кои биле втемелени во цврстата и вистинска вера.
„Ова пак ви го велам: кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее“ (2Кор. 9, 6). Светиот апостол Павле, во своите педагошки обраќања кон верниците, ги поучува за нивниот начин на перцепирање и однесување во денешниот живот, предочувајќи им ги бенефитите од сегашното свое однесување, постулирајќи ги основните квалитети кои денеска треба да ги вреднуваме, но секако дека во иднина, тие ќе ни донесат и вечни плодови.
Имено, човекот треба богато да сее, за да се пројави подоцна и богат род. Но, овој труд, најпрвин се однесува на духовното мудро однесување во личниот живот. Човекот како мудра личност, во себе го контемплира Божјиот квалитет на вечната прекрасна вредност, па следствено, од себе тоа го сее, го шири надвор од себе кон светот. Човекот осветувајќи се, обожувајќи се, постанува жива Божја икона. Тој како таква икона постанува Божји претставник кој ја шири Божјата убавина од себе.
Убавината Божја, Бог ја раздава кон секого, Тој несебично ја подарува на секој кој ќе посака, па на ваков начин, и човекот преисполнет изобилно со благодатта Божја, ја подарува и кон сè околу себе. Благодатта Божја, како животворна енергија Божја, не е ограничена та да се подарува и превзема во некаква ограничена количина која е статична. Впрочем, Благодатта Божја, како животворна и вечна, непрестајно расте и се умножува, во целата своја полнота, и се излива без интерес кон живите икони Божји, во Црквата Божја.
Човекот кој поседува убавина Божја во себе, не може да ја задржи во себе таа убавина која има вечна и активна тенденција за постојано ширење и излевање. Впрочем, вечната енергија се излива од Творецот, од Света Троица, од транседентноста, и се прелева во светот, со една и единствена вечна Божја идеја, и светот да постане вечен, сопостоејќи во заедницата со Него. Тоа е вечната љубов! Вечната љубов ја подразбира во себе, вечната Божја желба, и човекот да биде во заедницата Божја, а преку човекот, и целокупната создадена материја.
Во контекстот на поучната реченица на светиот апостол Павле, можеме да кажеме дека, човекот треба од себе да го сее најпозитивното и неземно семе на благодатта Божја, околу себе. Човекот околу себе, ќе биде светлост за светот, ќе светли со Божјата сила и убавина, та тоа што тој единствено ќе го докажува околу себе, ќе биде само прекрасниот и неземен Божји квалитет. Тоа прекрасно семе, човекот треба слободно со својата волја богато да го сее во светот, та со Божја помош, истото мало семе, ќе даде прекрасен плод. Секој кој богато сее денеска во својот живот, тој и богато ќе жнее во вечноста. Ќе пожнее вечна убавина и ќе здобие вечна заедница во Царството Божјо, со Господ и со сите вредни и квалитетни луѓе, кои несебично се труделе.
Скржавоста е егоизам, себичност, која ништо добро нема да ни донесе во иднината. Бог не е скржав кон никого, па така и ние треба да ја сфатиме конечно таа Негова форма на изразување, преку која Тој делува постојано. Бог никој не може да го обвини за скржавост, никој нема право да се спротивстави на вечното добро, затоа што како што објаснивме до сега веќе, дека вечното добро, постојано се излева од трансцедентниот Бог, кон светот, и тоа со единствената Божја намера, и светот да биде спасен, приброен во заедницата на Света Троица.
Кој скржаво само за себе чува, тој ништо нема да умножи. Со примерот на квасецот, алегориски можеме одлично да ја објасниме суштината за поуката на семето кое се сее, имено, доколку не ставиме квасец во тестото, тестото ќе биде тврдо и нема да нарасне за да постане меко и прекрасно за јадење. Аналогно пак на овој пример, доколку човекот не ја шири убавината кон светот, доколку не ја препознава убавината Божја, доколку не се согледува во таа убавина, доколку не ја подражава таа убавина Божја, тогаш тој човек, ќе се оддалечи од Убавината, и ќе се постави спротивно од неа; а спротивно од Бог – Убавината, е грдоста. Човекот кој во себе нема убавина, тој е грд човек. Човекот кој во себе Го нема Бог, тој е безбожен, грд, нечовек. Та таков еден нечовек, нема што позитивно да сее околу себе и ќе остане бесплоден човек, кој неодговорно го живеел својот живот. Пред вечниот Судија, грдиот човек, нема да даде позитивен одговор, и нема да пронајде никаков плод, со кој може да се пофали пред Господ.
„Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава“ (2Кор. 9, 7). Во срцето ги чуваме позитивните чувства и со срцето Го љубиме Господа, и целиот наш живот Му го доверуваме. Секако дека ние ја имаме и рационалноста која е дел од нашата психа, но позитивната чиста емоција се пронаоѓа во срцето. Со срцето треба постојано да го изразуваме позитивниот наш личносен однос кон секого. Доколку сакаме да бидеме вистински луѓе, ние треба вистински, најпозитивно и чисто љубовно, да даруваме. Милоста е вистинска пред Господ, само тогаш кога е чисто позитивна, подарена од срцето.
Тагата и жалоста не се добри категории. Треба овие појави, максимално да ги избегнуваме во себе, да се трудиме да не им дозволиме на овие лукави емоции да се вселат во нас. И ако се појават, треба да се избориме, што побрзо да ги исфрлиме од нашата свест. Доколку се молиме постојано, нашиот живот ќе биде осветен, а тоа значи дека, Бог ќе биде во нашето срце. Тогаш радоста и убавината ќе бидат постојано присутни во нашите души и сè што ќе правиме, ќе биде за вечна корист.
Искреноста подразбира дека тоа што ќе го подариш, треба да биде полно со љубов. Со доброто срце, добрини даваме, и не се каеме, нити пак се жалостиме. Не можеме да подаруваме со жал, и да очекуваме да добиеме вечно добро. Доброто е позитивно и во него нема ништо што е негативно. Па така, не можеме и да даруваме и да се жалостиме и да бидеме тажни. Или, пак, да даруваме поради интерес. Секако дека вистинската љубов е вистинска само тогаш кога е постојана и полна, жртвена. За љубовта искрено се жртвуваме.
Бог е самиот жртва, но Тој е правата вечна љубов, Тој е изворот на љубовта. Неговата крстовоскресна жртва за нашето спасение, не е поради интерес. Бог никогаш во себе нема промена во Својот квалитет и во Своите идеи. Тој од совршеноста, вечно се жртвува, и вечно љуби. Вечно дарува и вечно е Добар. Доколку го гледаме крстовоскресното Божјо страдање на Богочовекот Исус Христос, ние ќе ја согледаме таа прекрасна полнота на љубовта во која нема промена. Богочовекот самостојно и слободно оди на страдање, гонет не од нужност, туку од совршеноста, чие својство е постојано да се шири, докаже и пројави со бесконечната Своја Љубов, која нема граница. Доброто, милоста, љубовта, како позитивни Божји вечни категории се подаруваат постојано полно.
Така и секој човек, треба да внимава на себе и да не дарува помош без чиста позитивна, љубовна емоција. Секако дека е лицемерна постапката кога ќе дадеме нешто, а воедно и да немаме позитивна волја тоа да го направиме. Не можеме да бидеме и добри и лоши. Не можеме да бидеме и позитивни и сомнежливи. Не можеме да бидеме полни со предрасуди, и лажно да се претставуваме. Кого би го лажеле на тој начин? Секако да внимаваме и да се укоруваме, доколку ни се случат промени, доколку ни се случи дисбаланс, или пак доколку ни се случи дуалност.
Денеска светот го втемелил во себе ригидниот сомнеж кон сè околу себе. Светот во себе самиот се сомнева и тоа е една деструктивна појава која создава огромни проблеми. Предрасудата е исто така неконтролиран феномен кој се шири како вирус. Секој се сомнева во секого, секој е против секого, секој го мрази другиот, секој има некаков остар став кон другиот, генерално сите имаат некаква причина, а впрочем, тагата во душата на човекот е вистинскиот проблем. Вистината е дека Господа Го нема во срцата на луѓето и луѓето се полни со тага и жалост. Го изгубиле Господ, но не се доволно активни да го бараат прекрасниот Господ кој ги создал и кој ги знае уште во зачетокот на ембрионот. Човекот не сака да ја погледне вистината и да се потруди да се промени, за да здобие во себе вечна радост.
Често, луѓето не сакаат да се трудат во доброто. Секако дека можат воодушевено да се трудат во гревот и во оттуѓеноста Божја, но кога ќе дојдат проблемите во нивната душа поради богоотпадништвото, тогаш тие немаат сила да се трудат на ист начин во доброто, за да го стекнат доброто, па така доаѓаат во меланхолија, поради тагата во која запаѓаат.
Господ нека нè благослови браќа и сестри, да ни дава сила, да ги преодолеваме лошите емоции, и лошите постапки, да ни помогне да се избориме. Да бидеме милостиви, како што е милостив и нашиот Господ. Амин.
