Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Светиот апостол Павле во своите посланија нè охрабрува и вели: „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?“ (Рим. 8, 31). Навистина е така. Господ Бог дојде во светот, за да биде со светот и да биде со Своите созданија. Оние кои Го признаа за свој Бог и Го возљубија, Тој ќе биде со нив, и никој не може да Го земе Бог од нивното срце. Ние се доверуваме на својот Господ со вера, со сета своја душа, со сето свое срце, со сиот свој ум и со целото свое битие. Семоќниот Бог е наша заштита и наша утеха.
Бог е постојано тука за сите. Бог нема да ги заборави ниту грешниците, нема да ги заборави ниту оние кои Го мразат, но затоа, пак, Тој никогаш нема да ги мрази, Тој е љубов и вечно ќе ги љуби сите. Господ никогаш во Себе нема да покаже негација кон Своите созданија, кои се оддалечиле по својата волја од Него. Луѓето по својата слободна волја ќе го одберат својот пат кон вечноста. Или денеска ќе делуваме во беспрекорна љубов, или ќе делуваме во длабока омраза и во зло. Од нас самите ќе зависи вечната иднина. Човекот самостојно ќе се осуди пред вечната совршена и апсолутна Правда, а таа Правда е всушност Самиот Бог.
„Кој ќе нè одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот?“ (Рим. 8, 35). Доколку нашиот Бог се жртвуваше за нас, поради чиста безусловна љубов, тогаш и ние сме должни да ја докажеме нашата љубов кон својот Творец. Тој не се колебаше за нас, и ние никогаш да не се колебаме за Него.
Господ го возљубил светот што го создал, со намера за да го присоедини кон Него. Сета икономија на Божјото делување во светот се остварува единствено преку љубовта. Во Божјата љубов нема варијабилност или променлива количина. Бог ја пројавува својата љубов потполно, целосно, совршено, постојано. Па следствено, по примерот на Божјата волја, која делува потполно, без предрасуди и некаков интерес, и ние сме должни да се трудиме да се љубиме едни со други. Нашата природа е несовршена, но за да се осветиме и обожиме целосно, всушност мораме да постанеме сопричесници на светите Божји дарови, преку кои ќе ја контемплираме Божјата вечна љубов. Љубовта е дар Божји, љубовта е круна на сите добродетели, мајка на сите добрини.
„Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи“ (1.Кор. 13, 1). Апостолот ја толкува есенцијата на постоењето, за да ја слушнеме сите ние и да се замислиме. Суштината, или вистината, е љубовта за којашто зборуваме. Без вистинската љубов ќе постанеме само предмети во времето и просторот. Ќе постанеме бесчувствителни индивидуи кои ќе го живеат својот егоцентричен живот. Или пак ќе пројавуваме некакво внимание кон другите, но не поради почит кон другите, туку поради личниот интерес.
Денеска често се истакнува моралот како некаква општествена форма на кодекс. Но моралот се истакнува во некакви земски принципи, секако различни од континент до континент, и секако различни во зависност од културолошката еманципација на луѓето. Тоа што секако најмалку го има во општото согледување на тој принципиелен систем, е сочувството кон другиот човек и емпатија, без позитивни емоции кон другиот човек, туку само празно исполнување на формалните карактеристики на законските одредби, со индиферентен однос во човечкото однесување кон општиот живот.
Преку општествените закони, ние го исполнуваме кодексот; општото нормативно однесување во јавноста, остварувајќи ги правилата на кодексот кои немаат ништо општо со личносниот однос кон другиот човек. Единствено сувопарно исполнување на општите вредности помеѓу луѓето. Зарем толку многу ја изгубивме премисата да бидеме луѓе со сочувство? Навистина една општа апатија.
Човекот не може да биде добро разумско битие, доколку во себе нема позитивни, пријатни и чисти чувства кон секој друг човек. Животот кој го добиваме како дар Божји, е непроценлива вечна квалитетна вредност. Впрочем, Бог е вечниот квалитет, и се што Тој дарува, се излива од таа вечна вредност. Та тогаш, кога знаеме дека животот во светот е Божји дар, како тогаш можеме, така бескрупулозно да се однесуваме кон него. Всушност, доколку ние само спекулативно говориме дека го љубиме Бог, а срцето наше е исполнето единствено со егоизам и омраза кон животот, тогаш ние директно се спротивставуваме на Господарот на животот, на Господ Седржителот.
Не можеме да Го љубиме Бога, а светот да го мразиме. Светот сме и ние, и ние сме дел од истиот свет, ние сме иста материја од таа иста и заедничка материја. Сите сме создадени од таа пропадлива природа, која е создадена од Господ Творецот, и сите го имаме животот кој е дар Божји, кој се излива од Господ Кој е вечен извор на животот. Не смееме да бидеме лицемери кон Господа, не смееме да се однесуваме конфузно во нашиот живот. Или ќе бидеме исполнети со благодатта на Светиот Дух и ќе ја изразуваме љубовта кон сè и секого околу себе, или воопшто нема да здобиеме никаква вечна убавина.
Гледаме дека сè повеќе луѓето венеат во тага, се повеќе денеска се оддалечуваме еден од друг и не ја остваруваме основната човечка одлика, а тоа е да бидеме во љубовна заедница помеѓу себе. Тагата денеска се повеќе го обзема светот и како епидемија се шири. Човекот не е создаден за да биде осамена единка.
Браќа и сестри, Бог е нашиот дародавец. Тој ни ја подарува Неговата благодат преку која нè остварува како примери на љубовта. Без Божјата помош ние не можеме да постоиме како вистински луѓе. Без Божјата помош, не е возможно да се оствариме како луѓе, затоа што се подразбира дека човекот треба да биде осветен, обожен, и жител на рајот. А рајот се стекнува преку Божјата конечна одлука и со нашата слободна жедност за таа личносна заедница.
Светиот Павле ги објавува трите постулати на нашиот живот во Христа: „Верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1.Кор. 13, 13). „Стремете се кон љубовта; ревнувајте за духовните дарови“ (1.Кор. 14, 1). Во овие две реченици, се ни е јасно и концизно објавено браќа и сестри. Од нас зависи каков ќе ни биде животот. Како ќе се насочуваме ќе зависи само единствено од нашата лична волја. Сè ни е дозволено, но не ни е сè на корист. Слободата која ја имаме во себе, треба да ја пројавуваме живеејќи во покајание, трудејќи се да стекнеме љубов, постојано изразувајќи ја околу себе, за да здобиеме вечно спасение.
Возљубени, Господовиот благослов нека дојде на вас со Неговата благодат и човекољубие, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
