Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади: зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Битие 2, 16-17).
На самиот почеток на создавањето на човекот, од самиот почеток на поимањето на подарениот живот, човекот ја слуша единствената и животворна заповед Божја, и тоа ја слуша и добива директно од самиот негов Творец. Господ е експлицитно заповеден кон човекот, кон своето најпрекрасно живо создание. Креација која е создадена по ликот и по подобието Божјо. Создание кое личи и приличи на Господа, но не по Божјата суштина, затоа што човекот е создадено битие и не може да биде бесконечен бог. Бог не е создаден, додека пак, човекот е создаден; Бог е вечно и беспочетно Битие, а човекот е создаден во моментот на времето, во историјата.
Оваа суштинска Божја Заповед е самиот пост. Постот како средство преку кое се докажува послушноста со дело кон Господа е всушност слободното изразување на човекот. Човекот со својата слободна волја треба слободно да биде послушен на вечната слобода, а тоа е Самиот Бог. Бог му дарува на човекот слобода, исчекува од човекот слободна волја, но позитивна слободна волја за остварување на прекрасната вечна заедница со Него. Човекот треба слободно да ја докаже искрената и чиста љубов кон Господа.
Всушност самото дрво, ништо не било поразлично од било кое друго дрво во рајот, затоа што во рајот сите дрва и се што е таму, е единствено и подеднакво прекрасно. Секој еден плод во рајот е бескрајно прекрасен. Нареченото дрво на доброто и злото, всушност, нема вистинска и магиска моќ, или некаква исклучителна бесконечна моќ, поголема и посилна од Господа. Тоа е невозможно и тоа е неприфатливо за нашата православна теологија. Бог го создава рајот и се што е во рајот; Бог го создава духовниот свет и материјалниот свет, и се што е создадено, всушност е подредено и не е совршено.
Бог е апсолутно сè! Бог е над сè! Бог е изворот за сè! Бог е Вистината, Бог е Доброто!
Дрвото е испит за човековата волја. Човекот доколку слободно одбере да биде послушен и да не проба од дрвото, тој ја потврдува својата добра и позитивна волја и се утврдува во доброто! Човекот доколку слободно одбере да биде непослушен и да проба од дрвото, тој ја пројавува и потврдува својата негативна и лоша волја и слободно се спротивставува на Господа, со тоа ја прекратува својата животворна нитка со Животодарителот, па на тој начин, оддалечувајќи се во гревот од Господа, губејќи ја премисата за добро, го доживува злото. Човекот во грешниот избор, од претходниот прерогатив во кој се истакнувал како прекрасно битие, постанува искривено, изопачено битие.
Гревот е зло! Гревот е погрешен и крив правец, поточно, гревот е погрешна цел. Гревот е отсуство од доброто. Гревот слободно го остваруваме, затоа што слободно го одбираме. Но оваа слобода која ја пројавуваме во гревот воопшто не е добра и вредна слобода. Оваа слобода е искривена перцепција на грешната и помрачена душа. Слободата во гревот е ропски статус на личноста. Личноста која робува на гревот, таа пропаѓа со искривената перцепција во бездната на злото. Оттука можеме да заклучиме дека, слободното остварување на гревот автоматски нè поставува во робовски статус на злото. Злото ја обликува слободната душа во извитоперена енергија која пројавува деструкција, како кон себе, така и кон се околу себе. Со слободното пројавување на гревот, човекот директно се конфронтира со својот Творец и ја уништува својата единствена и вечна прилика за вечен живот.
Постот не е рамка, постот не е ограничување како тоа некој го мисли. Постот не нè заробува, постот не нè уништува, туку тоа ни го прави гревот. Постот не ни ја загрозува слободната волја, како што некој мисли и толкува. Постот не е деградација.
Постот е слобода, затоа што постот ја изразува нашата слободна волја. Слободно постам, затоа што слободно одбирам да ја исполнам заповедта Божја. Слободно се изразувам да бидам во најпрекрасната Божја заедница. Слободата на личноста е нај големиот дар Божји за човекот. Та постот всушност го истакнува тој дар Божји.
Постот е средство за достигнување на совршената слобода. Кога веќе рековме дека постот ја изразува нашата слободна волја за остварување на најпрекрасната заедница со вечноста, тогаш, самиот пост како практика значи дека нè поврзува со вечната слобода. Постот е делатна љубов кон Господа.
Бог е вечна слобода! Бог е апсолутна суштина! Бог е наша животворна егзистенција! Бог нè ослободува преку мистичното таинствено сознание! Бог ни ја дарува возможноста, вечно да постоиме во слободата! Совршената вечност се достигнува преку слободната желба и волја за поврзување и остварување.
Оваа недела е посветена на светиот Григориј Палама, велики свети отец и учител на православната црква Божја. Тој е столб на православието, затоа што успешно го објаснил делувањето Божјо во светот, во Неговата икономија. Неговото учење е исклучително важно за православната теологија. Тој говори за три најважни сегменти и постулати во православната вера и теологија. Православно толкува за: usia (суштина), ipostasis (личност), energia (дејство). Тој посебно и прецизно, одвоено ги објаснува овие поими со нивното конкретно значење, значење кое е од исклучителна вредност за поимање на православната и вистинита теологија.
Свети Григориј Палама во рамките на теологијата, ја толкува и објаснува тријадологијата, како нејзина гранка, а која го проучува учењето за Света Троица. Тој всушност, го објаснува вечното Божество на Света Троица, но сепак најконцизно, тој се бави со теолошко објаснување за еманацијата на Благодатта Божја во светот, преку мистичното и тајновито Божјо дејство во светот. Божјата Благодат излевајќи се од вечноста во светот, се пројавува и во смртната материја, преобразувајќи ја, осветувајќи ја, обожувајќи ја. Свети Григориј се бавел и со Исусова молитва, која била негов основен подвиг, но и предмет за теолошки расправии. Тој бил наречен исихаст, поради умносрдечната молитва, а целокупниот таков подвиг, бил наречен исихазам.
Исклучително е прославен во историјата поради своето учење, а кое се однесува на самата суштина Божја, или поточно, теолошки го формира учењето за натсуштествената природа Божја, како заедничка Едносуштна кохезија на Света Троица. Потоа, разликата помеѓу трите Божји личности: Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот Дух, но еднакво и единствено сплотени во едносуштноста на Својата една и единствена природа Божја. Потоа и, разликата помеѓу дејството, енергиите на трите личности, на едносуштествената Света Троица, Еден Бог, потенцирајќи го самото начелото на Божеството, Отецот Небесен, Кој е носител на Божеството, од Кого вечно се раѓа Синот, и вечно исходи Светиот Дух. Всушност трите поими кои ги толкувал и кои ги разликувал, се предмет за основната догма на нашата православна вера.
За свети Григориј, не постои сама „гола“ (чиста) суштина. Суштината не може да постои сама по себе во вечноста, без конкретноста на личноста. Оттука можеме да кажеме дека, неипостазирана суштина воопшто не може да постои. Не може природата да постои сама по себе, без личноста. Личноста впрочем е носителот на природата. Па така значи дека, Личноста Божја постои вечно поврзана со Својата суштината. Тој одлично го објаснил зборот “usia”, кој во тоа време бил предмет на толкување помеѓу источното богословие и западното богословие, збор, преку чие значење се одредувало, поимало вечното постоење на Света Троица. Збор кој го раздвоил теолошкото толкување и поимање на христијанската теологија, на западно и источно учење.
Тој најмногу го докажувал во својот живот дејствувањето на Божјата несоздадена енергија во Исусовата, умносрдечна молитва, концизно и одлично толкувајќи, постулирајќи го како догматско учење за оваа суштинска молитва на разумското битие, на човекот. Всушност, тој е учител на платформата и фундаментот на православното догматско толкување за пројавувањето на енергијата Божја во таинствената молитвена мистичност.
Тој говори за Божествените несоздадени енергии на Света Троица, кои ние ги доживуваме непосредно во молитвеното мистично тихување, во исихазмот. Тој објаснува за Божествените енергии на Трите Личности, кои се пројавуваат од нив, конкретно од самите личности, по нивната света волја. Енергиите се излеваат од личностите на Света Троица, а не автоматски од суштината на Света Троица без да учествува Нивната волја. Дејствувањето е по личната Божја волја, а не по некаква имагинарна задолжителност, по нужноста на Божјата суштина. Човекот во икономијата Божја, ја искусува Божјата енергија како дејство на Божјата Личност, од Божјите Личности, а не безлично од Божјата суштина, која всушност тој не може да ја осознае.
Свети Григориј Палама вели дека, Божјите енергии извираат од Божјата суштина на која се однесуваат и која ја карактеризираат. Оваа онтолошка зависност од Божјата суштина се однесува на фактот дека Божјата суштина постои личносно како ипостасна.
Согледувајќи мал дел од неговиот придонес, анализирајќи ја оваа догматска теолошка вредност, сфаќаме колку е важно делото на светиот Григориј Палама за нашата православна вера, затоа што тој концизно ни го дефинира односот помеѓу Божјите Личности, Нивната суштина и Нивната енергија која делува и во светот. Затоа светата црква, втората недела од светата четириесетница, нему му ја посветува, затоа што тој е стожер на православието.
Браќа и сестри, имајте ја молитвата во вашите души, не заборавајте ја никогаш. Во секое време, на секое место, имајте ја својата лична молитва. Каде и да сте, што и да чините, бидете тивки молитвеници во вашите души. Имајте ја прекрасната и единствена Исусова молитва во вас, која гласи: Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј ме грешниот. Бидете исихасти, бидете трудољупци во се што е добро.
Свети Григориј Палама, нека ни биде учител во молитвата. Амин.
