Недела 2. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

На денешната света Литургија, во делот од светото Евангелие кое го прочитавме, слушнавме дека Господ Исус Христос ги повикува своите ученици. Од тој момент Исус започнал со собирањето на Своите следбеници, а тоа го означува и почетокот на формирањето на Неговата света заедница. Христос прво го повикал Петар и брат му Андреј, и потоа сите други. Од овој момент на Христовиот повик кон нив, започнува заедницата на верните Божји чеда. Синот Божји слободно ги повикал Своите ученици, и тие слободно го прифатиле тој повик. Впрочем и последователно во историјата од тогаш, па сè до денеска, гласот на црквата Божја е постојано повикување кон луѓето за нивно спасение.

Господ секогаш прв го повикува човекот во светата заедница. Тој впрочем го создава човекот за да го обожи и усоврши, но сепак, почитувајќи ја човечката лична волја. Божјата света волја со Својата премудрост, ја конципира Својата вечна идеја во која човекот е вечно битие, кое вечно коегзистира со Света Троица. Значи дека, човекот е создаден со единствената Божја намера, да биде свет, непорочен и обожен, да постане икона Божја, и да го наследи Царството Божјо. Човекот е создаден за да постане син Божји по благодат. Сепак, од човекот зависи дали ќе одговори позитивно на Божјиот повик. Слободната волја на човекот е пресудна за да се оствари прекрасната Божја намера. Од нас зависи како ќе ја пројавиме својата лична слобода со која треба да се определиме. Бог нè повикува, и светата Црква нè исчекува во својата спасителна заедница.

Христос е главата на Својата црква, прв Архиереј, велики Владика, Првоначелник на Својата Црква; додека, пак, апостолите се претставници на Богочовекот Исус Христос, трудољупци на нивата Божја, на Божјото лозје. Аналогно на ова, Епископот е икона Христова и сите ние служителите во земниот олтар Божји сме претставниците на својот Владика. А сите други, народот Божји, вие сте трудољупци во верата Божја. Сепак сите сме чеда Божји. Сите заедно, компактно и здружено, ја остваруваме иконата на Царството Божјо на светата Литургија, та нашето спасение се остварува во светата Литургија, преку причестувањето со пресветите Христови Дарови. 

Квалитетот кој го поседува Епископот во себе, е вистинската христијанска љубов, која извира од Богочовекот Исус Христос, нашиот Господ. Епископот е иконата Христова која го репрезентира реално Богочовекот, затоа што неговиот живот се уподобува на Христовиот живот. Епископот има власт која му е дадена од Светиот Дух да ја надгледува својата епархија, и да ја управува, а позитивните карактеристики со кои се одликува епископот ги контемплира во себе, примајќи ги од Христос, Кој е вечниот и совршен квалитет. Христос е единствената инспирација за сите нас. Христос ја подарува харизмата со која се облагородува епископот кој е Негов претставник, тој е икона Христова.

Канонскиот епископ доброволно го предава својот живот на Господа, подражавајќи Го Христос во Неговиот евангелски живот. Епископот е нашиот духовен водач кој трудољубиво чекори по Христовиот пат, принесувајќи го своето богодарувано паство во прегратките Божји. Богочовекот Исус Христос повикува во Своето Евангелие да се угледаме на Него, и да го уподобиме својот живот со Неговиот, та Епископот вистински се уподобува на Христа подражавајќи го спасоносниот Христов живот, трудољубиво и внимателно грижејќи се за довереното му паство.

Браќа и сестри, сите сме ние во Црквата Божја со својата определена служба, но сите заедно собрани во спасоносната заедница, со една заедничка цел. Еден е Господ и Тој е нашата една и единствена заедничка цел. Целта која ја посакуваме, ја подарува Синот Божји, Богочовекот Исус Христос, и во Него ја здобиваме прегратката Божја. Причестувајќи се со Пресветите Дарови на Богочовекот, сите заедно сме едно во Црквата. Ние треба да тежнееме и да копнееме за љубовта Божја која нè преобразува во добри луѓе. Само Божјата љубов е таа која чудесно нè остварува во добри и позитивни битија, постанувајќи репрезенти на Божјата милост и на Неговото спасение.

Бог Отецот благоизволува, во самата Негова идеја, светот да биде создаден, за да биде сопричесник во љубовта Божја. Божјата идеја е светот да биде во вечната прегратка Божја. Светот е создаден, за да коегзистира вечно во прегратката на Света Троица. Господ го создава светот, за да биде обожен и вечно прегрнат во љубовта Божја.

Потенцираме дека, светот е создаден за да биде единствено остварен во есхатонот Божји, во вечноста. Поради оваа догматска вистина, Господ Бог благоизволува светот да биде создаден и обожен во Неговиот Син. Да биде дел од Синот Божји. Светот е создаден за да постане сопричесен со Света Троица. Да биде сопричесен во Божјата вечност. Да биде дел од Божјата личност на Логосот Божји. Логосот Божји е архетипот на светот. Логосот Божји е архетипот на човекот.

Тоа значи дека, Логосот Божји пристапува во остварувањето на татковската идеја и го создава светот. Но, Синот Божји, Логосот Божји ја обликува Божјата идеја за светот, во Себе во вечноста. Следствено, создавајќи го светот, заедно со Светиот Дух, Тој Го материјализира Својот вечен модел. Но секако дека Света Троица, потполно, постојано, делува заедно во својата полнота. Делува постојано во Својата апсолутна заедница.

Материјалниот свет, никако самостојно не може да се спаси. Во материјалниот свет нема ништо што постои, а да има во себе живот вечен. Точно дека е материјалниот свет создаден од Вечниот Творец, но самата материја на светот не е вечна. Материјата на светот воопшто не постоела пред создавањето, туку Господ ја создава од ништо, ја создава „ex nihilio“ (од ништо), поточно, ја создава „non ex aliquo“ (не од нешто).

Но, за да може светот да биде спасен и за да се оствари Божјиот план на спасението, светот треба самостојно, слободно да посака да биде спасен. Поточно, светот треба, самостојно, слободно, со својата волја, да го прифати Божјиот домострој на спасението.

Кога говориме за слободната волја на светот, сакаме да потенцираме, дека човекот е претставникот на светот кој треба слободно, лично, со својата волја, да ја прифати Божјата испружена рака кон него. Човекот треба самостојно да ја прифати Божјата идеја. Следствено, човекот е создаден како слободна личност, која е создадена по лик и по подобие Божјо за да биде сличен со Господа. Господ е вечен и беспочетен. Човекот е вечен, но со својот почеток. Господ е Вечна Личност, и човекот е личност, на која ѝ е подарена потполна слобода со право на избор. Човекот е личност која е создадена во одреден момент во историјата на светот, за да постои бескрајно, во заедница со Господ.

Мораме да нагласиме, повторно, дека односот на Света Троица е во меѓусебната вечна, совршена, позитивна заедница. Таа Божја заедница е нашиот прототип. За да бидеме остварени како позитивни луѓе, ние првенствено мораме да бидеме во Божјата заедница и се подразбира, дека треба да бидеме во меѓусебната заедница со луѓето и со светот. Човекот за да се оствари како човек, мора единствено позитивно, во љубовниот личносен однос, да биде во меѓусебната човечка заедница.

Црковната главна карактеристика е соборноста. Говорејќи за соборноста, ние ја изразуваме и вечната Божја вистина за Неговата троедина соборна заедница на љубовта.

Светите отци, како што е и свети Кирил Александриски кого денеска го празнуваме, се носителите на Божјиот Дух, преку кого се толкуваат догмите во Светата црква. Одлуките кои се донесени во светата црква, на Вселенските собори, се пројавуваат во живата вера на живиот, свет организам. Изворот на вистинските одлуки кои се пројавуваат преку соборувањето на светите, живи, икони Божји, се темелат во непоколебливата и цврста вера во Бога. Светите отци, учители, просветители, преку богосозерцувањето, ја формулирале целата наша денешна догматика за верата.

Преку богосозерцувањето, во тишината на човечката душа, светите отци, просветлени со неземната Божја светлина, со умот обземен во неизменливите тајни на богословието, прикриени во надсветлиот Божји примрак, ја здобивале мудроста Божја.

Со закрилата на мајката Божја Марија, Богородица, по молитвите и застапништвото на светите отци, прегрнати од вечната Божја љубов, да нè спаси и помилува нашиот Господ Исус Христос. Амин.