Недела 20. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Христа Господа браќа и сестри.

Великиот теолог, педагог на Црквата Божја и апостол на Христовата вера, светиот Павле, во своето послание до Галатјаните вели: „Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас Го проповедав, не е од луѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку откровение на Исус Христос“ (Гал. 1, 11-12).

Светиот Павле сведочи за неговата теологија, за неговата наука која ја проповеда, која ја шири во светот. Таа наука не е контемплација на некакви традиционални верувања, или пак на некакви културолошки обичаи. Оваа наука која тој ја проповеда не е ниту некаква сувопарна теорија од некакво земско искуство, ниту пак е оваа наука некаква дефиниција, која тој ја научил во јудејската вера, во која тој бил навистина многу образуван и многу напредувал, како што и тој самиот сведочи за себе во истото послание малку подолу.

Кога ќе кажеме дека некој говори за некаква наука, често подразбираме дека тоа е широк спектар на некакви земни, искуствени согледувања, докази, теории, закони. Подразбираме дека тоа е систем на контемплирано, сублимирано знаење, кое во себе изразува единствено проверливо објаснување и предвидување. Секако, под логичното конципирање на науката, ја подразбираме рационалноста која е темел на емпириското доживување и неговото толкување. Тука всушност го подразбираме стекнувањето на тоа знаење, кое секако се темели на опитното искуство, но и на рационалното пренесување и објаснување кон другите.

Под поимот наука, така општо, се подразбира едно логично и рационално согледување на човекот кон светот, кон сè она што е видливо. Науката во своето перцепирање, со своето слободно мислење и мнение, посакува да го објасни и тоа што е невидливо, а сепак тешко за откривање, поради скромноста на човечкото перцепирање и умно согледување, кое е единствено земно, поради актуелното и активно единствено постоење на човекот во светот.

Теологијата е слово Божјо, но за светот, теологијата како прифатена земна наука е спој на религиозни верувања кон природата на светот, впрочем кон целокупниот општ живот во светот. Теологијата, го согледува животот и надвор од светот, таа како религиозен концепт, но во научна смисла, секако дека во себе го восприема опитното земно искуство, но пред сè, таа животот го согледува од аспект на вечноста, од аспект на Божјото првопостоење како Алфа и Омега.

Тука се поставува прашањето, како тоа може една човечка искуствена наука, да го согледува Божјото постоење, надвор од светот, од аспект на вечноста. Секако дека, теологијата не го проникнува во себе единствено опитот на физичкиот свет, впрочем, теологијата во себе фундаментално го подразбира живиот збор Божји, ја подразбира мистичноста Божја, која се открива на светотаински, чудесен начин. Господ преку животворната Своја енергија, ја посетува душата на разумното, словесно битие, и го облагородува ограничениот човечки ум, харизматично го инспирира, за да ги контемплира тајните Божји.

Богословието како една академска дисциплина, но како што објаснивме не само академска дисциплина, како поим, како прекрасен и суштински спој на значења, се добива од два дела: од првиот збор Бог и од другиот збор кој е споен со зборот Бог, а тоа е зборот „слово“ – збор, логос, или разум. Секако дека Богословието ја спојува рационалноста на човекот која му е дадена како дар Божји, но пред сè, богословието ја втемелува својата мудрост во она што е надрационално, надприродно, надземно, надчовечко, а тоа е Бог. Па така, богословието или теологијата се духовно-физички согледувања или научни дисциплини кои го спојуваат небоземниот живот. Теологијата не го согледува онтолошкото постоење на животот единствено во рационалноста, туку овие две научни дисциплини ја поимаат, перцепираат и контемплираат единствената вечна животна егзистенција, а тоа е Бог.

Бог пак не делува на рационален и логичен начин, туку, Тој делува на потполно чудесен начин, кој се нарекува откровение. Тој преку Своето откровение кое всушност значи откривање, се открива реално и отворено од Својата трансцедентна апстракција, доаѓајќи во светот, бивајќи еден од нас, живеејќи со нас, за да на самиот Свој земен крај, се жртвува поради нас, умирајќи на крстот, за да се воздигне од таа понижувачка смрт, воскреснувајќи и спасувајќи нè. Бог ни се откри, објави, за да нè преуми духовно и преобрази телесно во конечната Негова спасителна цел.

Богословието е наука која секако го користи човечкото логично и рационално согледување кон Бог како кон животворен извор, и кон целокупниот свет како Негова креација, но секако пред сè, нашата вера во Господа е пресудна за да можеме да ги поимаме нештата на вистински начин во оваа дисциплина. Богословствувањето ја контемплира во себе енергијата Божја која се подарува за да се всели силата Божја во разумноста на создадената природа, и преку силата на совршеноста, да се преобрази таа несовршена природа. Богословствувањето е дар Божји, изливајќи се од премудроста Божја, од Света Софија. Та следствено, Богословието е наука на Божјата харизма.

Во откровението кое Бог го остварува и ден денеска, човечкиот ограничен ум, бива просветен и продуховен, воздигнат од земското физичко искуство, и воздигнат и осветен од неземното просветление, кое во тајновитоста на Божјиот примрак, со дејството на Благодатта Божја, добива мудросна сознанија од изворот на Животот, од вечната трансцедентност. Богословието во себе ја подразбира духовната тајновитост, мистичност, на светотаинскиот живот на човекот во Црквата Божја, во светот.

Црквата Божја, како земна форма на остварување во историјата на светот, всушност ја сублимира реалноста на сегашноста, временскиот момент на животот во историјата на светот, со вечноста и трансцедентноста. Впрочем, Црквата Божја, како Тело Божјо, со сите луѓе кои слободно партиципираат во таа единствена и љубовна заедница во светот, во историјата на човештвото, ја остварува љубовната заедница со Бог, Кој го сплотува целокупниот свет преку Себе, во Себе, и го принесува целиот свет во вечноста. Оваа прекрасна спасоносна идеја Божја, е вечниот Домострој на спасението.

Евангелието кое го ширел светиот апостол Павле, е всушност Божја радосна вест за нас луѓето, или добра вест која ни ја отвара перспективата за нашето спасение. Евангелието е самиот живот на Богочовекот Исус Христос, нашиот Спасител. Евангелието Божјо е откровение за нас луѓето, преку кое ние треба да го согледуваме и нашиот живот, тежнеејќи за подражавање на сите морални принципи кои се постулирани во него. Исус Христос доаѓа од апсолутната апстракција, од вечната трансцедентност, се самоунижува и се самоиспразнува од Неговата Божествена категорија, та се отелотворува, вочовечува и постанува дел од малиот свет, од оној свет кој Тој го создал од ништо, од небитие. Впрочем, Синот Божји, постојано е присутен во вечноста и едновремено бил жител и на земјата.

Животот на Богочовекот Исус Христос, е всушност самото Евангелие, кое како добра вест, ни го објавува доаѓањето на Спасителот, доаѓањето на Синот Божји во свет. Животот на Богочовечката Личност на Исус Христос, е нашиот вредносен и егзистенцијален систем на вечниот квалитет. Богочовекот е нашата основна и животворна егзистенција, преку кого, и во кого, ние онтолошки се самоспознаваме и остваруваме како вистински и вечни битија.

Нашето создавање е од Премудроста Божја, та ние сме создадени за да се оствариме како есхатолошки битија во Христовата Богочовечка Личност. Тој сите нè собира и соединува во Него и преку Него, нè приведува во совршеноста. Тој ја дели и шири Својата љубов кон сите, затоа што всушност, дејството на совршената љубов нема граница, таа е бескрајна и неограничена, та се прелева кон Неговите созданија. Божјата совршена љубов има вечна тенденција да се шири и излива од Него. Тој несебично ја дели кон сите, затоа што всушност, љубовта се огледува во делењето кон другите. Љубовта не е љубов кога е статична и самозатворена, туку, љубовта е вистинска кога се излива, дели и шири кон сè.

Светиот апостол Павле, го проповеда Евангелието, ја проповеда вистинската и совршена наука Божја, која ја здобил во својот ум преку откровението Божјо, на патот за Дамаск. Тој патувајќи, практикувајќи ја јудејската вера, напредувајќи интелектуално во таа несовршена наука, доживеал во еден момент духовно просветување и преумување (метаноја) во својот ум, со посетата на Божјата милост. Тој осветлен со неземната Божја светлина, збунето согледувајќи ја таа чудесна пројава Божја, постанува слеп со телесните очи. Од силината и моќта на Христовата Божја сила, неговите здрави телесни очи, постанале слепи поради силата на светлоста Божја, но воедно и преку ослепувањето, Бог Исус Христос му покажал дека тој бил слеп во неговата религиска практика. Додека пак, преку откровението Божјо, тој постанува духовно видовит и мудар. Та навистина ништо не значи гледањето со телесните очи во светот, или пак изучувањето на земските науки, доколку сме слепи со душата своја, доколку нашиот ум е слеп за вистината.

Често луѓето може да бидат високо интелигентни, со натпросечна интелигенција, со исклучително образование во светот, но сепак да се нелуѓе, небитија, покажувајќи ужасна нечовечност. Така интелигентни, а воедно обезбожени битија, покажуваат монструозност кон светот. Интелигенцијата и знаењето нема да нè спасат, доколку духовно не прогледаме, не се обожиме, и не се осветиме. Всушност не можеме ние сами да го достигнеме и оствариме Божјото просветлување, тоа е Божјо дејство и само од Него зависи, но од нас пак зависи желбата за да бидеме во љубовната заедница со Бог, та секако кога Бог ќе ја види нашата желба и нашиот труд за да се оствариме како добри битија, тогаш Тој ќе дојде во нас со Неговата Благодат Божја за да нè освети и просвети, и ќе постане наш принцип и наш закон.

Браќа и сестри, Господ да нè благослови, да нè просвети со Неговата благодат, за да прогледаме со нашите духовни очи, за да ја сфатиме вистината, за да постанеме вистински примери на доброто, и да нè признае нашиот Господ како Негови чеда. Амин.