Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Во денешното Свето Евангелие коешто го прочитавме на Светата Литургија, слушнавме дека се говори за човекот кој бил обземен од демони. Кутриот човек, станал место за пребивање на извитоперените демони. Секој човек е прекрасна Божја креација која е создадена за да живее вечно со Бог во Рајот. Човекот е создаден за да стане икона Божја, за да стане слика Божја на земјата. За преку благодатниот свој човечки живот, да го наследи вечниот совршен живот. Човекот е создаден за да стане есхатолошка личност која е дел од времето и просторот во светот, и во исто време, преку Господа Исус Христос, да се поврзе со вечноста, со есхатонот, со трансцедентноста.
Човекот е создаден како личност, со умствена трезвеност. Човекот со својата лична свест, е различен од сите други творби кои што ги создал Бог. Човекот е прекрасна творба, кој го има во себе атрибутот на слободата, за да го бира својот животен пат. Да чекори во својот живот со својот слободен избор. Човекот е силно ментално битие кое што има свој личен карактер да го креира својот живот по својата волја.
Но, исто така, човекот може да стане и извитоперен пример на несовршеност. Човекот може да стане и место во коешто ќе се населат демони. Колку многу, навистина, може човекот да понесе во себе во своето битие. Сведоци сме во нашите животи на разните животни трагедии, неприлики, искушенија кои можат да го загрозат човекот. И човекот секакви тешкотии може да понесе во својата осетлива душа. Но, пред сè, човекот е создаден за да стане свет и совршен, а може исто така да стане, несвет и несовршен.
Кога недоволно ја има Божјата совршена благодат во душата на човекот, човекот станува обезблагодатено битие. Заради недоволно Божјо присуство, човекот станува место пусто, место мрско, мерзост на запустување. Душата на човекот станува место каде што владее зло и изопаченост. Благодатта Божја ја храни душата на човекот. А без благодатта во душите, луѓето стануваат смртни, суви пустини. Стануваат обезличени субјекти.
Колку е навистина жално и тажно кога човекот е обземен од демоните. Прекрасната жива икона, наместо да ја исполни својата цел, станува ужасна слика на изопаченост. Демоните го уништуваат создаденото битие, радувајќи се што можат да ги уништуваат Божјите креации. Демоните не можат лично никогаш да се борат директно против Бога. Нема воопшто говор нити помисла, дека демоните можат да помислат да се борат против Божјата семоќ.
Бог е Апсолутно моќен. Бог е Седржител. Бог е Творец. Бог е на секаде и сè исполнува! Бог е Почетокот на сè! Бог е отсекогаш и засекогаш! Бог е пред сè! Бог е Алфа и Омега! Бог е смислата и суштината на сè видливо и невидливо!
Паднатите поднебесни духови, единствено можат да се борат против луѓето. Против Божјите созданија. И така како и во овој пример, демоните се вселиле во кутриот човек и го мачеле со години. Го обезличуваат прекрасното човечко битие, исмевајќи ја Божјата креација. Уништувајќи го достоинството на човекот.
Бог со Својата вечна идеја го создава човекот да му го подари рајот. Го наменува за негово вечно место, да биде сограѓанин во Новиот Ерусалим заедно со Него, со Светата Троица. На човекот му е наменето местото во есхатонот во вечноста, да сопостои со Господа. Поради таа вистина, злобните духови ги мачат луѓето, за да им ја одземат таа привилегија. Преку целиот живот, малтретирајќи ги луѓето со разните сплеткарења и искушенија, да ги застранат и да ги отстранат од правиот пат на спасението.
Кога човекот е измачуван на овој начин од демоните, тогаш тој ја губи основната човечка слика на угледно битие кое е создадено по ликот и по подобие Божјо. Па, еве, слушаме во овој пример на Светото Евангелие, како и постојано во сите примери на ваквите појави, дека човекот бил без облека, телесно и духовно нечист, целиот во рани, живеел во гробовите, осквернет во душата своја, телесно неугледен, извалкан од демонското пребивање во неговото битие. Човекот опседнат од демоните бива посрамотен и унижен, деградиран, презрен… Каква трагедија и ужас. Демоните ги плашат и сите други луѓе, дека тие можат да нè повредат кога било. Тие нè плашат дека се моќни да нè уништат. Пребиваат во тој човек на гробиштата. Тие ги плашат луѓето дека се наоѓаат во мртвите луѓе.
Можеме да кажеме дека демоните се населуваат во мртвите луѓе, но не во мртвите тела на упокоените во гробиштата. Демоните не можат да ги воскреснат умрените луѓе, туку демоните се населуваат во умртвените души на луѓето. Кога човек Го нема Бога во себе, кога ќе се озлоби, тогаш демонот се населува во човекот. Ние единствено преку покајание се очистуваме. И од валкани нечисти гробови, преку покајание, се исполнуваме со Благодатта Божја и повторно стануваме достојни луѓе.
Благодатта Божја е совршена сила Божја која може сè. За Бога нема ништо што е невозможно, така што и најголемата нечистотија во сето она што е создадено од Него, за Бога не е ништо. Доколку Бог посака, сè може повторно да воспостави и востанови, да промени и прочисти.
И денес има демонизирани луѓе насекаде во светот. Слушаме за такви примери. Но, секако треба да напоменеме и да утврдиме и една суптилна и перфидна демонизираност, која може да се пројавува и преку нечовечките дејствија на луѓето кон други луѓе. Денеска како и секогаш, постојат луѓе, кои ги мразат другите луѓе. Нивната омраза е толку голема, што ја посакуваат нивната смрт. Оваа омраза е исто така плод на обезбоженоста. Постојат многу луѓе кои ги негираат и уништуваат другите луѓе. Обезбоженоста се пројавува и како негирање и елиминирање на луѓето и на создадената твар. Сатанизмот и денеска исклучително се пројава во демонизираните луѓе кои ги уништуваат созданијата Божја.
Но, треба да знаеме, браќа и сестри, дека Бог тоа што го создава, никој нема право да го уништува! А секој кој ќе се дрзне да ѝ пркоси на Божјата волја, ќе ја понесе одговорноста пред Совршениот Творец. Не дај Боже, некој да падне во Божјата немилост. Бог ги создава луѓето со Својата Љубов, и никогаш и никако не сака да го уништи она што го создал. Божјата волја преку Неговата апсолутната слобода може да делува по правдата. Што би значело дека Тој има право да казни. Но, Бог е исто така бескрајно трпелив. Затоа и на создадениот човек, Бог му дарува слободна волја. Слободно да живее. А доколку човекот ѝ се спротивставува на Божјата Волја, и директно е противник Божји, тогаш плодот на спротивноста е вечната смрт.
Хипокризијата е денес основната фундаментална карактеристика во светот. Луѓето денес сè почесто и генерално се лицемери. Најчесто под плаштот на добрите идеи, се остварува прикриената демонска злоба. Планетарно сме јавно активни во човекољубието, во заштитувањето на човечкото достоинство, а впрочем, лицемерно ја остваруваме тајно, демонската злоба. Го исполнуваме демонскиот план за уништување на тварта. Навидум изгледаме квалитетни и трезвеноумни луѓе, а впрочем сме лукави и лицемерни, дволични и перфидни.
Кутрите ние што не сме свесни што сме. Кутрите ние што ја губиме милоста. Кутрите ние, што се насладуваме на туѓата мака. Кутрите ние што постојано сме незаинтересирани кон страданијата на луѓето ширум светот. Како да не живееме во истиот свет. Како да немаме ништо заедничко со другите луѓе во светот. Ох, навистина сме обезличени и понижени во нашето лицемерно живеење.
Каде ни е човечкото достоинство? Каде ни е молитвата за целиот свет? Каде е нашата емпатија кон човекот? Можеби ќе се оправдаме дека се молиме општо и задолжително во некакви молитви, кои ги читаме онака шаблонски и формално, впрочем самите себе се лажеме дека ја исполнуваме формата. Навистина е тажна нашата несвесност.
Но, да се навратиме на Евангелскиот текст. Кога Го здогледале демоните Исуса, Му рекле преку човекот во кого пребивале: „Што сакаш од мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачиме ме!“ (Лука 8, 28). Еве, тие лукави и злобни демони, Го препознаваат Синот Божји, и Го сведочат. Тие сведочат дека Тој е Син на Севишниот Негов Отец Небесен. Тие демони, поради бесконечната сила Божја, во стравот од вечната мака која им е подготвена, Го потврдуваат Синот Божји. Му ја потврдуваат славата и власта. Му ја потврдуваат бесконечноста и синовството на Севишниот Бог.
Сега слушаме и дека тие злобни демонски битија, го молат Синот Божји. Го молат да не ги мачи. Па зар тие истите духови, не можат да го замолат Бога за простување и милост? Па зар истите тие демони, не сакаат повторно да бидат жители на Рајот? Зар не сакаат повторно да пребиваат во вечната совршеност од која отпаднале по својата волја?
Тие сега не Го молат Синот Божји да ги помилува и да им содејствува да бидат повторно примени во небеското достоинство. Не сакаат да излезат веднаш мирно и покорно од човечкото битие. Туку, тие лукави, злобни и одвратни демони, спорат со Бога. Тие Го молат да влезат во свињите. Тие Го молат и понатаму да бидат присутни во светот, но не за да прават добро, туку и понатаму да пакостат и да уништуваат. Па така сега, бараат да влезат во свињите. Господ им допуштил да влезат во свињите. И свињите се втурнале во море и се удавиле.
Но, браќа и сестри, слава на Бог, што Бог не допушта на демоните да го уништат човечкото битие. Ете колку години, демоните пребивале во човекот, а сепак не го убиле. А свињите веднаш се втурнале в море и се удавиле. Сепак човекот е создаден од Бога за да стане Негова икона, затоа пак преку потенцијалот во духот човечки, иманентно сведочејќи Го Творецот во неговата душа, преку печатот Божји во создавањето на светот, човекот е префинето битие. Па поради Божјата сила, човекот бива заштитен од демонската сила на уништувањето.
Господ ги скротил многуте демони имајќи власт над нив. Симболот на скротениот легион е симболот на светот. Светот се извалка од гревот и постана како гроб. Стана страшен и демонизиран. Господ дојде и го скроти светот. Господ дојде и му овозможи на светот чистота и убавина. Господ е убавина, па и светот може да биде убавина.
Сега, откако кутриот човек бива излечен од злото, народот во земјата Гадаринска, дотрчал и се побунил против Исуса. Народот наместо да биде благодарен, наместо да поверува, наместо да се радува, народот бил огорчен затоа што Господ допуштил да се удават нивните свињи. Тие наместо да бидат среќни и благословени што им дошол Господ во нивната земја и што го излекувал нивниот сограѓанин, тие негодувале и Го бркале Исуса од нивниот крај. Наместо тие луѓе да ја видат убавината Божја, тие ја сакале нечистотијата на свињите. Тие луѓе, преку свињите ја покажале својата душа и своето право лице. Тие Го бркаат Бога од себе. Тие Го молат исто како и демоните, не за да им дозволи да бидат засекогаш со Него во Рајот, туку Го молат да си оди од нивниот живот, од нивната земја. Па тие Го бркаат Бога од светот. На нив Господ не им е потребен. Го молат нивниот Творец да си оди од нив. Тие се самодоволни за себе, во својот краткотраен живот.
Каков парадокс! Господ го создал светот! Господ го создал човекот за да живее и господари со светот, поточно да биде добар стопанин, домаќин во светот. Поточно Господ му наменил на човекот, да биде добар чувар на неговото лозје, за кога ќе дојде, да биде достојно пречекан.
Но, за жал, многу луѓе лицемерно само зборуваат дека доколку Го видат Бога ќе поверуваат. Тие лукави оправдувања се навистина бесмислени. Многу луѓе ги гледаа чудата Христови, и пак не поверуваа. И Јуда Искариотски ги гледаше постојано чудата и постојано беше со Христа, па Го издаде Исуса. Значи не е доволно гледањето, доколку е озлобена душата.
Единствено чистата, позитивна емоција во човекот е фундаменталната карактеристика која ни овозможува да имаме добра перцепција. Не можеме да имаме позитивно поимање во светот, доколку немаме позитивна емоција кон светот. Не можеме да го согледаме и поимиме Бога, доколку немаме емпатија кон светот. Како воопшто мислиме да станеме носители на Божјиот Дух, без да ја имаме љубовта Божја во нас? А љубовта Божја е чиста, совршена, бескрајна, постојана, интензивна, животворна, која се дарува на секого кој се поврзува со Творецот. Ние не добиваме материјални дарови, ние не добиваме лични подароци, туку ние од Бога добиваме совршена љубов која Тој ја шири и подарува, за и ние да ја шириме и подаруваме.
Иконите Божји се носители на Благодатта Божја со која блескаат и ја изразуваат Божјата убавина. Убавината е во заедницата на љубовта. Заедницата во Црквата се остварува преку поврзувањето помеѓу нас луѓето и Бога. Сите заедно ја остваруваме прекрасната убавина на Царството Божјо.
Светиот и велик апостол Павле во денешното послание вели: „Браќа, ве известувам дека Евангелието, кое јас го проповедав, не е од луѓе, зашто јас ниту сум го примил, ниту сум го научил од човек, туку преку откровение на Исус Христос.“ (Гал. 1, 11). Апостолот сведочи дека Евангелието на спасението, не го открил сам од себе. Или дека тој го научил некаде. Туку дека целокупното знаење, мудроста, чистото умно поимање, го стекнал преку Откровението од самиот Господ Исус Христос. Господ го просветлил. Апостолот ни сведочи дека единствено преку Божјата помош, преку благодатното дејство на Светиот Дух, мудроста се открива. Мудроста е во Бога, Бог е мудрост. И Бог преку Своето откривање во светот, на светот му подарува перцепирање, му подарува мудрост.
Бог е Тој Кој нè осветува. Тој прави да станеме добри. Добротата е Божјо својство на Неговото делување. Тој постојано правел добро и нам ни дава пример како да се однесуваме. Кога сме со Господа, тогаш живееме за Господа. Господ ќе делува во нас и нашите дела ќе бидат добри.
По молитвите на сите добри луѓе, да ни помага Господ и да нè штити. А ние, секако, да се молиме за сите луѓе и за целиот свет, затоа што во молитвата суптилно ќе ја докажеме нашата доброта и нашата емпатија кон светот.