Недела 21. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Во денешното послание кое го прочитавме на светата Божествена Литургија, светиот апостол Павле, се обраќа кон Галатјаните и им говори за благодатта на верата. Им ја објаснува верата на спасението и прави компарација со принципите на формалниот закон. Некогаш, во Стариот Завет, Јудејскиот закон бил единствената форма на религиското практикување, но сега веќе, во Новиот Завет, откровенската вера во Богочовекот Исус Христос е благодатна, суптилна и племенита форма на верското изразување.

„Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку верата во Христос Исус. Затоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку верата во Христа, а не преку делата на Законот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда“ (Гал. 2, 16).

Човекот е последното создадено битие од Творецот, во уметничкото креирање на светот, битие кое во себе ги има прекрасните дарови Божји, а тие се: личноста и вечната душа. Па така, човекот не е формално битие кое живее поради некаков задолжителен законски систем, впрочем, човекот со своите дарувани атрибути, создаден е да живее слободно разумски, верувајќи во својот Творец, но не само верувајќи во Него, туку, прифаќајќи го Господа за свој Седржител, и добар Создател. Човекот впрочем, верувајќи во својот Творец, тој и вистински постои. Човекот за да постои како вечна душа, во прекрасното Царство Божјо каде што му е наменето местото, треба да биде исполнет со вера кон Господа и доверба кон својот Творец. Доколку пак, човекот ја загуби верата во Господа, на тој начин ја прекинува животворната врска со која треба постојано да биде поврзан, затоа што таа животворна врска, е неговата вистинска, единствена и вечна егзистенција. Потенцијалот кој го има во себе човекот, му овозможува да оствари слободно избор со својата лична волја, за да здобие капитал во вечноста.

Делата на Законот се сувопарни и формални, додека пак нашата вера е полна со милост, благородност, добрина, убавина, љубов и со секакви благодатни дарови. Примерот на сите прекрасни дарови е Богочовекот Исус Христос Кој е нашиот принцип во верата, Тој е наш темел на Кого ја изградуваме својата иднина; Тој во Себе ги има вечните квалитети, затоа што Тој е нивниот извор и од Него се изливаат истите кон светот.

Човекот е браќа и сестри, едно прекрасно битие, кое во себе има исклучителен дар, дар кој му е подарен од вечниот Творец. Господ го создал човечкото битие, да има разум, да има слободна волја за да се изразува во позитивна форма. Човекот во себе го има животот Божји, човекот е жива душа, која е создадена за да Го љуби својот Творец. Но, создавањето на човекот не е по некаков закон, поради некаква нужда, та да биде пак човекот заробен во неговото задолжително прифаќање на Творецот.

Творецот е вечно слободна триипостасна Личност. Творецот е Света Троица Бог, Кој има три Лица, три Личности, Кои се вечно слободни во Своето делување. Еден Бог, во три Лица, Кои меѓусебно се во совршена и вечна љубовна кохезија. Љубовта е нивна вечна категорија, Нивни вечен атрибут, преку кого Господ Света Троица делува во светот. Та на тој начин, Господ го создава човекот не поради нужда и задолжителност, туку поради својата вечна категорија на личносната слобода. И тоа што Господ го поседува во Себе, личноста, му ја подарува и на Своето најпрекрасно и последно создание.

Господ му подарува разум и лична слобода на Своето создание, на човекот, за да го користи својот разум на прекрасен начин, со кој ќе се труди преку својата свесност, да ја поими својата вечна намена, дека треба да постане син Божји по Благодат. Свесноста на човекот, треба да го нагони за да тежнее кон остварувањето на вечниот спасителен сојуз со Седржителот. Свесноста треба да го нагони и да копнее кон Творецот, за да го наследи Царството Божјо. Слободата пак на човекот, му ја дава возможноста да го одбере вистинскиот пат по кој треба да се движи кон целта, и да го одбере позитивниот начин на живот, кој му дава единствена вечна перспектива.

Господ во Себе поседува слобода и му ја подарува на своето последно создание, на човекот. Човекот, пак, како разумно битие, како жива душа, треба слободно да го прифати својот живот како дар Божји, и постојано да живее со тенденција да се преобразува од несовршено битие, кон совршеноста. Секако дека нашиот труд е наш личен подвиг, со кој докажуваме дека го прифаќаме Божјиот Благослов за нас. Бог вечно благопожелува, да бидат и Неговите созданија вечни, но оваа Божја желба е Негов вечен копнеж, не по нужда, впрочем, вечната совршеност нема граница и конечност. Вечната Негова слобода исто така нема граница и конечност, и Тој преку вечната тенденција на совршеноста, бесконечно исчекува од Своите созданија да се трудат и да итаат во Неговата вечна прегратка.

Децата итаат кон своите родители кон родителската прегратка, затоа што таа прегратка е нивната најпрекрасна и единствена заштита во светот. Родителите се единствените заштитници на своите деца. Па аналогно со оваа споредба, можеме да го претставиме и нашиот Седржител и Творец како вечен Родител со вечна грижа, Кој ја шири безгранично Својата прегратка за Своите созданија, кои се Негови чеда. Не сме чеда по законот на некаква апстрактна задолжителност, туку, чеда сме по Неговата слободна волја, и таа Негова прекрасна семејна и родителска грижа, Тој ја нуди на секое Негово создание. Тој нè создава нас луѓето по слободната совршена љубов, па така и секој човек е Негова креација, која Тој ја љуби и исчекува да се оствари како икона Божја.

Православните верници се протагонисти единствено во својот личен живот, затоа што постојано се борат во себе, против себе, против своите пориви, нагони и страсти. Таа духовна борба е суштината на нашиот живот. Ние сите не живееме по некаков формален закон пред Господа, ниту пак го мериме нашиот живот со мерката на одредени законски форми во религиска конотација. Сите ние сме создадени поради Божјата љубов, остварени во Богочовекот Исус Христос, соединети во црквата Божја, поврзани во едномислие преку благодатта на Светиот Дух, па на овој начин, сите ние ќе можеме да се оправдаме во прекрасната љубовна вера во Господа. Па така, законот нема да има власт над нас, туку, верата во Бог Љубовта, ќе ни биде пиедесталот и оправдувањето.

Нашиот супстракт на животот е нашата вера, која го синтезира Богочовечкиот живот на Исус Христос со неговото делување, та Неговата личност е нашиот совршен императив кон Која тежнееме. Нашиот живот постулиран на темелот на Богочовечката личност на Исус Христос, е нашиот пример и принцип како да живееме. Но сето ова се остварува единствено во слободната личност на човекот. Затоа човекот внимавајќи постојано, треба да пази на својата дистракција од вистинскиот пат.

Во денешното свето Евангелие кое го прочитавме на светата Литургија, Господ Исус Христос ни ја кажува параболата за богатиот човек и за сиромавиот Лазар. Оваа парабола навистина сликовито го покажува патот на човештвото во историјата. Но, реално и сликовито е покажано, како луѓето навистина живеат, и каков однос имаат едни кон други. Тука јасно ја гледаме бесчуствителноста на богаташот, на кого ни името не е важно да се спомене, затоа што тој не е достоен да живее во вечната животна радост, таму каде што се радуваат праведните и светите.

Бесчувствителноста која владее во светот е одраз на богоотпадништвото. Па така, луѓето во својата единствена религија на материјализмот, постануваат бесчувствителни кон луѓето во светот во којшто живеат, бесчувствителни кон животот кој е Божји подарок. Егоизмот во кој што запаѓа човештвото и себичноста која владее помеѓу луѓето, го владее човештвото како неизлечива болест, која не донесува радост и утеха, туку вечна жал и мака. Привилегираноста дека некој поседува тоа што другите го немаат, гордеејќи се дека тој има повеќе од тие кои немаат, создава монструозност во човекот, па од еднакво битие со другите разумни битија, постанува неразумно, извитоперено и монструозно битие, кое тоне во своите заблуди. Човекот започнува да се натпреварува со другите луѓе, да се истакнува пред другите, дека единствената смисла на животот е во стекнувањето на материјалното.

Во овој случај од Евангелската парабола, богаташот, бил обземен со насладувањето од богатството и од прекумерното хедонистичко користење на таа привилегија, потполно заборавајќи, дека животот е минлив, дека материјализмот пак останува на земјата заедно со материјалниот дел од човекот. Телото е земјено, и богатството е земно, па така, земјата е материјална и останува да постои единствено во минливата историја.

Лазар, пак, спомнат со своето вечно име, пател и се мачел во суровиот свет исполнет со лоши, демонски вредности, ја чекал трпеливо својата смрт. Единствена утеха на вечниот Лазар, му биле кучињата кои покажувале кон него некаква грижа, лижејќи му ги неговите рани. Колку голема грижа покажуваат неразумните, чувствителни животни, наспроти разумните, свесни и бесчуствителни битија. Човекот со својата свесна психа, често велиме дека е образован, интелигентен, трезвеноумен, но сепак тоа ништо не значи, доколку тој ги почитува единствено личните потреби и живее само за својот живот.

Често слушаме во својот живот помеѓу нас, како треба ние да постанеме сами свои господари и богови на својот живот, а всушност, тоа е опасна појава која ја создава монстроузноста на себичноста.

Треба конечно да ја поимиме прекрасната и вистинска улога на црквата Божја која ја има во себе фундаменталната вредност на постоењето, а тоа е меѓусебната љубов. Богочовекот Исус Христос страдаше поради нас, умре поради нас, Воскресна поради нас, сето тоа го направи за да нè спаси, единствено само поради Својата љубов која ја поседува во Себе која извира од Него. Доколку не се поврзуваме помеѓу себе во љубовната заедница, тогаш ние не сме достојни да се наречеме луѓе.

Празниот формализам на припадност во некаква заедница, ништо нема да ни донесе како вечен и позитивен бенефит во иднина, доколку немаме помеѓу себе љубов. Доколку сме во дефицит со емпатија, грижа, сочувство и љубов, тогаш тоа е хипокризија на празното задоволно постоење во животот.

Браќа и сестри, возљубени, бидете милостиви и полни со добрина, имајте ја љубовта во себе и дарувајте ја околу себе, за да ја види нашиот Небесен Отец вашата милост и да ве покани во Своето вечно Царство.