Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Светиот Павле, великиот теолог на откровенската Христова вера, во своето денешно послание на светата Литургија, ги поучува Галатјаните за значењето на Христовата жртва, за страдањето на крстот и за новото создание. Тој како Богосозерцател на Божјото откровение, ја пренесува Божјата мудрост кон народот Божји. Вели на самиот почеток во посланието, дека со големи букви им пишува, за да ја истакне својата грижа кон народот кој има потреба од воспитување, од поучување. Сака да ја истакне важноста за она што го пишува и затоа им нагласува на Галатјаните дека им пишува со големи букви, со негова рака. Тој лично пишува и лично ги дава поуките за верата, од неговиот личен авторитет кој го стекнал од Бога. Бог го облагодатил, Бог го просветлил, Бог го преумил, од грешник да постане свет. Богочовекот Исус Христос му ја подарил Својата харизма, та свети Павле постанува авторитет во верата, авторитет во науката Божја.
Авторитетот се стекнува преку трудољубивоста, се стекнува во ревноста кон Бог, се стекнува во службата кон народот Божји, се стекнува во добродетелноста. Свети Павле здобива авторитет на духовното водство како духовен печат на дарот на Светиот Дух, во самото откровение и последователно во светото крштение. Авторитетот со кој се одликува светиот апостол Павле е Божји дар наменет за синовите Божји. Свети Павле како велики педагог, со своите поуки и толкувања, ги поставил темелите на христијанската вера, а самите темели се богооткровенски постулати кои се откриваат во живата вера.
Имено, свети Павле во ова послание повторно говори и објаснува за формалниот и стар Закон, и за Новиот закон. Не треба ние да живееме во верата поради некаква принуда во новата Христова вера, ниту пак да живееме по принципите на стариот Закон. Стариот Завет останува во минатото на историјата, додека во Новиот Завет, верата во Богочовекот Исус Христос нè спасува. Оваа наша вера е вера на слободната определба да служиме на вистинскиот, откриен, вочовечен, отелотворен Господ. Господ дојде и живееше со нас, ни го покажа вистинскиот живот за нашето спасение. Нашата вера не е формална вера втемелена во некаков формален закон, впрочем, нашата вера е жива вера во богооткривениот Спасител Исус Христос, Синот Божји.
Старото е излитено и не е совршено. Стариот Завет бил сенка за Новиот Завет. Стариот Завет со својот Закон во своето време бил формален и правен Закон кој бил секако сојуз помеѓу Бог и Израилот, народот Божји, тоа било секако формална заедница со Бог. Но Стариот Закон кој во себе ги понудува своите принципи како што е обрезанието, останува во историјата во која формалноста секако била предуслов во таа стара епоха. Подготовката за Новиот Завет, секако се трасирала преку тој Закон, кој во себе ја презентирал основата на идниот совршен закон.
Светиот апостол Павле вели во своето послание: „А мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот“ (Гал. 6, 14).
Во Новиот Закон, формата на верата е во љубовта. Љубовта е двигателот во новата вера. Љубовта е Бог, та Самиот Бог доаѓа во светот, се отелотворува, се очовечува, го возљубува Своето создание, и постанува материја. Но, постанува нова материја, постанува ново создание, постанува нова природа…Тој ја обожува, ја осветува несовршеноста, та ја воздигнува на пиедесталот на совршеноста. Тој поради Својата љубов претрпува крст, претрпува зло, за да го преуреди несовршеното преку Себе, во Себе, за да го усоврши.
Тој го победува злото, ги победува гревот, ѓаволот и смртта, и преку Неговото славно Воскресение, Тој постанува првина на сите. Првенец и пример за новото создание. Тој е новото создание со Својата Богочовечка личност и со Своето пресвето, непорочно, пречисто и безгрешно тело, во чие тело струи пресветата и пречиста крв Божја која оживотворува. Исус Христос е нашата вечна слобода на спасението, во Него се остваруваме, преку Него се обожуваме, со Него се спасуваме.
Новиот Завет ја има во себе иконата на Царството Божјо, а тоа е светата Божествена Литургија на светата славна црква Божја. Во светата Литургија ние се остваруваме како нови созданија, во Новиот Завет. Причестувајќи се со Христовите Свети Тајни, со Неговите Тело и Крв, ние се остваруваме како нови созданија, во новата суштина. Сите ние се поврзуваме телесно со Богочовекот Исус Христос преку причестувањето со Него, и се остваруваме како вистински добри и совршени битија во заедницата со Него, и преку Него со сите други кои пристапиле слободно и љубовно во таа прекрасна совршеност. Светата Црква е новата суштина на новите созданија, кои се поврзуваат со единствената и совршена личност на спасението, а тоа е Богочовекот Исус Христос.
Во денешното свето Евангелие кое го прочитавме на светата Литургија, се говори за исцелувањето на демонизираниот човек. Исус Христос, одејќи низ Гадаринскиот крај, сретнал демонизиран човек надвор од градот, кој живеел по гробиштата. Тој кутриот човек, мачен од демоните, деградиран на низок степен како човечко битие, кое живее на гробиштата како жив мртовец. Демоните од човечкото битие направиле неразумно и извитоперено човечко суштество, валкајќи ја човечката жива икона Божја, а всушност, најголемата радост за ѓаволот е кога човечкото битие го деградира и го уништува. Затоа што човекот е создаден за да го наследи Царството Божјо, затоа што Бог го љуби Своето создание и затоа што се жртвувал за своите созданија, постанал еден од нив и ги воздигнал преку Себе и во Себе, во совршеноста. Демонот пак, поради својата злоба, тежнее да го уништи љубеното Божјо создание.
Согледувајќи го она што се случило во Гадаринската земја, гледаме дека, самите демони Го препознале веднаш Синот Божји и Го исповедале. Ова исповедање го слушале и Неговите ученици и следбеници, како демоните Го препознаваат Синот Божји, но и Го молат да не ги уништува пред време. Гледаме како и демоните се плашат и молат, знаејќи дека нивната мака допрва доаѓа, но никако пак не сакаат во својата слобода да постанат добри битија, туку и понатаму војуваат против Творецот на еден индиректен начин, преку борбата со луѓето. Демоните се во слободен анимозитет кон човештвото и кон Творецот.
Демоните ги искушуваат, мачат, понижуваат луѓето кои се создадени од Бог како круна од целокупната творба. Луѓето се разумни битија, кои се наградени со прекрасни дарови, со исклучителен потенцијал кој природно тежнее кон Творецот. Човекот со својата личност, има слобода лично да се определи за добротата и убавината и на тој начин Господ ќе го препознае како дел од Себе. Човекот во својата слобода се определува, каде ќе го продолжи својот живот во вечноста, дали во радоста со Господ, или во тагата заедно со ѓаволот.
Исус Христос го исцелува кутриот човек, го ослободува од безбројното мноштво демони кои се вгнездиле во него. Гледаме колкав е потенцијалот на човекот, да може да собере во себе безбројно мноштво демони и да одолева од уништување. Душата на човекот е бескрајна, создадена за да живее вечно со возможност да ја прими во себе бескрајната енергија Божја која се излева од Самиот Господ. Но секако, истата вечна душа со својот огромен потенцијал, може да постане и сместување за безброј демони.
Гледаме и дека демоните откако влегле во неразумните животни, во свињите, не можејќи тие да ги издржат бесовите во себе, се јурнале низ стрмнината и се удавиле во морето. Ете ја разликата помеѓу човекот и животните. Животните немаат душа која можат да го издржат ѓаволството во себе. Додека, пак, човекот во себе може да ја смести целата омраза на овој свет. Човекот може во себе да го смести целиот бес и целото ѓаволство во својата душа, и така да причини голема штета околу себе. Затоа и гледаме како луѓето во историјата на човештвото, чинеле големо зло лично од себе, како постанувале демонски битија. Наместо човекот да биде чисто и свето битие создадено од Господа за да биде носител Божји во себе, тој постанува обезбожено, малициозно, монструозно суштество.
Господ се смилувал на кутриот човек од Евангелието и го помилувал, го ослободил од демоните. А тој сега веќе прекрасен и осветен, сака да го продолжи својот живот покрај својот Спасител. Но Исус Христос му вели, да иде и да сведочи што му направи Исус и на тој начин сега веќе, да го прославува Господа, сега да го започне својот апостолски труд, да проповеда за силата и моќта на Богочовекот Исус Христос.
Она, пак, што е трагично е тоа што народот кој го познавал демонизираниот човек и се плашел од него, се огорчил и се натажил што ги изгубил свињите, и никако не се радувал за својот сограѓанин кој бил излечен. За народот свињите биле најважната ставка во нивниот живот, секако ставка која била дел од нивната основна материјална егзистенција, па така народот, повеќе служел во својот живот на својата земска потреба, отколку што бил верен на вечниот Бог. Ваква појава е честа, кога луѓето со својата уста го проповедаат Господа, а додека пак срцата нивни се далеку од Господа, впрочем, срцата им се поврзани со материјалноста во светот.
Тажни поради загубата на своите свињи, Го замолиле Исус Христос да си оди од нив и да ги остави на мира. Замислите колку е тоа страшно, кога Го замолиле Господа да си оди од нив и да ги остави на мира, затоа што тие се плашат од Него и не Го сакаат. Тие Господа не Го примаат и покрај чудото кое што се случило. Тој откриено стои пред нив, и тие Го бркаат од себе. Е тоа е парадоксот на човештвото. Човекот себеси се смета за слободно битие со својата исклучителна личност, но таа слобода сака да ја изразува во безбожништвото, слободата да ја изразува во гревот. Наместо да се ослободат од гревот, од маката, од стравот, од ужасот, луѓето слободно сакаат да служат како робови на бесмислата.
Браќа и сестри, Господ да нè пази од лудоста. Секако дека од нас зависи што сакаме да одбереме во својата слобода, и тој наш избор ќе нè води кон нашата иднина.
