Недела 23. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

На секоја света Литургија, ги читаме посланијата на светите апостоли, од Новиот Завет. Тие се нашите основни поуки во верата, поради нивните темелни вредности кои се даваат на нас верниците. И на оваа света Литургија, светиот апостол Павле, им говори на Ефесјаните за спасението наше. Им го толкува вечниот Божји план за светот, соединувајќи сè небесно и земно под една глава – во Господ Исус Христос, искажувајќи го и својот восхит за она што Бог го направил за сите.

„Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нè засака“ (Ефес. 2, 4).

Бог е многумилостив и човекољубив, а таа милост се пројавува од Него, од изворот, од Неговата основна сила со која дејствува, а тоа е љубовта. Оваа Негова сила е неуништлива, затоа што Тој е Неуништлив, затоа што Тој е бесконечен, та Неговата единствена љубовна моќ, е бесконечна категорија. Тој бесконечен Негов квалитет создава најпрекрасни дела, а тоа го согледуваме преку себе, преку создавањето на прекрасниот свет. Силата на Божјата љубов е најпрекрасната карактеристика со која се одликува Творецот. Тој во Својата идеја која се пројавува во Него, изворот на животот и изворот на љубовта, нè осмислува и нè создава со намерата да бидеме Негови синови по благодат. Божјата пресвета волја во самиот почеток на беспочетокот, во самата идеја на Божјата Премудрост, тежнее совршено кон човечките создадени битија, дарувајќи им ја Својата милост, поради љубовта со која нè засакал. 

Потенцираме дека, Бог не делува по некаква нужност, задолжителност, или обврска кон светот, кон човекот, кон општото создавање, туку, Божјата совршеност со Својата личносна слобода е неограничена бесконечност која тежнее кон својата бескрајна експанзија на пројавување. Кога ја согледуваме совршеноста, ние тоа го поимаме во тој неограничен контекст на бескрајноста. Бог е многумилостив поради Себе, поради Својата волја да биде таков, затоа што во Него постои јадрото на љубовта. Љубовта пак, Тој ја пројавува во Својата личносна слобода, во која по сопствен избор сака, љуби, да делува на тој единствен начин.

„Иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживеа во Христа, и нè постави на небесата во Христос Исус“ (Ефес. 2, 5-6).

Бевме навистина мртви во гревовите наши, осудени на пропаст, гниејќи живи во своите грозни дела, постоејќи како живи мртовци во своите недела. Но, Бог многумилостив, го исполни Своето ветување откако им кажа на нашите прародители Адам и Ева дека по нивниот основен и темелен грев кои го направија, ќе имаат прилика повторно да бидат спасени, преку Спасителот што ќе Го прати Отецот Небесен. Та човештвото со нетрпение го исчекуваше својот Спасител низ вековите во Стариот Завет. Иако Стариот Завет беше сојуз на луѓето со Господ, сепак, тоа беше формален Закон кој немаше сила да биде задолжителна форма преку која човекот ќе може да биде спасен, да влезе во Царството Божјо. Господ го подготвуваше човештвото за доаѓањето на Својот возљубен Син Исус Христос. Целиот Стар Завет, Му служеше и Го најавуваше Спасителот. Целиот Стар Завет го најавуваше новиот и спасителен сојуз Божји со луѓето.

Доаѓањето Христово во светот е вечното Божјо ветување, дека светот конечно ќе ја има приликата да биде обожен. Раѓањето Божјо во Тело, вочовечувањето Божјо, постанува и наше ново раѓање, постанува и наше преобразување од стари во нови луѓе. Исус Христос постанува првина за сè, Тој постанува ново тело, постанува нова творба, постанува ново создание, постанува пример што ние ќе го следиме. За бидеме искупени од гревот, смртта и ѓаволот, ние преку Исус Христос, конкретно во Него, го здобиваме своето спасение.

Исус Христос како ново создание, ни овозможува да постанеме Негови, да се охристовиме, да се соединиме со Него и преку Него, да ја доживееме новата стварност. Соединети со Него преку светото причестување, ние се преобразуваме од стари во нови. Неговата Божја сила, во нас ќе делува, и од лоши, ќе постанеме добри, а сето тоа ќе биде така, поради пресветата волја Божја на Отецот Небесен и секако на Пресветата Волја на полнотата на Света Троица во сите Три Лица. Ќе не воздигне во Небесната висина на метафизичката стварност, коегзистирајќи вечно со Бог.

„Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој. Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште порано да живееме во нив“ (Ефес. 2, 8-10).

Во овие три реченици е изразен Божјиот Домострој на спасението. На ова место е искажана теологијата на Божјото делување, на Неговата света волја за нашето создавање и за нашето спасение. Светиот апостол богословствува дека нашето спасение е дар Божји. Спасението не го стекнуваме по сопствените сили, ниту го стекнуваме преку некаков формален закон, ниту пак можеме ние да го земеме самите лично, како тоа нам да ни припаѓа. Спасението наше, не е наш личен успех преку нашата волја. Спасението не е некаква лична компетиција преку која ќе го освоиме тоа што го заслужуваме. Затоа што веднаш ќе се постави следното прашање: А што ние заслужуваме? Што е тоа што е наше, за да го поседуваме?

Нашиот живот е дар Божји. Ништо не е наше во вечноста. Единствено наши се нашата сопствена свест и нашата лична волја. Единствено наши се само нашите согледувања, нашите тајни емотивни чувства и надворешни однесувања. Нашата волја е наша лична своина со која ќе се претставиме во вечноста, пред лицето на Правдата. Па следствено, ние ништо не поседуваме вечно, ниту пак имаме некаква претходна предегзистенција, немаме никакво претходно прапостоење, во кое што пак, душата би имала претходно определена вечна конечна цел. Всушност, ние сме создадени и постоиме единствено по волјата Божја на нашиот Творец. Од денот на нашето создавање во времето и историјата на светот, ние започнуваме да живееме покажувајќи го своето определување за во иднината. Единствената вистина е дека, преку нашиот личен живот, со своите лични однесувања кон луѓето и кон светот, ние си го трасираме својот вечен пат. Нашите постапки, се наша лична своина со која ќе се претставиме пред вечната Правда, пред вечниот Судија.

Нашето спасение впрочем ние го здобиваме, ни се дарува, поради Божјата бесконечна љубов. Ние пак треба да бидеме одговорни во својот живот кон својата цел и кон Господа. Секако дека, ние треба да го втемелиме нашиот живот во платформата на црковниот етос, кој нè води како морален принцип во животот кон конечната и вистинска цел, а тоа е нашиот Спасител Исус Христос.

Логосот Божји создава сè видливо и невидливо, на Него сме подарени, во Него сме остварени и преку Него сме спасени. Во Синот Божји сме формирани како концепт прототипно уште во вечноста, создадени за да се оствариме како црква Божја, како Тело на Исус Христос. Предодредени единствено за добри дела, впрочем, нашиот принцип е Добриот Бог, та затоа и нашата преднамена е во добриот квалитет Божји.

Во светото Евангелие кое го прочитавме на денешната света Литургија, слушнавме дека се говори за две големи чуда кое што ги направил нашиот Спасител, Богочовекот Исус Христос. Имено, еден управник на синагогата по име Јаир, паднал пред нозете Исусови и го молел за исцелување на својата тешко болна дванаесетгодишна ќерка. Јаир како Јудеец и управник, добро знаел за конспиративните договори на еврејските старешини кон Исус Христос, и за нивниот анимозитет кон Исус Христос. Но неговата мака, сепак го натерала да се обрати кон Спасителот. Тој докажал дека и покрај стравот од евентуалното губење на својата позиција во Синагогата, поради тоа што комуницира со Исус Христос, сепак храбро пристапил и молел. Господ тргнал кон Неговиот дом, за да ја излечи неговата болна ќерка.

Во меѓувреме, додека одел кон домот на управникот Јаир, народот се туркал во Него, и Тој во еден момент, на изненадување на сите прашува: „Кој се допре до Мене?“ (Лука 8, 45). Сите ученици биле изненадени од тоа прашање на својот учител, затоа што пак, целиот народ се туркал во Него, сите барале некаква помош или имале некаква потреба од Него. Та поради тоа, тие му велат дека народот го опколил и сите го притискаат. Но тој вели сега: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене“ (Лука 8, 46).

Една жена, која боледувала од крвоточивост дванаесет години, имала цврста вера дека само доколку се допре до крајот на алиштата Негови, ќе оздрави. Па така и станало. Таа скришум, тајно, смирено и кротко, со полно вера, успева да се доближи и да се допре до Неговите алишта. А семоќниот многумилостив Бог, Утешителот, Срцегледачот, ја знаел оваа молитва на болната жена и направил чудо на таков начин, како што таа посакала. Господ е велики и Неговите дела се велики. Тој и она што е тајно го гледа и делува по силата на нашата тајна молитва. Колку е поголема нашата молитва, толку е поблиску Господ до нас. Но, за да биде Господ блиску до нас, ние треба да итаме кон Него, да се бориме за да се доближеме до Него, да не ја губиме својата надеж и вера и храбро да чекориме во животот, провлекувајќи се низ гужвата или низ животните искушенија.

Силата Божја се пројавила преку Телото на Исус Христос. Тоа значи дека, Телото на Богочовекот Исус Христос е животворно, чудотворно, спасително. Телото на Исус Христос е нашиот залог за вечен живот и тоа Тело се подарува на нас секојдневно во светата црква, на светата Божествена Литургија. Силата и моќта Божја се пројавуваат преку човечката материја на Богочовекот и ние преку Него, со Него, ќе се спасиме, доколку го примаме денеска доброволно самото Негово спасително Тело.

Денеска браќа и сестри, го имаме во предвид нашиот сегашен живот, и затоа денеска кога сме овде во светот, одговорно и со голема вера да пристапуваме кон причестување со нашиот Господ за наше спасение. Но секако, нашето пристапување да биде постојано со големо покајание и големо смирение, да бидеме големи молитвеници во нашите души, за да нè препознае Господ во нашите срца, да нè види тајно, за утре во вечноста, јавно да нè награди и да ни го дари Царството Божјо.