Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
На светата Литургија го прочитавме посланието на светиот апостол Павле до Ефесјаните. Кога ги слушаме поучните зборови на светиот апостол Павле во неговите посланија, ги согледуваме неговите теолошки пораки, педагошки поуки, пастирски грижи, еклисиолошко-конструктивни вредности, општи совети. Треба со големо внимание да го анализираме сето она што го пишува светиот апостол, обраќајќи ни се. Овие вредносни пораки се безвременски и тие се наменети и денеска за сите нас, и постојано така, се до крајот на векот.
„Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив“ (Ефес. 2, 14).
Исус Христос е нашиот мир. Тој е Божјиот мир. Тој е нашата надеж, нашата радост, нашата утеха, нашата милост, нашата заштита; Тој е нашето спасение. Тој дојде на земјата, се вочовечи, се отелотвори, постана еден од нас, еден од сите нас. Тој дојде во светот, човекољубиво повикувајќи ги кон спасение сите разумни битија од светот, да ја прифатат Неговата безусловна совршена понуда, која е вечен и прекрасен подарок. Господ ни дава можност да живееме вечно со Него, Тој тоа ни го дарува исклучиво како Негов личен дар кој се дарува единствено поради Неговата пресвета волја. Вечноста е Негова категорија; Тој е вечен и бесконечен. Бесконечноста е во Него и тоа е Негова слободна волја, и сè што постои во невидливиот и видливиот свет е поради Неговата слободна и лична волја. Тој нам ни го подарува тоа што е лично Негова сопственост со коешто Тој и лично владее. Ништо не е наше, и сè што добиваме, добиваме единствено поради Неговата голема милост и човекољубивост. Затоа што Тој нè создава поради љубовта и во љубовта нè препознава. Тој ни дарува мир кој ни е потребен како Божји Закон во нашите души, за да го презентираме истиот мир кон се околу нас.
Светиот апостол говори за два народа, едниот, Израелскиот народ беше одбран народ во Стариот Завет, кој го исчекуваше своето ветено спасение. Израелскиот народ се трудеше во својата историја во Стариот Завет, да ја практикува Јудејската вера, та во Мојсеевиот Закон Евреите се трудеа да ја здобијат милоста Божја. Но често, луѓето се варијабилни и променливи во своите одлуки, па така и Израилот, често отпаѓаше од Божјиот Закон. Евреите ја практикуваа својата вера само формално, традиционално, вообичаено… но, срцата нивни беа далеку од вистинската вера и доверба кон Господ.
Така и ние денеска, дел сме од црковната структура, но само површно, формално, традиционално и незаинтересирано за суштинска вера, за суптилно верување и темелно сфаќање на нашиот онтолошки и егзистенцијални човечки темел. Човекот е битие создадено од Бог, па следствено, човечката единствена и вечна егзистенција е вечниот Творец. Ништо друго на светот и во привремениот живот, нема сила и моќ, вечно да го одржува светот. Додека пак, Божјата Волја во однос на нашето постоење, не е наша нужност за нашето спасение, сепак, Господ нѐ создал како слободни битија кои имаат потполно право да ја одберат својата вечна иднина.
Тој ни подарува живот, Тој нè исчекува во Неговата вечна прегратка, но сепак, и од нас зависи дали ние тоа ќе го прифатиме за да го оствариме егзистенцијалниот и онтолошки сојуз. Тој исчекува од нас, ние слободно и потполно да го прифатиме како наш Отец, како наш Творец. Тој исчекува ние потполно слободно, да го одбереме Него, како единствена опција. Но овој единствен концепт, не е по нужда, или пак поради некаков задолжителен услов, впрочем, слободата која ја имаме ќе биде вистински остварена само доколку слободно го прифатиме Божествениот љубовен принцип.
Поради љубов сме создадени, поради љубов постоиме во својата слобода, и единствено апсолутната љубов може да ја љуби вечно нашата слободна личност. Какви и да бидеме, каков пат да одбереме во својот живот, Господ ќе нè љуби во Неговата совршена слобода, а ние пак, единствено вистински ќе бидеме слободни во таа совршена љубов која нема промена. Слободата согледувана како безмерна, чиста, совршена категорија, вечно се остварува единствено и конкретно во заедницата со Господ.
Да се навратиме повторно на првата реченица од посланието на светиот апостол Павле, каде што пишува, некогаш постоеле два народи. Првиот народ Израилски бил верен и одбран, а сите други спаѓале во безбожниците, во другиот народ. Помеѓу овие два народи постоела голема разлика, постоел голем анимозитет. Израилот како одбран народ, ги деградирал во своите согледувања сите други кои не припаѓале во нивната вера. Таа реална хетерогеност била во исклучителна меѓусебна антагонистичка форма, та заедничкото историско постоење на двата народи е во постојана антагонистичка констелација.
Денеска веќе, во Новиот Завет, во времето на Божјото Откровение и вочовечување на Синот Божји, Господ ги спои двата народи во Себе. Синот Божји дојде во светот, постана еден од нас по Својата слободна волја, и постана претставник Божји и икона Божја Која е пример за сите. Во Новиот Завет, сите народи, сите луѓе, имаат возможност за спасение во името на Богочовекот Исус Христос, затоа што Тој е спасителот на светот. Тој не дојде за некои поединци, не дојде само за некој дел од човештвото, туку Тој дојде да биде сè за сите. Тој Еден за сите и во Него сите без поделби, да се остварат како еден нов народ.
Тој дојде да го уништи меѓусебниот анимозитет на народите, Тој лично дојде да дари прилика на сите и да нема више одвоеност, Тој дојде да ги помири сите во Него, Тој дојде со љубовта, дојде како пример на љубовта, за да го оствари вистинскиот концепт на спасението, кој е наменет за сите. Неговата љубов е совршена, и се подарува безусловно на сите. Исус Христос е пример на единствена спасителна вера за сите.
„Зашто преку него и едните и другите имаме пристап кај Отецот во еден Дух“ (Ефес. 2, 18).
Денеска, во Новиот Завет, во ерата на спасението, сите постанавме едно во Исус Христос. Сите сме една света, соборна, спасителна, животворна Црква Божја. Сите поврзани меѓусебно во една вера, сплотени во едно тело, во Тело Божјо, молитвено и љубовно поврзани во Светиот Дух. И навистина, сите во Христовата вера постануваме еден народ, народ Божји, царско свештенство, молитвеници и свештеници по благодатта на Светиот Дух.
Богочовекот Исус Христос вели на едно место во Светото Евангелие, во Својата лична молитва која гласно ја говорел: „За да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Јн. 17, 21). Во Својата долга молитва, Исус Христос, многупати говорел, дека сега ќе се оствари еден народ, дека сите ги собира во еднотелесност, во еднобитие, едномислие, во Себе и преку Себе, да ги принесе кон Отецот во вечноста, да коегзистираат бескрајно во заедницата со Света Троица.
Во денешното свето Евангелие, Господ разговора со еден законик. Тој законикот, перфиден, подмолен, лицемерен, искушувајќи Го пред сите, Го прашува Спасителот Исус Христос, што треба да прави за да наследи вечен живот. Законикот бил формалист во исполнувањето на Мојсеевиот Закон, ги исполнувал беспрекорно прописите и правилата на Јудејската вера, и целата негова религиозност била конкретно утврдена постапка, во некаков традиционализам. Тој како и другите, генерално, само преку формата ја исполнувале обврската кон Господ, а додека срцата нивни биле далеку од суптилната вера во личноста Божја.
Господ му соопштува интерактивно на овој лицемер, што треба да прави за да го наследи вечниот живот. Дека треба вистински да Го возљуби својот Господ со целото свое битие. И, ете, веќе и ние последователно знаеме која е основната заповед со која се спасуваме, а тоа е љубовта кон Господ. Целиот Нов Завет говори за љубовта и постојано ја сведочи. Самата љубов дојде да живее со нас, постана човек, нè возљуби и докажа еднотелесно со нас, дека Тој вистински и совршено и слободно нè љуби.
Патем, и понатаму истиот лицемер, повторно Го прашува Богочовекот Исус Христос: „Кој е негов ближен во овој свет?“ И денеска навистина општата слика кон верниците, ни го остава впечатокот, дека и понатаму, и денеска, луѓето не ја сфаќаат суштината на нашата вера. И денеска луѓето за свои ближни ги сметаат само тие свои роднини со кои активно живеат, а додека пак со луѓето со кои немаат активен личносен однос, ги сметаат за свои непријатели или пак потполно ги игнорираат како живи луѓе.
Денеска човекот, го перципира својот живот единствено само преку личниот интерес, и постојано преку личниот интерес, живее во светот и соработува со другите луѓе. Па така и љубовта ја согледува како некакво дејство кое се пројавува како одговор со причина поради својот интерес. Генерално и денеска, доколку некој нема интерес од другиот, нема никогаш да ја пројави љубовта како чиста категорија. Љубовта е и денеска извалкана дејност мотивирана со предуслов.
Следствено, и овој лицемерен законик, верата ја конципирал како сублимат на ритуални формални дејствија кои се остваруваат единствено со формалното предзнаење во својата свест, а срцето му било далеку од љубовта кон Господ и кон ближните.
Браќа и сестри, возљубени во Господа ближни луѓе, ние сме во црквата Божја сите во единството со Богочовекот Исус Христос, и сите верници и членови на Божјото Тело, постоиме во љубовта. Та на нас, љубовта ни е единствена форма на живеење. Та ние меѓусебно се љубиме и ги љубиме секако и сите оние кои се надвор од црквата, но не затоа што сметаме дека се на вистинскиот пат, туку, затоа што ги љубиме поради дејството на љубовта која не престанува, нема мерка и нема услови. Вистинската љубов е активна жива Божја категорија, која се прелева и шири без граница. Оној кој е исполнет со чистата Божја љубов, тој има љубов кон секого без предрасуди. Разумот и логиката исчезнуваат пред вистинската љубов.
Браќа и сестри, трудете се во љубовта кон секого, затоа што тоа го исчекува нашиот Господ од нас. Тој нè возљуби, и ние сме должни кон Него; поточно копнееме за да бидеме носители на таа љубов која ќе ја шириме кон секого, и на секаде.
