Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Сето денешно послание на светиот апостол Павле, кое што го прочитавме на светата Литургија, е проткаено со негова пастирска грижа, братска љубов, со длабока одговорност кон сите. Тој, великиот апостол, ги моли верниците да внимаваат во своите однесувања еден кон друг. Тој ги моли Ефесјаните тогаш, но и денеска истата порака е актуелна преку Светиот Дух, тој и денеска нè моли во Црквата да се однесуваме достојно според звањето за кое што сме повикани. Ние православни христијани, повикани сме да живееме свето и непорочно, за да го здобиеме Царството Божјо. Нашето звање е велико, вечно звање, звање кое сме го здобиле уште пред да бидеме создадени, а создадени сме определено да бидеме царско свештенство, да бидеме род небесен, да се осветиме и обожиме и да постанеме синови Божји по благодатта Божја, по Неговата света волја.
Апостол Павле нè моли со сета понизност и кротост, со долготрпеливост поднесувајќи го целиот наш живот, еден кон друг со љубов. Та навистина животот на поединецот ќе биде претежок доколку е индивидуален и потполно самостоен, без поткрепата и заедницата со другите луѓе. Додека, пак, љубовната заедница во нашата Црква помеѓу сите нас е полнота на љубовта, полнота на благодатта Божја. Доколку сите луѓе живеат во љубовната заедница, поднесувајќи го својот живот еден со друг, соработувајќи помеѓу себе во убавината, тогаш на прав начин ќе се оствариме уште денеска како добри созданија, кои се спремаат да го здобијат Царството Божјо. Вечната и чиста убавина е самиот Господ, па така доколку ние живееме во таа убавина, се подразбира дека и нашиот живот и целокупното наше битие ќе биде во таа вечна и чиста категорија.
Апостолот Павле прекрасно теолошки и пастирски ни ги постулира карактеристиките на интерниот однос помеѓу нас, кој всушност треба да биде во меѓусебната љубовна зависност. Тој ни вели да го запазиме единството на Духот Божји, единството на нашите души споени во Светиот Дух, во мирот. Врската помеѓу нас треба да биде единствено во светата заедница на Светиот Дух, Кој ни дарува мир на сите нас.
Апостол Павле вели, дека сме сите едно тело, еден Дух, повикани кон една надеж за нашето звање. Вели дека Еден е Господ, една е верата и едно е крштението. Нашата заедничка цел е една и иста, а тоа е прегратката Божја. Заедницата Божја е нашиот супстракт, и во Бога се спасуваме. Тој е нашата вечна животна егзистенција. Сите сме едно тело во Црквата Божја и сите се причестуваме со Едниот Господ Исус Христос, и сите го формираме светото, заедничко, соборно, спасително Тело Божјо. Се крштеваме во животот Христов, со Него се поистоветуваме, Го подражаваме, Го исповедаме, и Неговите спасителни рани, ги поставуваме на себе како знак дека сме Негови чеда.
Нашиот вечен императив е Богочовекот Исус Христос, затоа што во Него единствено ќе се оствариме како вечни добри битија со совршена вечна цел. Христос ги синтетизира во Себе сите, затоа што Тој е првиот и вечен принцип на светот, Тој е Логосот Божји преку Кого е создаден светот. Преку Него сме создадени, во Него се остваруваме, во Него сме конципирани уште во вечноста, пред да бидеме создадени во времето и историјата. Еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас. Ова го вели свети Павле, објаснувајќи ја темелно онтолошката наша суштина преку која ќе се препознаеме. Богочовекот Исус Христос е личноста во која ние се остваруваме, зашто преку Него се спознаваме како добри битија, затоа што Тој е нашиот дигнитет. Тој ни дарува чест, углед и достоинство, во Него себе се препознаваме, во заедницата со Него, Причестувајќи се со Него на светата Божествена Литургија, во Црквата Божја.
Во денешното свето Евангелие кое го прочитавме на светата Литургија, Господ Исус Христос им говори една поука на луѓето во една парабола. Имено, Тој ги поучува луѓето да внимаваат како се однесуваат во своите животи, да внимаваат во посакувањата, да не постанат алчни материјалисти. Тој преку оваа парабола и нас денеска исто така нè поучува, дека алчноста е грев, дека материјализмот е безвреден во вечноста, затоа што материјализмот останува да постои во материјалниот свет. Но, нашата свест треба да биде секогаш трезвеноумна за тоа што е вистина и што е всушност важно за нашата душа. Ние сме секако телесно-духовни битија, но сепак, душата со својата свест, го обликува целокупно човечкото битие, преку личните желби, чувства и однесувања. Човекот не е човек единствено поради некои воочливи физички разлики со другите создадени суштества, впрочем, човекот себе се остварува како личност со својата свест, и со личните однесувања и перципирања кон животот.
Доколку постојано бидеме насочени кон стекнување на земното богатство, исто како тој човек од параболата која што ја кажува Исус Христос, тогаш, нашата свест постојано ќе престојува единствено и само приземно во светот. Доколку постојано размислуваме и живееме за да стекнеме материјализам, тогаш нашите срца ќе бидат оптоварени со земните грижи и само тоа ќе биде важно за нас. Приземниот живот, оптоварен само со материјалните придобивки, ќе создаде опсесивност која ќе го факторизира само и единствено земниот живот, кој е секако минлив и пропадлив. Па така од свесно-разумски битија, создадени поради вечната Божја идеја да постоиме вечно со Него и во Него, од тие прекрасни прерогативи кои ни ги доверува нашиот Создател, ние ќе се самодеградираме во приземни и несовршени определувања.
Богочовекот Исус Христос ни вели, на самиот крај од Евангелската парабола, да не бидеме безумни. Дури и да собереме енормно богатство, тоа ништо нема да ни помогне во вечноста. Нема да имаме никаков бенефит од земното богатство во вечноста. Нашите срца ќе останат заковани во светот, во материјализмот, и ќе го сакаат лажниот вечен живот во тој стекнат материјализам.
Колку е бедно и мизерно во однос на вечната Божествена вистина, кога човекот ќе го изгуби својот разум, та ќе го заборави својот Творец, ќе го исклучи од својата свест постоењето Божјо и ќе се поврзе со земниот свет на начин на којшто ќе му служи истакнувајќи го како божествен пиедестал. Затоа Бог вели дека е безумно тоа служење, поради привремената лага и измама во која што западнал заблудениот човек.
Браќа и сестри, започнат е периодот на божиќниот пост. Нека биде благословен на сите кои го прифаќаат постот како значајно средство преку кое чекориме преку целиот живот. Постот е нашата основна форма преку која се докажуваме дека сме вистински чеда Божји. Сега во овој период се воздржуваме од блажна храна, но тоа не е единственото наше воздржување, секогаш и постојано, ние се воздржуваме од гревот. Сите лоши постапки се крив правец кој нè оддалечува од Господ. Со воздржувањето од храната, ние постојано се воздржуваме и од злото, и од омразата, и од лукавоста. Да постиме со радост, да се воздржуваме со радост, затоа што внимавајќи во нашиот живот, ќе се однесуваме одговорно кон целокупниот живот.
Бог е вечниот живот и целиот општ живот е создаден од Него, како Негов дар кој се подарува преку Неговата Света Волја. Нашата свест треба да биде полна со внимание кон целокупниот живот, со лична одговорност кон се околу нас, втемелена во јасната вистина, дека на создадениот живот вечната животна егзистенција е самиот Бог.
Човечката душа, во вистинската смисла поради која постоиме, треба самосвесно и самоволно, да стекнува добродетели, преку постот и молитвата, соединувајќи се со несоздадениот и вечен Господ, за да се претстави во определен момент пред вечната Правда Која ќе ѝ го даде и вечното место на престојување, во прегратката Божја, во Новиот Ерусалим, во вечниот град, во радоста, мирот, утехата и љубовта.
Возљубени браќа и сестри, Господ да ве благослови и да ви помогне во добриот подвиг, за да го живеете животот на прав и достоинствен начин, преку кој ќе се докажете пред Господ како добри и квалитетни луѓе.
