Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Великиот апостол Павле во своето послание на денешната света Литургија им се обраќа на Ефесјаните, поучувајќи ги на фундаменталните морални вредности кои треба да бидат основна форма на одразување во животот. Се обраќа на верниците, членовите на Телото Божјо, на Црквата Божја, кои треба да имаат добро однесување, и добро перципирање на општоста околу нас. Апостолот ја толкува христијанската теологија на верниците, за да ја сфатат суштината на односот кон животот. Тој ги постулира основните вредности, дедуктивно согледувајќи ги вечните основи, разложувајќи ги тие општи вредности и синтетизирајќи ги во рамката на личносната вера.
Општите вечни вредности се сублимираат во Едниот Господ, Кој е самата вечна светлина. Светлината е, впрочем, супстрактот на вистината. Вистината е секогаш светла, јасна, прецизна и блескава. Темнината во која запаѓа светот преку својот грев, никогаш не може да ни донесе совршено добро. Доброто, впрочем, никогаш не може да се препознае во темнината на свеста. Темнината ги има во себе недостатоците, недоследностите, ги прикрива сите грешки и проблеми, светот во гревот, живее во темнината и бесчувствителноста. Додека, пак, Павле говори за светлината, поаѓајќи од вечната и блескава Божја основа, од таа надсуштествена Божја светлина, согледувајќи ја надсуштествената вечна вистина.
Тој вели да внимаваме да не ги правиме истите грешки кои сме ги правеле додека сме биле непросветени со светлината на благодатта Божја. Денеска кога сме синови и ќерки Божји, од денеска па натаму, секогаш да се бориме во себе и против себе, со лошите желби, со нагоните, со страстите, воопшто со гревот. Треба да се дисциплинираме во своите лични животи, да согледуваме и правиме единствено добри работи кои се осветлени со Божјата светлина, затоа што ние веќе осветлени верници со Благодатта Божја, не смееме повторно да паднеме во темнината губејќи ја таа претходна чест во која сме биле повикани.
„Затоа е речено: Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ (Ефес. 5, 14).
Во гревот спиеме, несвесни и опиени, лутаме во светот, во нашиот живот, така изгубени не знаеме која е нашата смисла, не знаеме каде се наоѓаме, потполно изгубени во животот, компулсивно оскрбени, живи, а мртви за вистинскиот чист живот, во гревот умираме. Умираме за вечниот живот, умираме за убавата вечност. Умираме во гревот без вечна иднина. Постануваме во гревот нелуѓе, небитија, ја губиме благодатната животна енергија и така одвоени од Господа, ќе пропаднеме вечно.
Туку, да се освестиме и да ја искористиме личната своја слободна волја и да покажеме дека сакаме да се поправиме. Кога Господ ќе ја види нашата искрена желба и добра волја, Тој ќе нè разбуди од гревовниот сон, и ќе нè воскресне во живот вечен. Христос е новото сонце, Исус Христос е неземната светлина која ќе го осветли нашиот живот и од претходната грешна и погубна состојба, ќе нè воздигне во светлата чиста иднина.
Во денешното свето Евангелие кое го прочитавме на светата Литургија, слушнавме за чудото кое што го направил Господ во синагогата кога Тој бил таму да ги поучува луѓето. Имено, Господ Исус Христос ја исцелил згрчената жена во еден саботен ден. Мојсеевиот закон како формален сојуз на луѓето со Бог во Стариот Завет, бил основен правилник кој го исполнувале Јудејците, и по тој Закон, било забрането да се работи во саботен ден. Поради тоа, старешината на синагогата, но секако и многу други кои биле таму, негодувале зошто Исус Христос ја исцелил жената. Впрочем, Богочовекот Исус Христос ги поучува Евреите токму во тој ден, уште поважно е тоа што е присутен во синагогата, јавно афирмиран, и го прави она што било забрането по верскиот закон. Кршењето на законското правило било причина за да негодува старешината на синагогата кој бил секако учител кој исклучително внимавал на формалните правила од законот.
Господ ја покажал Својата милост како што тоа го направил безброј пати кон Своите чеда, кон сите ожалостени, омаловажени, болни страдалници. Но Тој не само што ги лекувал живите луѓе, туку, Тој воскреснувал и мртовци. Тој постојано покажувал нова надеж, ја покажувал новата наука Божја. Тој ја сведочел бесконечната Божја љубов. Тој лично го покажал Новиот Завет на Божјата милост. Новиот Завет е самиот Тој, Тој е нашето спасение, Тој е нашиот вредносен систем, Тој е Законот. Претходниот стар закон е несовршен закон, кој е единствено формален и напишан, кој постои во форма на книга.
Новиот Завет е всушност Господ Исус Христос, Богочовекот. Тој самиот е есенцијата, супстрактот, суштината. Новиот Завет не е книга, Новиот Завет е откровение. Новиот Завет е животот на Богочовекот Исус Христос на земјата. Новиот Завет е Црквата Божја во која постојано присуствува реално и вистински Богочовекот Исус Христос со Своето Тело и со Својата Крв. Во Новиот Завет, сите сме едно во Него, Тој е во нас, сите сме Едно Тело, Свето Тело, света откровенска заедница. Во Него се спасуваме, затоа што Неговото Тело е нашата суштина. Неговата Личност е нашата алка со вечноста, нашата нитка во сојузот со Бог, во Неговата Личност се остваруваме како луѓе. Преку Него сме создадени и преку Неговите постулати на вредноста, ќе бидеме препознаени. Со Него денеска се поврзуваме и со Него утре, во вечноста, ќе коегзистираме во Царството Божјо.
Да се навратиме на Евангелското четиво, та спроти пројавената бесконечна милост Божја кон болната жена, од страната на старешината на синагогата се пројавила огорченост, осуда, и директна конфронтација со Бог. Замислите колку е мизерно и ужасно страшно, да ѝ се спротивставите на милоста Божја. Замислите си колку е страшно да Му се спротивставите на прекрасниот Господ. Впрочем, браќа и сестри, целата историја на човештвото е втемелена во богоборството. Постојано во историјата на светот ја гледаме човечката спротивставеност кон Господ, омразата, злото, одрекувањето, хулењето… сите овие појави се постојано околу нас, сето ова и уште повеќе се пројавува поради обезбоженоста.
Секако дека мораме да ја истакнеме бескрајната доброта Божја против која се борат богоотпадниците. Но каква е дрскоста да се осмелиш да се спротивставиш на вечната Правда и на вечната бесконечна совршеност? Тоа всушност, единствено може да мисли да го прави само обезбожениот, оној кој е во дијагоналната спротивност од Господ, но тоа е веќе поради демонска шизофрена дрскост. Па така и во овој случај, старешината дрзок, горд, безобразен и лицемерен, Му замерува на Господа за пројавената доброта.
Милостивиот и човекољубив Богочовек Исус Христос, го укорува старешината во синагогата јавно, гласно и прецизно, нарекувајќи го лицемер. Старешината внимателно го исполнувал законот на книгата, законот на правилата, додека пак сомилост кон луѓето немал во срцето негово. А впрочем, зошто да има сомилост, кога таму во законот тоа не го пишувало, формално гледајќи. Па така и денеска, генерално, луѓето исполнуваат законски системски форми преку кои сакаат да го здобијат вечното добро. Па како е возможно да се стекне вечното Царство, преку формалното и празно исполнување на законски форми? Дефиницијата на правилото, ништо не значи во вечноста која постои како нелогичност од аспект на физичкиот свет, и емпириското искуство. Во вечноста, несоздадениот, совршен Господ е беспрекорен апсолут, кои дејствува во историјата по Својата бесконечна волја, единствено преку својството на совршената љубов.
Љубовта не е форма! Љубовта не е правило! Љубовта не е логика! Љубовта не е систем! Љубовта е Бог, Кој му го подарува безусловно Својот Син Исус Христос на светот, за да се жртвува безусловно во светот, и да го спаси светот единствено поради совршената и бесконечна љубов Негова. Кој нема љубов во себе, тој Го нема Бога во себе!
Браќа и сестри, сè ќе ни биде залудно, доколку формално пристапуваме во Црквата Божја. Доколку во Црквата влегуваме само поради личните интереси, со лични потреби, без сочувство и сомилост кон целиот свет околу нас, тогаш џабе ќе ни биде нашето телесно присуство во храмот Божји, во црквата. Доколку немаме чисто срце, полно со добрина, убавина, милост, сочувство, емпатија, љубов; доколку немаме атрибути кои ја истакнуваат чистотата на Божјата совршеност, тогаш нашето формално, физичко присуство нема да ни користи. Доколку во црквата Божја не се молиме постојано од срце и за сите други членови, верници од целиот свет, тогаш нема да се покажеме како прави чеда Божји. Впрочем, доколку немаме чисти мисли и љубов кон сите луѓе во светот, не само кон оние во црквата, туку и кон целиот свет, тогаш џабе ќе ни биде нашето физичко присуство во црквата.
Браќа и сестри, Господ ја исчекува нашата добрина кон сè околу нас. Тој е добар, та доколку и ние бидеме добри, значи дека сме се поврзале со Него и веќе сопостоиме во Неговата добрина. Тој е љубов и доколку ние покажуваме љубов кон сè околу нас, тогаш навистина Тој е во нас и ние сме во Него. Размислувајте позитивно и потрудете се да ги согледате вистинските закони Божји.
Господ нека ве благослови.
