Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Светиот апостол Павле, грижливо ги поучува верниците во Ефес, објаснувајќи им ја личната борба на христијаните. И на оваа света Литургија, го прочитавме неговото послание, кое изобилува со пастирска грижа и одговорност, како и секогаш. Не се сомневајте дека Павловите поуки кои некогаш им се дадени на верниците, дека тие денеска не важат и за нас. Напротив, браќа и сестри, сите тие поуки се безвременски поуки на верата и денеска за секој еден верник во сите заедници на едната Црква Божја. Впрочем, Светиот Дух со кој е исполнет светиот апостол Павле, не застарува, Тој е еден и ист постојано и вечно. Светиот Дух со кого е инспириран светиот апостол Павле, Тој е истиот Свет Дух кој и денеска нас нè инспирира. Па така, светите пастирски поуки кои тогаш се кажани, и денеска подеднакво важат и за нас.
Поуките кои се предаваат за нас преку Светиот Дух се вечни, затоа што е Господ вечен. Па така, вечните вредности никогаш не застаруваат, туку во историјата се пренесуваат од колено на колено, се пренесуваат во светото предание на живата вера, во Црквата Божја, во живиот организам. Сè што слушаме денеска на светата Литургија, а кое е одамна составено, постојано е актуелно во историјата затоа што светата Литургија е небоземна молитва која се остварува во Телото Христово, та затоа, светата Литургија е вечна молитвена заедница. Да внимаваме со својот ум, со својата концентрација, да учествуваме потполно во светата и небоземна Литургија за да учествуваме во оваа вистинска икона на Царството Божјо, кое денеска започнува да се остварува, а во вечноста конечно и потполно се исполнува.
Внимателно сконцентрирано да ги слушаме поуките кои ни ги дава апостол Павле. На самиот почеток во неговото денешно послание, тој ни вели да се облечеме во сето оружје Божјо за да се одржиме во борбата против ѓаволот и неговото лукавство. Ние сме колебливи битија, поради својата слобода со која сме наградени од Творецот, но пак, таа слобода треба трезвеноумно и да ја контролираме, затоа што само од нас тоа лично зависи. Во слободата можеме да грешиме, но исто така, во личната слобода можеме да ја одбереме својата вечна слава. Секако дека славата ние не можеме самостојно да ја стекнеме, или земеме, тоа е впрочем Божја одлука. Туку, со слободната волја, слободно да се пазиме од гревот, секако трезвеноумно молитвено поврзани со Господ, Кој ќе ни дари сила и оружје, за да се избориме против лукавиот ѓавол, кој сака да отпаднеме од вечното достоинство кое ни е наменето уште пред да бидеме создадени.
Господ ќе ни помага постојано, и Тој навистина постојано и ни помага во нашите борби, но пред сè, борбата мора ние да ја започнеме веднаш самостојно, за да се докажеме во битката против ѓаволот, дека ние самите сме одлучни да се бориме. А секако дека Господ, откако ќе ја види нашата намера, застанува покрај нас и самиот војува со нас, ни дарува сила со која на крајот секако ќе победиме. Секако дека ние треба прво да започнеме, а на патот, Господ ќе биде нашиот победител. Апостол Павле вели, подолу во своето послание, дека тоа е наша борба, и во тој контекст и зборуваме, дека ние пред сè треба да се докажеме самостојно во борбата.
Единствено светата Божја Црква во историјата ги поседува вечните вистини, впрочем сите вечни вредности се сублимираат во Едниот Господ. Па така, светата Црква е вечна вредност и сите нејзини поуки произлегуваат од вечноста, од вечниот Господ. Единствено во светата Црква Божја, светот ќе ја најде својата конечна благосостојба, затоа што светот е создаден за да постане Црква, уште во предвечната идеја Божја. Логосот Божји е наш архетип, наш создател – светот е создаден за Синот Божји. Колку се прекрасни овие свети, чисти, бесконечни тајни Божји, во кои сите ние сме повикани да учествуваме.
Во денешното Свето Евангелие, слушнавме дека Господ Исус Христос разговара со некој управник кој му се обраќа ословувајќи го како добар Учител. Управникот го прашува Господа, што да направи за да наследи вечен живот. Господ пак, го потпрашува зошто го нарекува добар, кога никој од луѓето всушност не е добар, освен Единиот Господ. Всушност, овој управник Му се обратил на Исус Христос како на човек, кој покажува некаква добрина, но не Му се обраќа како на Богочовек. Сепак Господ, му ги дава како темел, постулатите во животот преку кои ќе стекне вечност, а тоа се Заповедите.
Управникот пак, му вели на Господа, дека сите Заповеди Божји ги запазил внимателно во себе, остварувајќи ги уште од неговата младост. Кога Господ тоа го слушнал, тогаш му рекол, уште нешто дека му недостасува, а тоа е доброволното сиромаштво и потполната доверба во Господа, преку посветувањето на својот живот на Господа. Управникот, кој навидум бил добар трудољубец, посветен верник уште од својата младост, сега веќе се разочарува од Господовиот одговор и се натажува, затоа што тој не бил подготвен да се откаже од своето богатство.
Земното богатство, исклучително многу влијае на свеста кај човекот, толку многу што му го подредува животот единствено за ропско служење и стекнување. Богатството ја искривува човечката перцепција и го врзува човекот во мизеријата на материјализмот. Никако не смееме да помислиме дека материјата е лоша сама по себе, не тоа никако, материјата е создадена од Господ, и тоа што е Негова творба, тоа не може да биде лошо. Но пак, доколку човекот ја искриви својата перцепција, па започне да го согледува животот преку призмата на материјализмот, опиено служејќи му, тогаш човекот само површно ќе зборува дека верува во Господ, со својот јазик ќе го велича Господа, но срцето негово ќе биде врзано во земниот материјализам.
Служењето на материјализмот пројавува хедонизам, кој со своето прекумерно консумирање, создава секакви аномалии. Ние денеска сме свесни, гледајќи го прекумерното сладострастно користење на материјалните добра, како луѓето му служат на овој земен свет. Компулсивното служење на материјализмот создава демонска религија, преку која се претставува лажен вечен живот. Хедонизмот пројавува евдемонизам кој како етичка норма ја наоѓа „среќата“ единствено во материјализмот. Религијата на богатството во земските минливи добра, го манипулира човекот кој се оттргнал од животворната вистинска нитка на вечниот живот и ја манипулира свеста, дека вечноста се стекнува единствено преку богатството. Богатството и природата, се минливи категории, но во личноста ја добиваат вистинската смисла.
Природата е создадена за да постои преку личноста која е слободна и трезвеноумна. Та свесноста на личноста, ја облагородува создадената природа, и истата природа ќе се освети и обожи, единствено преку слободната добра и позитивна волја на човекот, кој ќе ја сфати својата онтолошка суштина за своето постоење, дека самата природа нема никаква вечна привилегија, нема вечно постоење, нема разум, туку, човекот (личноста) како создадено битие, има одговорност да ја присоедини природата со него, и преку него, да се поврзе со вечниот Господ, преку својата слободна волја, за да се оствари конечно во правата слобода. Правата слобода е заедницата со Господ, сопостоејќи со Него уште денеска во светата Црква Божја, во Неговото Свето Тело, Причестувајќи се со Него како залог и попатнина кон вечното Царство Божјо.
Онтолошката вистина се остварува во обожената и охристовена човечка личност, која го осветува целокупното свое битие, сублимирајќи ја духовната и телесната природа во себе.
Всушност, ропското служење на личноста, опиена од материјализмот, оттргната и отпадната од Божјата животворна врска, пројавува опсесивно-компулсивно растројство. Природата сама по себе, без личноста, е безлична, а всушност вечната вистина е Личноста Божја. Па следствено, материјализмот, како празна и бездушна форма, не може да нè облагороди вечно, поради лажната вредност.
Вистинското служење во слободата е единствената вистинска слободна и љубовна заедница на луѓето со Богочовекот Исус Христос во Црквата Божја. Господ е бесконечна чиста слобода, и ние единствено во Богочовекот Исус Христос ја чувствуваме вечната совршена слобода, преку соединувањето со Него. Вечната Божја слобода, пројавува прекрасни вечни квалитети во Црквата Божја уште во историјата. Ние сме всушност слободни само тогаш кога сопостоиме во чистата безусловна слобода со совршениот Творец, во Неговата љубовна прегратка.
Затоа браќа и сестри, да се поврземе со Господа искрено и нашите животи да ги довериме на Него, за да наследиме вечен живот.
