Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Собрани сме на светата Литургија во молитвената заедница, сите поврзани во Духот Божји, сотелесни со Богочовекот Исус Христос, љубовно соединети во прегратката Божја. Наша цел е да бидеме сите заедно соединети во Царството Божјо, во вечниот мир, во вечната радост, во вечната хармонија. Господ Исус Христос е нашата вера во Кого и преку Кого ќе се спасиме.
На денешната света Литургија, го прочитавме посланието на светиот апостол Павле до Колосјаните. Великиот теолог на црквата Божја, светиот Павле, во своето послание ја објаснува Христовата личност и Христовата улога во светот, во Црквата Божја. Свети Павле ја формира и образува Христологијата со основните догматски вистини кои се однесуваат за Христовата личност, постулирајќи ја верата на верниците. Посланието е наменето секако и за сите реципиенти кои имаат потреба од поимање на верата, и од толкување на тајната Божја, која се открива за нас во Христовата личност.
Имено, во тоа време, меѓу Колосјаните, дошло до флуктуација во верата и самите вредности, поради надворешно влијание на пропагатори со погрешни учења, кои се појавиле кај нив. Како и тогаш, така и денеска, постојано сме опкружени со разни верувања и разни учења, разни толкувања и практики. Бранувањето во постојаноста на верата е проблем поради лабилноста на карактерот и поради колебливоста. Секако дека нашата слобода е пресудна за да ја прифати верата, но пак, нашата свест, трезвеноумност, и стабилност во карактерот, ја играат основната улога за тоа што ќе прифатиме и дали воопшто ќе поверуваме.
Колебливоста е слабост со која покажуваме нестабилност и неодговорност, а секако тоа е неодлучност на мислењето и претставува лоша особина. Замислите ако така се колебаме преку целиот свој живот, тогаш каква ли одговорност ќе имаме кон себе и кон другите? Тогаш несигурноста која ја поседуваме ќе резултира со грев, поради отсуството на вистината и цврстото верување во неа. Стабилната вера со доверба кон Господ, треба да биде пред сè наша силна одлука.
Апостолот вели: „нè избави од власта на темнината и нè воведе во царството на Својот возљубен Син“ (Кол. 1, 13). Имено, свети Павле богословствува за Домостројот Божји за нашето спасение. Ние кои сме потпаднале под влијанието на лоши постапки, на лоши избори, сме потпаднале во гревот, секако дека сме живееле во темнина. Злото владеело со нас, во времето на оттуѓеноста со Бог, во темнината сме биле слепи за вечното Царство Божјо. Темнината во нашиот ум, никогаш не дозволува да се согледа вистината поради помраченоста на свеста. Достоинството на човекот, кое е високо и наменето за Царството Божјо, во гревот се деградира и наместо душата наша да биде осветлена со Божјата светлост, ние се помрачуваме и отпаѓаме.
Во Новиот Завет, Богочовекот Исус Христос се жртвуваше за нас, претрпувајќи распнување на крст, умирајќи за гревот. Тој ја проли целата Своја света Крв закован и распнат на крстот, за човечкиот откуп и за простување на гревовите. Исус Христос е слика на невидливиот Бог, а преку Него, ја согледуваме Божјата намера и волја за спасение на творбата. Преку Синот Божји Исус Христос, ја согледуваме и волјата на Бог Отецот и на Светиот Дух. Изворното својство и дејството на љубовта кај Света Троица, ја согледуваме во жртвата на Исус Христос. Знаеме дека Господ го создава светот со совршена позитивна одлука на Својата Волја, а во времето на историјата, преку жртвата на Синот Божји ги усовршува Своите созданија, за да ги воздигне во Божјото достоинство, единствено поради Својата бесконечна љубов.
Преку Логосот Божји создадено е сè што постои на небесата и на земјата, сè видливо и невидливо, тоа го вели светиот Павле. Логосот Божји е второто лице на Света Троица, во Него и преку Него сè е создадено, Синот Божји е нашата идеја, праобраз, принцип, архетип, и во Неговиот телесен живот во светот, ја претставува чистата идеја Божја за остварување на новото создание во кое сме сите повикани да се оствариме на вистински начин. Тој е Божја икона, наш пример и патоказ. Единствено Исус Христос е правата вечна вистина, и ништо друго не е вистина. Црквата Божја е вистина и ништо друго надвор од неа не е вечна вистина.
„Сè е преку Него и за Него создадено. Тој е пред сè, и сè во Него стои. И Тој е глава на телото, односно на Црквата“ (Кол. 1, 16/17/18).
Таму каде што е вистинскиот Бог, Бог на милоста, на добротата, на љубовта, таму е вистината каде што жртвата е принцип на љубовта. Љубовта е Бог, а Бог се жртвуваше за нас и умре, Воскресна, ја оствари и формира Својата заедница на љубовта, каде што постојано престојува со Своето воскреснато Тело, та се раздава Агнецот Божји за осветување и обожување на тие што се причестуваат со Него. Црквата Божја е формирана за Него и Тој е главата на Своето спасително собрание. Тој е Еден за сите, Еден во сите, Еден во сè.
Како што вели светиот апостол Павле: „Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота, и преку Него да измири сè со Себе, или земно, или небесно…“ Тука веќе ни е јасно, дека Бог Отецот благоизволува полнотата на благодатта Божја да биде во Исуса Христа во Неговата Црква, всушност во Неговото Тело. Богочовекот Исус Христос, измирува и соединува сè земно и небесно во Себе, творејќи мир со Својата Крв. Оттука повторно гледаме дека, Богочовекот Исус Христос е новото создание преку кое и во кое сите ќе се оствариме како вистински и чисти творби. Треба да се охристовиме, обожиме, да постанеме икони Божји, синови Божји, богови по Благодат Божја. Сите еклисиолошки соборно соединети во Телото Божјо, поврзани есхатолошки со Личноста на Богочовекот Исус Христос, учествувајќи во небоземната заедница на Царството Божјо.
Во денешното Свето Евангелие по Лука, прочитавме за исцелението на десетмина лепрозни луѓе, кога Исус Христос оди по пат кон Ерусалим, тогаш го сретнале болните луѓе. Оваа заразна болест била неизлечива болест, болест која полека и тешко ги убива луѓето. Секој кој ќе заболел од оваа болест, за да не заразува и други, бил исфрлан од градот, осуден да живее во пусти места. Тие, болните во Евангелското четиво, не смеејќи да се приближат, оддалеку со силен глас Го довикувале Спасителот, за да ги излечи. Тие не смееле да се доближат, но не ја губеле надежта за да молат за исцелување. Нивното викање се исплатило и нивната молитва била услишена, та Господ ги исцелил.
Во оваа некогашна случка, можеме и ние денеска лично да се препознаеме, затоа што сме грешни луѓе. Луѓето во гревот се болни луѓе, душата им е извалкана со гревот и гревот прави да се оддалечиме од Господа. Душата на човекот е тешко болна кога е одвоена од нејзиниот извор. Изворот на животот е Господ и душата е Божја креација, подарок, таа е живот добиен од Животот. Кога животот ќе згасне, кога душата ќе се разболи, тогаш таа се оддалечува далеку, далеку од Господ, и свеста на човекот се помрачува во темнината на безживотот. Па така грешни, помрачени, обесчестени во болеста, отпаднати од Божјото достоинство, болни во душата и свеста, ние единствено можеме оддалеку да викаме. Но секој има право да вика, да бара, да моли… Но пред сè, треба да знаеме кому се обраќаме, и од кого бараме. Доколку нашата вера е слаба, тогаш како воопшто ќе можеме да распознаеме каде е вистината и од кого треба да бараме лек. Овие лепрозни луѓе, слушајќи за чудата на Исус Христос, поверувале, се молеле, и исцелувањето се случило.
Сега пак, откако се случило она што е нелогично во светот, откако исчезнала неизлечивата болест и телесно исчезнале сите рани и знаци на болеста, откако се случило чудото, само еден од тие десетмина се повратил да Го прослави Бога и тоа гласно, благодарејќи Му. И на ова место исто така, ние денеска можеме повторно да се препознаеме. Толку многу посакуваме, толку многу жеднееме за помошта Божја, а откако ќе ни се дари, ние воопшто не знаеме да Му благодариме на Господа. Да се запрашаме, како тоа може со сета своја свесност да имаме само една желба во нашиот живот, желбата за исцеление, а откако ќе ни се дари тоа, да заборавиме што се случило воопшто. Ова е тешка хипокризија на човечката болна душа, која во агонијата на болеста, посакува нешто, моли, а откако ќе го добие, таа Го заборава својот Дародавец.
Господ го дарува капиталното решение, но пак ние, диспозитивно анализирајќи го тоа во својата свест, треба да пристапиме кон славословие, кон благодарност за сета добрина која Тој ја остварува кон нас. Тоа е праведно, всушност тоа е наша исповест, наша доверба кон Господа. Ние никогаш не можеме да бидеме чисто праведни, поради нашата несовршеност и нестабилност, но секако дека треба постојано да ја подражаваме правдата, да тежнееме кон Господ Кој е правда, и да бидеме благодарни кон Оној Кој има моќ да нè исцели, и да нè усоврши.
Браќа и сестри, имајте ја молитвата постојано во вашите срца и во вашиот ум, обраќајте Му се на Господа постојано. Секако, браќа и сестри, не заборавајте да Му се обраќате на Господа и тогаш кога сте радосни, задоволни, среќни… Делете ја со Господа Вашата радост, Вашата среќа, Вашиот успех и сè она што ве прави позитивни, поделете го на Господа во молитвата. Кога ќе имаме голема доверба во Господа, тогаш целиот наш живот, Му го предаваме Нему, и во радоста и во тагата. Господ ги знае сите наши потреби, и Тој ќе ни дари се што ни е потребно. Треба да знаеме, дека треба да Го љубиме нашиот Создател и нашиот Спасител, во секој еден момент, постојано преку целиот наш живот, благодарејќи Му постојано, во секој миг од нашиот живот.
