Недела 29. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа Исуса Христа, браќа и сестри.

Светата Литургија е нашата единствена животворна егзистенција, преку која се напојуваме со животот. Животот се дарува на самата света Литургија, затоа што вечниот живот е силата и моќта на светата Литургија. Светата Литургија е светотаинска, спасителна, небоземна заедница на луѓето во светот, со сите вечни светители, со ангелите, пророците, учителите, со Богородица и со Богочовекот Исус Христос.

Христос е вечниот Живот, а светата Црква е Негово Тело, и сите членови се во едното Негово Тело. Сите ние, Причестувајќи се на Светата Литургија со Единиот Господ, со Богочовекот Исус Христос, ќе сопостоиме со Него вечно, соединети сотелесно со Него, поврзани со сите други сопричесници, образувајќи го тоа прекрасно Тело Господово.

Светата Црква е прекрасна заедница на љубовта, во која сите православни луѓе, партиципирајќи во неа, ја остваруваат вистинската и вечна заедница, која започнува уште сега, уште денеска да биде небоземна држава, да биде небоземно Царство Божјо. Денеска, во историјата, започнува да постои радоста на спасението, денеска започнува сојузот на луѓето со вечноста, а впрочем, овој небоземен сојуз, конечно ќе се оствари како совршена и потполна цел, во бесконечноста на есхатонот, во вечната Божја држава на прекрасниот небесен Ерусалим, во осмиот ден, во есхатолошкиот момент на славата Божја.  

Господ Исус Христос е нашиот Спасител, Кој нè повикува тука во историјата за да нè спаси. Со Него ќе го доживееме вечното спасение, преку Него ќе го здобиеме Царството Божјо; во Него ќе се оствариме како најпозитивни личности, во Него ќе се охристовиме и обожиме, Тој е нашиот вечен принцип на спасението.

Светиот апостол Павле, во своите посланија, ја формира и конципира христологијата како теолошка наука која ја обработува Христовата Личност, но исто така ја конципира и Сотирологијата како теолошка наука која говори за човечкото спасение од гревот. Христос е Сотер – Спасител! Тој е нашиот вечен живот, Тој е нашиот Логос преку Кого сме создадени и преку Него, во Него, ќе се спасиме. Тој е нашиот Искупител од гревот, ѓаволот и смртта.

Во денешното послание на светиот Павле до Колосјаните, прочитавме како великиот учител, ги укорува верниците, поради лошите постапки. Тогаш им велел, но и денеска исто така и нам ни вели, во неизменетата порака која се пренесува како квалитет, преку Светиот Дух, од тогаш па сè до денеска. Светиот Дух ги инспирира светителите, и харизмата со која се исполнети светите, светли пред луѓето, и им ја покажува патеката по која треба да чекорат во животот, и на кој начин. Пораките на спасението, се непроменети и вечно исти. Тие се вредносен систем, преку кои сите членови како еден организам, внимаваат да го остваруваат слободно.

Да се пазиме од страстите, да ги умртвуваме органите на земната природа, затоа што доколку им служиме, ќе потпаднеме под сладострастието, кое силно нè одвојува од духовниот живот, и од Бог. Сладострастието е телесно уживање, кое приземно нè врзува за земскиот живот и нè одвојува од вистинската суштина. Секако дека пороците кои ќе нè надвладеат, ќе нè преобликуваат во нивни робови, насочени кон насладата во овој живот.

Светиот Павле, вели дека поради пороците и страстите, доаѓа гневот Божји врз синовите на непослушноста. Секако дека доколку служиме на своите телесните нагони, ние ќе постанеме и идолопоклоници на своите лоши постапки, ќе служиме на злото, ќе служиме на бесмислата. Светиот апостол вели, да престанеме и да се лажеме еден со друг, а тоа пак и денеска е постојана појава. Колку е мизерно кога дури и верниците во црквата Божја, постојано се лажат помеѓу себе, тоа е доказ на крајното лицемерство кое е вгнездено во душата на човекот. Секако дека лагата ја очекуваме во обезбоженоста, но пак, доколку видиме лага кај оние кои себе се декларираат за добри верници, тогаш тоа е навистина грозно и ужасно.

Свети Павле вели, дека во Црквата Божја нема повеќе никаква разлика помеѓу луѓето, нема расна поделба, нема поделба на етничка припадност, или поделба поради статусна општествена положба, нема поделба ни поради старосна граница, впрочем, сè и во сè е Христос. Христос е Црквата Божја, Тој е Тело на Црквата, Тој ја формира својата Црква, за неа тој пострадал, Тој ја возглавува Својата Црква, Тој ја осветува Својата заедница, Тој се принесува во неа за сите, за наше спасение. Еден за сите, и сите во Еден, во Него, во Богочовекот Исус Христос. Кој е вистински член на светата Црква Божја, тој е свет и добар, и во него нема да се пројавуваат лоши постапки и дела.

Човекот е вистински човек, во добротата и љубовта кои ги поседува, како услови со кои се докажува дека е чедо Божјо. Единствената вистинска поделбата помеѓу луѓето, е единствено во количината на чистата и безусловна љубов која ја поседуваат. Кој нема љубов, Тој Го нема Бога во себе.

И во денешното Свето Евангелие по Лука, слушнавме дека се зборува за црквата Божја, за светата гозба. Исус Христос кажал една парабола за големата вечера, оваа вечера за која што зборува Богочовекот, се однесува токму за Неговата спасителна гозба, наменета за сите луѓе. Оваа гозба е светата Литургија, која се принесува секојдневно за нашето спасение.

Господ пројавува во вечноста чиста идеја, да го создаде човекот со вечно достоинство, да го воздигне од смртно и несовршено битие, во вечно совршено битие, сопостоејќи заедно со Него во славата Божја. Од смртно и минливо битие, го усовршува во вечно и совршено битие, кое ќе се облагороди, освети и обожи во личноста Божја. Бог Отецот благоизволува да се оствари таа чиста Божја идеја во Логосот Божји, во Синот Божји. Синот Божји, ја остварува во Себе таа идеја, и од Себе, ја материјализира истата идеја, заедно во соработка и со Светиот Дух. Светот е Откровение Божјо на совршената љубов Божја. Светот е создаден за Исуса Христа, и само преку Него, во Него, ќе се оствари таа совршена Божја идеја.

Секако дека, човекот со својата лична слободна волја, треба самостално да пристапи во остварување на таа прекрасна Божја идеја. Црквата Божја е впрочем, чистата Божја идеја, овој свет да биде создаден за да постане Црква и преку Црквата да го наследи, да го здобие своето прекрасно вечно достоинство.

Гозбата за којашто зборува Богочовекот Исус Христос, е Неговата бесплатна вечера, која се приготвува секојдневно. Светата Литургија е гозбата на која што се принесува Јагнето Божјо, Она прекрасно кротко Јагне, мило и доброљубиво, Кое иде на доброволно колење за спасение на светот. Тоа Јагне Божјо, Кое добороволно самостојно Себе се принесува, ја пролева Својата бесценета и Божја Крв, за опростување на гревовите, победа над ѓаволот, и над смртта. Тоа незлобиво Јагне, Себе се принесува како храна на спасението, храна како залог за вечен живот. Та секој кој јаде од Тоа Јагне Божјо, ќе наследи Царство Божјо.

Но, луѓето исполнети со грев, со разни други лаги и превари, самостојно се откажуваат од оваа совршена, бесплатна Божја храна. Па така, кога Господ го повикува целиот свет кон спасението, светот се откажува од Господа, Му го врти грбот и се оддалечува од Него. Постојано луѓето служејќи му на светот, на материјализмот, на страстите, нагоните и пороците, се изговараат пред Господа со секакви обврски и неодложни задачи, поради кои не можат да присуствуваат на таа Божја гозба. Господ нè повикува, Тој прв ја поддава Својата бесценета рака за нашето спасение, а ние пак, постојано ја одбиваме таа Божја испружена рака. Многу нешта ни се поважни од нашето спасение.

Браќа и сестри, Господ ја исчекува нашата одлука, да се оствариме како добри битија во најпозитивната заедница на спасението. Господ нè создал да имаме право на слободен избор, па така Тој, не посакува на сила да не оствари како совршени битија, доколку ние тоа лично не го посакаме. Затоа Тој ја исчекува нашата слободна волја, да пристапиме слободно во Црквата Божја, да пристапиме кон храната на спасението. Секако дека, за да можеме да пристапиме кон Божјата храна, ние треба достојно и да се подготвиме. Покајанието, верата и љубовта се основните услови, со кои достојно пристапуваме кон Господа. А кога ќе Го возљубиме искрено Господа, тогаш ние ќе живееме во слободата на Божјата љубов, и Божјата совршена слобода, ќе биде нашиот супстракт на верата. Божјата слобода ќе нè ослободи од оковите на гревот и смртта, и од робови на бесмислата, ќе постанеме вечно слободни во прегратката Божја.