Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Господ Исус Христос им го дарил на своите ученици Мирот Божји. Навистина, она што на секој човек му е потребно, е тој благодатен и животворен мир кој се излева од Господа. На обременетите и напатени човечки души, единствено мирот и спокојот им се потребните нешта за да го живеат својот живот како достоинствени луѓе. Човекот, пак, се осознава себеси површно дека е човек. А што е навистина човекот? Што значи да се биде човек? Навидум, на овие прашања е лесно да се одговори, мислејќи дека ова е просто и едноставно. Колку и да е комплициран одговорот, колку повеќе да го комплицираат одговорот учените луѓе, преку философијата, психијатријата, психологијата, биологијата, и другите науки, сепак одговорот и не е баш комплициран. И навистина, така е. Просто и едноставно е да се одговори. Човекот е создаден од Господа за да живее во Рајот, во прегратката Божја, да сопостои со Господа во вечноста.
Да се биде човек значи, да се сведочи иконата Божја во себе. Човекот е создаден за да се оствари како икона Божја, за да живее во Рајот. Но, внимавајте, да се живее во Рајот не подразбира самотија на еден човек. Секој човек е икона Божја, и има преднаменето место од Неговиот Творец, да живее во Рајот. Значи, во Рајот, во вечноста, нема да живееме сами. Прегратката Божја ја подразбира и бесконечната Негова категорија да љуби. Љубовта е вечната сила на создавањето. Бог е изворот на љубовта, Бог е Љубов. Во Рајот, во заедницата со Бога, секој човек ќе живее прегрнат од љубовта, восхитен од совршенството. Човекот е разумно битие кое се остварува единствено преку Божјата љубов која треба да ја има во себе.
Кога љубиме, ние имаме бесконечен мир во себе. Кога љубиме, ние се изразуваме позитивно. Додека живееме во светот, трудејќи се, го призиваме мирот Божји, за да бидеме во љубов и мир со Бога и во љубов и мир со целиот свет. Мирот е Божји благослов. Кога живееме во благодатта Божја, ние го контемплираме мирот и го шириме околу себе истиот, како примери на совршеноста. Господ Бог е совршен, а ние како Негови чеда, стануваме Негови икони и примери на совршеноста. Во совршеноста се подразбираат две категории: мир и љубов. Кога ја анализираме совршеноста, ќе ги откриеме двата поима кои го презентираат одговорот. Мирот и љубовта се совршенство.
Агонијата на маката, настапува тогаш кога ќе го изгубиме тој мир во себе. Кога човекот е во агонијата на злото, тогаш тој постапува неприродно и деструктивно. За жал, луѓето се губат во своите животи, па често ја губат смислата на своето постоење и не ја пронаоѓаат својата суштинска цел. Или, пак, луѓето живеат единствено за својата егоистична потреба, и така не се остваруваат како вистински личности. Многупати објаснувавме, дека личноста е вистинска тогаш, кога е во позитивен однос со светот околу себе, што подразбира со сите луѓе и со Бога.
Апостолот Павле ни ја објаснува суштината на нашата вера. Тој нè подучува како треба да се трудиме во животот за да се оствариме како луѓе. Тој вели, дека преку верата во Бога, го имаме мирот Божји, преку нашиот Господ Исус Христос. Единствено преку Исус Христос ние добиваме пристап кон благодатта Божја. Но, секако дека човекот живее со своите маки, свесно и трезвено. Преку трпение и смирение, стекнуваме искуство, а на крајот и надеж. Апостолот Павле вели, Господ нè возљуби уште додека бевме грешни и слаби. Тој, Совршениот, се вочовечи единствено поради Својата Љубов, се жртвуваше и умре за безбожниците. Умре за тие кои не го познаваа. За тие кои грешеа. Великиот Апостол Павле вели: „Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил“ (Рим. 5, 7). Навистина, колку се вистинити овие зборови кои ги напишал Апостолот уште пред две илјади години. За жал, оваа негова констатација е присутна и сега. Светот воопшто не се сменил. Светот е ист отсекогаш. Ништо не е сменето, за да бидеме денес посовршени, или, пак, поцивилизирани. И понатаму владее со светот, со луѓето, безумноста и психопатијата. Злото е сè повеќе присутно, како храна на бездушните луѓе.
Но Бог ја докажа Својата љубов кон нас луѓето. Тој нè возљуби уште додека бевме несовршени. Љубовта не подразбира евентуалност како категорија на вреднувањето. За Господа вреден е секој човек. Тој го создава човекот заради љубов и единствено совршено го љуби секого. Господ нема промена, во Него нема промена во количината поради човечкиот грев. Кога човекот ќе ја сфати вистинската љубов, тогаш тој ќе се труди никогаш да не ја заборави. Кога, пак, ќе доживее вистинска љубов, тогаш човекот ќе се труди никогаш да не ја загуби.
Господ Исус Христос ни вели: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло“ (Матеј 6, 22). Човекот со телесните очи го согледува светот околу себе. Телесните очи ги гледаат телесните работи. Секако дека со очите можеме да ја гледаме тварната светлината. Но, Господ често говори во параболи, или метафорички. За да ни биде телото светло треба да се исполниме со благодатта Божја. Но, за да ја сфатиме вистината и да се просветиме, телесните очи не можат да ни помогнат. Единствено умот е тој кој што поима и контемплира. Умот е тој којшто сфаќа и преку умот ние можеме да се просветиме. Исус Христос говори за умот дека треба да ни биде чист и светол, за да ја сфатиме, видиме, поимиме вистината и да се просветиме.
Од нас зависи кому ќе му го довериме нашиот живот. Дали свесно ќе му служиме на Бога или на Мамона. Мамон е богот на богатството кај оние кој веруваат во него. Ние секогаш се бориме во своите животи во изборот помеѓу двата принципа во светот. Доброто и злото се двата избори. Материјалното и духовното. Светското или небеското. Нашата волја постојано е во оваа борба. Навистина, ние не можеме да им служиме на два господари. Секако дека едниот повеќе ќе го сакаме. Наше е да се определиме и да одбереме. Земското богатство воопшто не му пречи на верникот, доколку човек не му слугува на богатството. Но, доколку човек го живее животот единствено за да го стекне материјалното и доколку го согледува животот единствено преку материјализмот, тогаш тој се заробил во светот на пропадливоста.
Господ Исус Христос ни забранува премногу да се грижиме и за тоа што ќе јадеме и што ќе облечеме. Никако не значи дека Господ ни забранува воопшто да не јадеме и да не се облекуваме, но убаво е кажано, да не се грижиме премногу. А во преголемата наша грижа буквално секој може да се пронајде. Кога ќе западнеме во желба за стекнување на материјалното и кога го перцепираме животот единствено преку материјализмот, тогаш нашата концентрација ќе биде насочена единствено кон тоа. Тогаш сме западнале во овоземните принципи и доброволно се заробуваме во светот на пропадливоста. Наместо да го исчекуваме другото Христово доаѓање и да се грижиме за нашето сретение со Господа, ние се грижиме за земсните, минливи материјалности. Секако дека храната ни е потребна, секако дека и работата ни е потребна. Материјалното е потребно во границата на нормалното. Домаќинското водење на економијата е благословена норма. Но прекумерното хедонистичко користење на светот е грев. Да се сетиме како говорат безбожниците: „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме“ (1.Кор. 15, 32). Од дамнина луѓето во безбожност живеат единствено угодувајќи си себеси со храна и со материјалните добро во привремениот живот.
Денеска ги славиме и чудотворните лекари Козма и Дамјан. Две светозарни ѕвезди на Небото Божјо. Тие две ѕвезди се нашата надеж пред Господа. Тие се брзи помошници во исцеленијата. Секогаш ним им се молиме, брзо да ни помогнат во нашите потреби. Тие се стекнаа во својот живот со голема Божја благодат, со која лекуваа. Правеа чуда затоа што животот свој Му го посветија на Господа. Прават и сега, насекаде во светот, големи и прекрасна чуда. Тие се бесплатни лекари на бесплатната Божја благодат. На дар ја добија и на дар ја подаруваат секому. Благодатта Божја се подарува и ги инспирира луѓето, секој со некаков дар. Едни се пророци, други се миротворци, трети се лекари и чудотворци и така има различни дарови, на секого по дарот Божји.
Христос ги избра своите ученици уште пред да пострада, тој ги испратил своите ученици да проповедаат во Негово име. Тие, пак, кога се враќале од тие проповеди, му раскажувале на својот Учител, на Исуса Христа, како лечеле неизлечиви болести и како дури и демоните се боеле од името Христово. Колку голема сила и моќ им била подарена во името Христово. Власта Божја над творбата им била богато подарена на Христовите ученици кои правеле чуда во Неговото име. Демоните се треселе од силата Христова. Та кој може воопшто да се спротивстави на Божјата бесконечна моќ. Ни ѓаволот со сета своја дрскост и гордост, не смее да помисли дека може да се спротивстави на таа бесконечно, вечна и Апсолутна Божја моќ. И светите Козма и Дамјан ја имаат таа духовна моќ со која и денес тие изгонуваат демони. Навистина светителите Божји се духоносци на нетварната моќ која чини чуда.
Апостолите се пратеници Божји, тие во името Божјо проповедаат и делуваат. Но Господ им вели на своите ученици, на апостолите, немојте да се радувате поради тоа што правите чуда, туку радувајте се што се вашите имиња напишани во вечноста. Навистина суштината е во тоа што ние треба да живееме за да го наследиме Царството Божјо. Треба да живееме за да се населиме во Рајските населби. Но сепак, најисправно е кога ќе сфатиме, дека ние треба да живееме за да ја здобиеме Божјата прегратка. Погледнете сепак и видете, дека животот е бесмислен доколку живееме осамено. Доколку живееме без да имаме љубовно пријателство со другите луѓе. Навистина сме тажни и депресивни, кога немаме никого како пријател. Да не се лажеме, дека е најважно само да влеземе во Рајот, осамено и без конкретен личносен однос со другите луѓе, или пак со Господа. Не е смислата на наградата во Рајот како материјално место. Местото и не е важно. Ние не смееме да бидеме материјалисти и понатаму.
За нас, православните верници, најважно е да ја здобиеме прегратката Божја. Ние жеднееме за Божјата љубов. Ние сме сува земја, и нам, како на исушена земја, ни е потребна жива вода. Потребна ни е благодатната вода. Потребна ни е љубов која ќе нè оживее. На нашата душа ѝ е потребна непресушната благодатна духовна храна. Ние се надеваме дека Господ ќе нè прими во Неговата заедница. А духовното место, местото на нашето сретение, местото на нашата радост, апсолутно не е важно. Важно е единствено да ја здогледаме еден ден, широко отворената прегратка Божја, која е наменета за човекот.
Сите облагодатени личности, во својата светост, ја имаат Божјата сила. Причеста која ја добиваме на Светата Евхаристија, бесплатно се дели како Светиња на светиите. Сите кои ја примаат Светињата, или Телото и Крвта Христови, се осветуваат и поготвуваат за вечниот живот. Господ вели дека секој кој има и малку вера, како синапово зрно, ќе може и планини да преместува. Но, да не живееме само за тоа да правиме чуда добивајќи некаква сила која автоматски ќе ни припадне. Не, не е така. Чудата се случуваат единствено преку смирението и покајанието. Дури и светителите не биле свесни за самите чуда, ниту пак се гордееле што правеле некаква чуда. Сè што се случувало било во слава Божја, единствено поради прославувањето на Светата Троица и верата во Синот Божји, во Исуса Христа. Само доколку имаме чиста вера, чисто срце, смиреноумие, покајание, тогаш и неприметно, ќе бидеме духоносци и светозарни, но само во името Божјо. Ние треба да се радуваме затоа што ќе се исполниме во нашите души со љубовта Божја.
О, Господи, прекрасен Наш Исусе Христе. Немој да нè оставиш како сирачиња без Тебе. Ти си нашиот Творец, ние сме Твои созданија, ние сме Твои чеда. Сети се на нас и немој бесконечно да се лутиш на нас, поради нашите гревови. Се трудиме да се отрезниме и да се каеме за својот грешен живот. Нашето покајание нека биде примено во Твоето Божјо сознание. Дојди Господи Боже и спаси нè.