Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Многу често во овие денови на петровденскиот пост, но и претходно во сите други периоди на другите пости, кога ќе дојде самиот период на постот, слушам едно актуелно прашање помеѓу вас. Тоа прашање е воочливо, и се поставува еуфорично. Уште повеќе да биде шокантно е, кога тоа прашање го поставува тој кој не пости. Имено, тоа е прашањето: дали постиш?
Ова прашање веројатно се поставува потполно неформално и попатно. Но, не знам како да ги дефинирам тие луѓе кои го поставуваат ова прашање, затоа што очекувам од истите луѓе да бидат посветени верници, но со тоа имам предвид, дека верниците го подразбираат постот како суштински начин на живот, па следствено, тие немаат потреба да го поставуваат тоа прашање кон другите во некаква моментална еуфорија. Но, можеби ова прашање го поставуваат традиционалистите, кои ја исполнуваат својата вера само како некаква фолклорна историја, или некаков обичај, или пак само сакаат да се информираат за другиот човек од љубопитни причини, дали тој тоа го прави.
Ова прашање е потполно нелогично! Потполно несоодветно!
За црквата Божја, постот е суштинско остварување на верата кон Господ. Преку постот како средство, ние се докажуваме пред Господ. Прекршувајќи го постот, ние го здобивме првородниот грев, кој го направија нашите прародители Адам и Ева. Поради нивниот грев, тие беа истерани од рајот, а следствено и сите ние сега живееме надвор од рајот борејќи се со својата слобода на избор. Но, не само што го изгубија рајот, впрочем, здобија смрт. Се оддалечија од Господ во својот личносен однос кон Него, прекршувајќи го постот, и западнаа во грев и смрт.
Постот е најпрекрасниот Божји благослов за човекот, та преку неговото слободно исполнување, човекот ја докажува својата вера и доверба во Господ. Човекот пак со својата слободна личност, треба слободно и искрено да посака да пости преку целиот живот, за да го оствари најпрекрасниот сојуз со Господ. Постејќи, ние се покажуваме трудољубиви во добродетелниот живот, за да можеме да пристапиме и да се причестиме со нашиот Господ Исус Христос. Додека, пак, без трудољубивоста во добродетелниот живот, ние не можеме никако да се претставиме како добри битија пред вечниот и совршен Господ.
Прашањето за кое говориме е потполно нелогично за верникот кој сака да постане Божјо чедо, потполно е несоодветно ова прашање за верникот кој својот живот го пројавува во Црквата Божја.
Денеска често, верата се манифестира како некаков традиционален поредок кој има своја форма. На овој начин се подразбираат разни правила и закони кои го формираат овој систем. Тоа сепак конципира во себе некаков религиозен систем, кој подразбира формалистички пристап и поимање на целокупниот живот. Религијата има свои дефиниции, правила и закони, кои се перципираат со рационалната свест преку која дејствува потребата за сознавање на онтолошката суштина на битисувањето на човекот.
Во нашата откровенска и вистинска вера, постот не треба да го исполнуваме формално, правејќи го тоа како обврска која мораме задолжително да ја оствариме, за да здобиеме плата и награда поради тоа. Не смееме да имаме таков лицемерен однос кон Бог во нашата вера. Човечкото однесување треба постојано да биде втемелено на свесното, трезвеноумното, рационалното поимање на животот. Секако дека многу нешта нам не ни се откриени и не можеме да ги откриеме, но тоа што не можеме да го откриеме, го препуштаме на Божјата света волја.
Да постиш значи, да се воздржуваш целиот свој живот од гревот. Постот е концентрирано внимание во личното секојдневие, насочено кон своето лично поимање во свеста и кон целокупното однесување со сите лични постапки. Постот е формата преку која се изразуваме во личносниот однос кон луѓето и кон целиот свет. Преку постот најдлабоко ја прифаќаме својата онтолошка реалност на нашето битисување во поврзаноста со единствениот извор на нашето постоење, а тоа е Бог. Бог го исчекува нашето лично и слободно изразување, кое длабоко се остварува преку постот, изразувајќи го нашето суштествување на еден висок морален начин. Моралноста секако за нас е силната поврзаност со Творецот, посветеноста кон Бог и уподобувањето со Богочовекот Исус Христос. Исус Христос е нашиот постулат, нашиот пример, нашиот идеал. За нас верниците Тој го претставува единствениот реален и вистински прав живот. Животот во заедницата со Бог е нашата фундаментална онтологија.
Црковниот етос кој го подразбираме во нашиот личен живот е нашата форма за која зборуваме. Етосот го подразбира целокупниот квалитетен вредносен систем преку кој ние лично се изразуваме. Секако дека вредноста која ја цениме и во која служиме како битија, треба да биде позитивна и квалитетна, а вистинските значења на позитивноста и квалитетот ги пронаоѓаме во Богочовекот Исус Христос, во Неговиот личносен однос кон целокупната твар.
Сотерологијата како теолошка дисциплина ни укажува на Христовото спасително Божјо дело за спасението на тварта. Тој е нашиот Сотер (спасител), искупител, учител, пример. На овие прекрасни, совршени и спасителни принципи ја втемелуваме сопствената иднина, која треба да нè доведе во вечната радост, која го подразбира спасението.
Од сè досега речено, она што го истакнуваме е воздржувањето како единствена мерка во постојаното однесување во целокупниот наш живот, без да запреме, копнеејќи за да го здобиеме вечното спасение. Постот или воздржувањето од гревот, во секој момент на личниот живот, е основниот и главен принцип и симбол на човекот кој ја претставува иконата Божја.
Прашањето кое го поставуваат верниците едни кон други, а за кое зборуваме, е потполно непринципиелно од гледната точка на еден вистински верник, кој го уподобил својот живот со животот на Богочовекот Исус Христос. Оној кој е верник, секако дека го подразбира постот како секојдневна и основна постапка во својот живот. Без пост верникот не е верник! Верноста кон Господ е во суштинската карактеристика на постот. Никогаш верникот не може да се согледува себе во „не пост“, без пост.
Доколку ги согледуваме нештата на еден поинаков начин, ќе се запрашаме: „Каков ли ќе биде навистина животот на верникот кој е чедо Божјо, а кој живее во не воздржување, во не постење? Какво ли ќе биде тоа негово лицемерно однесување? Денеска постиме, а утре не постиме? Или пак денеска држиме диета и тоа го принесуваме кон Господ само како некаква телесна форма, а додека пак утре кога ќе заврши периодот на диетата, ништо повеќе нема да му принесеме на Господ? Како воопшто може некој да помисли дека единствено диетата може да ни придонесе вечен бенефит; или диетата да биде некаква доволна форма која ќе ја принесеме како дар на нашиот Творец?“
За жал, човечкото лицемерство е длабоко вкоренето во душата на човекот и тогаш нашето однесување е потполно накарадно и извитоперено. Лицемерно пристапуваме кон Господ и така лицемерно постојано пристапуваме во животот кон сите, и кон сè околу нас.
Светото причестување со нашиот Господ е нашата денешна примарна цел, и тоа е залог за вечен живот. Нашето суштинско поврзување со Господ го остваруваме во светото причестување. Во светото причестување се сплотуваме сите помеѓу себе, во Христос. Христос постанува наше тело и сите заедно во Него и со Него, го остваруваме заедничкото тело на Црквата. Ние како чеда Божји се препознаваме и остваруваме единствено само во лоното на Црквата Божја. Црквата Божја нè остварува како вистински луѓе кои сме создадени за да битисуваме во заедницата на љубовта.
Човекот онтолошки се конципира во реалноста која го опфаќа овој свет и оној свет – светот на нематеријалноста. Човекот себе треба да се оствари како есхатолошка личност, во личноста на Богочовекот Исус Христос, преку соединувањето со Него. Но, човекот постојано треба да биде и еклисиолошка личност, која подразбира дека е во позитивната заедница со сите други луѓе во светот и секако во заедница со сите свети, со Богородица и со Синот Божји.
Постот е средство и мерка во нашиот живот, во црковниот етос, та преку целокупното наше битисување со нормата на тој вредносен систем кој ќе биде нашиот животен принцип, во целокупниот наш црковен однос во заедницата, ние го остваруваме најпозитивниот личносен однос со Богочовекот Исус Христос; и како награда за нашиот трудољубив начин на живот, ние го добиваме залогот за вечноста, а тоа се светите Тело и Крв Божји, та конечно преку нив, го здобиваме Царството Божјо.
Господ да нè благослови браќа и сестри, со Неговата благодат и човекољубие, постојано, сега и секогаш, во вечни векови. Амин.
