Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Оваа денешна недела, светата Православна Црква ја посветува на светиот крст и ја нарекува Крстопоклона недела. Денеска се сеќаваме на најпрекрасниот христијански симбол, на крстот. Крстот е нашето знамение, крстот е нашата радост, крстот е нашиот живот. Денеска се поклонуваме на единствениот симбол преку кој ние верниците се спасуваме. Некогаш крстот беше симбол на ужасот, на злото, на смртта, на срамот, а со Господовото страдање на крстот, истиот симбол постана радост, постана утеха, постана живот.
Во тропарот на светиот крст, ние Му пееме на Господа да нè спаси, помилува и заштити во нашиот живот, преку силата и знамението на крстот. На крстот Господ страдаше, на крстот Господ умре, на крстот Господ се прослави. Впрочем, Господ крстот го прослави, а воедно, Господ го прослави човекот на крстот. Преку крстот човекот ја доби новата прилика да се обожи, преку страдањето и смртта. Крстот му подари на човекот перспектива на вечноста.
Сепак, крстот постана симбол на спасението поради Богочовекот Исус Христос Кој страдаше како човек, за да ја искуси смртта и преку смртта, да го воздигне човекот и целокупната природа во Царството Божјо. Господ го освети крстот и мртвата материја постана осветена поради светиот Господ. Господ го освети крстот преку Себе, преку страдањето на Богочовечката личност Божја. Божјата света Крв се пролеваше на крстот и таа пресвета и бесценета Крв Божја, ја освети материјата. Телото Божјо, го освети самиот крст, затоа што беше приковано на тој смртен крст, та со страдањето Божјо, смртниот крст постана бесмртен спасителен знак. Спасителот страдаше на него, и затоа и самиот крст е спасителен, затоа што се однесува на Спасителот.
Крстот е Господов симбол, крстот е Господов знак со кој ги победи трите страшни принципи, ги победи: гревот, ѓаволот и смртта. Со крстот Господ слезе во адот, во стравот и во ужасот, таму каде што го нема животот, таму каде што очајот владее, таму каде што радоста не постои. Таму каде што е вечна темнина, во адот, таму Господ засветли со Својата Божја светлина и со Својот крст, ја осветли темнината која побегна од силината на блесокот. Крстот блесна и ја покажа својата убавина, затоа што тој ја покажа светлоста и моќта Божја, како одблесок на себе, како огледало кое го сведочи страдалниот Господ.
Крстот ќе се појави и на Страшниот Суд Божји, ќе заблеска и ќе ја посведочи великата и Пресвета Божја волја да пострада за светот, за негово спасение. Крстот ќе блеска како бесценет знак, со кој се украсува Царството Божјо. Крстот ќе биде прикажан од Господа како блескав украс Божји во крајот на векот на овој свет, во конечниот Божји Суд, кога сите луѓе ќе го добијат од Бога конечното свое место во вечноста. Страшниот Суд ќе го заврши векот на светот во времето, а ќе го започне бесконечниот век на новиот живот, во есхатонот Божји. Впрочем светиот Божји крст е симболот на Царството Божјо.
Крстот е прикажан како симбол на спасението уште во рајот. Она дрво кое Господ го создаде за познавање на доброто и злото, тоа всушност го претставува светиот крст Божји. Господ му ја дава на човекот експлицитно Неговата заповед, а тоа е да не јаде единствено од плодовите на тоа дрво. Дрвото го претставува човечкиот слободен избор, или поточно, дрвото го претставува човечкото искушение, во слободната лична волја. Дрвото е всушност, симбол на човечкиот избор. Сепак, слободата е вистинска, кога може слободно да се претстави. Следствено, доколку Адам не пробал од дрвото, ќе ја изразел својата добра волја и вера кон Господа, а затоа што пробал, ја изразил својата недоверба кон Господа.
Крстот е симбол на страдањето, следствено, човекот со својата слободна волја, треба лично да се произнесе и да одговори дали е спремен да го прифати својот крст, својот живот, својот дар кој му го дарил Господ, или пак, ќе се спротивстави на Божјиот дар и на тој начин ќе ја искаже личната конфронтација кон Господа. Дрвото во рајот е всушност Божјата прекрасна идеја, да го спаси човекот преку страдањето на крстот, а тоа треба да се оствари преку слободниот човечки избор.
Искушението е огромно за несовршениот човек Адам кон она што не е дозволено во рајот, затоа што постои во него сомнеж и недоверба кон Господа. Но само и единствено преку тоа искушение, Адам требало да ја докаже вистински својата доверба и љубов кон Господа. Адам слободно погрешил и смртно пострада. Компаративно подоцна во светот, но во друг контекст, Самиот Богочовек, совршен човек, Нов Адам, стоејќи пред искушението на страдањето, требал да го направи Својот личен избор, дали го прифаќа страдањето или го одбива. Прифаќајќи го Своето страдање на дрвото, Тој ја докажува и изразува Својата бесконечна Љубов кон Својот Отец Небесен и кон човекот.
Крстот како праслика на спасението се пројавува во целиот Стар Завет. Мојсеј има стап со кој прави чуда. Стапот е симболот на чудото, симболот на спасението, симболот преку кој Господ ја остварува Својата идеја кон спасението на светот, неговиот стап, ги прави големите чуда преку кои го спасува израелскиот народ од робувањето на фараонот.
Праотецот Јаков, крстообразно ги положил своите раце, врз главите на Јосифовите синови. Крстот е благослов, преку крстот се остварува идниот живот. Праотецот Јаков ги видел скалите кои ги поврзувале земјата со небото. Крстот е врската помеѓу светот и Небесата. Преку крстот сите луѓе, кои слободно ја прифаќаат на себе Христовата крсна смрт, и во неа се крштеваат, ќе бидат воздигнати на небесата.
Секој човек својот живот го дефинира како еден крст со кој страда постојано. Животот е бурно море, кое со својата непредвидливост го симболизира крстот на страдањето. Човекот постојано е искушуван во својот живот, та страдајќи постојано на разни начини, го симболизира животниот крст, или животниот пат. Затоа и велиме често, да го земеме со благодарност кон Бога својот живот, како дар Божји, да го земеме тој благословен крст, да го понесеме на своите рамена и на својот грб, затоа што смислата на животот е во крстострадалниот живот. Човекот постојано се бори во себе, одредувајќи ја постојано својата слободна волја кон еден избор, а всушност, изборот е секогаш тежок, затоа што постојано се нуди пред нас она што е лошо, и она што е прекрасно, тоа е всушност крстот.
Бракот, како заедница, е крст, и всушност, кога свечено се венчаваат младите во Црквата Божја, го пееме тропарот на светите маченици, затоа што тие постануваат свети маченици на верата, преку одрекувањето на личната волја, соединувајќи се во една мисла, една заедничка волја, го земаат својот брачен крст, за нивно спасение. Исто и монаштвото е свет крст, каде што монахот се сораспнува со Господа и ја отсекува својата волја, служејќи Му на Бога во послушание кон духовникот.
Секој човек, телесно, физички, по форма е крстообразен, го изразува светиот крст. Врвот на крстот е нашата прекрасна глава, која го отсликува ликот на човекот и го украсува целото тело. Главата е исправена и насочена кон небото, кон вечноста, а лицето на човекот е на самиот врв од крстот. Нозете стабилно одат по светот, чекорејќи на патиштата во животот. Нозете одат по земјата од која е создаден човекот, споен со неа, затоа што таа е неговата природа. Рацете широко растегнати, од едниот крај до другиот крај, го прегрнуваат светот, го прегрнуваат својот живот. Всушност, крстот се составува и пресекува во човекот, во неговиот центар, а тоа е неговото срце. Тука Господ се пројавува како точка на спасението, во срцето.
Светата Божја Црква Го прославува Господа секогаш согледувајќи го Неговото крстовоскресно страдање. Постојано го славословиме Господа, истакнувајќи го Неговото спасително страдање, кое ја докажува Неговата совршена љубов, љубов која ја изразува бесконечната и безусловна љубов.
Господ вели во светото Евангелие: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Марко 8, 34).
Ова е патот на Христовите следбеници, ова е суштината на животот, докажувајќи се преку страдањето и одрекувањето. Кој сака да биде чедо Божјо, тој слободно ќе го прифати својот крст на страдањето и ќе тргне кон Господа. Страдањето е всушност нашето средство, преку кое ќе се спасиме.
Браќа и сестри, љубете Го Господа и прифатете го својот крст, како дар Божји. Благословувајте го Господа за возможноста да се докажеме во добриот избор.
Бидете благословени, со силата и благодатта Божја, која се излева преку животворниот крст Господов. Амин.
