Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа, браќа и сестри.
Денеска е четвртата Недела од светата благословена четириесетница. Постот е прекрасно средство со кое чекориме кон Господа, исполнети со добродетелен живот. Постот е прекрасен начин, преку кој ја докажуваме сопствената вера, воздржувајќи се од лошите помисли, дела и постапки, поточно, воздржувајќи се севкупно од злото, но сега во великопостниот период, воздржувајќи се и од блажната храна.
Постот е Господова заповед кон нас луѓето, за да ја изразиме сопствената волја, и да ја докажеме личната слобода. Господ од нас очекува да бидеме позитивни битија, кои ќе ја изразат својата сопствена волја со позитивен избор. Господ ни заповедал, а ние пак, треба да го пројавиме својот однос кон Него, на тој начин што ќе Му покажеме дали ја прифаќаме Неговата заповед, да не јадеме од дрвото во рајот. Доколку се сомневаме во Господа, доколку немаме доверба во Него, доколку немаме позитивна мисла кон нашиот Творец, тогаш ние нема да ја почитуваме Неговата заповед. Доколку, пак, Му веруваме на Господа, доколку својот живот Му Го доверуваме, доколку Го љубиме својот Творец, тогаш Неговата заповед ќе биде благослов за нас.
Возможно е кај многумина непросветени оваа Божја заповед да изгледа како наредба, како ропски статус кон човекот, како омаловажување на човечката слободна личност. Но, тоа не точно! Напротив, Божјата заповед е Божји благослов кој ние смртните и создадени битија треба слободно да го прифатиме, за да оствариме љубовен сојуз со Господа. Господ нè љуби по Својата слободна волја, и очекува од нас и ние слободно и љубовно да се произнесеме кон Него преку послушноста. Доколку човекот нема слободна волја, тогаш нема да постои заповед како избор, впрочем, таа заповед ќе биде механички закон кон созданието. Тогаш созданието не е разумно личносно битие. А човекот е личност, и токму личноста има сопствен и личен избор кој треба да го направи за да го оствари слободно и вистински овој сојуз. Сојузот се остварува на слободен начин, помеѓу две слободни личности, Бог нè љуби и повикува во заедница, а ние слободно, послушно како синови, ја исполнуваме Неговата волја. Затоа, Божјата заповед е за нас всушност повик кон слободно остварување на вечната заедница со Господа.
Безусловното исполнување на Божјата Заповед, за нас е пројавување на сопствената слободна волја. Бог нè повикува да ја здобиеме Неговата слобода, ни дарува да бидеме вечно слободни, вечно радосни, вечно совршени преку Него, со Него, а таа вечна слобода се остварува со наше слободно прифаќање и исполнување на Неговата заповед. Ние сме вечно слободни единствено преку исполнувањето на заповедта, затоа што на тој начин докажуваме дека сме вечно послушни кон Него. Таа послушност е поради синовската љубов кон Него.
Постот правилно се исполнува со лична слободна волја. Преку постот, истакнувајќи ја својата слободна волја, исчекуваме да здобиеме вистинска слобода. Господ е нашата вечна перспектива и Тој е вечната слобода, во Него ние се остваруваме како вистински добри битија, љубејќи Го Него, вечното Добро Битие. Во Неговата вечна заедница е вечна совршена слобода. Живееме за да ја здобиеме вечноста, поточно, копнееме за да ја стекнеме прекрасната Божја прегратка, која ни ја дарува целата вечна слободна Божја љубов.
Вечната слобода се стекнува преку добродетелноста, која е основна мерка на црковниот етос. Постулатот на верата е добриот подвиг, кој пројавува добри дела. Добрите дела се темелни постапки, мотивирани од добри мисли и желби, инспирирани и осветени со благодатта на Светиот Дух, крунисани со достојното причестување на Светите Дарови, светотаински остварени на светата Божествена Литургија.
Постот е всушност позитивна лична одлука да Го љубиме Бога, да живееме во доброто, и да постоиме во љубовта.
Денеска светата Православна Црква ја посветува оваа недела на светиот Јован Лествичник, учител на монасите, строг духовник, велики светител, подвижник на верата, секако и педагог на сите христијани. Неговите духовни совети со векови се фундамент на православното подвижништво. Иако тој своите аскетски совети ги дава конкретно на монасите, сепак, христијаните ширум светот, низ вековите, го почитуваат како учител на православната духовност. Затоа светата Православна Црква во великиот пост, четвртата недела му ја посветува токму на него, на неговото свето подвижничко дело, кое е совет за сите нас токму во времето на светата молитвена, подвижничка четириесетница. На сите нас ни се потребни советите на овој велики подвижник, согледувајќи ги, анализирајќи ги, за да бидат и за нас вредни духовни поуки во овој период кога се трудиме да се промениме, да се поправиме, да се изградиме како добри битија кои се припремаат за конечниот момент на соединувањето со нашиот Воскреснат Господ Исус Христос.
Светиот Јован Лествичник е познат по своето дело, по книгата која е наречена „Лествица“. Во оваа негова книга се опишуваат сите аскетски дела преку кои може да се достигне до Царството Божјо. Овие скали по кои се качуваат подвижниците за да се воздигнат духовно од телесниот свет, искачувајќи скала по скала, победувајќи ги сите земски и телесни врски кои ги кочат и ги врзуваат за несовршеноста, уште се нарекуваат и рајски скали, затоа што преку нив се искачуваат од земскиот живот кон небесниот, од телесниот живот кон бестелесниот. Поуките кои се напишани од светителот, се исклучителни фундаментални норми во духовноста. Свети Јован ни ги подарува своите анализи и согледувања низ личното подвижништво кое го практикува. Нашата света Црква, своето учење во еден аспект го темели во искуството на светителите кои ни ги постулираат личните свои животни искуства како вредносни платформи.
Светите отци се исклучително искуство во нашата света Црква, затоа што преку тоа живо искуство на подвижниците, аскетите, ние се подучуваме и се мотивираме за понатамошен труд во својата лична вера. Светите отци ги оставаат своите безвременски дела, затоа што се проткаени со личното искуство на благодатната вера, искуство кое изобилува со светотаинска инспирација.
Лествицата како духовен начин на искачување кон рајот, светиот Јован ја добива како инспирација од Стариот Завет, од видението на праотецот Јаков. Имено, праотецот Јаков во своето видение ја опишал таинствената скала која стоела на земјата, а нејзиниот врв бил на Небесата, преку нејзе се качувале и спуштале ангелите, а на самиот нејзин врв стоел Господ.
За да можеме да бидеме добри верници, и да имаме добар подвиг, треба да бидеме трудољупци во верата, а тоа пак значи дека треба да внимаваме на својот живот. Секако дека треба да се испразниме од светскиот дух на расеаноста, од духот на земните грижи и потреби, од нашите телесни потреби кои нѐ водат кон задоволување единствено само на телесноста. За да можеме да ја искусиме благодатта на Светиот Дух, ние мораме да внимаваме на основниот проблем, на гревот. Борејќи се против гревот, ние веќе постануваме подвижници, кои храбро чекориме кон нашиот Спасител. Борбата подразбира широк спектар на дејствување, каде што учествува целокупното наше битие.
Верата е основа со која започнуваме, потоа постот, воздржанието е мерка со која ги пројавуваме смирението, кротоста, трпението, молитвата; сите овие добродетели се фундаментални принципи кои нè остваруваат како добри трудољупци, а со нив, подготвувајќи се, нашата цел е соединување со Богочовекот Исус Христос, преку Причестувањето со Него, на Светата Литургија.
Браќа и сестри, Господ да нè благослови од сега и до века. Амин.
