Недела 4. по Педесетница

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Човекот себеси се смета за слободно битие. Човекот со својата перцепција во животот, смета дека е слободен, доколку се остварува самостојно во својот избор. И навистина е така. Но отсекогаш слободата на човекот е дискутабилна. Впрочем, така едноставно звучи, едноставно се објаснува дефиницијата, но преку постапките на луѓето, слободата за која зборуваме се огледа во делата. Човекот ја сака слободата на животот, како лична привилегија која ја добива по раѓањето во светот. Преку слободата, пак, го исполнуваме основниот критериум за човечкото право на постоење. Слободата го карактеризира човекот како личност. Во слободата човекот ја изразува и презентира својата религија и култура околу себе во светот.

Светиот Апостол Павле во посланието до Римјаните вели, дека човекот е роб на своите постапки и на својот избор. Во суштина, човекот станува роб на оној на кого му се предава во послушност. Или му се покоруваме на гревот, или ѝ се покоруваме на праведноста. Ние, навидум слободни, често биваме робови на гревот и на злобата. Ние единствено ја перципираме можноста за слободниот избор како основно човечко право, но не го согледуваме изборот кој го правиме. Најчесто, нашите избори се погрешни и деструктивни. Во слободата на изборот, ние слободно го прифаќаме гревот и стануваме робови на гревот. Стануваме робови на злото. Ние ги потчинуваме сите наши потреби во гревовните желби. Освен што се уништуваме себеси, поради злото кое пребива во нас, ние им пакостиме и на другите луѓе околу нас. Сметајќи дека сме потполно слободни, дрско и расипано се оправдуваме дека тоа е нашиот избор и начин на однесување поради разните причини кои ги имаме како изговор.

Светиот Апостол Павле ги укорува паганите и безбожниците дека пред да го познаваат Исуса Христа, тие живееле во нечистотијата. Но, не само некогаш паганите, туку и денес луѓето често живеат во нечистотијата на гревовниот живот. Секаков неморал и зло се вкоренети во луѓето. Луѓето без совест, нечовечки ги пројавуваат своите злокобни идеи и му пакостат на светот. А често и несвесно луѓето прават зло. Несвесно, поради ропството во коешто живеат. Робот нема своја волја, туку ја исполнува волјата на својот господар. На кого всушност му служиме, ќе се покаже преку делата на нашиот избор. Секој грев е од ѓаволот, а ние слободно го прифаќаме. Па следствено, и слободниот избор на гревот и злото е робување на ѓаволот. Гревот е најлесен избор, но последиците се најтешки. Гревот е слободна можност за секој човек. Во слободниот избор воопшто нема влијание нашата интелигенција, или пак нашето образование. Често гледаме дека исклучително интелигентни луѓе, многу образовани, се далеку од моралот и од човечноста. Мислиме дека ученоста или, пак, интелигенцијата ќе ни ја покажат вистината? Сметаме дека вистината се открива преку знаењето? Или дека вистината се открива преку науката? Но не е така.

Гревот е како некаква научна црна дупка на несознанието. Во космосот постојат црни дупки, кој се несознајни, несфатливи, кои го вшмукуваат во себе видливиот и материјалниот свет. Исто така и злото ја вшмукува свеста на човекот и се повеќе ја поттикнува да греши и да биде навидум слободна. Ѓаволот, како татко на лагата, постојано го лаже човекот дека го наградува со вечната слобода, и дека ќе му ја подари истата слобода бескрајно, засекогаш. Но, како да ја препознаеме лагата на лажливецот?

Великиот Апостол Павле вели, во истото послание до Римјаните: „И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади“ (Рим. 6, 12). Апостолот во своето искуство во борбата со телесноста, нè поучува преку благодатта на Светиот Дух која го прочистува, осветува и преумува. Ни вели, никако да не бидеме слуги на телесноста и да не му се покоруваме на нашето смртно тело. Со волното препуштање на гревот и невоздржувањето од гревот, ние стануваме оружје на злото. Стануваме мртви за животот. Животот не е во гревот. Животот не е во злото. Господ е животот. Доколку му служиме на ѓаволот, ние никако нема да можеме да го здобиеме вечниот живот, кој е вечниот квалитет на Господа Бога. Квалитетот е во совршеноста, а совршеноста никако не подразбира деструкција и негација. Кога, пак, се препуштаме слободно да му служиме на ѓаволот, ние го негираме животот. Животот е Бог, а бидејќи ние сме му потчинети на злото, го негираме Бога. Тогаш ќе бидеме осудени на пропаст. Но внимавајте, постојано говориме дека слободно избираме. Та слободно ќе бидеме осудени. Поточно, самите себе ќе се осудиме на вечна пропаст, на вечна смрт. Смрт во вечноста на антиживотот, во ништото, во очајот, во потполната спротивност од позитивноста.

„Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ” (Рим. 6, 11). Да се освестиме браќа и сестри, почитувани чеда Божја и да започнеме со промената. Кога грешевме, не знаевме. Кога зло чиневме, бевме слепи и заблудени. Но, преку вистинско покајание да се отрезниме и да се погребеме за гревот. Самостојно да умреме за гревот и да станеме слободни во праведноста. Вистинскиот верник, преку личното отрезнување на својата свест, треба да се самоиспразни. Да се откаже од себеси, од својот претходен грешен живот. Да се испразни од претходниот грешен живот и да се покаже како испразнет и чист сад во кој што ќе се исполни со благодатната Божја енергија. Осветувајќи се со благодатта на Светиот Дух, ќе станеме свети и чисти.

Ослободувајќи се од гревот, ние ќе станеме робови на праведноста. Ова робување на праведноста, не е за смрт и за зло. Туку, служејќи слободно и трезвено, стануваме служители на праведноста и робови на таа вечна категорија. Од робови и несовршени луѓе, ќе станеме синови Божји. Но, не можеме автоматски да станеме синови. Синовството се подарува. Господ го подарува поради љубовта. Па така, ние сме свесни дека сме грешни и несовршени, зли и расипани, та единствено можеме да молиме за милост и човекољубивост. По количината на нашиот труд во покајанието, Господ ќе нè награди. Тој, Совршениот, ќе нè подигне од ропското служење, од ропската пониженост, воздигнувајќи нè во совршеното достоинство на Неговото синовство. Тој ќе нè нарече синови на правдата, синови на покајанието, синови на совршеноста, ќе нè нарече синови Божји, за да ни ја дари навистина, реално, вечноста. Ќе сопостоиме со Него, коегзистирајќи со Светата Троица, прегрнати од Љубовта. Апостолот во посланието вели: „Зашто платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ.“ (Рим. 6, 23).

Во денешното Свето Евангелие на Светата Литургија се говори за еден стотник кој Го молел Господа. „Стотник“ бил римски чин во војската, старешина во војската. Тој, незнабожец, Му се приближил и пристапил кон Исуса да Го моли за својот слуга. За Господ да го чуе, тој скрушено Му се приближил и Го молел. Така и сите ние се приближуваме кон Господа преку покајание, молитвен плач, и скрушено Го молиме Бога за прошка на гревовите и за помош во нашите животи полни со искушенија. Но, овој незнабожец, римски граѓанин, не молел за себе. Не Го молел Исуса за материјални добра, за своето здравје, или за своите потреби, туку дошол да Го моли Исуса за неговиот слуга. Тој Го посведочил Исуса за Месија и непоколебливо верувал во Христовата моќ. Замислете колку е денес ретко, некој да моли за помош за слугата. Колку е еден господар полн со сила и власт над слугите, та, ете, кога некој слуга страда тој да жали за него. Навистина, овој стотник е полн со милост и со добрина. Овој стотник, иако незнабожец, бил исполнет со умилно срце, полно со љубов. Ова е прав пример за делото на љубовта. Ова дело е достојно за секаква пофалба. Ова дело е достојно да се проповеда во вековите. Тој римски старешина покажал големо сочувство и не се гордеел пред својот слуга, туку побрзал да бара помош за здравје.

Исус, пак, кога ја видел таа негова вера и љубов, позитивно одговорил, дека ќе дојде да го излекува неговиот слуга. Но, стотникот за кого зборуваме, уште повеќе нè воодушевува со следното нешто. Тој вели: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави“ (Мт. 8, 8). Освен што е полн со сочувство, тој е смирен и се смета за недостоен. Тој, римјанинот, ја исповеда својата вера во Спасителот, и го изразува своето смирение пред Господа. Тој ја исповеда и Христовата семоќност, која може да се оствари само преку еден збор. Понатаму, тој Му вели на Христа дека има власт над неговите подредени луѓе во својот дом, кои го слушаат во сè што ќе им заповеда да направат. Затоа вели дека не е достоен да дојде Исус во неговиот дом. Христос, пак, се воодушевил, како човек, од смиреноста и кротоста на овој старешина. Исус вели дека ниту во Израилот не нашол таква вера помеѓу Јудејците, како кај овој Римјанин. Ова Христос го кажува како пример за сите тие кои Го слушаат. Пример за апостолите, пример и за сите оние кои биле присутни во тој момент, сите да знаат што е потребно пред Господа. Потребна е кротост, смиреноумие, сочувство и љубов. Сите треба да се подучуваме од стотникот. Тој, паганин, незнабожец, денес станува вистински пример на верата. Делата на љубовта се пресудни за да се наречеме синови Божји. А овој Римјанин со вера, и преку дела на љубов, влегува во предворието на вистината.

Христос додава: „И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно“ (Мт. 8, 11). Под „мнозината“ за кои говори Исус се разбираат многубошците, друговерците од сите страни на светот. Христос сведочи дека дошол да ги спаси сите луѓе. Не само Јудејците, туку дошол за сите. И, ете, сега преку конкретниот пример на љубовта кај овој стотник се докажува тоа. Дека со чисто и умилно срце, полно со сострадување, секој ќе биде поканет во Рајот. Но сепак, секој кој Го признава Синот Божји, како Син Човечки и како Спасител. Царството Божјо е отворено за секого. Секој ќе го добие како дар Божји, поради верата и љубовта. А Јудејскиот народ кој бил повикан да биде прв во Рајот, нема да го здобие поради лицемерната и лажна вера во која опстојувал.

Христос го исцелил болниот слуга само со збор, онака како што побарал старешината, и го зарадувал стотникот. Уште повеќе за вечна почит, што го пофалил пред сите, сведочејќи ја неговата вера. „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ (Мт. 8, 13). Ете го начинот на кој се бара лекот. Лекот го има Господ, а лекот се добива преку верата. Преку смирението кое изобилува со полно сомилост и сочувство.

Ние, верниците кои Го исповедаме Исуса Христа за Господа, секогаш треба да бидеме брзи во покајанието, брзи во сочувството, во милоста, во помошта, во сострадувањето. Во секое време, во секој час, да Го исповедаме Христа и да ја покажеме својата вера. Верата не може да биде сокриена под покривка. Оној што Го љуби Господа, тој ќе биде исполнет со желбата да биде добар пример на Божјата милост. Тој кој е исполнет со Божјата благодат, ќе стане пример на сите други. Ќе стане пример и сведок на Божјата милост, сведочејќи ја Божјата љубов.

Во денешното Воскресно Евангелие на утрената служба, се говори за жените мироносици кои дојдоа рано наутро на гробот. Тие брзале да дојдат рано на гробот. Ова исто така треба да биде наш пример како да доаѓаме во Црквата Божја кога се служи Света Литургија. Треба да итаме, да брзаме, што порано да дојдеме и да го оставиме светот зад нас. Да го оставиме светот со се она што е светско, во времето и просторот зад нас, пред храмот Божји. Кога доаѓаме во Црквата Божја, треба да доаѓаме со радоста дека доаѓаме во денешното Царство Божјо. Денес во историјата се открива Царството Божјо, кое, пак, ќе се оствари конечно и совршено во вечноста. Црквата претставува икона на Царството Божјо. А во Царството Божјо не постои време и простор. Земските категории ги оставаме зад себе, влегувајќи во иконата. Често, луѓето и своите земски потреби ги понесуваат со себе во Црквата. Светското однесување на луѓето во Црквата, им попречува на луѓето да се однесуваат добро и достојно. Наместо да внимаваат на своето однесување, тие се некултурни и недостојни во однесувањето. Толку многу му служат на господарот на материјализмот, што го репрезентираат своето робување и во Црквата.

Господ исчекува да се покаеме и да се промениме. Тој нè трпи. Љубовта Негова е бескрајна и бескрајно трпелива. Но, внимавајте, нашиот живот не е бескраен. Додека сме живи, имаме прилика да се трудиме. А откако ќе нè затекне смртта, нема повеќе да имаме можност за поправање. Да не бидеме прелажани од ѓаволот дека тој ќе ни даде слобода. Со гревот ние ќе си ја запечатиме судбината. Сега треба да внимаваме на нашиот слободен избор, за да бидеме насочени кон доброто, кон праведноста, кон Господа. Да Му служиме на Господа искрено, свесно преку покајанието. Господ умре за нас, за да нè воздигне од грешни, несовршени и пропадливи, во праведни, совршени и непропадливи.

Апостолот Павле вели: „Блажени се оние чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени“ (Рим. 4, 7). Оние кои ја осетиле Божјата милост, тие ќе Го сведочат човекољубивиот Бог. Оној на кого му е многу простено, тој и ќе се радува повеќе од оној на кого му е помалку простено. А кога веќе е простено, и откако е пројавена милоста, веќе нема повеќе да се враќаме на претходниот живот и на претходната заблуда. Слободно го избираме робувањето на правдата, за да бидеме наречени синови Божји по совршеното човекољубие Божјо. Од некогашни робови на гревот, станавме робови на правдата, за да станеме слободни во вечната љубов, за да бидеме наречени синови.

Дај Боже сите луѓе да бидат прифатени и прегрнати од Господа како Негови чеда, кои ќе сопостојат со Него во вечноста.