Недела 5. на Великиот пост (на света Марија Египетска)

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Постејќи, воздржувајќи се, во светата и благословена четириесетница, ја изразуваме својата слободна волја. Човекот е разумно битие, а тоа значи дека човекот е личност, а главната карактеристика на личноста е слободната волја. Таа слобода на лична одлука, на личен избор, е она што нè прави различни од сите други земни суштества. Секако дека моќта на говорот е исто така една важна карактеристика, но, личносната суштинска карактеристика е слободата, која всушност има привилегија на избор.

Нашата слобода пред Господа, ја изразуваме преку својата лична одлука да постиме, да се воздржуваме. Всушност, нашата слобода ја изразуваме на најдобар, и на најпозитивен начин, само тогаш кога ја прифаќаме Божјата заповед. За да бидеме квалитетни разумни битија, ние треба слободно да се поврземе со нашата единствена животворна егзистенција, а тоа е Животодарителот Господ.

За да бидеме вистински луѓе, ние единствено на прав и вистински начин се докажуваме во таа прекрасна определба, само доколку, слободно ја прифаќаме Божјата заповед. Човекот е прав човек само тогаш кога е обожен. Човекот е создаден за да биде жител на рајот, па следствено, доколку човекот, слободно живее на квалитетен и вистински начин, само тогаш тој може да се нарече човек. Човекот е човек, само кога е свет и обожен!

Човекот е нечовек, доколку е противник Божји и во себе го нема Божјото добро!

Човекот е Божја икона, и тој како творба Божја, создаден е за да постане света икона Божја, преку која ќе се шири благодатта Божја во светот, во целокупната создадена природа. Човекот за да биде добар и позитивен, тој треба да биде постојано поврзан со Господа, духовно и телесно. Духовно се поврзуваме во Светиот Дух Бог, та преку Светиот Дух, сите верници еклисиолошки поврзани во едната Црква Божја, есхатолошки, пак, поврзани сите заедно и сотелесно со Богочовекот Исус Христос, на Светата Литургија.

За да се оствари Божјиот благослов, човекот да се всели во Царството Божјо, треба слободно да ја прифати Божјата волја. Човекот е единствено слободен само во Бога, но не на сила, не автоматски, туку слободно со својата волја учествувајќи во заедницата Божја. Бог благоизволува, исчекува, ја подава Својата прекрасна рака кон човекот, и човекот, слободно безусловно, без интерес, ја прифаќа подадената рака и го остварува прекрасното поврзување, ја остварува животворната совршена заедница.

Воздржувањето е со широк спектар на дејствување во животот на човекот. Преку воздржувањето, човекот го менува својот живот, од лош, во добар. Преку воздржувањето, човекот го започнува својот добродетелен живот. Во Црквата Божја, сите сме различни луѓе со секакви разлики, но во Духот Божји, сите сме едно исто тело Божјо. Преку воздржувањето, ние учиме да се поврземе во светата заедница, и да учествуваме во Телото Божјо, поврзани меѓусебно, преодолевајќи ги сите разлики, единствено поради љубовта Божја. Љубовта Божја нè спојува и нè остварува, та поради таа животворна енергија Божја, ние постиме, се воздржуваме и се остваруваме како чеда Божји, затоа што сакаме.

Денеска светата Црква Божја, ја посветила оваа петта недела од Великиот пост, на светата Марија Египетска. Светата Црква Божја, како вистинска мајка, се грижи за своите чеда, и постојано ги поучува со своите прекрасни поуки. Но, уште повеќе ги претставува и примерите на светителите, кои се за наша утеха. Поради долгиот период на светиот велигденски пост, како мотив за продолжување на постот, во една поучна атмосфера, се сеќаваме денеска на големата света подвижничка, на светата Марија Египетска. Се сеќаваме на нејзиниот ангелоподобен живот, се сеќаваме на нејзиното натчовечко воздржување и одрекување. Светата Марија храбро подвизувајќи се во пустината, е наша утеха, но и поттик, за продолжување на своето великопостно, богоугодно дело.

Света Марија Египетска дознаваме дека била голема грешница, читајќи ѝ го житието, но со искрено покајание, таа се одрекла од грешниот живот и се посветила на Господа, живеејќи во Јорданската пустина. Таа постанала духовна оаза во суровата и сува пустина. Таа постанала прекрасно рајско цвеќе во безводната пеколна пустина. Таа постанала вистински ангел, живеејќи осамено од луѓето, но постојано славословејќи го Бога, чудесно заедничарејќи со небесните Божји ангели.

Силата Божја, во немоќта човечка се покажува. Она што е претешко и често невозможно за луѓето, во Божјата Волја сведочиме дека е остварливо. Па така светата Марија, сама во пустината, на самиот почеток неука во верата, без искуство за такви претешки пустински услови, но облагодатена и поучена од Божјата сила и дејство, постанува икона на подвижниците, икона и симбол на покајанието, симбол на пустиножителите. 

Со примерот на светата Марија, светата Црква Божја нè потсетува дека со искрено покајание кон Господа секој еден човек има возможност да биде опростен од Бога и да биде очистен од гревот. Светата Марија е исклучителен пример кој ја докажува Божјата милост. Преку примерот на светата Марија, и нам ни се укажува достоинствена прилика за осветување и обожување. Светата Марија е нашиот пример, нашата радост, нашата утеха, пример на Божјата милост. Господ безброј пати ја покажал Својата милост кон нас луѓето, та и преку примерот на великата пустиножителка Марија, Господ ја докажува Својата љубов и кон грешниците.

Всушност, Господ сè прави за да го спаси секој човек. Господ го повикува секој еден човек, со благите и милостиви, човекољубиви зборови: „покајте се“. Господ се раѓа во светот и се жртвува за светот, за да го победи гревот, ѓаволот и смртта. Господ постанува човек и го воздигнува човекот во Себе, возљубувајќи го.

Љубовта Божја нема граница! Љубовта Божја е совршена вечна категорија! Љубовта Божја е енергија Божја! Љубовта Божја е постојана вечна сила! Љубовта Божја е наменета за сите! Љубовта Божја ги повикува грешниците во заедница! Љубовта Божја ги преобразува грешниците во светители! Љубовта Божја е дејствителна бескрајна сила на оживотворување. Љубовта Божја е смислата на создавањето на нашиот живот!

Света Марија, претходно грешница во животот, преку дејствителната љубов Божја, постанува светителка, која во историјата на светот, го докажува Божјото човекољубие. Затоа светата Црква Божја, го истакнува нејзиниот живот, нејзиниот пример, за да ни ја укаже Божјата награда и кон оние кои искрено се каат. А од нас всушност се исчекува постојано покајание во нашиот живот.

Покајанието е столб на спасението. Покајанието е слободна одлука, и преку таа слобода која ја пројавуваме, ние здобиваме вечна слобода од гревот. Покајанието ни ја овозможува вечната перспектива во Божјата заедница, ни дарува вечен бенефит да бидеме вечно возљубени од Господа. Покајанието е темел за нашиот нов живот во Црквата Божја, во светотаинската заедница на спасението.

Преку покајанието, светата Марија Египетска, била дарувана со Благодатта Божја, била удостојувана со ангелска храна, и се соединила со Светиот Дух. Се сеќаваме на нејзиниот исклучителен подвиг, преку кој ја докажала својата волја за промена на својот грешен живот. Нејзиното покајание е бескрајно, но и нејзината вера е бескрајна. Таа е бескрајна молитвеница за грешниците, пред престолот Божји.

Браќа и сестри, бидете исполнети со добар подвиг, имајте покајание, пројавувајте ја добрата вера. Пројавувајте ја вашата слободна волја да бидете добри луѓе. Немојте никогаш својата слободна волја да ја изразувате на грешен начин. Слободата на разумот е Божјиот дар и тој дар, треба постојано да се истакнува во добриот и позитивен избор.

Браќа и сестри, немојте никого да осудувате, туку единствено себеси да се поправате. Од нас Господ исчекува покајание и тоа е нашиот подвиг. Кога постиме, кога се воздржуваме, да се каеме само и единствено поради нашиот грешен живот. Да се каеме само поради личниот живот, кој пројавува лоши дела, постапки и мисли.

По молитвите на света Марија Египетска, Господ нека ни дари утеха и спасение.