Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Почитувани браќа и сестри. Нашите скромни зборови се упатени кон Вас со почит и уважување. Со многу внимание и уште повеќе страв да не бидеме непријатно сфатени кога го проповедаме словото на вистината. Нашите зборови се благи и полни со утеха. Нашите зборови се упатени кон Вас во духот на љубовта. Впрочем, во Црквата Божја сите ние сме едно Тело, Божјо Тело. За да можеме пак да ја сфатиме оваа мистична Тајна Божја, ние треба да пребиваме духовно во неа. Не само да присуствуваме телесно во храмот Божји на Светата Литургија. Нашето учество да не биде пасивно учество, та да присуствуваме на Литургијата која е духовна радост и празник, а духовно, пак, никако да не учествуваме во радоста. Ние треба активно да учествуваме во радоста, причестувајќи се со Бога. Најважната наша постапка е кога ќе се причестиме со Светите Тајни над Тајните. Кога ги земаме Телото и Крвта Христови, тогаш ние ја изобразуваме Тајната Божја.
Впрочем, верникот е следбеник Христов. A следбеникот потполно ја прифаќа Христовата вера. Ние потполно треба да го прифатиме и Христовото воспоставување на Светата Евхаристија. Потполно значи, кога учествуваме во спасоносната, крстовоскресна Христова жртва, примајќи ги Светињите кои ги принесуваат свештенослужителите на Светата Литургија. Господ Исус Христос, му се подарува целосно на секој што Го исповеда. Секој човек кој Го возљубил својот Господ, има и насушна потреба од спасоносниот Дар Божји. Затоа, да пристапуваме кон Господа со љубов, со стравопочит, со вера и покајание за да се причестиме со Животот.
Кога говориме за стравопочитта, мораме да го дефинираме овој концепт. Многумина нè обвинуваат дека ние ги насочуваме луѓето да се плашат и преку стравот да веруваат во Бога Кој е страшен и моќен. Дека преку стравот ги владееме луѓето. Но, не е така. Нашиот концепт не говори за страв поради ментална несигурност, поради анксиозност, поради депресија и не говориме за чувството во агонија. Секој страв во агонијата на неизвесноста води кон пропаста. Никако и никогаш не смееме да се предадеме на агонија. Не смееме да се плашиме од Господа Бога Кој нè создал, Кој нè љуби и Кој исчекува секој од нас да стане свет жител на Рајот. Господ нè исчекува да поитаме во Неговата прегратка која ја држи постојано раширена кон сите луѓе. Навистина, Господ ја шири Својата прегратка кон сите луѓе на овој свет. Не е возможно Творецот да не ги љуби своите созданија. Но, секако дека, човекот треба самостојно да тргне кон Господа. Од човекот зависи дали ќе биде самиот достоен за да биде прегрнат од Совршениот Бог.
Стравочитта која ја изразуваме кон Господа извира вистински од љубовта. Љубовта е вистинска кога внимава никого да не повреди. Следствено, пак, кога ќе Го возљубиме Бога, ќе внимаваме со трепет да не Го навредиме. Ќе пазиме да не Го разочараме. Не дека нашите постапки Му влијаат на совршениот Бог. Не. Туку, љубовта не подразбира провокација, не подразбира варијабилност и промена во односот и во изразувањето. Туку, потполно љубиме и трепериме со стравопочит никако да не погрешиме кон нашиот Творец. Љубејќи со стравопочит ќе пристапуваме кон Небескиот Бог Кој Го жртвуваше Својот Син поради нас. Господ ја докажа Својата совршена љубов така што Го даде Својот Син да биде убиен. Но, оваа смрт беше за слава. Оваа смрт беше почеток на првобитниот план. Почеток на нашето спасение. Кога пак навистина ќе сфатиме што сè направил Бог за нас, тогаш ќе сфатиме колку сме ништожни и несовршени. Единствено во Божјата љубов и преку таа љубов, ние можеме да ја сфатиме суштината на постоењето. А стравопочитта ќе ни биде темелот на нашиот позитивен одговор кон Бога. Затоа што е Бог нашиот Творец Кого Го љубиме.
Секој од нас треба да го пази својот живот од гревовите кои нè загрозуваат и кои ни се закана против совршената заедница. Достојно да се причестуваме со Господа значи дека ние никогаш за себе нема да сметаме дека сме подготвени, затоа што постојано ќе ги имаме во нашите мисли сопствените грешки. Ние треба да имаме смиреноумие и покајание. Овие две добродетели ни помагаат да ја очистиме нашата душа која постојано ја валкаме со гревовите. Секако, достојното причестување на самиот крај ќе го одреди самиот Исус Христос со Кого се причестуваме. Тоа не зависи од нас. Не можеме ние самите себе да се очистиме. Ниту, пак, ние самите да го земеме она што не е во наша власт. Од нас зависи трудот и борбата. Од нас зависи каква е нашата волја и желба. А, секако, на самиот крај Господ ќе одреди кој е навистина достоен. Но, да се трудиме и да имаме чисто срце, полно со добрина и љубов кон сите. За кога ќе дојде нашиот Господ Исус Христос, да нè сретне со чисто срце кое е спремно за Него. Господ треба да се всели во нашето срце кое ние претходно сме го подготвиле, исчекувајќи Го Господа Исуса Христа. Она што е до нас е ние да бидеме постојано спремни во нашата душа да велиме: „Маран ата“, или „дојди Господи“.
Светиот Апостол Павле во своето послание до Римјаните, ни вели, дека тие силните во верата, оние кои Му служат искрено на Господа, оние кои Го љубат Господа, тие се должни да ги поднесуваат слабостите на немоќните. Господ очекува од сите нас да бидеме поврзани помеѓу себе во сочувство и емпатија. Љубовта не е само мисловна категорија, љубовта не е само некаква интелектуална перцепција, туку љубовта е дејствувачка сила помеѓу нас во светот. Апостолот вели дека секој од нас е должен да му угодува на другиот со сè она што е добро и полезно за надоградба на другиот, на оној кому му е тоа потребно. Навистина, каков би бил овој свет, доколку сите помеѓу себе си ги поднесуваме тегобите и потребите. Функциите и службите во Црквата, па и во светот, никако не смееме да ги поимаме со властољубие. Туку, секој е должен да му биде помошник и служител на другиот во немоќта, во маката, во потребата.
„Зашто и Христос не си угоди на Себе Самиот“ (Рим. 15, 3). Христос не дојде на земјата за да се зацари тука во некакво минливо земно царство. Туку дојде помеѓу нас, да ни биде пример за нашето однесување во животот. Пример за совршена братска љубов. Дојде за да ни ја посведочи вечната љубов која е вечна енергија на Светата Троица. Љубовта е вечна, единствена сила на Светотроичниот однос помеѓу Трите вечни Личности во Едниот Бог Света Троица. Христос, пратен од Бога Отецот, дојде на земјата за да им послужи на луѓето. Да ја покаже Својата вистинска волја.
Како што Христос нè возљуби, така и ние помеѓу себе треба да се возљубиме. Тоа е нашиот благослов. Благословот и обврската која ја имаме од Бога е да се покажеме Негови достојни следбеници на милоста и сочувството. Господ е совршен, а ние треба да чекориме кон Него, за да нè прими во Неговата заедница во која ќе пребиваме со Неговата совршеност.
Господ Исус Христос постојано им служел на луѓето додека бил со нив. Во Светото Евангелие имаме многу примери на Божјата милост. Но, и во Евангелието не е сè напишано од она што го направил Исус во Својот земен живот. Еве денес, во Светото Евангелие, прочитавме за двајцата слепи луѓе кои викале по Него и Го молеле за милост и исцеление. Тие оделе по Него и не се откажувале викајќи и молејќи. Така и ние треба да Го повикуваме Господа и никогаш да не се откажуваме од Него. Често ние сакаме веднаш Господ да ни помогне во нашата потреба. Повеќето луѓе бараат милоста само како некаква форма на автоматска придобивка која се добива преку некаков формален или пак ритуален акт преку кој ќе го исполниме критериумот за да го добиеме она што нам ни треба. Но, милоста не се добива безлично. Никогаш Господ нема да ни даде љубов формално и без личносен однос. И, ете, сфаќате дека без вистинска вера, без личносен однос со Господа нема како да добиеме милост. Единствено, молејќи Му се, повикувајќи Го, разговарајќи со Него, љубејќи Го, љубејќи ги и луѓето, ние ќе добиеме Божја милост.
Така и овие двајца слепи луѓе, верувале во Исуса дека Тој е Месијата – Спасителот, исповедуваат пред сите дека веруваат во Него и Го молат. Господ пак ги прашал пред сите дали веруваат во Него, за да ја открие нивната вера и потоа ги исцелил пред сите, покажувајќи го примерот за спасение. Со верата и довербата во Господа, молејќи Го, се надеваме и очекуваме. А силата на искрената вера е чудотворна. Господ пак им заповеда на исцелените луѓе, да не разгласуваат за Него околу. Но, чудото не може да се сокрие, а и радоста е толку голема што е тешко да се воздржиме од објавување. Господ бил скромен и смирен, и не сакал да се зборува за Него. Но, благодарноста на исцелените е огромна и тие не можеле да премолчат. Сепак, не сакал Исус да предизвика уште поголема завист и љубомора кај Јудејците и кај Неговите мразачи по ова ново чудо. Чудата кои ги правел Исус биле безбројни. И тоа не можело никако да се сокрие.
Исус го исцелил и немиот демонизиран човек. Кутриот човек бил потполно завладеан од демонот и се мачел во понижената човечка состојба во која што се нашол. И човекољубивиот Господ наш Исус Христос, повторно ја покажува Својата неизмерна милост и го изгонува демонот од човекот и му го враќа говорот на човекот. Исус има власт над сè. Исус Синот Божји е создателот на тварта, создателот на сè видливо и невидливо. Па така, Тој, Синот Божји, има власт над духовните битија и има власт и над материјата. Тој ја поправил оштетената материја и му го вратил гласот на кутриот човек. Сè е можно единствено само за Господа. За Господа Бога Саваот. Тој е Седржител, Тој ја исполнува сета твар, Тој е суштината и смислата на сè што постои.
И денес повторно се сеќаваме на нашиот македонски Светител Климент, охридскиот чудотворец, кога го празнуваме пренесувањето на неговите свети мошти. Тој е нашиот бисер на верата. Тој е ученикот на светите браќа Кирил и Методиј. Заедно со нив учествува во трудољубивото дело на просветувањето на нашиот народ. Исполнет со благодатта Божја, вдахновен од Светиот Дух, како огнен столб во Македонија, Го прославува Бога и целото свое знаење го втемелува во просветителското дело на народот. Навистина, неговото дело и творештво е еднакво со примерите на древните светители во светот. Тој бил Епископ Велички во древната црква која го води своето потекло од Светата Архиепископија Јустинијана Прима. Светиот Климент Охридски е столбот на Македонската Православна Црква. Тој е нејзин заштитник.
Светиот отец наш Климент бил научник, писател, и просветител. Се поврзува неговиот труд и со прекрасното дело на создавањето на глаголицата и кирилицата. Тој ја основал Охридската книжевна школа која е повеќе позната како „Прв словенски универзитет“. Во Охрид било седиштето на оваа висока установа која го репрезентира Светиот Климент како просветител со својата пожртвуваност. Тој, како добар пастир, ги напасувал словесните овци на богоподаруваното му паство. Тој се покажал како трудољубив сејач на доброто семе на верата. Семето на словото Божјо, го сеел на плодотворната почва на македонската земја, во народот Божји, во душите на сите оние кои биле жедни за живиот Божји збор и за живата Божја вода. Светиот Климент е заштитник и закрилник на нашиот богоспасуван православен народ.
На човекот секогаш му е потребен примерот во верата. А Светиот Климент е нашиот прекрасен пример на верата. Пример на апостолството. Тој ги просветлувал луѓето подготвувајќи им ги душите за Господа Бога. Гласот негов бил глас Христов, во неговиот Епископски чин, следејќи Го Христа. Како што Христос ни покажуваше со Својот пример како да постапуваме, така и Светиот Климент во Епископското служење, како добар пастир ги водел луѓето кон Спасението.
Да го подражаваме примерот на нашиот свет отец Климент Охридски, да бидеме трудољубиви и пожртвувани во делањето на добродетелите. Секоја добродетел има основа во љубовта. Секој нека се самоанализира колку се труди во сострадувањето кон другите. Да се запрашаме дали имаме емпатија кон другите, за да можеме да се наречеме чеда Божја. Христос е совршен пример Кого Го следиме. Ние, секако, не можеме да бидеме совршени, но можеме да се трудиме да бидеме подобри. Господ нè усовршува, па затоа треба да бидеме постојано спремни во своето покајание.
„Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 6, 11). Апостолот Павле нè подучува дека нашата свест е важна алка со која ја поимаме нашата вера. Доколку сакаме да се покаеме за нашите гревови, ќе се обновиме преку благодатта Божја. Од огревовени ќе станеме праведни преку осветувањето. Од умртвени грешници, преку покајанието ќе станеме живи праведници во прегратката Божја. Бидејќи кога ќе умреме за гревот, ние умираме за претходниот живот. Му го вртиме грбот на стариот и грешен човек, за да се освестиме во новиот живот. „Зашто платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ“ (Рим. 6, 23).