Недела 8. по Педесетница

Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа браќа и сестри.

Денеска на светата Литургија, сите заедно сме обединети во молитвата кон Господ. Сите заедно се молиме еден за друг и на тој начин ја докажуваме љубовната наша вера. Свештенослужителот во олтарот Божји се моли за сите и за сè, неговата молитва е општа и преку нејзе го обединува светот, та тие љубовни молитви ги принесува пред лицето Божјо. Секако дека и сите собрани верници, светотаински поврзани и осветени со Духот Божји, се молат за свештеникот кој богослужи и кој ги принесува светите Дарови, сите заедно се молиме и за сите присутни верници во храмот Божји. Сите ние присутните на светата Литургија, се молиме за сите луѓе во светот, не само за оние кои ги познаваме, туку и за оние кои не ги познаваме. Општата љубовна порака која сите ние треба да ја имаме во својата вера, треба да е полна со благородност и љубов кон сите. На светата Литургија ние му благодариме на Бог, за сите добрини кои Тој ги остварува кон светот.

Денеска на светата Литургија слушнавме дека светиот Павле во своето послание им се обраќа на верниците во Црквата. Тој бил вознемирен од некои известувања кој ги добил, а се однесувале за лошите постапки на верниците во Коринтската црква.

Светиот и велик апостол Павле, во своето прво послание до Коринтјаните, ги моли браќата и сестрите на црквата Божја, да бидат во едномислие, и во еднобитие. Светиот Павле, ги моли членовите на Црквата, да немаат поделби, да нема никакви расправии помеѓу нив, да нема никаков неморал помеѓу нив. Тој со молба се обраќа кон нив, за да им укаже на она што не е во духот на верата.

Не можеме да се однесуваме безгрижно еден кон друг, не смееме да си дозволиме да имаме омраза еден кон друг, да имаме лоши мисли и лоши намери кон оној со кого сме заедно во црквата Божја, кон оној со кого заеднички го формираме Телото Божјо, кон оној со кого се Причестуваме со заедничкиот Господ Исус Христос. Како смееме да мислиме дека Господ е само наш личен Господ, и како тоа можеме да мислиме дека нашиот личен Господ е само за нас и Тој единствено ќе чини доброта само на нас? Како можеме себе да се истакнуваме во гордоста и самољубието? Саможивоста е грев, браќа и сестри, и никако не смееме да си дозволиме да бидеме такви, туку сите да бидеме верници и членови на светата, славна, светотаинска Црква Божја.

„Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и меѓу вас да нема раздори, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во исто мислење” (1 Кор. 1, 10). Апостолот тогаш ги молел Коринтјаните, но и денеска сите нас нè моли, да се отрезниме и да постанеме одговорни луѓе, да постанеме харизматични луѓе, луѓе исполнети со взаемно братско и сестринско почитување еден кон друг, та да ја докажуваме постојано љубовта Божја која струи во Црквата Божја, а тоа значи дека ќе струи и во нас како членови и делови на таа прекрасна заедница на љубовта.

Светиот апостол Павле добил информации дека имало кавги помеѓу Коринтјаните, та затоа ги моли да престанат со такви непринципиелни однесувања, кои не се прифатливи за заедницата на Црквата Божја. Тој денеска и нас нè моли, браќа и сестри, да ги надминуваме меѓусебните поделби, затоа што Црквата Божја се докажува во меѓусебната љубов помеѓу нејзините членови, а никако не смее да се докажува во омраза и негативност. Црквата Божја единствено се остварува како вистинска и квалитетна во најпозитивниот прекрасен и љубовен личносен однос помеѓу сите членови, кои заеднички се сплотени во едномислие, во еднотелесност, светотаински поврзани во личносниот однос со Богочовекот Исус Христос, нашиот Спасител.

Спасителот нè спасува поради Неговата совршена љубов. Оваа љубов извира од Него, Тој е изворот на совршенството, пред сè ние треба вистински да се поврземе со Него, но и сите верници да бидат поврзани помеѓу себе во небоземната заедницата на Црквата Божја, та на тој начин да го оствариме прекрасниот и нај позитивен сојуз со вечниот Бог. Впрочем, сојузот на Новиот Завет се остварува во љубовта.

Љубовта е вечниот фундамент!

Љубовта е постулатот на спасението!

Љубовта е сè!

Бог е Љубов!

„Јас сум Павлов, А јас сум Аполосов, Јас сум на Кифа, Јас, пак, Христов“ (1.Кор. 1, 12). Луѓето во Коринт се делеле кој на кого му припаѓал. Но суштината е дека Еден е Спасителот, а Тој е Христос, па сите знаеме и го прифаќаме богоспасителното дело на Христовата жртва. Сите ние Му припаѓаме единствено и само на Христа, и Христос нè обединува, сплотува, заокружува, за Христос се определуваме и ниту еден друг не може да биде поважен од Христа.

И денеска луѓето истото го прават. Се делат во табори и групи, и тоа откако веќе припаѓаат во заедницата како членови на Црквата; откако веќе сме постанале дел од Црквата, никако не смееме да се делиме во некакви групи. Како можеме да помислиме да се делиме, браќа и сестри, кога веќе сме се сплотиле во едното Тело Божјо, кога веќе сите припаѓаме на Христа. Сите сме Христови браќа, сестри, синови и чеда Божји. Како можеме да бидеме поделени во ткивото Божјо? Доколку се однесуваме вака, на ваков мизерен и земски начин, ние тогаш воопшто не сме вистински дел од Телото Божјо. Тогаш ние ќе бидеме плевел и пиреј во нивата Божја. А сите добро знаеме, што се случува со лошата трева која ќе се појави во нивата, дека таа се корне и се фрла за да биде изгорена како опасна. Опасна затоа што го гуши и уништува квалитетот на плодот на житото кое расте и успева. Секоја опасност се уништува затоа што претендира истата таа лоша трева да го уништи квалитетното ткиво во нивата Божја.

„Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово бевте крстени?“ (1 Кор. 1, 13). Христос не се подели, и не се даде за спасение на поединци. Поточно, навистина се дари Себеси за да ги спаси поединците, впрочем Тој се подари на оние кои го прифаќаат Неговото крстовоскресно, спасително дело, делото на љубовта. Сите поединци кои ќе ја прифатат и признаат ова спасителна форма, тие постануваат дел од заедницата на црквата Божја, дел од љубовната Господова прегратка во која се остваруваме. Навидум различни по многу надворешни и формални разлики, сепак пристапувајќи во лоното на заедницата, сите подеднакво се поврзуваме помеѓу себе во единството на Личноста Божја, на Богочовекот Исус Христос. Порано сме биле одвоени од ткивото, а сега веќе споени во единството на ткивото. Нашето спасение е возможно, единствено во сплотеноста на ткивото Божјо, во Црквата Божја.

Човекот како личност, со сета своја единствена и самостална форма на своето битие, со сите надворешни разлики на своето тело, со сите други земски разлики на припадност, се остварува како вистински и прав човек, единствено во неразделната и единствена, хомогена, љубовна заедница во Црквата Божја, во Телото Божјо, во Личноста на Богочовекот Исус Христос, Кој нè составува и формира како нови луѓе, како нова природа, природа осветена и обожена преку Него, во Него.

Тој постанува еден човек, но совршен човек, микрокосмос, се понудува на сите и на сè, та во Неговата Богочовечка Личност Која во Себе има две природи, Тој го остварува макрокосмосот, го обединува целиот космос, ги составува сите во Него, во Едното Тело. Еден човек, се подарува и понудува на целото човештво, за во Него и преку Него, сите да се сплотат, соберат, формираат, осветат и обожат, за да го наследат и доживеат спасението во вечноста. Тој е суштината за сите, суштината на сè што постои, во Него е смислата на сè видливо и невидливо.

Денеска слушнавме и во светото Евангелие по Матеј, дека Богочовекот Исус Христос, наситил повеќе од пет илјади луѓе, само со пет леба и две риби. Тоа што им останало и што имале кај себе учениците, толку малку храна, Му ја принеле на Исус Христос, та откако погледнал во небото, ја благословил храната и таа почнала да се умножува, и учениците почнале да ја раздаваат на народот. Храната се умножила на чудесен начин и сите се наситиле. Откако се нахраниле сите, насобрале дванаесет кошеви полни со храна.

Господ на чудесен начин го хранел народот Божји. Освен што се грижел за нивната духовна храна, за нивната духовна жед со која ги напојувал нивните жедни души, жедни за вистината и за Божјата присутност, Тој се грижел и за телесната храна која е исто така важна.

Браќа и сестри, Господ нè храни постојано со Неговата Благодат, со која ги напојува нашите души, ги облагородува, ги осветува и исполнува со љубов. Благодатта Божја е енергијата на совршената љубов. Секој еден од нас, кој ќе ја здобие таа прекрасна енергија, ќе продолжи да ја излева и шири околу себе. Затоа што таа прекрасна совршена енергија е бесконечна, а бесконечноста нема рамка и граница, та затоа тоа што Бог го излива од себе кон нас, има својство и понатаму да се излива и шири и преку нас кон секого.

Господ да нè благослови од сега и до века.