Пишува: Архимандрит Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри.
Приближуваме кон самиот почеток на великиот пост. Светата Православна Божја Црква, неколку недели ги подготвува духовно своите чеда за самиот пост. Овој пост е најдолг и секако дека претставува и најважен период од целата година. Можеме така да кажеме дека е најважен, затоа што се подготвуваме за целта, а самата цел е празникот над празниците, Воскресението Господово. Но, нашата цел не е само да го дочекаме најголемиот и најважен празник на некаков тривијален, формален и традиционален начин, туку треба светотаински, духовно, да исчекуваме секојдневно и постојано соединување со Господа, како суштинска потреба.
Празниците потсетуваат на историските моменти, но пред сè, за православните верници, црковниот празник има за нас онтолошка суштина, длабока егзистенцијална основа, првенствено копнеејќи заради соединувањето со Господа Исуса Христа, како духовно, така и телесно. Всушност, празниците ги исчекуваме поради светото причестување со нашиот Господ, инаку, залудна би била нашата вера, доколку нашата волја не копнее за вистинското соединување со Господа. Тој нè повикува секојдневно на светата Божествена и спасителна гозба, каде што се подарува жртвеното Јагне за спасение на сите. Ние, пак, позитивно одговараме, го прифаќаме овој Божји повик кон нас, да бидеме Негови гости на таа гозба. Впрочем, ние сме Негови чеда, затоа што Тој сака тоа да бидеме, затоа што нè создал со таа намера, посинувајќи нè, да бидеме чеда по Негова Благодат.
Еден е Неговиот Син по суштина, Исус Христос, второто лице на Света Троица, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови. Тој е единствено Син на Отецот, истоветен во Нивната заедничка Божествена природа.
Нашата вера не е фолклорна традиција, која во себе акумулира некакви обичаи и правила, кои се формални народни свечености. Туку, нашата вера е вистински, реален, небоземен сојуз со Богочовекот Исус Христос, Кој е постојано со нас во светата Божја заедница, во Црквата. Ние се поврзуваме духовно-телесно со живиот Бог, со животворниот Бог, Кој е нашата единствена онтолошка егзистенција. Нашиот живот е Негов подарок, и Тој е единствен и постојан, бесконечен извор, Кој ни ја дава мудроста.
Мудар човек е оној човек кој се обожил и осветил, постанал богомудар и на тој начин ја знае вистинската смисла на животот. Бог е вистината, вистината е во Бог, та секој кој постанува дел од Божјото Тело, живее во вистината, постои за вистината. Бог го напојува со вистината и го поставува во светот за пример на вечноста.
Велиме дека допрва се подготвуваме за великиот пост, но всушност, ние постојано постиме, се воздржуваме. Имаме и определени денови во седмицата кога постиме, имаме определени поединечни денови во текот на годината кога постиме, и имаме определени периодични постови. Всушност, ние треба постојано да бидеме спремни за причестувањето со нашиот Господ Исус Христос, трудејќи се аскетски во верата. Постојано треба да се вежбаме во подвигот, кој треба да постане наш основен начин на живот. Постојано внимавајќи на страстите, на разните телесни потреби, воопшто внимавајќи на својата душевна состојба. Чистејќи се преку подвигот, да можеме да го примиме во себе нашиот Животодарител Кој ќе нè преобрази од грешни во свети; од лоши, во добри.
Постот или воздржувањето, е нашата основна форма, преку која се ослободуваме од страстите, за да ја здобиеме вистинската Божја слобода. Со страстите сме робови на гревот и ѓаволот, а со свесниот подвиг, воздржувајќи се, ја вежбаме својата волја, да бидеме постојано насочени кон Животот. Нашата цел е Господ, и сè што ќе правиме, да правиме за да се соединиме со Него. Секако дека единствено доколку само добро правиме, со доброто ќе се соединиме, затоа што Господ е вечното Добро.
Денеска е празникот Сретение на Господ Исус Христос. Ете денеска треба да бидеме подготвени во нашите души, да го дочекаме нашиот Господ, да го сретнеме и да го оствариме вистинскиот спасителен сојуз за нас. Како што богопримецот Симеон копнеел за чудесното сретнување со Месијата и Спасителот, така и ние треба да бидеме спремни, очистени, да го примиме својот Господ во нас. Среќавањето е чудесно и мистично доживување во светата Божја Црква, во светотаинскиот живот.
Нашето тело е Божји неракотворен храм во кој се прима и сместува нашиот Животодарител. Нашата душа е нашиот олтар каде што Му служиме на нашиот Господ, постојано свесни за нашата должност пред Него. Нашиот разум, нашата волја слободно прифаќа да постанеме мистични, тајновити, свештенослужители на нашиот вечен небесен Бог Отец. Поради светото определување на нашето битие, постојано внимаваме, вежбаме, се воздржуваме и постиме, како би се подготвиле на мистично богослужење, соединувајќи се со Богочовекот Исус Христос.
Денеска се сеќаваме и на идниот Страшен Суд, кога сите создадени луѓе од почетокот на светот, па сè до крајот на векот, ќе бидат воздигнати и исправени пред конечниот, последен Суд Божји. Сите порано упокоени со своите тела, ќе бидат воскреснати во нови преобразени тела, и сите оние живи луѓе во тој момент, заедно ќе добијат нови преобразени тела. Тогаш ќе дојде конечниот крај на претходното несовршено време и ќе настапи почетокот на новата бесконечна, и вечна држава Божја, бескрајноста на прекрасниот и вечен Ерусалим. Тогаш ќе настапи трансцедентниот осми ден на Есхатонот Божји.
Сите луѓе, кои се труделе во својот земен живот да се облагородат, да се остварат како добри битија, да се пројават како квалитетни битија, ќе се осветат и обожат со благодатта на Светиот Дух уште во својот земен, смртен живот. Та во конечноста на Божјата одлука, Судот Божји за нив нема да биде страшен, впрочем, моментот ќе биде торжествен, свечен, прекрасен, победата над смртта и над пеколот. Затоа што тие сопостоејќи во Личноста на Исус Христос, охристовени, обожени, вечно ќе го пеат Божественото славословие.
Оние пак луѓе, отстапници од вистината, лицемери, измамници, злонамерни, отворени конфронтери и противници Божји, сите трезвеноумни отпадници од доброто, грешници, непокаени, сите тие ќе го почувствуваат ужасниот страв. Тој страв кој парализира и умртвува, ќе се пројави поради присуството Божјо, поради Неговата вистина, поради Неговата правда, поради совршеноста Божја. Злото тогаш ќе ја изгуби конечно битката и ќе ја почувствува безнадежноста, ќе го почувствува очајот на смртта. Навистина судот ќе биде страшен за грешниците. Навистина тоа им припаѓа поради трезвеноумното и свесно отпаднување од чистата љубов.
„Храната не нè приближува кон Бога. Ниту добиваме нешто ако јадеме, ниту нешто губиме ако не јадеме“ (1.Кор. 8, 8).
Браќа и сестри, овие зборови на светиот апостол Павле се логични, со нив тој нè подучува во своето послание. Да не се лажеме, постојано зборуваме против формализмот, овој контекст ќе го искористиме и повторно да речеме дека храната не е зло. Храната не е нашата суштина поради која постиме, постојано тоа го објаснуваме. Постот е секако пост во целокупноста на подвигот, на аскезата.
Всушност, храната каква и да биде, блажна или посна, треба да ја консумираме со мерка, и со свесна умствена контрола колку што е всушност потребно и нормално. Но, доколку јадеме страсно и неконтролирано, тогаш залуден ни е постот од блажната храна; доколку јадеме посна храна во огромни количини, и пиеме невоздржано алкохол и секакви други питија. Доколку јадеме во постот посна храна, која по вкусот и по материјалната вредност е исклучително ретка, тогаш повторно сме лицемери.
Дали воопшто постиме доколку постојано мислиме на храната и секојдневно размислуваме само за тоа? Дали постиме доколку користиме разни вкусни посни замени за блажната храна? Не, тоа не е пост! Не лажете се, лицемери! Бидете скромни во однесувањето, скромни во мислите, скромни во храната.
Кога постиме, треба да се воздржуваме и да внимаваме да бидеме трезвеноумни битија, кои својот разум го користат за да постанат свети икони Божји. Затоа да ја користиме храната како насушна потреба за нашите тела, скромно и строго контролирано. Не пак, да живееме за да уживаме страсно во храната, и храната да постане нашата единствена смисла поради која живееме, и постот да го согледуваме единствено само во однос на храната.
Бог е Личност, и ние се приближуваме кон Него свесно, слободно и разумно, прочистувајќи се од телесните страсти и нагони, кои нè одвојуваат од Бога, доколку им дозволиме да владеат со нас. Затоа строгата аскеза е единствениот начин преку кои можеме да се поврземе со Господа. Преку аскезата, човекот ги изострува сетилата и свеста започнува да ги согледува бистро и чисто тајните Божји, тогаш кога Господ ќе се приближи кон нас со Неговите несоздадени енергии Божји.
Постите и љубите, постите и правете секакво добро, постите и одрекувајте се од злото, воздржувајте се од злото, воздржувајте се од себељубието, од егоцентризмот, од гордоста. Постот е всушност чинење на добри дела! Постот е всушност добар подвиг, добар и квалитетен духовен начин на живот!
За многу години, браќа и сестри, нека ни биде денешната Света Литургија, да ни биде на духовна корист, да се возљубиме сите еден со друг и да Го прославиме Господа Исуса Христа во вечноста. Амин.
